Вести
Сослушани над 60 лица за несреќата на железничката станица во Нови Сад

За несреќата на железничката станица во Нови Сад, каде при уривање на настрешницата загинаа 14 лица, досега се сослушани повеќе од 60 лица, објави денеска (13 ноември) новосадското Вишо јавно обвинителство.
Меѓу загинатите беше и македонскиот државјанин Васко Саздовски, кој последните години работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад каде се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството.
Обвинителството во моментов води предистрага за несреќата.
Како што наведуваат оттаму, во тек е градежно вештачење за утврдување на причината за падот, како и анализа на примероци од остатоците од урнатата настрешница.
„По завршувањето на вештачењето и утврдувањето на причината, обвинителството ќе може да утврди одговорност за пропустите кои довеле до трагичните последици“, се додава во соопштението.
Од Обвинителството наведуваат дека несреќата има апсолутен приоритет во нивното постапување и оти во соработка со полицијата била подигната целата документација од сите надлежни институции и поединци, чија детална анализа е во тек.
Откако на 1 ноември при уривањето на бетонската настрешница на реновираната железничка станица во Нови Сад загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени, дел од граѓаните, активистите и опозицијата ја повикуваат власта на одговорност.
Беа одржани повеќе протести на кои се бара утврдување на кривична одговорност за несреќата, како и оставка на српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Неколку дена по несреќата оставка поднесе само министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.
Меѓу барањата кои произлегоа од протестите е и објавување на сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, а се бара и контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати и реализирани во последните десет години во Србија.
види ги сите денешни вести
Недостигаат лекари во руралните места, од ФЗО најавуваат олеснување на критериумите и зголемување на капитацијата

Од 96 планирани матични лекари во руралните подрачја, функционираат само 44, алармира генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој ги повика младите доктори да дадат предлози за измени во правилникот кој ја регулира нивната работа за да се подобрат условите за отворање ординации во руралните места и да се поттикнат лекарите да работат како рурални матични лекари.
Добиените предлози ќе бидат разгледани од посебна комисиија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива.
На 6 октомври министерот за здравство Азир Алиу ќе го објави пакетот од 12 закони за кои се планира во наредниот период да се направат нивни измени и дополнувања на законската регулатива.
Клековски вели дека тоа што Фондот може да го направи е да се олеснат критериумите и да се зголеми финансирањето.
„Ако треба друг тип промени тоа ќе мора да оди преку законски измени. Многу набрзо ќе мора да размислуваме за малите места кои не се дефинирани како рурални. Во Ресен има само тројца матични лекари. Демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствуваме, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението“, предупреди Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Клековски истакна дека имаат дотации кои не зависат од бројот на осигуреници и за руралните подрачја има посебно плаќање кое е независно од бројот на осигуреници.
Од ФЗО појаснуваат дека една од можностите е понатаму да го либерализаат тој дел, односно да ги зголемат дотациите независно, бидејќи главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, односно ниски примања.
Недостигот на лекари е еден од многуте проблеми со кој се соочува здравствениот систем во државава. Покрај неисполнетоста на руралните амбуланти, последните статистики покажуваат дека од лани досега, вкупниот број на лекари во државата се намалил и тоа за 509, според бројот на активни лиценци во Лекарската комора.
Радио Слободна Европа неодамна пишуваше дека доктори специјалисти недостасуваат на речиси сите клиники во Скопје и во многу болници низ државата. Загрижува фактот што за една година има 125 лекари помалку од специјалностите што и онака, најмногу недостасуваат во болниците.
Шпанија на пат да го направи абортусот уставно право

Шпанската влада планира да ги вметне правата за абортус во Уставот, во услови на она што го нарекува глобален напад врз репродуктивните слободи, изјави премиерот Педро Санчез.
Доколку се усвои, Шпанија ќе стане втората земја во светот што уставно го гарантира правото на абортус, откако Франција го стори тоа минатата година. Оваа година, Шпанија одбележува четири децении откако абортусот беше декриминализиран.
„Со оваа влада нема да има назадување кога станува збор за социјалните права“, напиша Санчез на социјалната мрежа X.
Коалициската влада на социјалистичко-тврдокорната левица дополнително ги зацврстува прогресивните и феминистичките политики за да го мобилизира својот електорат, додека анкетите покажуваат растечка поддршка за крајно десничарската партија Вокс.
Реформата бара поддршка од три петтини од Долниот дом на парламентот, што значи дека ќе биде потребна и поддршка од пратениците од редовите на конзервативната опозициска Народна партија (ПП).
Владата, исто така, сака да го промени законот за абортус за да ги спречи жените кои сакаат да ја прекинат бременоста да добиваат лажни информации кои можат да влијаат на нивната одлука.
Според соопштението од канцеларијата на премиерот Санчез, изменетиот закон ќе ги обврзе здравствените власти да им обезбедат на жените информации за абортус само врз основа на објективни научни докази, во согласност со стандардите на институции како што се Светската здравствена организација или Американската психијатриска асоцијација.
Овој потег доаѓа откако градскиот совет на Мадрид претходно оваа недела донесе мерка со која ги обврзува здравствените служби да ги информираат жените кои размислуваат за абортус за таканаречениот „синдром по абортус“. Мерката беше предложена и усвоена од десничарските, конзервативни партии.
Според тврдењата на партијата Вокс, синдромот, чие постоење нема научен консензус, наводно води до употреба на алкохол и дрога, самоубиствени мисли или дури и рак на женскиот репродуктивен систем.
Застапниците на репродуктивните права велат дека глобалните напори за ограничување на репродуктивните слободи на жените се интензивирале откако Врховниот суд на САД ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ од 1973 година, со која се призна уставното право на абортус.
Израелската морнарица го пресретнала последниот брод од флотилата за помош за Газа

Активистите од Глобалната флотила „Сумуд“, кои се обидоа да испловат кон Појасот Газа носејќи хуманитарна помош, денеска (3 октомври) изјавија дека израелската морнарица го пресретнала последниот од нејзините бродови, кратко пред да стигне до блокираната крајбрежна територија.
„Маринет, последниот преостанат брод од Глобалната флотила Сумуд, беше пресретнат во 10:29 часот по локално време, на приближно 42,5 наутички милји од Газа“, соопштија организаторите на флотилата во соопштението.
Видео објавено од пропалестинската група го прикажува израелскиот брод како се приближува кон бродот на активистите, пред снимката да заврши додека војниците се качуваат на бродот.
Според извештаите, бродот имал технички проблеми и се движел зад флотата. Морнарицата веќе ги запрела останатите 42 брода на флотилата во Медитеранот.
Израелските власти приведоа повеќе од 400 членови на екипажот од десетици земји, вклучувајќи ја и шведската активистка Грета Тунберг и соопштија дека ќе бидат вратени во нивните матични земји.
Активистите сакаа директно да достават хуманитарна помош до населението на Појасот Газа и да протестираат против воената кампања на Израел на затворената територија.
Тие ја отфрлија понудата на Израел да ги насочува испораките до Газа преку израелските пристаништа, велејќи дека израелската блокада на Појасот Газа е нелегална.
Според извештаите, уште една пропалестинска флотила веќе ја напуштила Европа и се движи кон Појасот Газа. Се наведува дека деветте бродови биле во близина на брегот на Крит во петок наутро (3 октомври).
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од Апелацискиот суд

Судскиот Совет го разреши од функција, судијата од Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети.
Судскиот совет донесе решение со кое го разреши Беџети, наведувајќи дека е утврдена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција.
Инаку Беџети, заедно со поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, пред неколку месеци беше ставен на таканаречената црна листа на САД. Како причина беше наведено тоа што примал мито и одолговлекувал предмети поврзани со поранешниот прв човек на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети на 26 мај донесе одлука за негово разрешување.
Беџети ја обжали одлуката, по што Врховниот Суд на денешната седница донесе одлука со која го потврди решението од мај годинава.
Финскиот суд го отфрли случајот против екипажот за прекинатите кабли во Балтичкото Море

Финскиот окружен суд пресуди дека нема надлежност да ги гони капетанот и двајцата офицери на танкерот за нафта „Игл С“, кои се обвинети за прекинување на подводните енергетски и интернет кабли во Балтичкото Море минатата година.
Финска соопшти дека „Игл С“ е дел од руската флота во сенка составена од танкери што ги користи Русија за да ги заобиколи санкциите за нејзиниот извоз на нафта.
Инцидентот од 25 декември беше еден од низата прекини на каблите и гасоводите во Балтичкото Море откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, ставајќи ги силите на НАТО во регионот во состојба на висока готовност. Русија негираше вмешаност во прекинувањето на каблите.
Судењето беше меѓу првите судски обиди за казнување на осомничените сторители за оштетување на критичната подводна инфраструктура, но е комплицирано од одредбите на меѓународното поморско право и тежината за докажување на криминална намера. Тројцата членови на екипажот ги негираа обвиненијата.
„Окружниот суд денеска донесе пресуда со која се отфрла обвинението во случајот заедно со барањата за отштета што произлегуваат од обвинението, бидејќи во конкретниот случај не беше можно да се примени финскиот кривичен закон “, се вели во соопштението на судот.
Според Конвенцијата на Обединетите Нации за правото на морето, овластувањето за гонење на какво било кривично дело е на државата на знамето на бродот или на матичните земји на обвинетите, додаде судот.
Бродот пловел под знамето на Куковите Острови.
Танкерот, кој превезуваше руска нафта, го влечеше своето сидро 90 км (56 милји) преку морското дно на Финскиот Залив, прекинувајќи го финско-естонскиот кабел за напојување Estlink 2 и четири интернет линии, соопштија обвинителите.
Финска ги обвини грузискиот капетан, како и грузискиот прв офицер и индискиот втор офицер, за тешко кривично дело и тешко мешање во телекомуникациите.
Обвиненијата се темелеа на обвинувања за груба небрежност од страна на екипажот во врска со лошата состојба на витлото за сидро на бродот, наместо на цврсти докази дека сидрото било намерно фрлено за да предизвика штета, покажаа судските документи.
Обвинетите на судењето изјавија дека сидрото на бродот паднало незабележано поради технички грешки во витлото кое требало да го држи на место.
Тие, исто така, ги отфрлија барањата на сопствениците на кабелот за десетици милиони евра отштета.
Обвинителот побара од судот да ги осуди обвинетите на минимум две и пол години затвор поединечно.
Судот ги укина забраните за патување на обвинетите на крајот од судењето во септември и оттогаш тие ја напуштија Финска.
Поради забележани дронови, откажани летови на аеродромот во Минхен

Летовите на аеродромот во Минхен биле откажани синоќа (2 октомври) поради забележани дронови, соопштија рано утринава аеродромските власти и германската полиција.
Според полицијата, неколку лица пријавиле дека виделе дрон во близина на аеродромот, а подоцна биле забележани и над самиот аеродромски простор. Првично не било јасно дали станува збор за еден или повеќе дронови, јави ДПА.
Поради безбедносни причини, пистите на аеродромот биле затворени доцна синоќа. Како што соопштија од аеродромот, безбедноста на патниците е најголем приоритет во случаи кога ќе се забележи дрон.
Вкупно 17 летови не можеле да полетаат, што погодило речиси 3000 патници.
Дополнително, петнаесет слетувања закажани за Минхен биле пренасочени кон аеродромите во Штутгарт, Нирнберг, Виена и Франкфурт.
Државни и федерални службеници, како и полициски хеликоптер, го пребарале подрачјето во потрага по дронови и сомнителни лица, но не пронашле ништо.
Инаки инцидентот ањ случува додека во Минхен се одржува светски познатиот пивски фестивал Октоберфест, кој трае до недела (5 октомври).
Нарушувањата доаѓаат во време кога Европа е во состојба на зголемена готовност по неодамнешните инциденти со дронови, вклучувајќи ги и забелешките над критична инфраструктура во северна Германија, како и околу аеродроми во Данска и над воената база Орланд во Норвешка, каде што се стационирани борбените авиони Ф-35 произведени во Соединетите Држави.
Вучиќ не верува дека САД ќе го прифатат предлогот на Русија за НИС

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се точни медиумските извештаи дека Русија им понудила на САД да преземат дел од акциите на Српската нафтена индустрија (НИС) се точни, но дека тој не верува дека тоа ќе го реши проблемот со санкциите.
По самитот на Европската политичка заедница на 2 октомври, Вучиќ изјави дека „не е сигурен“ дека САД, кои воведоа санкции врз НИС поради неговото мнозинско руско сопствеништво, ќе го прифатат предлогот на Москва.
Предлогот, исто така, вклучува и купување на одредена количина американска нафта од страна на НИС што би се испорачувала преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).
„Некој мора да каже дали Американците ќе го прифатат ова. Не сум сигурен за тоа, но се надеваме дека ќе го прифатат“, рече Вучиќ.
„Не мислам дека Американците ги бараат своите финансиски интереси, мислам дека се игра поголема игра, но би сакал да грешам. Би сакал Русите да пронајдат магична формула за решавање на овој проблем. Дали верувам во тоа и дали сум сигурен? За жал, се плашам дека мојот нос добро препознава тешки ситуации“, додаде тој.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на 2 октомври изјави дека руските претставници одржуваат близок контакт со своите српски колеги и разговараат со САД за прашањето за санкции против НИС.
САД воведоа санкции врз Српската нафтена индустрија во јануари поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, но го одложуваа нивното стапување во сила секој месец.
Досега, санкциите беа одложувани шест пати, последниот пат до 1 октомври, а потоа, рокот за спроведување на санкциите беше продолжен за уште осум дена - до 8 октомври.
Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.
Иако сопственичката структура на НИС се промени неколку пати, таа сè уште е во мнозинска сопственост на руски компании. „Газпром“ го напушти НИС во септември, а друга компанија управувана од „Газпром“ - „Интелиџенс“ од Санкт Петербург - стана еден од значајните сопственици.
Акционерското друштво „Интелиџенс“ стана сопственик на 11,3 проценти од компанијата, според податоците објавени на веб-страницата на Белградската берза на 21 септември.
Најголемиот удел во НИС сè уште го држи „Газпром Нефт“, подружница на „Газпром“ (44,9 проценти), а државата Србија има 29,9 проценти. Останатите акции ги поседуваат мали акционери.
Европските лидери и Зеленски се сретнаа во Данска, Русија ги напаѓа украинските железници

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 2 октомври се среќава со европските лидери во Данска на самит за безбедност и одбрана, откако Русија ги продолжи нападите врз Украина, погодувајќи железничка станица во Одеса.
„Русија се обидува секој ден да уништи еден од темелите на отпорноста на Украина - нашата инфраструктура, која ја држи земјата обединета“, напиша украинскиот министер за територијален развој Олексиј Кулеба на Телеграм.
Кулеба рече дека нападот во Одеса повредил машиновозач, кој претрпел рани од шрапнели. Тој рече дека друг напад ја погодил инфраструктурата на северот од земјата, предизвикувајќи доцнења во железничките операции во регионите Чернихив и Суми.
Тој додаде дека напади со ракети и беспилотни летала се пријавени и во украинските региони Киев, Дњепропетровск и Запорожје.
Зеленски, кој пристигна во Копенхаген на европскиот самит за одбрана како одговор на неодамнешните беспилотни летала што го нарушија воздушниот сообраќај во Данска, посочи дека Русија може да го наруши воздушниот простор „каде било“.
Додека полскиот премиер Доналд Туск на истиот состанок изјави дека руските провокации во Балтичкото Море се случуваат „скоро секој ден“, Зеленски повика на одговор, сугерирајќи дека на Европа ѝ е потребна одбранбена сила која „знае како да се справи со беспилотните летала“.
„Ако Русите се осмелат да лансираат беспилотни летала против Полска или да го нарушат воздушниот простор на северноевропските земји, тоа значи дека тоа може да се случи насекаде... Ни треба брз и ефикасен одговор“, им рече Зеленски на присутните лидери.
Данската премиерка Мете Фредериксен, која е домаќин на самитот, претходно ги нарече упадите со беспилотни летала во европските земји „хибридна војна“, велејќи дека ја гледа Украина како „прва линија на одбрана“.
„Од европска перспектива, постои само една земја која е подготвена да ни се закани, а тоа е Русија - и затоа ни треба многу силен одговор“, рече Фредериксен пред состанокот.
Самитот во Копенхаген доаѓа во време кога изгледите за мир изгледаат подалечни од кога било и додека руската инвазија врз Украина се приближува кон својата четврта годишнина.
Иако напорите на САД за посредување за мировен договор постигнаа мал напредок, позициите на Украина и Русија остануваат одвоени. Американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да организира трилатерален самит или средба лице в лице меѓу рускиот и украинскиот претседател.
Муртезани: По изборите Владата ќе преземе конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска изјави дека постои сериозна одлучност кај премиерот и Владата веднаш по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија.
На заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот фински колега Јоаким Странд, Муртезани нагласи дека веќе постојат конкретни размислувања како тоа да се направи, но избегна да открие детали поради изборната кампања.
„Претседателот на Владата во неколку наврати јавно изјави дека по завршувањето на изборите, односно со почетокот на Новата година, се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Во моментов, се што ќе кажеме може да се стави во одреден контекст и да му наштети на процесот. Она што е важно е дека постои сериозна одлучност и заинтересираност за решавање на проблемот“, рече Муртезани.
Тој додаде дека фокусот сега е на изборната кампања, а по нејзиното завршување размислувањата ќе добијат форма на конкретни предлози.
На средбата со финскиот министер Јоаким Странд, двајцата разговарале за односите меѓу Северна Македонија и Финска, за кои беше нагласено дека имаат динамика, континуитет и иднина што се гради врз доверба и заеднички европски вредности.
Муртезани го информираше својот колега и за процесите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој, како што посочи, не е само финансиски инструмент, туку и стратегија што ја приближува економијата и институциите на земјата до ЕУ уште пред членството.
Двајца мртви во напад во близина на синагога во Манчестер

Две лица денеска беа убиени откако вооружен човек наводно со автомобил удрил во пешаци и избодел чувар во близина на синагога во Манчестер, северозападна Англија, соопшти британската полиција, додавајќи дека полицајците го застрелале осомничениот.
Полицијата соопшти дека полицајците биле повикани во синагогата на Хебрејската конгрегација Хитон Парк во северниот манчестерски округ Крамсол, откако сведок рекол дека видел автомобил како се движи кон луѓе и дека еден маж бил избоден.
Вооружени полицајци одговориле и човекот за кој се верува дека го извршил нападот бил застрелан, соопшти полицијата на Голем Манчестер во соопштението.
Две лица се потврдени дека се мртви, а тројца се во сериозна состојба. Се верува дека и осомничениот е мртов, но полицијата соопшти дека ова не може да се потврди „поради безбедносни проблеми во врска со сомнителните предмети на него“.
Повикана е единица за деактивирање бомби која сега е на местото на настанот, соопшти полицијата.
Видео објавено на социјалните медиуми и потврдено од Ројтерс покажува како полицијата пука во маж во синагогата, додека друг маж лежи на подот во локва крв, изгледајќи како да носи традиционална еврејска капа.
Полицијата претходно соопшти дека извештаите укажуваат дека чуварот бил нападнат со нож.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете