Дури 65 од вкупно 81 градоначалничко место во Северна Македонија завршија на контото на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ (ВЛЕН). Тука е третиот владин партнер, ЗНАМ, која останува на чело на локална власт во најголемата општина во земјава, Куманово. Тоа значи дека владините партнери, покрај што ја имаат в раце централната власт, во наредните четири години ќе владеат и на локално ниво во над 80% од општините и градовите во државата.
„Ова беа локални избори и се работеше можеби за понуда за локални проблеми, но очигледно со оваа моќ сè ќе биде во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и на ВЛЕН, од канализација до евроинтеграција. Мислам дека откако ќе спласне оваа еуфорија, ќе се соочат со директните притисоци дека сè ќе треба да решат тие“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) новинарот и политички аналитичар Назим Рашиди.
Тој нагласува дека ова партиите не треба да го сметаат само за „добар резултат за нив“ туку треба да размислат и колкава е одговорноста што ја имаат и оти сега се во „суштина ќе зависи од нивните делувања понатаму“.
Од 65 градоначалнички места на двете партии, 55 се на ВМРО-ДПМНЕ, а 10 на ВРЕДИ.
Веќе видена доминација, но научена ли е лекцијата?
Иако со локалните избори водството и убедливоста на партијата во македонската политика се зголемија, сепак, ова и не е толку различно како и досега, смета аналитичарот и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски.
ВМРО-ДПМНЕ, во споредба со минатите избори кога имаше 42 градоначалници сега има зголемување од 13 градоначалнички места.
Кржаловски потсетува и дека пред два изборни циклуси, државата имала слично искуство. Во 2017 година, тогаш владејачката СДСМ освои 57 градоначалници, додека ВМРО-ДПМНЕ само пет.
„Работите се менуваат, особено кај нас многу побрзо од што сите мислат. Така што верувам дека е научена таа лекција и повнимателно ќе се однесуваат“, вели Кржаловски за РСЕ.
И тој и Рашиди се надеваат дека постои свесност кај политичарите и лекцијата е научена посочувајќи и на самите изјави на политичарите во изборната ноќ.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по прогласувањето убедлива победа и во вториот круг предупреди за внимателност.
„Секои избори се порака и овие избори се порака и до нас, да не се забегува во победата туку да се носиме со одговорноста дадена од граѓаните и оправдаме. Да се менуваме и подобруваме“, изјави Мицкоски ноќта на 2 ноември.
Како да се „вратат“ СДСМ и ДУИ?
Додека владејачките партии сега ја имаат моќта и одговорноста на сите нивоа, опозициските СДСМ и ДУИ треба да се свртат кон самите себе за да може да се вратат како политички играчи по поразот на локалните избори.
„Секако треба и тие самите да направат нешто за да се вратат во конкурентна ситуација, од реформи во партијата. Веројатно преиспитување на сето она што се случуваше во минатиот период – од Преспанскиот договор, од Договорот со Бугарија и Францускиот предлог, да се види колку тоа влијаеше на овој резултат на локалните, но и на парламентарните избори лани“, вели Кржаловски алудирајќи на СДСМ.
Но, и ДУИ, како што нагласува тој е социјалдемократска партија по својата идеологија и затоа и двете треба да се преиспитаат дали сакаат и како да се вратат на социјалдемократијата.
„Секако треба да го слушаат гласот на граѓаните и соодветно да го рефлектираат тоа во своите партиски структури, да има отвореност и внатрешна демократија за да најдобрите луѓе се вратат или да се мобилизираат нови во нивните редови“, додава тој.
Рашиди, пак, посочува дека двете партии се во различна позиција, н резултатите се аларм и за едната и за другата не само за кадровските решенија во туку за политиките што се водат бидејќи на сцената имаме и генерациски промени.
Социјалдемократите, како што вели тој, можеби се во некаква консолидација бидејќи и самите нагласуваат дека имаат релативно ново раководство. Но, независно од тоа треба да се соочат со резултатите и да видат каде погрешија и каде не беа гласни и не критикуваа доволно, посочува тој.
„За ДУИ ова ќе треба реално да биде еден момент на сериозна анализа каде ќе одат понатаму. Од самото заминувањето на Изет Меџити и самото нишање на тоа што претставува ДУИ нема сериозна анализа зошто ова се случува“, посочува Рашиди.
Лидерите и на СДСМ и на ДУИ, Венко Филипче и Али Ахмети најавија промени во кадрите.
Филипче и по вториот круг од локалните избори на кои партијата освои само шест градоначалници, беше дециден дека оставка не поднесува, но рече дека резултатите се порака во која насока ќе се движи партијата.
Меѓу социјалдемократите оставка веќе поднесе една од потпретседателите, Ана Чупевска, а претходно се повлече и Ѓорѓи Галетановски од прв човек на градската организација во Скопје каде партијата не усеа да влезе ниту во вториот круг во трката за градоначалник на главниот град.
Во ДУИ засега нема оставки, а Ахмети во говорот упати пораки дека резултатите значат повик за зајакнување на партијата, приближување до граѓаните и обновување на партиските редови.
ДУИ која на овие избори ја предводеше коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) освои само четири градоначалнички места.
Локалните избори на 19 октомври – прв круг и 2 ноември – втор круг, беа осми по ред во државата од осамостојувањето во 1991 година. Тие се одржаа по помалку од две години откако на парламентарните избори во мај 2024, ВМРО-ДПМНЕ по седум години во опозиција се врати на власт на централно ниво. Партијата направи коалиција со ВРЕДИ и ЗНАМ, испраќајќи ги во опозиција СДСМ, но и ДУИ која беше на власт околу две децении.