Екстремно загаден воздух, изразена енергетска сиромаштија, неефикасно управување со отпад и бавен напредок во енергетска транзиција нотира европскиот извештај за животната средина за 2025 година за Северна Македонија објавен од Европската агенција за заштита на животната средина.
Како што се наведува, овој извештај претставува најсеопфатната анализа на моменталната состојба и перспективите во областа на животната средина, климата и одржливоста, врз основа на податоци од 38 земји во Европа, меѓу кои и Северна Македонија.
Проценка за секоја од трите димензии - животна средина и клима, социо-економски промени и системски промени во енергијата, мобилноста и храната е подготвена од македонски експерти од Европската мрежа за информации и набљудување на животната средина, врз основа на 20 утврдени индикатори од Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) или Евростат. Анализираниот период е 17 години - од 2007 до 2023 година.
„Отровен“ воздух, несоодветни депонии
Околу 3.800 животи се губат годишно поради изложеноста на лош квалитет на воздухот и ова претставува 17,7% од вкупната смртност на населението, што ја прави Северна Македонија меѓу најзагадените земји во Европа. Економските загуби од овие ефекти изнесуваат меѓу 5,2% и 8,5% од бруто националниот производ според процените на Светската банка. Ова значи дека загадувањето на воздухот чини над половина милијарда долари годишно, пишува во делот на животна средина и клима.
Професорот, Драган Ѓорѓев вели дека токму еколошките фактори доминираат меѓу причините за малигните заболувања. Тој во интервју за Радио Слободна Европа, објасни што му се случува на организмот кога вдишуваме тешки метали како оние што беа измерени во воздухот по неодамнешниот пожар во објект за електронски отпад во Трубарево.
„Значи едно е да ги измериме, а за да го прецениме ризикот треба да знаеме и кој тип на отпад се одлага. Претпоставуваме дека комунален отпад, општо, отпад сигурно се одлага. Во тој отпад има пластика, пластиката исто дава токсични метали коишто можат да предизвикаат низа болести и некако пропратно на сите тие се тие тешки метали. Овие концентрации ако ги мерите за 24 часа, јас не знам како се изразени, дали на 24 часа или на час - се повисоки концентрации, меѓутоа точно да го знаеме ризикот, потребно е континуираност на експозицијата“, изјави Ѓорѓев.
Северна Македонија годишно регистрира над 7.200 нови случаи на сите видови рак, а според податоците на ИЈЗ смртноста е околу 3.780 годишно.
Во другите аспекти, извештајот нотира дека Северна Македонија е далеку од постигнување на целта за значително намалување на вкупното производство на отпад на национално ниво, иако се посочува дека државата развива нова стратегија и план за управување со отпад. Оценката е дека има одреден напредок во инфраструктурата за собирање и отстранување на отпад, но сегашниот систем останува несоодветен.
„Депонирањето останува примарен метод за отстранување на отпад, со ограничени капацитети за рециклирање и компостирање. Зависноста од депонирањето придонесува за загадување на животната средина, вклучително и контаминација на почвата и подземните води, како и емисии на стакленички гасови. Нелегалното фрлање, исто така, останува проблем, влошувајќи го влијанието на отпадот врз животната средина. Недостатокот на соодветна сегрегација на отпадот придонесува за ниски стапки на рециклирање. Далеку сме од постигнување на целта за значително намалување на вкупното генерирање на отпад“, се наведува во извештајот.
Дополнително, во извештајот е нотирано дека Северна Македонија нема национална цел за намалување на емисиите на стакленички гасови (со исклучок на користењето на земјиштето, промената на користењето на земјиштето и шумарството), но, за да се постигне целта на ЕУ до 2030 година, факторската промена треба да биде 12,3, што е најмалку шест пати повисоко од просечната факторска промена на ЕУ.
Енергетска сиромаштија - тројно над ЕУ просекот
Во делот на клучните трендови и проценки за социо-економските промени, податоците покажуваат дека енергетската сиромаштија погодува 23,85% од домаќинствата во Северна Македонија, што е значително над просекот на земјите- членки на ЕУ од 7,5%.
Во извештајот е нотирано дека „овој проблем е уште посериозен кога се знае дека 61% од домаќинствата користат дрва за греење, што дополнително придонесува кон загадувањето на воздухот и деградацијата на шумите“ и дека социјалните нееднаквости што ја отежнуваат зелената транзиција.
Кога станува збор за усогласувањето со стандардите на ЕУ за обновливата енергија и енергетската ефикасност, пишува дека Северна Македонија се усогласува со економските политики на Унијата, воведувајќи стимулации за проекти за обновлива енергија и подобрувања на енергетската ефикасност. Но, и за оваа сфера има забелешки.
„Пресвртница беше издавањето на првата Зелена обврзница во октомври 2023 година, во вредност од 10 милиони евра, за зелени иницијативи. Бруто додадената вредност на секторот за еколошки стоки и услуги порасна од 0,68% од бруто домашниот производ во 2020 година на 1,63% во 2021 година. Сепак, вработеноста во секторот (1,38%) останува далеку под просекот на ЕУ-27 (2,45%), што сигнализира неразвиен пазар. Уделот на обновливата енергија во бруто финалната потрошувачка на енергија беше само 17,8% во 2022 година, што ја истакнува континуираната зависност од фосилни горива и потребата од посилни инвестиции во обновливи извори на енергија“, стои во извештајот на ЕЕА.
Кога се работи за приватниот сектор, пак, анализата покажува дека „повеќето мали и средни претпријатија немаат ресурси за иницијативи за одржливост, често гледајќи на нив како на финансиски товар“.
Промени на системот
Третиот сегмент од извештајот се осврнува на „промена на системот“ - кој вклучува систем на исхрана, енергетски систем и систем на мобилност.
Производството на храна е обележано како трета најважна економска активност во Северна Македонија, при што се напоменува дека „усогласувањето со стандардите на ЕУ останува клучно за подобрување на квалитетот на храната и пристапот до пазарот, со тековни реформи за справување со предизвиците на интеграцијата во ЕУ“.
„Урбанизацијата и стареењето на населението се дополнителни оптоварувања за секторот, бидејќи 58% од луѓето живеат во градовите, додека руралните области, кои покриваат 89% од земјиштето, доживуваат економски нееднаквости. Земјоделството придонесува со 11% во бруто додадената вредност и вработува 14% од работната сила, а сепак ниските нивоа на продуктивност и приходи продолжуваат поради фрагментираните земјишни поседи и зависноста од мали семејни фарми. Производството на земјоделски култури, кое сочинува 76% од производството, се соочува со неефикасност од ограниченото усвојување на технологија и лошо управуваните синџири на снабдување со храна, особено за свежи производи“, пишува во извештајот.
Од Европската агенција за заштита на животната средина даваат и препораки. Тие се однесуваат на тоа дека одржливите земјоделски практики мора да дадат приоритет на заштитата на животната средина, социоекономската еднаквост и отпорноста.
„Зајакнувањето на задругите и земјоделските организации може да го подобри пристапот до пазарите, ресурсите и знаењето, овозможувајќи им на земјоделците да усвојат иновативни техники и да ја подобрат економската одржливост. Усвојувањето на обновлива енергија е исто така клучно, поддржувајќи ги напорите за намалување на еколошкиот отпечаток на земјоделството“, пишува во поглавјето за храна.
Системот на мобилност, пак, го анализира транспортот, наведувајќи дека планирањето на урбаниот транспорт во главниот град останува клучно, со фокус на спроведување одржлива мобилност без прекумерна зависност од кој било начин на патување.
„Очекувањата се дека велосипедската мрежа во Скопје ќе се зголеми за 30-50% во следните три години, а процентот на патувања со велосипед ќе се зголеми за 5%. Железничкиот сектор напредуваше со купување на две електрични повеќекратни единици, финансирани од заем од Европската банка за обнова и развој, за намалување на емисиите. Дополнително, беа набавени четири патнички дизел единици за замена на старите и застарени. Бројот на електрични возила за патен транспорт во земјата останува мал, со само 451 регистрирани во 2022 година“, пишува во извештајот.
Препораките се дека државата треба да се промовираат дополнителни стимулации за промовирање на транспортот на електрични возила и соодветен развој на инфраструктурата.