Достапни линкови

Вести

Отворена истрага за безбедносниот настан на небото над Скопје на 7 септември

илустрација
илустрација

Во пропишаниот рок, поднесена е пријава за безбедосниот настан на небото на Скопје што се случи на 7-ми месецов и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините, информира денеска (13 септември) Давателот на навигациски услуги М-НАВ, по објавите за избегнат инцидент во судир на два авиона.

Од М-НАВ потенцираат дека таквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија.

„На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури“, наведе М-НАВ во соопштение.

Претходно од АЦВ за МИА потврдија постапуваат по настан пријавен од Давателот на навигациски услуги М-НАВ.

„Давателот на навигациски услиги М-НВ уредно го пријави настанот и АЦВ ќе постапи по истиот“, изјавија од АЦВ.

Порталот СДК.мк, повикувајќи се на сајтот за следење летови Флајтрадар24, објави дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18:32 часот.

види ги сите денешни вести

Британски санкции за балкански банди поради криумчарење на луѓе

Британскиот премиер Кир Стармер пристигнува на самитот со лидерите на Западен Балкан, 22 октомври 2025 година.
Британскиот премиер Кир Стармер пристигнува на самитот со лидерите на Западен Балкан, 22 октомври 2025 година.

Велика Британија во средата воведе санкции против, како што наведе, балкански криминални банди кои се вклучени во продажба на лажни пасоши што се користат во трговијата со луѓе, како и против неколку лица вмешани во финансирање на илегални миграции.

На членовите на бандите и сомнителните финансиери кои овозможуваат криумчарење луѓе — вклучувајќи и група од Косово која фалсификува пасоши — им е забранет влез во Велика Британија и се исклучени од британскиот финансиски систем, во рамки на мерките на владата против бандите што ја експлоатираат западнобалканската рута за илегални миграции.

„Постои криминална рута низ Западен Балкан која носи илегални мигранти во Велика Британија, и решени сме да ја запреме преку соработка со европските партнери“, се наведува во соопштението на премиерот Кир Стармер пред Самитот во Лондон со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Британската влада издаде соопштение во пресрет на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, што го организира премиерот Кир Стармер. На собирот, на кој учествуваат лидерите на Западен Балкан и други европски земји, се разговара за регионалната соработка, илегалните миграции, европската безбедност и економскиот развој.

Британската Влада соопшти дека санкциите објавени во среда претставуваат најнов пример за соработка со земјите од Западен Балкан во борбата против организираниот криминал поврзан со миграцијата, додека премиерот ги пречекува европските лидери во Лондон.

Во соопштението се наведува дека британската Влада го попречила клучниот пат за илегална миграција во Велика Британија „со санкционирање на банди кои ја експлоатираат рута преку Западен Балкан и на финансери кои обезбедуваат опрема за мали чамци“.

Санкциите во среда, како што наведува британската влада, со поддршка на косовските власти, се насочени кон „Красниќи“ — мрежа за фалсификување: криминална банда од Косово која имала софистицирана лабораторија за фалсификување и изработка на лажни документи.

Санкции се воведени и против Нусрет Сеферовиќ, чија банда снабдувала лажни хрватски пасоши на балканските банди.

Додаваат дека Велика Британија дополнително ќе санкционира неколку меѓународни финансери поради нивната улога во поддршка на криумчарите на луѓе, вклучувајќи ја и ALPA Trading FZCO, која обработува пари за бандите на криумчари.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер наведе во соопштението дека Западниот Балкан е „главна транзитна рута за безмилосните банди на криумчари кои тргуваат со човечкото страдање“.

Порано овој месец, британскиот министер за надворешни работи најави инвестиција од 10 милиони фунти (11,5 милиони евра) за борба против криумчарењето луѓе низ Западен Балкан и други региони ширум светот.

Тие средства треба да овозможат низа иницијативи, вклучувајќи подобрена обука за органите за спроведување на законот на Косово, засилени гранични безбедносни мерки и проширени услуги за поддршка на лица изложени на ризик од трговија со луѓе во Србија.

ЕП усвои резолуција за „поларизацијата и зголемената репресија во Србија“

Гласање во Европскиот парламент, архивска фотографија.
Гласање во Европскиот парламент, архивска фотографија.

Европскиот парламент во средата усвои резолуција за поларизацијата и репресијата во Србија, со која се поддржува правото на студентите и граѓаните на мирни протести, остро се осудува бранoт на насилство под покровителство на државата, застрашувањата и неселективните апсења.

Во резолуцијата под наслов „Поларизација и зголемена репресија во Србија, една година по трагедијата во Нови Сад“, се оценува дека српското раководство е политички одговорно за ескалацијата на репресијата, нормализирањето на насилството и слабеењето на демократските институции во земјата, пренесе агенцијата Бета.

Резолуцијата беше усвоена со 457 гласови „за“, 103 „против“ и 72 воздржани на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

Во резолуцијата, за која европратениците расправаа во вторникот, се осудуваат и дејствијата на владејачката Српска напредна партија (СНС) во организирањето на шаторската населба во Пионерскиот парк, како и произволното и политички мотивирано користење на претседателски помилувања за лица обвинети за насилство врз студенти.

Меѓу другото, се наведува дека европратениците го поддржуваат испраќањето на ад хок мисија за утврдување на фактите во Србија, со учество на Европскиот парламент, и се повикува Европската комисија да покрене иницијатива за целни индивидуални санкции против одговорните за сериозни прекршувања на законите и човековите права во Србија.

Европската комесарка, Марта Кос за време на расправата во вторникот, изјави дека Европската унија очекува полициското постапување и интервенции на протестите да бидат пропорционални и дека ќе се почитуваат основните граѓански права.

„Приоритетно е да се истражат сите наводи за прекумерна употреба на сила“, додаде таа.

Како што рече, Брисел го осудува секој акт на омраза, вандализам или насилство на протестите и ги повикува сите страни на смирување на тензиите.

„Од кандидатите за членство во ЕУ очекуваме да ги почитуваат сите вредности кои се наша основа – почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата и владеењето на правото“, истакна таа.

Таа додаде и дека Србија треба да се придржува до слободата на собирање, слободата на медиумите и академските слободи.

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пикула, изјави за време на дебатата во вторникот дека резолуцијата не претставува напад врз Србија.

Тој оцени дека Европа не ја изневерила Србија, туку дека власта во Србија ги изневерила своите граѓани.

„Трагедијата во Нови Сад покажа дека корупцијата не е обичен криминал – корупцијата ги уништува институциите и одзема животи“, наведе тој.

Ана Тришиќ Бабиќ официјално именувана за вршителка на должноста претседателка на Република Српска

Ана Тришиќ Бабиќ ќе ја извршува функцијата в.д. претседателка на Република Српска до одржувањето на предвремените избори закажани за 23 ноември (фото: архива).
Ана Тришиќ Бабиќ ќе ја извршува функцијата в.д. претседателка на Република Српска до одржувањето на предвремените избори закажани за 23 ноември (фото: архива).

Одлуката за именување на Ана Тришиќ Бабиќ за вршителка на должноста претседателка на Република Српска е објавена во Службениот весник на овој ентитет во среда, 22 октомври.

Собранието на РС ја донесе одлуката за нејзиното именување четири дена претходно, а е предвидено таа да стапи на сила ден по објавувањето во Службениот весник.

Во објавата се наведува дека со одлуката престанува функцијата на досегашниот претседател на РС, и дека мандатот на Тришиќ Бабиќ трае до изборот на нов ентитетски претседател.

Со оваа одлука првпат официјално е потврдено дека Милорад Додик повеќе не е претседател на Република Српска, откако му беше одземен мандатот во средината на август поради пресуда со која му е забрането да извршува јавни и политички функции во наредните шест години.

Американскиот Стејт департмент ја пофали одлуката на Народното собрание на Република Српска за именување на Ана Тришиќ Бабиќ за вршителка на должноста претседателка на РС, како и повлекувањето на сепаратистичките закони на истата седница, кои претходно беа поништени од Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Во соопштението се наведува дека овој чекор е резултат на напори предводени од Соединетите Американски Држави со цел смирување на политичката криза во Босна и Херцеговина.

Додик досега одбиваше да поднесе оставка и продолжи да ги извршува должностите и да патува во странство во својство на претседател на босанскохерцеговскиот ентитет. Тој поднесе жалба на пресудата на државниот суд до Уставниот суд.

Министерството за финансии на САД соопшти во петокот, 17 октомври, дека четворица сојузници на Додик се отстранети од листата на санкции.

САД и Обединетото Кралство го санкционираа Додик поради попречување на одредбите од Дејтонскиот мировен договор, со кој беше завршена војната во Босна во 1990-тите, како и од страна на неколку европски земји кои тврдат дека неговата сепаратистичка политика го загрозува мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина.

До кога ќе трае мандатот на в.д. претседателката?

Ана Тришиќ Бабиќ, блиска сојузничка на Додик, ќе ја извршува функцијата еден месец, до одржувањето на предвремените претседателски избори во Република Српска на 23 ноември.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина на 1 октомври ги потврди кандидатурите на пет политички партии и двајца независни кандидати за предвремените избори за претседател на Република Српска (РС) од редот на српскиот народ, кои ќе се одржат на 23 ноември.

Политичките партии што поднесоа кандидатури се: Сојуз на независни социјалдемократи на Милорад Додик, Сојуз за нова политика, Еколошка партија на Република Српска, За правда и ред – Листата на Небојша Вукановиќ и Српската демократска партија.

Независните кандидати што поднесоа кандидатури се: Славко Драгичевиќ и Игор Гашевиќ.

Рокот за пријавување беше 29 септември.

Предизборната кампања ќе трае од 8 до 22 ноември.

Предвремените избори во овој босанскохерцеговски ентитет ќе чинат околу 3,3 милиони евра, а средствата се обезбедени од државното Министерство за финансии.

ЕБОР: Жените се позагрижени за климата, но имаат помал пристап до зелените кредити

Климатски промени/Илустрација
Климатски промени/Илустрација

Во Северна Македонија, жените имаат банкарски сметки и кредитни картички на исто ниво како мажите, но имаат добиено само 28 отсто од кредитите достапни преку Програмата за финансирање на зелена економија (Green Economy Financing Facility– GEFF). Ова го нотираше истражувањето на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Резултатите покажуваат дека соодносот е скоро 10 милиони евра зелено кредитирање помалку за жените.

Според истражувањето, жените покажуваат поголема загриженост за климата и инвестираат повеќе, а сепак имаат помал пристап до зелените кредити. При тоа, младите жени се соочуваат со дополнителни бариери за пристап до кредитирањето, најчесто заради договори за привремено вработување, породилно отсуство, неплатена грижа за блиски, кои го лимитираат нивното учество во формалниот пазар на труд. Овие структурални измени придонесуваат жените да имаат помала финансиска инклузивност и намален пристап до можностите за зелени инвестиции.

Според податоците во истражувањето, жените кои подигнуваат кредити, позајмуваат поголеми суми од просечната сума на кредити, преку Програмата за финансирање на зелена економија.

Просечната големина на кредитот кај жените е 8.529 евра, што е значително над просекот на програмата од 5.605 евра. Ова е индикатор дека жените прават значајни инвестиции, кога за тоа ќе добијат можност – наведуваат од ЕБОР.

Вo студијата се истакнува и силен деловен аспект за проширување на зелените финансии за жените.

Жените демонстрираат силна климатска свест, а 74 отсто изразуваат загриженост за ризиците поврзани со климата во споредба со 61 отсто од мажите.

И покрај тоа, жените остануваат помалку претставени во зеленото финансирање. Овие резултати укажуваат на значајна можност за финансиските институции за проширување на нивните пазари, преку справување со бариерите специфични за полово креираните производи, кои ги задоволуваат потребите на жените.

„Ова истражување е важно затоа што со подобрување на собирањето на податоци и истакнување на половиот диспаритет, може да се помогне во натамошното кревање на свесноста околу оваа работа и подобрување на учеството на жените во зелената економија“, истакна Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија при презентирањето на резултатите од истражувањето.

Претставничката од Европската Делегација, Мари Маделеин Канелополу, пак, истакна дека половата еднаквост е фундаментална компонента на сите политики на Европската Унија имплементирани во Северна Македонија, со која, како што рече, се овозможува усогласување со целите на климатска неутралност со родовата еднаквост, и се поттикнува оддржлив развој.

„Со вакви податоци се овозможува да знаеме кои се пазарните потреби, кои се пречките за женските претприемачи и како заеднички можеме да изградиме капацитет за поддршка на полово одговорни климатски акции во иднина“, додаде таа.

Програмата за финансирање на зелена економија на ЕБОР пласира финансиска поддршка во земјава од 2017 година, обезбедувајќи финансирање за сопственици на домови, за инвестиции во технологии кои заштедуваат енергија, во соработка со локалните партнерски банки.

Истражувањето ги утврдува резултатите и тенденциите на кредитирање преку програмата, која до денес има поддржано скоро 5.000 сопственици на домови, во инвестиции на енергетска надградба во нивните живеалишта.

Полово базираната проценка нуди препораки на финансиските институции во надминување на бариерите на жените во пристап за климатско финансирање, вклучувајќи користење на полово прилагоден маркетинг и информативни канали, како и зголемување на свеста за можностите за финансирање прилагодени според потребите на жените.

Програмата за финансирање на зелена економија на ЕБОР на Западен Балкан е ко-финансирана од Европската Унија.

Димитровски: Не размислуваме за кампови за враќање на одбиени баратели на азил

 Конференција за миграции во Виена
Конференција за миграции во Виена

Северна Македонија, како и земјите од Западен Балкан, е дел од Европа и нејзините политики, а не простор надвор од нејзините граници. Во таа насока, нашата држава ниту размислува ниту поддржува идеи за отворање кампови за враќање на одбиени баратели на азил. Ова го истакнал заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој учествува на годишната Конференција за миграции во Виена (Vienna Migration Conference).

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека организатор на Конференцијата е Меѓународниот центар за развој на миграциските политики – ИЦМПД.

Димитровски учествувал во разговор еден на еден со генералниот директор на ИЦМПД, Михаел Шпенделегер, посветен на предизвиците и можностите што ги носи променливата миграциска слика во регионот.

„За време на разговорот, беше нагласено дека Западен Балкан се наоѓа на уникатна пресвртница во управувањето со миграциите како регион кој истовремено е место на потекло, транзит и сè повеќе на дестинација за мигрантите. Овој динамичен контекст отвора нови предизвици, но и можности за економски развој, особено во услови на зголемена побарувачка за работна сила и недостиг на работници во клучни сектори“, стои во соопштението на МНРиНТ.

Димитровски при тоа, ја истакнал „важноста од градење партнерства со земјите на потекло за развој на одржливи модели на работна мобилност, подобрување на системите за враќање и намалување на нерегуларната миграција“.

Во разговорот било потенцирано дека овие процеси се во согласност со европските иницијативи како што се Пактот за миграција и азил како и Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кои го потенцираат значењето на соработката со земјите на потекло во делот на мобилноста, развојот на вештини и управувањето со враќањето на мигрантите.

На десеттата Виенска конференција за миграции присуствуваат повеќе од 250 носители на одлуки, владини претставници, експерти од областа на миграцијата, меѓународни организации, академската заедница и цивилното општеството кои прават напори за поврзување на миграциските текови со најсоодветните стратешки политики и решенија.

Тасевски: Контролорите за летање имаат право и овластување да штрајкуваат

 Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање
Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) има право да организира штрајк и за тоа има овластувања од гранковиот синдикат, а постапката за организирање на штрајкот најавен за 20. месецов што беше забранет со судско решение на барање на раководството на М-НАВ, е спроведена како што треба, за што има и соодветна документација, изјави денеска Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.

Тасевски ги оцени како паушални тврдењата што претходно денеска ги изнесе правниот застапник на М-НАВ Горан Николоски дека се издржани и законски аргументите со кои Основниот граѓански суд го забрани штрајкот што го најави овој синдикат на 20. месецов.

Николоски денеска рече дека „Судот правилно утврдил оти известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос, дека не е спроведена постапка за заштита од работен однос и оти ССКЛ како подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски нема правен легитимитет да организира, реализира и спроведува штрајкови“.

„Според законот се предвидува дека кој било синдикат вертикално, дали е тоа синдикат на работодавачи, синдикат на гранка или сојузот на синдикати има право да организира штрајк. Од тој аспект и ние имаме комплетно право. Во спротивно ниту еден синдикат во државава нема да може да повика на штрај, бидејќи со Законот за работни односи од 2014 година на сите синдикати им го земаа правниот легитимитет и ставија обврска да мора да бидеме дел од некоја гранка за да постоиме. Тоа го направија уште тогаш тенденциозно за да можат да влијаат врз работењето на синдикалните организации на ниво на работодавач“, реагираше Тасевски.

За тврдењето на адвокатот Николоски дека во известувањето за штрајкот не се наведени барања и оти го организира од лични интереси, Тасевски упати на претходно споделените документи за сите случувања околу штрајкот којшто овој Синдикат првпат го најави во 2023 година кога и беше потпишана Спогодба со којашто се стави во мирување, но поради неисполнување на точките повторно беше најавуван во неколку наврати.

Во дел од известувањето за последниот најавен штрајк на 20. октомври Тасевски рече дека пишува оти се бара спроведување на сите преостанати точките од Спогодбата.

„Од сите девет точки, три се реализирани, а шест не“, истакна Тасевски.

Претседателот на ССКЛ како аргумент на запазената постапка за штрајкот наведе и дека по упадот во М-НАВ во јануари 2024 година кога беше наложено да се провери работењето на Контролата на летање, Трудовиот инспекторат тогаш извршил увид и во ССКЛ и, како што рече, констатирал дека постапката е целосно запазена и оти нема никакви правни пречки.

ССКЛ бара почитување на Спогодбата потпишана по најавата за штрајк во 2023 година и состанокот во Министерството за транспорт од 12 октомври.

Клучни барања на ССКЛ се ангажирање консултантска фирма којашто професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието, вработување на стручни, а не, како што тврдат, партиски кадри на конкурсите за кои бараа поништување, како и подобри услови за работа.

Побаран притвор за шест лица и мерки за претпазливост за 15-тина за случајот со прилепската болница

Општата болница во Прилеп (архивска фотографија)
Општата болница во Прилеп (архивска фотографија)

Прилепското обвинителство побара притвор за шест лица и мерки претпазливост за 15-тина кои се приведени за случајот со Прилепската општа болница.

„Основното јавно обвинителство Прилеп до прилепскиот Суд за случајот со Општата болница во Прилеп поднесе предлози за притвор за шест лица, за 15-тина мерка за претпазливиост и за шест до седум правни лица (од Прилеп, Битола, Скопје) предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки“, изјави Јасмина Шишковска претседателка на Основен суд Прилеп.

Се очекува во Прилепскиот суд да бидат донесени приведените лица за случајот со финансиското работење на Прилепската болница.

Повеќе од 10 лица синоќа и утрово (22 октомври)се приведени во прилепската полиција за случајот со Општата болница во Прилеп во која финансиската полиција вршеше контрола за работењето во оваа институција. Во текот на денов приведените треба да бидат спроведени во Судот во Прилеп.

Управата за финансиска полиција вчера постапи по наредби и насоки на Основното јавно обвинителство од Прилеп. Во текот на вчерашниот ден се презедоа дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работата на прилепската болница.

Според Основното јавно обвинителство, од април годинава, се постапувало во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, а поврзано со финансиското работење на болницата. Дејства презела Управата за финансиска полиција и тогаш бил извршен претрес на осум локации во Прилеп.

Набрзо по стапувањето на функцијата, лани 2024 година, сегашниот директор на прилепската Општа болница „Борка Талески“, Кире Јоноски, во повеќе наврати на прес-конференција изјави дека биле забележани неправилности во финансиското работење на болницата и дека наследил долг од речиси 193 милиони денари.

Награда Сахаров за затворените новинари Поцобут и Амаглобели

Мзија Амаглобели и Анджеј Почобут
Мзија Амаглобели и Анджеј Почобут

Полско-белорускиот Анджеј Поцобут и грузиската новинарка Мзија Амаглобели кои моментално отслужуваат затворска казна за обвиненија поврзани со нивната работа во известувањето за демократијата и граѓанското општество, се годинашните добитници на наградата Сахаров.

Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент, составена од лидерите на политичките групи во комората и претседателката на законодавниот дом, Роберта Мецола, ги објави победниците на 22 октомври.

Српските студенти кои протестираат против владата во Белград повеќе од една година и новинарите и хуманитарните работници во Палестина, исто така, беа номинирани за наградата од 50.000 евра (58.000 американски долари).

Врвната награда на Европската Унија за човекови права е создадена во 1988 година во чест на рускиот научник и дисидент Андреј Сахаров и стана една од клучните алатки за односи со јавноста на комората, при што репресивните режими честопати ги напаѓаат европските пратеници поради номинациите и победниците.

Меѓу претходните лауреати се поранешниот јужноафрикански претседател Нелсон Мандела, рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и пакистанската активистка за образование Малала Јусафзаи.

Поцобут работел за неколку белоруски и полски публикации и бил еден од лидерите на политичката организација „Сојуз на Полјаците во Белорусија“, која го претставува полското малцинство во земјата. Како отворен критичар на режимот на долгогодишниот авторитарен владетел Александар Лукашенко, Поцобут постојано беше апсен од властите.

Уапсен во 2021 година како дел од политичката репресија врз опозицијата и граѓанското општество во земјата по измамничките претседателски избори претходната година, тој подоцна беше осуден на осум години затвор.

Иако на неговото семејство му се одбиени посети, постои надеж дека наскоро би можел да биде ослободен, бидејќи САД преговараат со Минск за ублажување на некои санкции во замена за ослободување на некои од илјадниците политички затвореници во земјата.

Наградата Сахаров претходно ја имаат добиено и опозицискиот политичар Александар Милинкевич, и Здружението на белоруски новинари и демократската опозиција во Белорусија, предводено од Свјатлана Циханоускаја.

Амаглобели, основач на независните медиуми „Батумелеби“ и „Нетгазети“, беше приведена на почетокот на 2025 година, а подоцна осудена на две години затвор за „отпор или употреба на насилство врз службеник за спроведување на законот“ за време на проевропски протест по контроверзните парламентарни избори во Грузија во октомври 2024 година.

Оттогаш, имаше бројни извештаи за нејзиното влошување на здравјето додека беше во затвор. Нејзината пресуда, осудена од ЕУ, европските и меѓународните федерации на новинари и десничарските групи, се смета за дел од поширока државна кампања за замолчување на неистомислениците и ограничување на слободата на изразување во Грузија.

Таа се смета за прва жена политички затвореник во Грузија од нејзината независност во 1991 година, но таа е исто така првата Грузијка што ја добива наградата.

Церемонијата на доделување на наградата ќе се одржи во Стразбур на 16 декември.

Венс вели дека претстои „тешка задача“ со разоружувањето на Хамас

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс предупреди дека претстојат предизвици и во однос на разоружувањето на Хамас (која САД и ЕУ ја означија како терористичка организација) и во однос на обновата на Газа, како дел од прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, постигнат со посредство на Соединетите Држави.

„Имаме многу, многу тешка задача пред нас, а тоа е да го разоружаме Хамас, но да ја обновиме Газа, да го направиме животот подобар за луѓето во Газа, но и да осигуриме дека Хамас повеќе не е закана за нашите пријатели во Израел“, рече Венс за време на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим.

Венс е во Израел за да ја зајакне поддршката за прекинот на огнот и плановите за повоена обнова, посредувани од американскиот претседател Доналд Трамп.

За време на прес-конференцијата во вторник во Кирјат Гат, град во јужен Израел каде што мисија предводена од САД го следи прекинот на огнот во Газа, Венс изрази „голем оптимизам“ дека примирјето ќе се одржи.

Тој рече дека Вашингтон нема да постави рок за разоружување на Хамас според договорот, и покрај загриженоста во Израел дека групата го искористила застојот во борбите за повторно да ја наметне својата контрола во Газа.

Во среда, Нетанјаху рече дека биле дискутирани идеи за „денот потоа“.

„Само создаваме неверојатен ден потоа со сосема нова визија за тоа како да имаме граѓанска влада, како да имаме безбедност таму, кој би можел да ја обезбеди таа безбедност таму. Нема да биде лесно, но мислам дека е можно, навистина создаваме мировен план и инфраструктура тука каде што ништо не постоеше дури ни пред една недела и еден ден“, рече израелскиот премиер.

Ванс рече дека договорот за Газа би можел да го отвори патот и за пошироки сојузи за Израел на Блискиот Исток.

„Мислам дека овој договор за Газа е клучен дел од отклучувањето на Аврамовите договори“, рече Венс, осврнувајќи се на серијата договори за нормализација меѓу Израел и неколку арапски земји во 2020 година.

„Но, она што би можело да се овозможи е структура на сојуз на Блискиот Исток што ќе истрае, што ќе издржи и што ќе им овозможи на добрите луѓе во овој регион, светот, да застанат и да ја преземат одговорноста за својот двор“, порача Венс.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 9 октомври објави дека Израел и Хамас постигнале договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците како дел од неговиот план за ставање крај на двегодишната војна во палестинската енклава.

Примирјето и размената на заложници и затвореници уследија по две години војна што прерасна во регионален конфликт, во кој учествуваа земји како Иран, Јемен и Либан, а воедно се продлабочи меѓународната изолација на Израел и се преобликува Блискиот Исток.

Курти подготвен да ги прими во Косово барателите на азил од Велика Британија

Британскиот крал Чарлс го поздравува вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, Лондон, Велика Британија, 21 октомври 2025 година
Британскиот крал Чарлс го поздравува вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, Лондон, Велика Британија, 21 октомври 2025 година

Премиерот на Косово во технички мандат, Албин Курти, изрази подготвеност неговата земја да ги прими барателите на азил кои беа одбиени од Обединетото Кралство, во замена за поддршка во областа на безбедноста.

Курти, кој е во Лондон за Самитот на Берлинскиот процес, за британскиот весник „Тајмс“ изјави дека „сакаме да му помогнеме на Обединетото Кралство“.

„Сметаме дека е наша пријателска и политичка должност. Имаме ограничен капацитет, но сакаме да помогнеме, а во моментов има редовна комуникација меѓу нашите тимови на државни службеници од Министерството за внатрешни работи и адвокати за тоа како да го направиме овој процес што е можно помирен и корисен за двете страни“, нагласи Курти.

Тој додаде дека Косово, пак, би сакало „првенствено да добие поддршка во областа на безбедноста, или преку стратешки договори, или преку опрема и проекти што можеме да ги спроведеме“.

„Секако, сакаме да имаме корист како земја, но пред сè сметаме дека е наша должност да ви помогнеме, бидејќи многу ни помогнавте и никогаш нема да го заборавиме тоа“, истакна тој.

Пред неколку месеци, Владата на Косово, во технички мандат, изрази подготвеност да разговара со Обединетото Кралство за изградба на центри за сместување на баратели на азил кои биле одбиени од таа земја.

Сепак, ова е прв пат тој отворено да понуди конкретна подготвеност за таков потег, а Курти ги даде овие коментари еден ден пред самитот, на кој ќе претседава британскиот премиер Кир Стармер, а на кој ќе учествува и тој.

Порано оваа година, Хјуман рајтс воч (HRW) ги повика Обединетото Кралство и Европската Унија да не го користат Балканот како „магацин за мигранти“.

Мајкл Боченек од таа организација во јуни за Радио Слободна Европа изјави дека Балканот станал цел на вакви планови од страна на помоќни држави од неколку причини.

„Земјите од Балканот немаат навистина ужасна историја на кршење на човековите права во споредба со другите земји што биле користени за вакви планови, како што се Руанда, Јужен Судан, Либија“, рече тој.

Неодамна, Косово се согласи да прими 50 мигранти од трети земји кои престојуваа во Соединетите Држави, додека во текот на октомври Косово беше споменато како можна локација за сместување на затвореници од Белгија.

Во сличен договор кој исто така предизвика критики, во 2022 година Косово и Данска се согласија да изнајмат 300 затворски ќелии во Казнено-поправниот дом во Гњилане, за сместување на странски затвореници кои ќе бидат депортирани од Данска по отслужувањето на казната.

За возврат, Косово ќе добие повеќе од 200 милиони евра, кои ќе бидат инвестирани во Корективната служба и проекти за обновлива енергија.

Се очекува првите затвореници од Данска да бидат префрлени во затворот во Гњилане во првата половина на 2027 година.

Претходно, Косово прими и околу 1900 авганистански државјани, кои беа евакуирани од Авганистан по враќањето на Талибанците на власт во 2021 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG