Достапни линкови

Вести

„Патувачки театар“: Протестен марш на театарските уметници во Белград

Протест пред Народниот театар во Белград
Протест пред Народниот театар во Белград

Од театар до театар, пред Министерството за труд, вработување, ветерани и социјални прашања - така се одвиваше денешниот протестен марш на театарските уметници, студенти и граѓани во Белград.

Пред зградата на Министерството, присутните оддадоа 15-минутна почит на жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.

Маршот почна од пред Храмот „Свети Сава“, а потоа продолжи покрај белградските театри, кои ја прекинаа работата на седум дена во знак на поддршка на студентските барања.

Во Србија подолго од два месеца траат протестите поради петнаесетте лица кои ги загубија животите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Протестите се организирани од студентите чие клучно барање е да се утврди политичка и кривична одговорност за трагедијата.

„За првпат во историјата на српските театри се одлучуваме на ваков чекор, прифаќајќи го повикот на студентите за борба за одговорен однос на институциите“, беше наведено во соопштението на 6 февруари.

Зад соопштението застанаа Народниот театар, Атеље 212, Белградскиот драмски театар, Театарот „Бошко Буха“, Мал театар „Душко Радовиќ“, театарот „Теразије“ и Југословенскиот драмски театар, а потоа за прекин на работата се одлучија и дел од останатите театри во земјата.

Трагедијата во Нови Сад предизвика бран протести низ цела Србија. Протестите почнаа на иницијатива на студентите, но потоа ним им се придружија и средношколците.

Поддршка за протестите тие добија од нивните професори, од адвокати, земјоделци, актери и други граѓани.

Владата предводена од српскиот претседател, Александар Вучиќ сепак тврди дека барањата на студентите се исполнети.

Студентите порачаа дека тие не се исполнети и најавија дека ги ги продолжуваат своите протести.

види ги сите денешни вести

До ФЗО пристигнале уште 15 претставки за сомнителни кардиолошки интервенции

Трансплатација на срце (архивска фотографија)
Трансплатација на срце (архивска фотографија)

Во Фондот за здравствено осигурување пристигнале 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции, кои се препратени до Министерството за здравство за натамошно постапување. Ова денеска (3 октомври) го соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски кој рече дека пет од претставките се индивидуални, а десет се поднесени од установа.

Според него, досега се пристигнати вкупно 25 претставки од пациенти за сомнителни кардиолошки интервенции.

„Претставките опфаќаат различни периоди, најстарата е за нешто што се случило во 2010 година“, рече тој.

Клековски додаде дека во основа, има три категории поплаки, односно претставки: „едната е каде можно е да им е направена интервенција на пациенти, а немало потреба од тоа, втората е каде на пациенти требало да им се направи, а не им е направено тоа што требало да се направи, и третата се однесува на пациенти кај кои од тоа што е направено нема да има помош. Во смисла интервенциите кои се направени кај пациенти кои можеби се во терминална фаза нема да водат кон подобрување на нивната здравствена состојба или кон продолжување на животниот век“.

Директорот на Фондот, додаде дека тоа може да го спореди со „давање скапи онколошки лекови на терминално болни пациенти, каде единствено палијативна нега е потребна во моментот“

Апелираше и дека не треба да се очекуваат брзи резултати и не е пожелно да има брзо резултати, бидејќи тие би биле погрешни.

„Тука брзината е помалку важна од квалитетот на сработеното, бидејќи мора да бидеме сигурни во тоа што ќе постапиме и доколку има сериозни грешки тоа треба да заврши со кривични пријави, да биде еден процес на барање и преземање одговорност, а ние како здравствени власти да извлечеме поука како да го промениме системот од контрола на квантитет кој контрола на квалитет на сработеното“, потенцира Клековски.

Извештајот пак, кој претходно го објави ФЗО, а кој се однесува на ланската година, покажува дека Фондот обезбедил над 16 милиони евра (вкупно 16.747.967 евра) за кардиоваскуларни интервенции во двете приватни клинички болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.

Станува збор за интервенции што осигурениците имаат право да ги направат во приватните болници, а не плаќаат речиси ништо, исто како да ги направиле на државно. Ги плаќа Фондот преку таканаречените договорни надоместоци кои ги дава и за приватни и за јавни здравствени установи.

За овие операции на срце и на крвни садови, Фондот има случено договори со четири болници - две приватни, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ и две државни, Клиника за кардиохирургија и Клиника за торакална и васкуларна хирургија.

Во минатите четири години до Фондот за здравство не стигнале претставки од пациенти за непотребни медицински интервенции.

„Сепак, немаме законска надлежност да ја оценуваме медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да вршиме инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии што ги формира министерот за здравство“, соопштија од ФЗОМ.

Надлежност на Фондот е да следи дали има неправилности во користењето на парите од страна на болниците. По таа основа, Фондот за здравство соопшти дека по сопствен наод направиле девет контроли за приватно наплатени средства, но не откриваат кој бил исходот.

Приватните превозници во Скопје ќе возат редуцирано поради неисплатен долг од ЈСП 

Јавен превоз во Скопје/Архивска фотографија
Јавен превоз во Скопје/Архивска фотографија

До понеделник (6 октомври 2025) доколку не биде исплатен долгот кон приватните превозници во Град Скопје, нивниот возен ред ќе биде намален за 70 проценти. Тие ќе возат само прва смена од 5 до 10 часот - соопшти денеска сопственикот на „Јофи Бус“, Јовица Зафировски.

Приватните превозници Јофи Бус, Вестор Транс, Радос Компани кои сообраќаат во Скопје денеска побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во моментов се доспеани 90 милиони денари.

„Долгот кон нас не е подмирен од април, односно од пред шест месеци. Ако вработените на ЈСП можат да издржат без плата шест месеци, ние не можеме. Денеска имавме план да прекинеме со возење, но сакаме да бидеме коректни кон граѓаните на Скопје и ќе чекаме до понеделник. Доколку ни се уплатат средства ние сакаме да работиме и ќе продолжиме да возиме. Ни треба уплата веднаш од ЈСП“, истакна Зафировски.

Доколку не се исплатат парите до понеделник, приватниците рекоа дека ќе се редуцира возењето, односно трите компании ќе возат само прва смена со 30 проценти капацитет, сѐ до исплатата на долгот.

Директорот на ЈСП Скопје Драги Кушовски, кој се придружи на прес-конференцијата на приватните превозници, рече дека е позната состојбата во која се наоѓа ЈСП и дека тоа не е никакво оправдување, но нагласи дека кон приватните превозници се исплаќаат долговите согласно нивните можности.

„Траба да се престане со манипулација на граѓаните. Недостаток на автобуси знаеме дека има, а ние да пуштаме наши автобуси да бидат полни за да се штедат приватните автобуси за да не се амортизираат, тоа не е дозволиво. Треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се влечат позади автобусите на ЈСП. Долгот кон сите тројца приватни превозници е околу 60 милиони денари“, истакна Кушовски.

На ова реагираа приватните превозници дека долгот е поголем поради што настана надвикување која информација е точна. И двете страни бараа да се покажат уплатите, но сѐ остана само на зборови. Директорот на ЈСП ги праша дали имале средба и дали се договориле дека исплатата ќе се врши според можностите на ЈСП, приватниците потврдија, но рекоа дека не им е исплатена сумата, односно им е исплатен само мал дел од долгот. Вчера им биле исплатени по 300 илјади денари, а пред пет недели по 10 милиони денари за долгот од март.

Превозниците на директорот му посочија дека не можат да ги покријат долговите кон бензинските пумпи и дека веќе им се најавени извршители.

Уставниот суд на Република Српска одлучи дека референдумот за Додик не ги нарушува виталните интереси на Бошњаците

Зградата на Уставниот суд во Бања Лука, Република Српска
Зградата на Уставниот суд во Бања Лука, Република Српска

Советот за заштита на виталните интереси на Уставниот суд на Република Српска (РС) одлучи дека одлуката за референдум за пресудата против Милорад Додик и одземањето на неговиот мандат не го нарушува виталниот национален интерес на бошњачкиот народ.

Уставниот суд на РС одлучи по жалбата на Бошњаците во Советот на народот на РС.

Заклучено е дека изјавите на Клубот на делегати на бошњачкиот народ во Советот на народот на Република Српска, во кои се изразуваат загриженост и претпоставки за можните последици што резултатите од референдумот и нивното спроведување можат да ги имаат за бошњачкиот народ, како и за потенцијална дискриминација, „не се правно релевантни за прашањето за повреда на виталниот национален интерес“.

Одлуката за одржување на референдумот ја усвои Народното собрание на РС на 22 август, по конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на ЦИК за одземање на мандатот на Додик.

Неговиот мандат му беше одземен официјално кон средината на август, откако Судот на Босна и Херцеговина го осуди на една година затвор за непочитување на одлуките на Високиот претставник, казна што тој ја плати веднаш, и шестгодишна забрана за вршење јавни и политички функции.

Еден од заклучоците, усвоени од Собранието на РС, е дека референдумот ќе се одржи на 25 октомври оваа година.

Уставот на Босна и Херцеговина не предвидува можност субјектите самостојно да распишуваат референдуми за одлуките на државните институции.

Пониските нивоа на власт во Босна и Херцеговина можат законски да распишуваат референдум само за прашања од нивна надлежност, но не и за национални.

Патем, одлуката за референдумот на 22 август беше проследена со усвојување на измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива по итна постапка, што треба да му овозможи на Собранието на РС да формира посебни комисии за референдуми.

На 29 август, Бошњачкиот клуб во Советот започна постапка за заштита на националниот интерес поради таа одлука.

Исто така, за овој Клуб, спорни се и измените на Законот за референдум на РС, кои предвидуваат дека референдумот може да го спроведе ад хок комисија назначена од Парламентот на ентитетот.

Потоа, Народниот совет на Република Српска не го усвои ветото на Бошњачкиот клуб, по што одлуката за референдумот заврши пред Уставниот суд на Република Српска.

Недостигаат лекари во руралните места, од ФЗО најавуваат олеснување на критериумите и зголемување на капитацијата

илустрација
илустрација

Од 96 планирани матични лекари во руралните подрачја, функционираат само 44, алармира генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој ги повика младите доктори да дадат предлози за измени во правилникот кој ја регулира нивната работа за да се подобрат условите за отворање ординации во руралните места и да се поттикнат лекарите да работат како рурални матични лекари.

Добиените предлози ќе бидат разгледани од посебна комисиија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива.

На 6 октомври министерот за здравство Азир Алиу ќе го објави пакетот од 12 закони за кои се планира во наредниот период да се направат нивни измени и дополнувања на законската регулатива.

Клековски вели дека тоа што Фондот може да го направи е да се олеснат критериумите и да се зголеми финансирањето.

„Ако треба друг тип промени тоа ќе мора да оди преку законски измени. Многу набрзо ќе мора да размислуваме за малите места кои не се дефинирани како рурални. Во Ресен има само тројца матични лекари. Демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствуваме, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението“, предупреди Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Клековски истакна дека имаат дотации кои не зависат од бројот на осигуреници и за руралните подрачја има посебно плаќање кое е независно од бројот на осигуреници.

Од ФЗО појаснуваат дека една од можностите е понатаму да го либерализаат тој дел, односно да ги зголемат дотациите независно, бидејќи главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, односно ниски примања.

Недостигот на лекари е еден од многуте проблеми со кој се соочува здравствениот систем во државава. Покрај неисполнетоста на руралните амбуланти, последните статистики покажуваат дека од лани досега, вкупниот број на лекари во државата се намалил и тоа за 509, според бројот на активни лиценци во Лекарската комора.

Радио Слободна Европа неодамна пишуваше дека доктори специјалисти недостасуваат на речиси сите клиники во Скопје и во многу болници низ државата. Загрижува фактот што за една година има 125 лекари помалку од специјалностите што и онака, најмногу недостасуваат во болниците.

Шпанија на пат да го направи абортусот уставно право

илустрација
илустрација

Шпанската влада планира да ги вметне правата за абортус во Уставот, во услови на она што го нарекува глобален напад врз репродуктивните слободи, изјави премиерот Педро Санчез.

Доколку се усвои, Шпанија ќе стане втората земја во светот што уставно го гарантира правото на абортус, откако Франција го стори тоа минатата година. Оваа година, Шпанија одбележува четири децении откако абортусот беше декриминализиран.

„Со оваа влада нема да има назадување кога станува збор за социјалните права“, напиша Санчез на социјалната мрежа X.

Коалициската влада на социјалистичко-тврдокорната левица дополнително ги зацврстува прогресивните и феминистичките политики за да го мобилизира својот електорат, додека анкетите покажуваат растечка поддршка за крајно десничарската партија Вокс.

Реформата бара поддршка од три петтини од Долниот дом на парламентот, што значи дека ќе биде потребна и поддршка од пратениците од редовите на конзервативната опозициска Народна партија (ПП).

Владата, исто така, сака да го промени законот за абортус за да ги спречи жените кои сакаат да ја прекинат бременоста да добиваат лажни информации кои можат да влијаат на нивната одлука.

Според соопштението од канцеларијата на премиерот Санчез, изменетиот закон ќе ги обврзе здравствените власти да им обезбедат на жените информации за абортус само врз основа на објективни научни докази, во согласност со стандардите на институции како што се Светската здравствена организација или Американската психијатриска асоцијација.

Овој потег доаѓа откако градскиот совет на Мадрид претходно оваа недела донесе мерка со која ги обврзува здравствените служби да ги информираат жените кои размислуваат за абортус за таканаречениот „синдром по абортус“. Мерката беше предложена и усвоена од десничарските, конзервативни партии.

Според тврдењата на партијата Вокс, синдромот, чие постоење нема научен консензус, наводно води до употреба на алкохол и дрога, самоубиствени мисли или дури и рак на женскиот репродуктивен систем.

Застапниците на репродуктивните права велат дека глобалните напори за ограничување на репродуктивните слободи на жените се интензивирале откако Врховниот суд на САД ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ од 1973 година, со која се призна уставното право на абортус.

Израелската морнарица го пресретнала последниот брод од флотилата за помош за Газа

илустрација
илустрација

Активистите од Глобалната флотила „Сумуд“, кои се обидоа да испловат кон Појасот Газа носејќи хуманитарна помош, денеска (3 октомври) изјавија дека израелската морнарица го пресретнала последниот од нејзините бродови, кратко пред да стигне до блокираната крајбрежна територија.

„Маринет, последниот преостанат брод од Глобалната флотила Сумуд, беше пресретнат во 10:29 часот по локално време, на приближно 42,5 наутички милји од Газа“, соопштија организаторите на флотилата во соопштението.

Видео објавено од пропалестинската група го прикажува израелскиот брод како се приближува кон бродот на активистите, пред снимката да заврши додека војниците се качуваат на бродот.

Според извештаите, бродот имал технички проблеми и се движел зад флотата. Морнарицата веќе ги запрела останатите 42 брода на флотилата во Медитеранот.

Израелските власти приведоа повеќе од 400 членови на екипажот од десетици земји, вклучувајќи ја и шведската активистка Грета Тунберг и соопштија дека ќе бидат вратени во нивните матични земји.

Активистите сакаа директно да достават хуманитарна помош до населението на Појасот Газа и да протестираат против воената кампања на Израел на затворената територија.

Тие ја отфрлија понудата на Израел да ги насочува испораките до Газа преку израелските пристаништа, велејќи дека израелската блокада на Појасот Газа е нелегална.

Според извештаите, уште една пропалестинска флотила веќе ја напуштила Европа и се движи кон Појасот Газа. Се наведува дека деветте бродови биле во близина на брегот на Крит во петок наутро (3 октомври).

Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од Апелацискиот суд

Енвер Беџети
Енвер Беџети

Судскиот Совет го разреши од функција, судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети.

Судскиот совет донесе решение со кое го разреши Беџети, наведувајќи дека е утврдена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција.

Инаку Беџети, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, пред неколку месеци беше ставен на таканаречената црна листа на САД. Како причина беше наведено тоа што примал мито и одолговлекувал предмети поврзани со поранешниот прв човек на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.

Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети на 26 мај донесе одлука за негово разрешување.

Беџети ја обжали одлуката, по што Врховниот Суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението од мај годинава.

Финскиот суд го отфрли случајот против екипажот за прекинатите кабли во Балтичкото Море

Тим на НАТО, по прекинувањето на подводните енергетски и интернет кабли во Балтичкото Море во 2024 година
Тим на НАТО, по прекинувањето на подводните енергетски и интернет кабли во Балтичкото Море во 2024 година

Финскиот окружен суд пресуди дека нема надлежност да ги гони капетанот и двајцата офицери на танкерот за нафта „Игл С“, кои се обвинети за прекинување на подводните енергетски и интернет кабли во Балтичкото Море минатата година.

Финска соопшти дека „Игл С“ е дел од руската флота во сенка составена од танкери што ги користи Русија за да ги заобиколи санкциите за нејзиниот извоз на нафта.

Инцидентот од 25 декември беше еден од низата прекини на каблите и гасоводите во Балтичкото Море откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, ставајќи ги силите на НАТО во регионот во состојба на висока готовност. Русија негираше вмешаност во прекинувањето на каблите.

Судењето беше меѓу првите судски обиди за казнување на осомничените сторители за оштетување на критичната подводна инфраструктура, но е комплицирано од одредбите на меѓународното поморско право и тежината за докажување на криминална намера. Тројцата членови на екипажот ги негираа обвиненијата.

„Окружниот суд денеска донесе пресуда со која се отфрла обвинението во случајот заедно со барањата за отштета што произлегуваат од обвинението, бидејќи во конкретниот случај не беше можно да се примени финскиот кривичен закон “, се вели во соопштението на судот.

Според Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на морето, овластувањето за гонење на какво било кривично дело е на државата на знамето на бродот или на матичните земји на обвинетите, додаде судот.

Бродот пловел под знамето на Куковите Острови.

Танкерот, кој превезуваше руска нафта, го влечеше своето сидро 90 км (56 милји) преку морското дно на Финскиот Залив, прекинувајќи го финско-естонскиот кабел за напојување Estlink 2 и четири интернет линии, соопштија обвинителите.

Финска ги обвини грузискиот капетан, како и грузискиот прв офицер и индискиот втор офицер, за тешко кривично дело и тешко мешање во телекомуникациите.

Обвиненијата се темелеа на обвинувања за груба небрежност од страна на екипажот во врска со лошата состојба на витлото за сидро на бродот, наместо на цврсти докази дека сидрото било намерно фрлено за да предизвика штета, покажаа судските документи.

Обвинетите на судењето изјавија дека сидрото на бродот паднало незабележано поради технички грешки во витлото кое требало да го држи на место.

Тие, исто така, ги отфрлија барањата на сопствениците на кабелот за десетици милиони евра отштета.

Обвинителот побара од судот да ги осуди обвинетите на минимум две и пол години затвор поединечно.

Судот ги укина забраните за патување на обвинетите на крајот од судењето во септември и оттогаш тие ја напуштија Финска.

Поради забележани дронови, откажани летови на аеродромот во Минхен

Аеродромот во Минхен, Германија беше затворен откако бил забележан дрон во аеродромскиот простор на 2 октомври 2025 година
Аеродромот во Минхен, Германија беше затворен откако бил забележан дрон во аеродромскиот простор на 2 октомври 2025 година

Летовите на аеродромот во Минхен биле откажани синоќа (2 октомври) поради забележани дронови, соопштија рано утринава аеродромските власти и германската полиција.

Според полицијата, неколку лица пријавиле дека виделе дрон во близина на аеродромот, а подоцна биле забележани и над самиот аеродромски простор. Првично не било јасно дали станува збор за еден или повеќе дронови, јави ДПА.

Поради безбедносни причини, пистите на аеродромот биле затворени доцна синоќа. Како што соопштија од аеродромот, безбедноста на патниците е најголем приоритет во случаи кога ќе се забележи дрон.

Вкупно 17 летови не можеле да полетаат, што погодило речиси 3000 патници.

Дополнително, петнаесет слетувања закажани за Минхен биле пренасочени кон аеродромите во Штутгарт, Нирнберг, Виена и Франкфурт.

Државни и федерални службеници, како и полициски хеликоптер, го пребарале подрачјето во потрага по дронови и сомнителни лица, но не пронашле ништо.

Инаки инцидентот ањ случува додека во Минхен се одржува светски познатиот пивски фестивал Октоберфест, кој трае до недела (5 октомври).

Нарушувањата доаѓаат во време кога Европа е во состојба на зголемена готовност по неодамнешните инциденти со дронови, вклучувајќи ги и забелешките над критична инфраструктура во северна Германија, како и околу аеродроми во Данска и над воената база Орланд во Норвешка, каде што се стационирани борбените авиони Ф-35 произведени во Соединетите Држави.

Вучиќ не верува дека САД ќе го прифатат предлогот на Русија за НИС

Седиште на Нафтената индустрија на Србија НИС во Белград, 22 септември 2025 година.
Седиште на Нафтената индустрија на Србија НИС во Белград, 22 септември 2025 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се точни медиумските извештаи дека Русија им понудила на САД да преземат дел од акциите на Српската нафтена индустрија (НИС) се точни, но дека тој не верува дека тоа ќе го реши проблемот со санкциите.

По самитот на Европската политичка заедница на 2 октомври, Вучиќ изјави дека „не е сигурен“ дека САД, кои воведоа санкции врз НИС поради неговото мнозинско руско сопствеништво, ќе го прифатат предлогот на Москва.

Предлогот, исто така, вклучува и купување на одредена количина американска нафта од страна на НИС што би се испорачувала преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).

„Некој мора да каже дали Американците ќе го прифатат ова. Не сум сигурен за тоа, но се надеваме дека ќе го прифатат“, рече Вучиќ.

„Не мислам дека Американците ги бараат своите финансиски интереси, мислам дека се игра поголема игра, но би сакал да грешам. Би сакал Русите да пронајдат магична формула за решавање на овој проблем. Дали верувам во тоа и дали сум сигурен? За жал, се плашам дека мојот нос добро препознава тешки ситуации“, додаде тој.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на 2 октомври изјави дека руските претставници одржуваат близок контакт со своите српски колеги и разговараат со САД за прашањето за санкции против НИС.

САД воведоа санкции врз Српската нафтена индустрија во јануари поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, но го одложуваа нивното стапување во сила секој месец.

Досега, санкциите беа одложувани шест пати, последниот пат до 1 октомври, а потоа, рокот за спроведување на санкциите беше продолжен за уште осум дена - до 8 октомври.

Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.

Иако сопственичката структура на НИС се промени неколку пати, таа сè уште е во мнозинска сопственост на руски компании. „Газпром“ го напушти НИС во септември, а друга компанија управувана од „Газпром“ - „Интелиџенс“ од Санкт Петербург - стана еден од значајните сопственици.

Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.

Најголемиот удел во НИС сè уште го држи „Газпром Нефт“, подружница на „Газпром“ (44,9 проценти), а државата Србија има 29,9 проценти. Останатите акции ги поседуваат мали акционери.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG