Вести
Филипче: Згрешивме со измените на Кривичниот закон, да се донесе нов
Мора да имаме чест и да признаеме дека згрешивме со измената на Кривичниот законик. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа новиот предлог-закон кој почна да го подготвува работна група уште во 2017 во времето кога министерка за правда беше Рената Дескоска.
Вакво јавно признание и апел до власта упати новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, на првата прес-конференција што ја организираше во партиското седиште денеска (25 јули) откако на 30 јуни беше избран за нов претседател на партијата по најтешкиот изборен пораз на парламентарните избори на 8 мај.
Новиот Кривичен законик, кој Филипче апелира Владата на ВМРО-ДПМНЕ да го стави на јавна расправа, го подготвуваше експертска работна група предводена од универзитетскиот професор Владо Камбовски. Тој предлог, вели Филипче, е направен во целосна координација со меѓународните институции и како модел за него се користел германскиот Кривичен законик.
„Да видиме кој ќе биде одговорот затоа што Владата е таа што треба да го стави законот на јавна расправа. Согласно тоа, ние ќе ги направиме следните чекори“, рече Филипче.
Контроверзните измени на Кривичниот закон во септември лани кога власта беше во рацете на СДСМ и ДУИ, ги намалија казните за кривичните дела како што се злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери кои беа обвинети во постапки од Јавното обвинителство. Низа критики упати и Mеѓународната заедница, а последната беше во извештајот за владеење на правото што вчера го објави Европската комисија (ЕК).
Процесот на евроинтеграции е вратен 10 години назад
Дел од своето прво обраќање пред медиумите, лидерот на СДСМ посвети и на евроинтеграциите на земјата.
„Процесот е вратен 10 години назад, со ниеден потег Владата не покажа дека планира сериозно да се занимава со евроинтеграциите. Отворивме еден проблем кој целосно беше затворен – проблемот со Грција. ВМРО-ДПМНЕ сега вели ќе се решавало судски, а ние 20 години бевме по судови“, рече Филипче.
Обвини дека власта го сквернави и уставното, но и само името Македонија со тоа што избегнува да го употребува.
„Очигледно е дека лажен патриотизам има само дома и исправена кичма. За средбата со бугарскиот премиер дознавме од бугарските медиуми“, рече Филипче.
Тој потсети дека владејачката партија ветувала подобра преговарачка рамка и вели тие како СДСМ го чекаат тоа за да го поддржат. Но, нема да поддржиме блокади на процесот, рече Филипче.
Сојузништвото на Мицкоски со Орбан отвора прашалници кај СДСМ
Во контекст на меѓународната политика тој ја критикуваше блискоста на новата власт со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„На Самитот на НАТО не видовме средба со ниту еден релевантен фактор, со никој не се сретна нашата делегација. Гледаме само некакво сојузништво со Орбан за кое не гледаме никаква перспектива“, рече Филипче.
Филиче изрази загриженост и за кредитот од 500 милиони евра што Мицкоски го договори со владата на Орбан, како и за најавите за уште пола милијарда заем следната година.
„Прво е нелогично зошто една земја (Унгарија) која нема пари и се задолжува со поголема стапка, нас ни дава заем со помала стапка. Дали нешто се крие за тоа? Инсистираме Владата што побргу да го даде законот во Собрание и да се каже потеклото на парите. Дали има некоја тенденција, дали има можеби тенденција компании од Унгарија да преземаат тука медиуми? Зошто првпат во историјата посегнуваме од друга држава билатерално да земаме пари?“, праша лидерот на СДСМ.
Заемот од Унгарија, Мицкоски го договори со Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашингтон.
Филипче го критикуваше и ребалансот на Буџетот велејќи дека СДСМ смета оти државата се води кон состојба со екстремен јавен долг. Според Филипче, лага е дела немало пари во Буџетот и упати критики зошто не се предвидува зголемување на платите кога претходната влада и во време на кризи обезбедила континуиран раст на примањата на граѓаните.
„Куќите се на таткото на мојата сопруга, не сум ни бил таму“
Откако стана лидер на опозицијата, Филипче е речиси секојдневна мета на критики на ВМРО-ДПМНЕ за неговиот личен имот. Владејачката партија на повеќе пати јавно го прозиваше да каже од каде му се парите за имот, меѓу кои и ауди Q8 и хациенда на Водно.
Тој, пак, вели дека не го поседува тоа и не може да објаснува потекло на пари за нешто што го нема.
„Тие куќи не се мои. Тие се на таткото на мојата сопруга. Јас таму не сум бил, не знам каде се наоѓаат точно“, рече Филипче додавајќи дека за дел од обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ претходниот состав на Државната комисија за спречување корупција отворал предмет и ги затворил бидејќи ништо не се докажало.
Наесен ново раководство на СДСМ
Кога е во прашање функционирање на партијата, како нов лидер тој не го дели впечатокот дека има поделеност и смета дека кризата по изборниот пораз е минато.
„СДСМ се враќа. Се наметнуваме како силен критичар на политиките и мислам дека членовите тоа го препознаваат“, вели Филипче.
Филипче вели дека секојдневно разговара со членството и раководство по општинските организации, вклучително и со незадоволните и најави формирање на работни групи од кои ќе почне и формалниот процес на општински конференции со цел да се изберат нови делегати. Мандатот на актуелните им завршува во септември.
Според неговите планови, крајот на септември или почетокот на октомври, би се одржал партиски конгрес и би се формирал новиот Централен одбор на партијата од кој понатаму ќе произлезе и потесното партиско раководство – Извршниот одбор, потпретседателите, генералниот секретар…
Филипче беше еден од четирите кандидати што решија да влезат во трка по оставката на поранешниот лидер и премиер Димитар Ковачевски.
Противкандидати му беа ексдиректорот на Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони, бившиот заменик-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, која непосредно пред гласањето се повлече обвинувајќи за нефер натпревар.
види ги сите денешни вести
ДКСК со повеќе изборни пријави, дел проследени и до Обвинителството
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) постапувала по повеќе пријави поврзани со изборниот процес. Од нив, дел се проследени до надлежни институции, а дел затворени поради утврдено непостоење на прекршувања – соопштија од Комисијата на денешната седница.
Една од пријавите се однесува на директорка на средно училиште, која во електронска комуникациска група споделила содржина креирана од политичка партија и изборен плакат, со молба за поддршка на кандидат преку споделување на објавата.
ДКСК утврдила дека надлежен орган за понатамошно постапување е Јавното обвинителство.
Во друг случај, пријавен е избор на професор за проректор на универзитет, за кој ДКСК утврдила дека не се прекршени законски одредби во изборниот процес, бидејќи избраното лице веќе имало работен однос во моментот на донесување на одлуката, што не се смета за започнување на нова постапка за вработување.
На денешната седница се реферираше и за пријава за одговорно лице на средно училиште, кое донело одлука за вработување, за која ДКСК утврдила дека е во рамките на дозволениот период, поради што не се утврдени прекршувања.
Во однос на пријава за наводна изјава на кандидат за градоначалник, кој ветувал парични средства во готово за ранливи категории и пензионери, ДКСК утврдила дека станува збор за изјава на кандидатот за дел од програма и промоција на активности кои би се реализирале во текот на мандатот, и не се работи за директно прекршување на изборниот процес.
-Се работи за изјава дадена пред медиуми за дел од програма на кандидат кој што е посветен на ранлива категорја на граѓани како и на пензионери. Се работи за проект којшто го промовира и мерка која подразбира дел од неговата програма и промоција на активностите кои што ќе бидат реализирани во текот на мандатот, посочија оттаму.
На денешната седница, Државната комисија за спречување на корупција претходно ги усвои Проценката на ризици од корупција за потребите на изработка на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 и Методологија за изготвување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030.
Државната комисија за спречување на корупција денеска на 24. седница го разгледа и усвои Извештајот од антикорупциска проверка на одредби од Изборниот законик, Глава VI, како и Изборна кампања со поднаслов „Медиумско претставување“ од член 75 до член 76- д. ДКСК.
Извештајот, како што изјави потпретседателката Цвета Ристовска, ќе го достави до институциите со цел да се направи усогласување на одредени членови за да се прецизира дефинирањето на учесник во изборна кампања, како и рамноправен пристап до платено политичко рекламирање за сите учесници.
Ристовска посочи дека ДКСК утврдила три регулаторни ризици со сегашното дефинирање на процесот на платено политичко рекламирање во Изборниот законик, поради двосмислена терминологија, која може да се толкува различно.
Обвинетиот за инцидентот во возот во Англија, обвинет за уште еден напад со нож во Лондон
Човекот за кој се тврди дека извршил серија напади со нож во брз воз во Англија е обвинет и за напад со нож на станица во Лондон претходно истиот ден, соопшти полицијата во понеделник, 3 ноември.
Триесет и двегодишниот осомничен треба да се појави пред Прекршочниот суд во Питерборо. Тој е обвинет за 10 обвиненија за обид за убиство, едно обвинение за телесна повреда и едно обвинение за поседување остри предмети по нападите во возот на линијата од Донкастер до Лондон во саботата на 1 ноември, соопшти Британската транспортна полиција.
Тој е обвинет и за уште едно обвинение за обид за убиство и поседување на остри предмети во врска со инцидент во воз на станицата Понтон Док DLR во источен Лондон во раните утрински часови истиот ден, каде што една жртва претрпела повреди на лицето откако била нападната со нож.
Член на персоналот на компанијата LNER е во критична, но стабилна состојба по нападите со нож на линијата Донкастер до Лондон, додека уште четири лица остануваат хоспитализирани.
Британската транспортна полиција прогласи голем инцидент кога возот застана во Хантингдон, Кембриџшир, откако патниците ги активираа алармите за итни случаи и двајца мажи беа уапсени осум минути откако полицијата беше повикана во 19:42 часот.
Еден од мажите подоцна беше ослободен без понатамошни мерки откако полицајците утврдија дека не бил вмешан. Се смета дека нападот започнал кратко откако возот ја напуштил станицата Питерборо.
Полицијата ги истражува сите околности, вклучително и дали менталното здравје било фактор за инцидентот, но не се верува дека станува збор за терористички акт.
Министерката за транспорт Хајди Александар рече дека осомничениот не им бил познат на полицијата за борба против тероризмот или на разузнавачката агенција MI5, но не сакаше да каже дали имал контакт со службите за ментално здравје.
Заменик-шефот на полицијата Стјуарт Канди, од BTP, изјави дека кривичната истрага и поддршката за жртвите се приоритет за Британската транспортна полиција.
„Нашата истрага, исто така, разгледува и други можни поврзани кривични дела.“
Главниот обвинител Трејси Истон изјави дека тим обвинители работел на утврдување дека има доволно докази за да се изнесе случајот на суд и дека е во јавен интерес да се покрене кривична постапка.
„Тесно соработувавме со Британската транспортна полиција за да разгледаме огромен број докази, вклучително и видео надзорот. Бројот на обвиненија ќе биде под надзор додека ова продолжува да напредува. „Знаеме какво разорно влијание имаа настаните во возот во саботата и како инцидентот ја шокираше целата земја. Нашите мисли се со сите засегнати“, изјави главниот обвинител.
Инаку десет лица од кои за деветмина беа повредени по нападот со нож во возот на линијата Донкастер-Лондон Кингс Крос на 1 ноември. Железничката компанија LNER соопшти дека станува збор за нивен воз. Наоружани полициски службеници влегле во возот и ги уапсиле двајцата осомничени во рок од осум минути по првите повици на патниците.
Мајката на загинат во Нови Сад го продолжи штрајкот со глад, полицијата приведе 37 лица
Пред зградата на српскиот парламент во Белград, ситуацијата е мирна на 3 ноември, по инцидентите на митингот претходната вечер, каде што полицијата приведе 37 лица.
На местото каде што Дијана Хрка, мајката на еден од 16-те луѓе кои загинаа при пад на настрешница во Нови Сад пред една година, штрајкува со глад пред парламентот, има неколку десетици граѓани кои ја поддржуваат.
Во знак на поддршка за Хрка, група средношколци го блокираа сообраќајот на аголот од улицата Таковска и булеварот Крал Александар и го развеаја транспарентот „Сметајте на нас“.
Претходниот ден, на протестот за поддршка на Хрка, имаше неколку инциденти во кои врз собраните граѓани беа фрлани петарди, топовски истрели и шишиња.
Од правец на шаторската населба лоцирана во паркот Пионирски и на улицата пред влезот во Народното собрание, каде што се собираат поддржувачи на владејачката Српска напредна партија (СНС), врз собраните на митингот за поддршка беа фрлани пиротехнички средства.
Вечерта, поголема група мажи од шаторската населба се упати кон луѓето собрани на протестот, па полицијата постави кордон меѓу двете групи и немаше директен контакт.
Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР) објави дека полицијата довела 37 лица во службените простории кои, како што е наведено, учествувале во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти.
Вишото јавно обвинителство во Белград објави дека Владимир Штимац е уапсен под сомнение дека на протестот „повикал на насилна промена на уставниот поредок и ги поттикнал учесниците на ненајавениот собир да ги нападнат учесниците на вториот најавен собир одржан во паркот Пионирски, потоа врз полицајците, како и на насилно соборување на носителите на највисоките државни функции“.
Владимир Штимац е поранешен кошаркар на Црвена звезда Белград и член на националниот тим.
Обвинителството објави дека Штимац ги нарекол полицајците на протестот „криминалци кои дури немаат ни идентификациски броеви“.
Се додава дека Штимац е приведен на 48 часа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини граѓаните кои дојдоа да ја поддржат Дијана Хрка дека се обиделе да го нападнат „симболот на слободата - паркот Пионирски“, објави агенцијата Бета.
Во заедничко соопштение, Министерството за внатрешни работи на Србија и Безбедносната и информативна агенција (БИА) „остро ги осудија инцидентите во центарот на Белград“.
Во неделата, во близина на зградата на српскиот Парламент, на улицата до бетонската ограда што ја обезбедува шаторската населба на поддржувачите на СНС, голем број граѓани се собраа да ја поддржат Дијана Хрка.
Протести во поддршка на Дијана Хрка беа организирани и во Нови Сад, Чачак, Суботица, Бачка Топола, Лесковац.
Дијана Хрка претходно објави дека штрајкува со глад во шатор во близина на зградата на српскиот Парламент. Таа изјави дека лидерите на владејачката Српска напредна партија (СНС) ѝ ветиле дека одговорните за падот на настрешницата ќе бидат во затвор, но тоа не се случило една година по несреќата.
Таа го најави својот штрајк со глад на комеморативниот собир во Нови Сад на 1 ноември, кога десетици илјади луѓе им оддадоа почит на жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад.
Архивата на јавни собири објави дека 110.000 луѓе присуствувале на собирот во Нови Сад во саботата. Според Министерството за внатрешни работи на собирот имало 39.000 граѓани.
Извештај на Европската комисија: Северна Македонија сѐ уште не ги усвоила уставните измени
Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, наведени во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне, се наведува во редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија (ЕУ).
„Властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, се наведува во нацрт-извештајот на ЕК во кој имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според извештајот на Европската комисија, Црна Гора е најнапредна во процесот на пристапување кон ЕУ бидејќи ги отвори сите 33 поглавја од преговорите. Таа земја ги започна преговорите за членство со ЕУ пред 13 години и досега затвори седум поглавја од преговорите.
„Континуираната политичка посветеност на црногорските власти кон стратешката цел за европска интеграција даде опипливи резултати во постигнувањето на потребните реформи и напредокот на земјата на патот кон пристапување кон ЕУ“, се вели во извештајот.
Дијалогот за нормализација на односите, кој е исто така дел од пристапните преговори за двете земји, е сè уште клучен за Србија и Косово, според извештајот што ги опфаќа земјите од Западен Балкан.
Србија сè уште заостанува кога станува збор за почитување на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, бидејќи не воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина. Извештајот, исто така, посочи на зголемената поларизација во таа земја поради бранот масовни протести што траат веќе една година.
Босна и Херцеговина (БиХ), како што е оценето, заостанува во реформите поради „политичките тензии“, како и проблемите со усвојувањето на неуставни закони во ентитетот на БиХ Република Српска.
„Ентитетот Република Српска усвои закони што го поткопуваат уставниот и правниот поредок и функционалноста на државните институции. Овие закони беа укинати од Уставниот суд. По кривичната пресуда потврдена во жалбата, претседателот на ентитетот Република Српска беше отстранет од функцијата, а предвремените избори беа закажани за 23 ноември“, се вели во извештајот.
Во Србија и Босна и Херцеговина, како што е наведено, постојат различни ризици од „заробување на државата“ во контекст на борбата против корупцијата.
„Корупцијата продолжува да претставува значаен предизвик што земјите во процесот на проширување мора да го решат како приоритет“, се наведува во извештајот.
Србија отвори 22 од 35 преговарачки поглавја, од кои две се привремено затворени. Европската комисија оцени дека властите во Србија „продолжиле да го прогласуваат членството во ЕУ за своја стратешка цел, но вистинското темпо на спроведување на реформите значително се забавило“.
ЕУ посочува дека „Србија треба да спроведе кредибилни реформи во сите области“, особено во областа на хармонизација со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Во однос на Косово се посочува дека напредокот е попречен од поделената домашна политика и политичкиот застој по парламентарните избори на 9 февруари, и покрај тоа што Косово е посветено на својот европски пат, со високо ниво на јавна поддршка.
Во документот се споменува дека Косово доброволно ја усогласило својата надворешна политика со онаа на Европската Унија, што сигнализира јасна посветеност на вредностите на ЕУ.
Меѓу другото, во нацрт-извештајот се споменува дека Европската комисија ги презела првите чекори кон постепено укинување на казнените мерки.
Косово, за разлика од другите земји од Западен Балкан, нема статус на земја-кандидат, иако аплицираше за членство во декември 2022 година.
Во извештајот се наведува и општа оценка за сите земји-кандидатки, а таа е дека „процесот на проширување сега оди побрзо отколку во последните 15 години“.
Европската Унија им понуди шест милијарди евра на земјите од регионот во 2024 година како дел од таканаречениот План за раст, со цел да се забрза нивниот развој и интеграција.
Ердоган вели дека Хамас ќе се држи до примирјето во Газа
Хамас е „решен“ да се држи до примирјето во Газа, изјави во понеделник (3 ноември) турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека е клучно муслиманските нации да играат водечка улога во реконструкцијата на палестинската територија. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
„Се чини дека Хамас е решен да се држи до договорот“, им рече Ердоган на делегатите од Организацијата на исламски држави (ОИК) собрани во Истанбул на нивниот годишен самит за економска соработка на COMCEC.
Неговите забелешки дојдоа во време кога Турција се подготвуваше да биде домаќин на министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Пакистан и Индонезија на разговори за реконструкцијата на Газа, бидејќи расте стравот од несигурното примирје од 10 октомври.
Разговорите треба да започнат околу 11:00 часот во хотел во Истанбул, а прес-конференцијата е закажана неколку часа подоцна.
„Во овој момент, треба да доставиме повеќе хуманитарна помош за луѓето во Газа, а потоа да започнеме со напорите за реконструкција. Израелската влада прави сè што е во нејзина моќ за да го спречи ова“, рече Ердоган.
Осврнувајќи се на планот објавен во март за реконструкција на разурнатата палестинска територија, Ердоган рече дека планот за реконструкција подготвен од Арапската лига и Организацијата за исламска соработка треба веднаш да се спроведе.
ВМРО-ДПМНЕ има 55 градоначалници, ВРЕДИ 9, СДСМ 6, НАИ 4, а ЗНАМ и УР по 1
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според резултати од двата круга на локалните избори, ќе има градоначалници во Скопје и во 54 општини.
Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.
Две општини ќе ги водат независни кандидати.
На вториот изборен круг вчера се избираа градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. На 19 октомври, пак, во првиот круг, беа избрани 44 градоначалници.
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше вчера немаше гласање. Причината е недоволниот одѕив на гласачи во првиот круг, поради што ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.
Ова се осми Локални избори во земјата, а четврти на кои избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.
На Локалните избори 2025 учествуваа вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Мециновиќ: Скопје само дополнително ќе се мобилизира
„Во изминатите два месеца постигнавме нешто што не можевме да го замислиме“, порача вечерва на прес конференција Амар Мециновиќ кој во трката за градоначалник на Град Скопје, влезе како кандидат на партијата Левица.
Од обработени 98,98 проценти од податоците за одѕивот на денешното гласање во рамките на вториот круг од локалните избори, Мециновиќ освои 60.303 гласови, односно 36,53% од гласовите - покажува статистиката објавена на веб страницата на Државната изборна комисија.
На кусата прес конференција, тој ја обвини владеачката ВМРО-ДПМНЕ за авторитарност.
„Скопје се разбуди и одлучи дека може да се гласа и да се избере поинаку. За жал, на крај видовме дека имаше обид од страна на владеачката авторитарна ВМРО-ДПМНЕ да го смени сето ова со нивни методи, но не успеа да ги обесхрабри скопјани кои во толку голем број покажаа дека не е толку јасна позицијата на владеачката партија како што мислеа. Во следните две и пол години, Скопје само дополнително ќе се мобилизира“, додаде Мециновиќ.
Претходно, претседателот на Левица, Димитар Апасиев посочи дека од неопределените гласачи, 66 отсто не излегле на гласање.
Според него, ова значи дека две третини од скопјани, не гласале.
„ВМРО стагнира, Левица дуплира. Ова само покажува дека опозициските тенденции веќе се престројуваат позади Левица. Од втора партија на ниво на цело Скопје, вечерва обзнанувам дека сме прва партија, дури и пред ВМРО-ДПМНЕ во Центар, во Карпош и во урбаниот дел од Аеродром“, изјави Апасиев.
На денешниот, втор круг од локалните избори, жителите на Град Скопје бираа меѓу Мециновиќ и Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ која прогласи победа.
Орце Ѓорѓиевски победи во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ слави во уште 21 општина
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Градот Скопје, како и во уште 21 друга општина во вториот круг од локалните избори за градоначалник што се одржаа денеска, 2 ноември, во Северна Македонија.
Партискиот лидер и премиер, Христијан Мицкоски, на прес-конференција објави победа на владејачката партија и во: Карпош, Аеродром, Чучер Сандево, Брвеница, Валандово, Дојран, Крушево, Кочани, Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново-Облешево, Виница, Дебарца, Конче, Демир Капија, Пробиштип и Кичево.
Мицкоски во обраќањето најмногу внимание посвети на победата во Кичево, каде нивниот кандидат Александар Јовановски го победи Фатмир Дехари од ДУИ, којашто на овие локални избори ја предводеше коалицијата НАИ.
„Таму соработувавме различни вери, различни припадности против оние кои ги влечеа народот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Муслимани и христијани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и онаа политика што им е потребна на граѓаните. Победи соживотот и вербата во вредности. Ова е важен пример, колку можеме да постигнеме кога сме обединети. Победи идејата дека Македонија е дом за сите“, рече Мицкоски.
Претходно, владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) прогласи победа во четири општини. Тетово, Боговиње, Дебар, Долнени, како и Струга каде коалицијата ја поддржа независната кандидатура на бизнисменот Менди Ќура.
Опозицискиот СДСМ, пак, во вториот круг од изборите прогласи победа на неговите кандидати во Центар, Македонска Каменица и Зрновци.
По еден градоначалнички мандат во вториот круг освоија НАИ во Студеничани, ЗНАМ во Куманово и Унијата на Роми во Шуто Оризари.
СДСМ победи во Центар и во уште две општини, Филипче не поднесува оставка
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во вториот круг победи во три општини - во скопската општина Центар, во Македонска Каменица и во Зрновци, објави на прес-конференција претседателот на партијата, Венко Филипче.
Со тоа, СДСМ досега освои победа во вкупно шест општини, заедно со победата во првиот круг во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.
Филипче рече дека се очекуваат конечни резултати од неколку општини каде разликата е мал број гласови и кажа дека согласно изборниот резултат на советничките листи, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.
Тој обвини дека во изминатите две недели власта правела притисок на сите кандидати на СДСМ во 17 општини во кои партијата влезе во втор изборен круг и рече дека нема да поднесе оставка од лидерската позиција.
Согласно изборниот резултат на советничките листи, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.
„Кажав и минатиот пат, јас сум претседател многу кратко, година и неколку месеци. Лани имавме една консолидација во партијата, но секако дека овие избори се дополнителен показател од кои ќе влечеме пораки и поуки во иднина. Процесот продолжува, сите да се бориме против оваа власт. Сметам дека тоа што власта изгуби 130-140.000 гласови за само година ипол е делумно и наша заслуга“, рече Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе одржи Конгрес на кој ќе се дискутира за изборниот резултат и ќе следат промени и во раководството на партијата.
Во првиот круг, СДСМ на советнички листи освои над 125.00 гласови.
ВРЕДИ прогласи победа во пет општини, меѓу нив и Тетово и Струга
Коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) прогласи победа во пет во кои имаше кандидати во денешниот втор круг од локалните избори за градоначалници.
„До овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5.000 гласови разлика. Убедлива победа во Боговиње со 1.400 гласови разлика. Убедлива победа во Дебар, Долнени, во Струга со над 1.500 гласа“, рече Башким Бакиу од ВРЕДИ.
Во Струга, ВРЕДИ немаше свој партиски кандидат, туку ја поддржа независната кандидатура на бизнисменот Менди Ќура.
Единствено каде коалицијата не прогласи победа, а имаше свој кандидат е во Брвеница. Таму кандидатот на ВРЕДИ, Хаким Рамадани губи од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, со нешто повеќе од 100 гласа разлика на 99,96% обработени гласови, според податоците на ДИК.
„ВЛЕН со добиените општини е втора политичка сила во државата. Денеска конечно се заокружи промената кај Албанците. ВЛЕН постигна убедлива победа речиси во сите општини каде бевме во вториот круг“, рече Бакиу.
Тој го повика Али Ахмети, лидер на ДУИ која ја предводи коалицијата НАИ да поднесе оставка.
Ахмети, пак, на прес-конференција реагираше дека се правеле непринципиелни коалиции и тврдеше дека исходот од изборите не ја одразува волјата на граѓаните.
По првиот круг од локалните избори на 19 октомври, од ДУИ тврдеа дека на национално ниво нивната коалиција НАИ е победник во албанскиот блок бидејќи на советничките листи освоиле околу 20.000 гласа повеќе од оние на ВРЕДИ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете