Достапни линкови

Пожар во таканаречениот „Чациленд“ пред српското собрание, Вучиќ оцени дека е тероризам


Пожарникари го гаснат пожарот пред Собранието на Србија, 22 октомври 2025 година.
Пожарникари го гаснат пожарот пред Собранието на Србија, 22 октомври 2025 година.

Пожар со многу чад избувна во среда во шаторска населба наречена „Чациленд“ пред Народното собрание на Србија во Белград.

Околу пладне, пожарот се смири по интервенцијата на пожарникарите, а чадот што се издигаше од шаторот речиси целосно исчезна, објави репортерката на РСЕ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го оцени инцидентот како терористички чин, објави агенцијата Бета.

На церемонијата по повод потпишувањето на договорот за доделување средства за купување селски куќи, Вучиќ рече дека ќе мора да го напушти состанокот поради „терористичкиот чин пред српскиот парламент“ и додаде дека ќе мора да „се справи со некои други работи во текот на денот“.

Службата за итни случаи претходно потврди дека едно лице е пренесено во Центарот за итни случаи.

Потоа на вонредна прес конференција, Вучиќ изјави дека пред Собранието на Србија бил извршен „страшен терористички напад“, додавајќи дека тоа е негова „политичка проценка“, а дека надлежните обвинителства ќе ја утврдат правната квалификација на инцидентот.

Уапсено едно лице поради пукање со огнено оружје

Полицијата пак, уапси еден маж под сомнение дека со огнено оружје ранил друг маж, додека пожарот беше изгасен до пладне. Главниот јавен обвинител, Ненад Стефановиќ соопшти дека лицето кое употребило оружје во „Чациленд“ е осомничено за кривично дело „убиство во обид“, пренесе агенцијата Бета.

Стефановиќ наведе дека по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, уапсен е В.А. (роден 1955 година), поради „постоење основи на сомнение дека по вербална расправија, поради различни политички ставови“, извадил огнено оружје кое го носел неовластено и испукал повеќе истрели од кои еден погодил друго лице, а еден погодил плинска боца која се наоѓала во близина, по што дошло до експлозија и пожар.

Неколку часа по прес-конференцијата на претседателот на државата, се огласи Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, наведувајќи дека околу 10:16 часот, непосредно пред парламентот, В.А., кој не бил учесник на собирот, влегол во еден од шаторите и испукал повеќе истрели кон М.Б. (1968) од огнено оружје.

Пожар во еден од шаторите пред Собранието на Србија, 22 октомври 2025 година
Пожар во еден од шаторите пред Собранието на Србија, 22 октомври 2025 година

„Во запалениот шатор не се наоѓало оружје, ниту муниција, освен оружјето и муницијата што ги внел осомничениот“, наведе МВР.

Вучиќ на прес-конференцијата изјави дека „пред Собранието, Владaн Анѓелковиќ извршил страшен терористички напад врз други лица и предизвикал општа опасност“.

Вучиќ изјави дека инцидентот претставува терористички акт затоа што било користено огнено оружје.

„За мене политичката мотивација е недвосмислена“, рече Вучиќ, наведувајќи дека напаѓачот ѝ рекол на полицијата дека го нервираат шаторите во центарот на градот.

Тој рече дека напаѓачот работел во државната безбедност до 1993 година и додаде дека не престојувал во „Чациленд“.

Вучиќ соопшти дека застреланиот Милан Богдановиќ е на операција.

Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, оцени дека пред Собранието се случил „тежок и политички мотивиран инцидент“, додавајќи дека Владата нема да дозволи било кој да го загрозува мирот, безбедноста и стабилноста на земјата.

Американската амбасада издаде безбедносно предупредување

По пукањето се огласи Амбасадата на САД, наведувајќи дека „се чини оти инцидентот е локализиран и дека нема познати закани за граѓаните на САД.“

Амбасадата им препорача на американските граѓани да го избегнуваат тој дел од градот.

Еден од шаторите беше целосно изгорен. На терен, градежни машини го расчистуваат местото каде што избувна пожарот.

Полициски службеници, членови на форензичката екипа и пожарникари беа на терен.

Полицијата го блокираше пристапот и не дозволуваше премин пред Собранието.

Пратеничката од опозициската Партија за слобода и правда, Мариника Тепиќ, на X напиша дека „некој пукал со огнено оружје, а потоа запалил оган одвнатре“.

Таа, исто така, објави видео на X кое се чини дека е преземено од српскиот парламент.

Радио Слободна Европа не може да ја потврди автентичноста на видеото.

Видеото ја прикажува акцијата на полицијата, а се слушаат и истрели.

Како настана „Чациленд“

Таканаречениот „Чациленд“ е создаден како шаторска населба во која живее група студенти „кои сакаат да учат“ и кои се спротивставуваат на блокадите на факултетот организирани од групи студенти кои бараат одговорност за падот на настрешницата на Железничката станица на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.

Шаторите беа поставени во Пионерскиот парк во близина на зградата на српското претседателство каде што работи шефот на државата и поранешен претседател на Српската напредна партија, Александар Вучиќ - три дена пред големиот студентски протест во Белград што се одржа на 15 март на плоштадот Славија.

Оттогаш, паркот во овој простор е недостапен за јавна употреба, опкружен е со метална ограда и постојано го чува полицијата.

„Чациленд“ е именуван по терминот „чаци“. Претходно, на портата на гимназијата „Јовина“ во Нови Сад се појави графит со печатна грешка „момчињата во училиштата“ ("ćaci u škole") со која непознатиот автор веројатно сакал да ги покани учениците да се вратат во училиштата кои потоа ја прекинале работата од солидарност на наставниците и учениците со учениците во блокадата.

Шаторската населба во паркот пред Претседателството на Србија беше проширена со заземање на улицата пред Собранието на Србија. Таа улица, една од најпрометните во главниот град на Србија, не е во функција од април, кога делот од плоштадот Никола Пашиќ до булеварот Крал Александар беше „окупиран“ од поддржувачите на владејачката СНС со шатори.

Потоа беа поставени бетонски барикади на пристапите.

XS
SM
MD
LG