Вести
Стејт департментот ја пофали одлуката за назначување на вршител на должноста претседател на Република Српска

Американскиот Стејт департмент ја пофали одлуката на Народното собрание на Република Српска да ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за вршител на должноста претседател на РС и повлекувањето на сепаратистичките закони што претходно беа поништени од Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Во соопштението се наведува дека овој потег е резултат на напорите предводени од Соединетите Држави насочени кон смирување на политичката криза во Босна и Херцеговина.
„Соединетите Американски Држави ја поздравуваат акцијата на Народното собрание на РС што ја потврдува стабилноста во Босна и Херцеговина и го отвора патот за конструктивно партнерство со САД врз основа на заеднички интереси и економски просперитет“, изјави за Ројтерс Брендан Ханрахан, висок функционер на Стејт департментот за европски и евроазиски прашања.
Во сабота, на 18 октомври, Парламентот на Република Српска ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател, официјално потврдувајќи за прв пат дека поранешниот претседател Милорад Додик поднесува оставка, откако државниот суд му забрани да се занимава со политика.
Тришиќ Бабиќ, близок сојузник на Додик, ќе биде на оваа позиција еден месец до одржувањето на новите претседателски избори во Република Српска на 23 ноември.
Парламентот, исто така, поништи низа сепаратистички закони донесени минатата година откако Додик беше обвинет за непочитување на одлуките на меѓународен претставник и Уставниот суд.
Досега, Додик одбиваше да поднесе оставка и продолжи да ги извршува своите должности и да патува во странство во својство на претседател на Босна и Херцеговина. Тој поднесе жалба на пресудата на државниот суд до Уставниот суд.
Министерството за финансии на САД во петок, 17 октомври,објави дека отстранило четворица сојузници на Додик од списокот на санкции, потег што го пофали Додик, кој инсистираше на укинување на американските санкции против него.
Тој е санкциониран од САД и Велика Британија за попречување на одредбите од Дејтонскиот мировен договор со кој беше ставен крај на војната во Босна во 1990-тите, како и од неколку европски земји кои тврдат дека неговите сепаратистички политики го загрозуваат мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина.
ОЈО: Генерално мирен изборен ден без поголеми нарушувања

Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден од Локалните избори 2025 година до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.
Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска (19 октомври)усно бил известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен бил разговор. Од ОЈО велат дека била известена Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.
„Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите“, се наведува во соопштението од ОЈО.
Оттаму додаваат дека има неколку информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па со оглед на тоа изборниот процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а електронската адреса izbori@jorm.mk останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите.
Од обвинителството истакнуваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Одзивот на локалните избори до 11:15 е 9,38 насто

Излезеноста на локалните избори до 11:15 часот е 9,38 проценти, објави Државната изборна комисија.
Според ДИК, до 11:15 часот пристигнати се податоци од 3.139 избирачки места на кои од вкупно запишани 1 645 583, гласале 154 275 граѓани, односно 9,38 проценти, рече на прес-конференција портпаролката на ДИК Радица Тодоровска Алексовска.
Како таа посочи, до ДИК досега нема информации од избирачките одбори за евентуални проблеми или непријатности.
Според податоците на ДИК, општини со најголема излезеност се Берово 13,51 процент, Богданци 14,55, Бутел 10, Вевчани 16,02, Виница, 10,76, Гевгелија, 12,81, Градско 15, 27, Дебрца 15,76, Демир Капија, 15, Кратово 16,16, Крива Паланка 16, 85, ККрушево 16,97, Новаци 19, 3 Пробиштип, 17,64, Ранковци, 15,5, Чашка 22,60 проценти.
Со најмала излезеност се општините Сопиште 3,93 проценти, Центар Жупа, 4,89 проценти, Боговиње, 4,48 проценти и Врапчиште, 2,54 проценти.
Изборите ги набљудуваат 1484 набљудувачи од кои 800 домашни 645 меѓународни и14 странски новинари.
Претходно ДИК информираше дека на две избирачки места (едното во Куманово и другото во Штип) поради технички причини гласањето се одвива без биометриска идентификација, туку со УВ спреј и УВ ламба.
На денешните избори се гласа на 3 474 избирачки места, на кои до 19 часот правото на глас можат да го искористат 1 832 415 граѓани.
Државната изборна комисија ќе има прес-конференции на секои два часа, а првичните неофицијални резултати се очекуваат околу полноќ.
На локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати
Руските сили ги обновија ноќните напади врз Украина

Русија изврши неколку напади врз украински градови ноќта на 18 октомври користејќи водени бомби кои погодија станбена зона во барем еден од погодените градови, соопштија украинските власти.
Харков, Суми и Запорожје беа меѓу градовите погодени од водени бомби фрлени од руски воени авиони, според украинските сили за воздушна одбрана. Четири лица се повредени во станбената зона на градот Лозова во Харковскиот регион, објави Државната служба за вонредни ситуации.
Руски беспилотни летала беа пријавени и над Чернигов и Дњепропетровск.
Нема детали за можни жртви, но енергетски објект беше погоден во Чернигов, што предизвика прекин на електричната енергија за околу 17.000 потрошувачи на северот од земјата, според податоците од регионалниот снабдувач со енергија.
Русија, исто така, изврши повеќе од 10 напади во текот на ноќта врз Чугуев во источниот Харковски регион на Украина, објави градоначалничката Халина Минаева на Фејсбук.
Речиси сите делови од градот се парализирани, рече Минаева. Снабдувачите на енергија нема да можат да започнат со обновување на електричната енергија додека не се процени штетата.
Иван Федоров, гувернерот на Запорошката област, исто така, пријави пожари како резултат на руските напади во текот на ноќта. Никој не е повреден, рече тој.
Немилосрдните ноќни напади на Русија честопати се насочени кон енергетската инфраструктура на Украина и се наменети да го прекинат греењето и електричната енергија за украинските цивили како што се приближува зимата, во обид да се скрши нивниот морал.
Во Москва, руското Министерство за одбрана на 18 октомври објави дека собориле 41 украински дрон над руска територија и Црното Море. Беше наведено дека три дронови биле соборени над Московскиот регион.
Според руските воздухопловни власти, ограничувања се воведени на девет аеродроми во Русија од безбедносни причини.
Борбите се случија еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон на разговори насочени кон завршување на војната.
Зеленски се сретна со Трамп во Белата куќа со надеж дека ќе најде симпатии кон идејата за снабдување на Украина со крстосувачки ракети со долг дострел Томахавк, но Трамп не даде никакви индикации дека ја поддржува идејата. Наместо тоа, тој ги повика Русија и Украина веднаш да ги прекинат борбите, велејќи дека е пролеана доволно крв.
„Треба да престанат таму каде што се“, напиша Трамп на мрежата Truth Social. „Нека обајцата прогласат победа, нека одлучи историјата!“ „Рече Трамп, додавајќи дека е време да се запре убивањето и да се постигне договор.“
ДИК: До 9 часот и 15 минути гласале 3 проценти од запишаните избирачи

Државната изборна Комисија изутрината соопшти дека до 9 часот и 15 минути на државно ниво гласале 3 проценти граѓани со право на глас од вкупниот број избирачи.
Станува збор за резултати од 75 насто од избирачките места. Вкупниот број граѓани што гласале изнесува 41 илјада.
„Државната изборна комисија известува дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем“, стои во соопштението на Комисијата. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко на прес конференцијата нотираше минорни проблеми во текот на гласањето на одредени места.
Граѓаните на Северна Македонија денеска, 19 октомври, гласаат во првиот круг од локалните избориза градоначалници и членови на советите во сите 80 општини плус Градот Скопје.
Ова се осми локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година. Граѓаните излегуваат на гласачките места по втор пат за помалку од две години, откако лани во април и мај се одржаа претседателски и парламентарни избори.
Право на глас на изборите денеска имаат 1.832.415 граѓани, според Избирачкиот список што го заклучи Државната изборна комисија (ДИК).
МВР со апел за мирно и безбедно гласање

Министерството за внатрешни работи за време на локалните избори континуирано презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
„Согласно направените проценки и воспоставените планови на денот на изборите, полициските службеници ќе бидат присутни во близина на локациите на избирачките места, како и на клучните сообраќајни точки, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир.
Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти“, соопшти МВР.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од какви било активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.
Полицијата ќе ги обезбедувагласачките местанепрекинато почнувајќи од 6 до 19 часот за времетраењето на гласањето, по затворањето на гласачкото место и за време на сумирањето на резултатите и ќе ги отстранува сите неовластени лица од објектот.
Полициска акција во општините Звечан и Зубин Поток на северот од Косово

Истражителите на косовската полиција спроведуваат рации во општините Звечан и Зубин Поток на 19 октомври, објавија властите.
Според соопштението на Специјалното обвинителство на Косово, кое поднесе барање до судот за операции, рациите се спроведуваат во овие две општини поради сомневање дека се извршени следните кривични дела: „Заканување на персонал на Обединетите нации или персонал поврзан со нив, тешко убиство и напад врз службено лице при вршење на службени должности“.
Обвинителството објави дека ги спроведува потребните истраги во овој случај заедно со полицијата.
„Јавноста ќе биде информирана за деталите по завршувањето на операцијата“, се вели во соопштението.
Звечан и Зубин Поток се две од четирите општини на северот од Косово со српско мнозинство. Овие општини беа место на тензии во последните години, а во 2023 година имаше протести на локалните Срби против градоначалниците Албанци на општините.
Протестите од 2023 година кулминираа со судири меѓу демонстрантите и членовите на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, во Звечан на 29 мај. Десетици војници и демонстранти на КФОР беа повредени во судирите. НАТО постојано повикуваше одговорните за насилството да се соочат со правдата.
Во септември истата година, во Бањска, општина Звечан, група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција, убивајќи еден наредник.
Косово го смета ова за терористички напад и ја обвинува Србија за тоа. Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешниот заменик-лидер на Српската листа - главната српска партија во Косово, која ужива поддршка од Белград.
Косово поднесе обвиненија против него и другите осомничени во случајот, но само тројца се судат бидејќи останаа недостапни за косовските власти.
Косово бара Србија да ги екстрадира Радоичиќ и другите осомничени во случајот Бањско, додека меѓународната заедница бара тие да се соочат со правдата.
Израел врати тела на 15 Палестинци во Газа

Израел денеска ги врати телата на 15 Палестинци во Газа, со што вкупниот број на вратени лица се искачи на 135, соопшти денеска Министерството за здравство на Појасот управуван од палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација.
Според договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, Израел требаше да ги врати телата на 15 Палестинци за секој вратен починат израелски заложник, објави „Тајмс оф Израел“.
Претходно денеска, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Хамас мора да го почитува договорот и да ги врати останките од преостанатите 18 убиени заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.
Израелската војска (ИДФ) претходно го информираше семејството на убиениот Елијаху Маргалит дека Хамас го вратил неговото тело во Израел синоќа.
ИДФ соопшти дека, според разузнавачките информации, Елијаху (75) бил убиен на 7 октомври 2023 година, а неговото тело подоцна било однесено во Појасот Газа од кибуцот Нир Оз.
Смртта на Елијаху Маргалит беше потврдена од израелската војска во декември 2023 година.
Во меѓувреме, цивилната одбрана на Појасот Газа денеска соопшти дека пронашла останки на девет лица и дека тие биле убиени од израелската армија во напад по договорот за прекин на огнот.
„Во координација со канцеларијата на Црвениот крст, тимовите на Цивилната одбрана успеаја да пронајдат девет жртви откако израелската окупација вчера таргетираше автобус што превезувал раселени лица источно од населбата Зејтун во градот Газа, изјави Махмуд Басал“, портпарол на организацијата.
Израелската армија соопшти дека идентификувала, како што наведува, сомнително возило кое ја преминува линијата на повлекување во Појасот Газа, договорена според договорот за прекин на огнот.
Привремено прекинато гласањето во Ново Село

Привремено е прекинато гласањето на болните и изнемоштените лица во Општина Ново Село поради техничка грешка во редните броеви на носителите на советничките листи на гласачките ливчиња.
На овие локални избори во Општина Ново Село пријавени се 400 лица кои со медицинска документација потврдиле дека не можат утре да излезат на избирачките места да гласат, па согласно законот, своето право требаше да го остварат денеска.
Државната изборна комисија (ДИК) потврди дека гласачкиот материјал за советници е повлечен и се дистрибуира нов и дека сите болни и изнемоштени ќе го остварат своето право, јавува порталот „Сакам да кажам“.
„Избирачкиот материјал од Општина Ново Село е повлечен. Таму денеска ниту едно пријавено болно или изнемоштено лице нема гласано. Станува збор за гласачки материјал за советнички листи. Се дистрибуира нов и сите болни и изнемоштени лица ќе гласаат“, велат за порталот од ДИК.
Во струмичкиот регион пријавени се 1.308 болни и изнемоштени лица. Освен во Општина Ново Село, денеска гласаат и 514 болни и изнемоштени во Општина Струмица, во Босилово 232, а во Општина Василево 162.
На ден пред изборите, гласаат 2162 затворениците, лицата во домашен притвор, 8851 болни и немоќни лица и 442 лица во старските домови. Според информациите од Државната изборна комисија, од утрово гласањето тече мирно и непречено.
Според Избирачкиот список, во казнено – поправните домови, денеска треба да гласаат 2162 затвореници од кои во КПД Идризово 938, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, во прилепскиот 119…
Во своите домови ќе гласаат и лица кои се пријавиле за гласање, а се во куќен притвор.
Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8851 болни и немоќни лица кои побарале и им било прифатено да гласаат.
Во старските домови ќе гласаат 442 возрасни лица, наместо 450 лица. Бројката се намали за осум лица откако Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што соопшти ДИК на седница пред неколку дена, извести дека старскиот дом Арија е затворен.
Во земјава утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата. Ќе се гласа на 3474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете