Достапни линкови

Вести

Состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте

Министрите за надворешни работи на НАТО на 3 април треба да го отворат дводневен состанок во Брисел на кој ќе разговараат за зајакнување на одбранбените капацитети на Алијансата, бидејќи европските членки се соочуваат со зголемен притисок од САД да трошат повеќе за одбраната.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека состанокот се одржува во „особено клучно време за нашата заедничка безбедност, со предизвици премногу големи за кој било од нас да ги поднесе сам“.

Руте инсистираше на тоа дека Соединетите Држави се посветени на Алијансата и покрај критиките дека американскиот претседател Доналд Трамп ги поткопува трансатлантските односи.

„Знам дека имаше нешки муабети. Знам дека има сојузници, на пример, од оваа страна на барата кои се загрижени за долгорочната посветеност на САД во НАТО. Американците постојано изјавуваа: „Ние сме посветени на НАТО. Ние сме посветени на членот 5“, рече Руте, мислејќи на ветувањето за колективна одбрана на алијансата и додаде:

„Апсолутно сум убеден дека овој сојуз е таму за да остане со САД. Нивната посветеност е апсолутно јасна“, рече Руте.

Сојузниците на НАТО се решени да претстават обединет фронт за да се спротивстават на целосната инвазија на Русија на Украина, но европските сојузници чувствуваат дека нивните напори се маргинализирани.

Во потрага по брз договор за прекин на огнот, Вашингтон сугерираше дека Украина можеби ќе треба да направи територијални отстапки и презеде чекор за повторно започнување на дијалогот со Русија.

Американскиот државен секретар Марко Рубио се очекува да присуствува на состанокот заедно со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха и шефицата за надворешна политика на Европската Унија Каја Калас.

Рубио може да очекува да се соочи со прашања од сојузниците кои се вознемирени, лути и збунети од потезите на администрацијата на Трамп да ги поправи врските со Русија и нејзините реторички напади врз долгогодишните трансатлантски партнери.

Врз основа на она што го виделе и слушнале откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, европските претставници изразија длабока загриженост за идната улога на САД во Алијансата.

Рубио, исто така, најверојатно ќе биде притиснат да ја објасни желбата на Трамп да ја направи НАТО сојузникот- Канада 51-та држава на САД и неговиот притисок да го анектира Гренланд, кој е автономен во рамките на Кралството Данска, која е друг сојузник на НАТО.

Рубио треба да пристигне во Брисел на 3 април. Со него на патувањето ќе биде и новопотврдениот амбасадор на САД во НАТО, Мет Витакер. Се очекува тој да ја пренесе пораката дека европските сојузници треба да ги засилат трошоците за одбрана и споделување на товарот.

Водачите на НАТО во јуни се очекува да одлучат дали да ја зголемат целта на трошоците за одбрана за секоја поединечна членка од нејзиниот сегашен минимум од 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Администрацијата на Трамп ја промовираше идејата за минимумот од 5 проценти од БДП. Руте се залага секој сојузник да се обврзе да потроши најмалку 3,7 отсто од БДП за одбрана што е можно побрзо и со редовни извештаи за напредокот.

Некои европски сојузници нема да бидат подготвени да се посветат премногу на одбраната, со оглед на тоа што се борат со низок раст и со големиот буџетски дефицит.

Се очекува Сибиха да обезбеди ажурирање за ситуацијата на бојното поле.

Додека членството на Украина во НАТО засега не е на маса, повеќето европски сојузници сакаат барем да добијат гаранции дека американското оружје ќе продолжи да оди во Украина и дека мисијата за обука на НАТО за украинските војници продолжува да работи.

Сепак, Соединетите Држави повеќе не претседаваат со Контакт групата за одбрана на Украина, позната како Рамштајн група, која ја координира воената поддршка за Киев. Обединетото Кралство претседаваше со последниот состанок на групата во февруари, а со наредниот, кој е привремено закажан за 11 април, би можеле да биде копретседаваат Обединетото Кралство и Франција.

види ги сите денешни вести

Вучиќ: Сите се подготвуваат за војна, Косово се обидува да ги придобие ЕУ и НАТО на своја страна

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на воената парада во Белград на 20 септември 2025 година
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на воената парада во Белград на 20 септември 2025 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 3 октомври изјави дека „сите се подготвуваат за војна“ и дека Косово „се обидува да го искористи предвоеното време“ за да го придобие на своја страна мнозинството од европските и НАТО земји.

Вучиќ така одговори на новинарско прашање во врска со изјавата на претседателката на Косово, Вјоса Османи, која во пресрет на Самитот на европските лидери за безбедност и одбрана во Копенхаген ја повика Европа да ги спречи „агресивните и дестабилизирачки тактики на Србија кон соседите“.

„Апсолутно никој веќе не го слуша тоа, но Приштина ќе продолжи со прогон на српскиот народ и со провокации“, рече Вучиќ пред новинарите за време на отворањето на делницата од брзата железница Белград – Суботица.

Османи, пред Самитот во Копенхаген, потсети дека Косово на 21 септември ја одбележало втората годишнина од вооружениот напад на група Срби врз полицијата во Бањска, при што беше убиен еден полицаец.

„Европската унија сè уште бара одговорност. Немаше никаква одговорност и време е тие свои зборови да ги претворат во дела“, рече Османи.

Таа додаде дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ се обидува да го копира рускиот лидер Владимир Путин „користејќи тактики на агресија и дестабилизација кон соседите“, и дека затоа „е важно земјите членки на ЕУ да сфатат дека наградувањето на Србија за сојузништво со Русија не е патот кој води кон напред“.

„Земјите кои се усогласија 100 отсто со ЕУ треба да бидат наградени, а не тие што ја избраа Москва како свој пат напред“, рече Османи.

Говорејќи за Самитот во Копенхаген, Вучиќ изјави дека „во светот ќе биде сè потешко“ и дека „мисли дека одиме кон голем судир“.

„Сите се подготвуваат за војна. И кога веќе знаеме дека ќе има војна – а ќе има, ви велам, затоа што гледам што се случува и како сите се подготвуваат – никој не се подготвува за разговори, сите гледаат кој ќе биде на чија страна. Ги копаат своите ровови и го чекаат почетокот“, рече Вучиќ.

Вучиќ додаде и дека Србија „ќе даде сè од себе“ за да не учествува во таа војна.

Самитот на Европската политичка заедница се одржа откако Данска кон крајот на септември мораше да го затвори аеродромот во Копенхаген поради појава на дронови, како и по повеќекратните руски навлегувања со дронови во воздушниот простор на други европски земји.

Во врска со извештајот на УНМИК за ситуацијата на Косово, кој ќе биде претставен во Советот за безбедност на 21 октомври, Вучиќ изјави дека очекува тој да биде „делумно објективен“.

„Нема да ги прикаже сите ужасни последици од управувањето на Курти (вршител на должноста премиер на Косово), но сигурен сум дека ќе укаже на сите проблеми со кои се соочува српскиот народ. Сега тоа сите го гледаат и сите го знаат. Тоа го знаат и нашите партнери на Запад, и Американците, и Европејците“, рече Вучиќ.

„Остра е реакцијата на Вашингтон, кој ја прекинува можноста за стратешки дијалог со Приштина, но немојте да го очекувате тоа од Брисел. За нив во овој момент е најважно сите да бидат антируски ориентирани, затоа што тие, со или без причина, чувствуваат закана од руската страна, исто како што Русите чувствуваат закана од целокупниот Запад“, изјави Вучиќ.

Директорот на „Србијагас“ не исклучува нови рокови за примена на санкции кон НИС

Седиштето на Нафтената индустрија на Србија во Белград, 22 септември 2025 година.
Седиштето на Нафтената индустрија на Србија во Белград, 22 септември 2025 година.

Директорот на компанијата „Србијагас“, Душан Бајатовиќ изјави дека не ја исклучува можноста САД да дадат „уште некои рокови“ за разговори околу примената на санкциите кон Нафтената индустрија на Србија (НИС).

САД во јануари воведоа санкции за НИС поради мнозинското руско сопствеништво, но нивното стапување на сила беше одложено шест пати. Последен пат до 1 октомври, а потоа рокот беше дополнително продолжен за уште осум дена – до 8 октомври.

„Не ја исклучувам ниту можноста да добиеме понуда да купуваме американска нафта и на тој начин практично да го 'израмниме' дефицитот што го имаме во трговијата со Америка, а е поврзан со царините од 36 проценти“, изјави Бајатовиќ на 3 октомври на седница на собранискиот Одбор за економија, трговија и енергетика.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ден претходно изјави дека Русија предложила САД да преземат дел од акциите на НИС, како и дека оваа компанија би купувала одредена количина американска нафта која би се доставувала преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).

Сепак, Вучиќ посочи дека „не е сигурен“ дали САД ќе го прифатат предлогот на Москва и дека не верува оти тоа ќе го реши проблемот со санкциите.

Бајатовиќ изјави дека „одредени работи ќе се случат и во однос на управувањето со НИС“, но дека тој, додека не се исцрпат другите можности, не е сигурен дека Србија е во позиција да разговара за сопственичката структура на таа компанија, во која Русите се мнозински сопственици.

„Ако се случи да мораме да купуваме американска нафта, тоа ќе биде нешто поскапо, затоа што и таа е на пазарот. Го видовме она што Трамп ѝ го наметна на Европа, па дали е подобро да имаме наш сопствен преработувач?“, рече Бајатовиќ.

Тој истакна дека, во случај да се воведат санкции, не е сигурен дека Србија има доволно цистерни и бродови за да може да увезува нафта од околните земји.

Бајатовиќ наведе дека гас ќе има доволно и дека нема да поскапи за населението, но дека стопанството ќе мора да плати онолку колку што тоа гориво чини за Србијагас.

Иако сопственичката структура на НИС повеќепати беше менувана, мнозинството сè уште е во рацете на руските компании. Газпром излезе од сопственичката структура на НИС во септември, а еден од значајните сопственици стана друга компанија управувана од Газпром – фирмата Интелиџенс од Санкт Петербург.

Акционерското друштво Интелиџенс стана сопственик на 11,3 отсто од уделот во компанијата, покажаа податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.

Најголем удел во НИС сè уште има Газпром њефт, ќерка фирма на Газпром (44,9 отсто), додека државата Србија поседува 29,9 отсто. Остатокот од уделот го сочинуваат мали акционери.

Мицкоски - Мацут: Унапредување на билатералните односи и економската соработка, гасно и коридорско поврзување

Премиерот, Христијан Мицкоски и неговиот српски колега Ѓуро Мацут на средба во Скопје/03.10.2025
Премиерот, Христијан Мицкоски и неговиот српски колега Ѓуро Мацут на средба во Скопје/03.10.2025

Гасното и коридорското поврзување со Србија, е темата на која македонскиот премиер, Христијан Мицкоски разговарал на денешната средба со премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут кој престојува во официјална посета на нашата земја.

„Разговаравме за гасно и коридорско поврзување, како и за унапредување на економската соработка меѓу двете држави. Уверени сме дека заедничките проекти ќе придонесат за посилни врски и подобра иднина за нашите граѓани“, напиша премиерот на неговиот Фејсбук профил.

Од владината прес-служба информираат дека двајцата премиери разговарале и за унапредување на билатералните односи, економската соработка и инфраструктурното поврзување. Акцент бил ставен и на трговската размена, заедничките енергетски проекти и олеснувањето на движењето на луѓе и стоки.

Премиерот Мицкоски истакнал дека Србија е искрен партнер и пријател, со кого ја споделуваме визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан.

Премиерот Мацут изразил поддршка за реформските процеси во државата нагласувајќи дека Белград и Скопје ќе продолжат да соработуваат на заеднички проекти кои се во интерес на граѓаните на двете земји. Двете страни се согласиле дека продлабочувањето на пријателските врски меѓу двете држави претставува значаен придонес за регионалната стабилност и европската перспектива на Западен Балкан.

До ФЗО пристигнале уште 15 претставки за сомнителни кардиолошки интервенции

Трансплатација на срце (архивска фотографија)
Трансплатација на срце (архивска фотографија)

Во Фондот за здравствено осигурување пристигнале 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции, кои се препратени до Министерството за здравство за натамошно постапување. Ова денеска (3 октомври) го соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски кој рече дека пет од претставките се индивидуални, а десет се поднесени од установа.

Според него, досега се пристигнати вкупно 25 претставки од пациенти за сомнителни кардиолошки интервенции.

„Претставките опфаќаат различни периоди, најстарата е за нешто што се случило во 2010 година“, рече тој.

Клековски додаде дека во основа, има три категории поплаки, односно претставки: „едната е каде можно е да им е направена интервенција на пациенти, а немало потреба од тоа, втората е каде на пациенти требало да им се направи, а не им е направено тоа што требало да се направи, и третата се однесува на пациенти кај кои од тоа што е направено нема да има помош. Во смисла интервенциите кои се направени кај пациенти кои можеби се во терминална фаза нема да водат кон подобрување на нивната здравствена состојба или кон продолжување на животниот век“.

Директорот на Фондот, додаде дека тоа може да го спореди со „давање скапи онколошки лекови на терминално болни пациенти, каде единствено палијативна нега е потребна во моментот“

Апелираше и дека не треба да се очекуваат брзи резултати и не е пожелно да има брзо резултати, бидејќи тие би биле погрешни.

„Тука брзината е помалку важна од квалитетот на сработеното, бидејќи мора да бидеме сигурни во тоа што ќе постапиме и доколку има сериозни грешки тоа треба да заврши со кривични пријави, да биде еден процес на барање и преземање одговорност, а ние како здравствени власти да извлечеме поука како да го промениме системот од контрола на квантитет кој контрола на квалитет на сработеното“, потенцира Клековски.

Извештајот пак, кој претходно го објави ФЗО, а кој се однесува на ланската година, покажува дека Фондот обезбедил над 16 милиони евра (вкупно 16.747.967 евра) за кардиоваскуларни интервенции во двете приватни клинички болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.

Станува збор за интервенции што осигурениците имаат право да ги направат во приватните болници, а не плаќаат речиси ништо, исто како да ги направиле на државно. Ги плаќа Фондот преку таканаречените договорни надоместоци кои ги дава и за приватни и за јавни здравствени установи.

За овие операции на срце и на крвни садови, Фондот има случено договори со четири болници - две приватни, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ и две државни, Клиника за кардиохирургија и Клиника за торакална и васкуларна хирургија.

Во минатите четири години до Фондот за здравство не стигнале претставки од пациенти за непотребни медицински интервенции.

„Сепак, немаме законска надлежност да ја оценуваме медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да вршиме инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии што ги формира министерот за здравство“, соопштија од ФЗОМ.

Надлежност на Фондот е да следи дали има неправилности во користењето на парите од страна на болниците. По таа основа, Фондот за здравство соопшти дека по сопствен наод направиле девет контроли за приватно наплатени средства, но не откриваат кој бил исходот.

Приватните превозници во Скопје ќе возат редуцирано поради неисплатен долг од ЈСП 

Јавен превоз во Скопје/Архивска фотографија
Јавен превоз во Скопје/Архивска фотографија

До понеделник (6 октомври 2025) доколку не биде исплатен долгот кон приватните превозници во Град Скопје, нивниот возен ред ќе биде намален за 70 проценти. Тие ќе возат само прва смена од 5 до 10 часот - соопшти денеска сопственикот на „Јофи Бус“, Јовица Зафировски.

Приватните превозници Јофи Бус, Вестор Транс, Радос Компани кои сообраќаат во Скопје денеска побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во моментов се доспеани 90 милиони денари.

„Долгот кон нас не е подмирен од април, односно од пред шест месеци. Ако вработените на ЈСП можат да издржат без плата шест месеци, ние не можеме. Денеска имавме план да прекинеме со возење, но сакаме да бидеме коректни кон граѓаните на Скопје и ќе чекаме до понеделник. Доколку ни се уплатат средства ние сакаме да работиме и ќе продолжиме да возиме. Ни треба уплата веднаш од ЈСП“, истакна Зафировски.

Доколку не се исплатат парите до понеделник, приватниците рекоа дека ќе се редуцира возењето, односно трите компании ќе возат само прва смена со 30 проценти капацитет, сѐ до исплатата на долгот.

Директорот на ЈСП Скопје Драги Кушовски, кој се придружи на прес-конференцијата на приватните превозници, рече дека е позната состојбата во која се наоѓа ЈСП и дека тоа не е никакво оправдување, но нагласи дека кон приватните превозници се исплаќаат долговите согласно нивните можности.

„Траба да се престане со манипулација на граѓаните. Недостаток на автобуси знаеме дека има, а ние да пуштаме наши автобуси да бидат полни за да се штедат приватните автобуси за да не се амортизираат, тоа не е дозволиво. Треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се влечат позади автобусите на ЈСП. Долгот кон сите тројца приватни превозници е околу 60 милиони денари“, истакна Кушовски.

На ова реагираа приватните превозници дека долгот е поголем поради што настана надвикување која информација е точна. И двете страни бараа да се покажат уплатите, но сѐ остана само на зборови. Директорот на ЈСП ги праша дали имале средба и дали се договориле дека исплатата ќе се врши според можностите на ЈСП, приватниците потврдија, но рекоа дека не им е исплатена сумата, односно им е исплатен само мал дел од долгот. Вчера им биле исплатени по 300 илјади денари, а пред пет недели по 10 милиони денари за долгот од март.

Превозниците на директорот му посочија дека не можат да ги покријат долговите кон бензинските пумпи и дека веќе им се најавени извршители.

Уставниот суд на Република Српска одлучи дека референдумот за Додик не ги нарушува виталните интереси на Бошњаците

Зградата на Уставниот суд во Бања Лука, Република Српска
Зградата на Уставниот суд во Бања Лука, Република Српска

Советот за заштита на виталните интереси на Уставниот суд на Република Српска (РС) одлучи дека одлуката за референдум за пресудата против Милорад Додик и одземањето на неговиот мандат не го нарушува виталниот национален интерес на бошњачкиот народ.

Уставниот суд на РС одлучи по жалбата на Бошњаците во Советот на народот на РС.

Заклучено е дека изјавите на Клубот на делегати на бошњачкиот народ во Советот на народот на Република Српска, во кои се изразуваат загриженост и претпоставки за можните последици што резултатите од референдумот и нивното спроведување можат да ги имаат за бошњачкиот народ, како и за потенцијална дискриминација, „не се правно релевантни за прашањето за повреда на виталниот национален интерес“.

Одлуката за одржување на референдумот ја усвои Народното собрание на РС на 22 август, по конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на ЦИК за одземање на мандатот на Додик.

Неговиот мандат му беше одземен официјално кон средината на август, откако Судот на Босна и Херцеговина го осуди на една година затвор за непочитување на одлуките на Високиот претставник, казна што тој ја плати веднаш, и шестгодишна забрана за вршење јавни и политички функции.

Еден од заклучоците, усвоени од Собранието на РС, е дека референдумот ќе се одржи на 25 октомври оваа година.

Уставот на Босна и Херцеговина не предвидува можност субјектите самостојно да распишуваат референдуми за одлуките на државните институции.

Пониските нивоа на власт во Босна и Херцеговина можат законски да распишуваат референдум само за прашања од нивна надлежност, но не и за национални.

Патем, одлуката за референдумот на 22 август беше проследена со усвојување на измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива по итна постапка, што треба да му овозможи на Собранието на РС да формира посебни комисии за референдуми.

На 29 август, Бошњачкиот клуб во Советот започна постапка за заштита на националниот интерес поради таа одлука.

Исто така, за овој Клуб, спорни се и измените на Законот за референдум на РС, кои предвидуваат дека референдумот може да го спроведе ад хок комисија назначена од Парламентот на ентитетот.

Потоа, Народниот совет на Република Српска не го усвои ветото на Бошњачкиот клуб, по што одлуката за референдумот заврши пред Уставниот суд на Република Српска.

Недостигаат лекари во руралните места, од ФЗО најавуваат олеснување на критериумите и зголемување на капитацијата

илустрација
илустрација

Од 96 планирани матични лекари во руралните подрачја, функционираат само 44, алармира генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој ги повика младите доктори да дадат предлози за измени во правилникот кој ја регулира нивната работа за да се подобрат условите за отворање ординации во руралните места и да се поттикнат лекарите да работат како рурални матични лекари.

Добиените предлози ќе бидат разгледани од посебна комисиија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива.

На 6 октомври министерот за здравство Азир Алиу ќе го објави пакетот од 12 закони за кои се планира во наредниот период да се направат нивни измени и дополнувања на законската регулатива.

Клековски вели дека тоа што Фондот може да го направи е да се олеснат критериумите и да се зголеми финансирањето.

„Ако треба друг тип промени тоа ќе мора да оди преку законски измени. Многу набрзо ќе мора да размислуваме за малите места кои не се дефинирани како рурални. Во Ресен има само тројца матични лекари. Демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствуваме, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението“, предупреди Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Клековски истакна дека имаат дотации кои не зависат од бројот на осигуреници и за руралните подрачја има посебно плаќање кое е независно од бројот на осигуреници.

Од ФЗО појаснуваат дека една од можностите е понатаму да го либерализаат тој дел, односно да ги зголемат дотациите независно, бидејќи главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, односно ниски примања.

Недостигот на лекари е еден од многуте проблеми со кој се соочува здравствениот систем во државава. Покрај неисполнетоста на руралните амбуланти, последните статистики покажуваат дека од лани досега, вкупниот број на лекари во државата се намалил и тоа за 509, според бројот на активни лиценци во Лекарската комора.

Радио Слободна Европа неодамна пишуваше дека доктори специјалисти недостасуваат на речиси сите клиники во Скопје и во многу болници низ државата. Загрижува фактот што за една година има 125 лекари помалку од специјалностите што и онака, најмногу недостасуваат во болниците.

Шпанија на пат да го направи абортусот уставно право

илустрација
илустрација

Шпанската влада планира да ги вметне правата за абортус во Уставот, во услови на она што го нарекува глобален напад врз репродуктивните слободи, изјави премиерот Педро Санчез.

Доколку се усвои, Шпанија ќе стане втората земја во светот што уставно го гарантира правото на абортус, откако Франција го стори тоа минатата година. Оваа година, Шпанија одбележува четири децении откако абортусот беше декриминализиран.

„Со оваа влада нема да има назадување кога станува збор за социјалните права“, напиша Санчез на социјалната мрежа X.

Коалициската влада на социјалистичко-тврдокорната левица дополнително ги зацврстува прогресивните и феминистичките политики за да го мобилизира својот електорат, додека анкетите покажуваат растечка поддршка за крајно десничарската партија Вокс.

Реформата бара поддршка од три петтини од Долниот дом на парламентот, што значи дека ќе биде потребна и поддршка од пратениците од редовите на конзервативната опозициска Народна партија (ПП).

Владата, исто така, сака да го промени законот за абортус за да ги спречи жените кои сакаат да ја прекинат бременоста да добиваат лажни информации кои можат да влијаат на нивната одлука.

Според соопштението од канцеларијата на премиерот Санчез, изменетиот закон ќе ги обврзе здравствените власти да им обезбедат на жените информации за абортус само врз основа на објективни научни докази, во согласност со стандардите на институции како што се Светската здравствена организација или Американската психијатриска асоцијација.

Овој потег доаѓа откако градскиот совет на Мадрид претходно оваа недела донесе мерка со која ги обврзува здравствените служби да ги информираат жените кои размислуваат за абортус за таканаречениот „синдром по абортус“. Мерката беше предложена и усвоена од десничарските, конзервативни партии.

Според тврдењата на партијата Вокс, синдромот, чие постоење нема научен консензус, наводно води до употреба на алкохол и дрога, самоубиствени мисли или дури и рак на женскиот репродуктивен систем.

Застапниците на репродуктивните права велат дека глобалните напори за ограничување на репродуктивните слободи на жените се интензивирале откако Врховниот суд на САД ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ од 1973 година, со која се призна уставното право на абортус.

Израелската морнарица го пресретнала последниот брод од флотилата за помош за Газа

илустрација
илустрација

Активистите од Глобалната флотила „Сумуд“, кои се обидоа да испловат кон Појасот Газа носејќи хуманитарна помош, денеска (3 октомври) изјавија дека израелската морнарица го пресретнала последниот од нејзините бродови, кратко пред да стигне до блокираната крајбрежна територија.

„Маринет, последниот преостанат брод од Глобалната флотила Сумуд, беше пресретнат во 10:29 часот по локално време, на приближно 42,5 наутички милји од Газа“, соопштија организаторите на флотилата во соопштението.

Видео објавено од пропалестинската група го прикажува израелскиот брод како се приближува кон бродот на активистите, пред снимката да заврши додека војниците се качуваат на бродот.

Според извештаите, бродот имал технички проблеми и се движел зад флотата. Морнарицата веќе ги запрела останатите 42 брода на флотилата во Медитеранот.

Израелските власти приведоа повеќе од 400 членови на екипажот од десетици земји, вклучувајќи ја и шведската активистка Грета Тунберг и соопштија дека ќе бидат вратени во нивните матични земји.

Активистите сакаа директно да достават хуманитарна помош до населението на Појасот Газа и да протестираат против воената кампања на Израел на затворената територија.

Тие ја отфрлија понудата на Израел да ги насочува испораките до Газа преку израелските пристаништа, велејќи дека израелската блокада на Појасот Газа е нелегална.

Според извештаите, уште една пропалестинска флотила веќе ја напуштила Европа и се движи кон Појасот Газа. Се наведува дека деветте бродови биле во близина на брегот на Крит во петок наутро (3 октомври).

Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од Апелацискиот суд

Енвер Беџети
Енвер Беџети

Судскиот Совет го разреши од функција, судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети.

Судскиот совет донесе решение со кое го разреши Беџети, наведувајќи дека е утврдена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција.

Инаку Беџети, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, пред неколку месеци беше ставен на таканаречената црна листа на САД. Како причина беше наведено тоа што примал мито и одолговлекувал предмети поврзани со поранешниот прв човек на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети на 26 мај донесе одлука за негово разрешување.

Беџети ја обжали одлуката, по што Врховниот Суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението од мај годинава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG