Жестока, но и црна кампања и наративи кои често ќе се однесуваат на теми што не се поврзани со локалните проблемите на општините.
Вакви се очекувањата на дел од аналитичарите за тоа што ќе слушаат и гледаат граѓаните во наредните 20-тина дена од кампањата за локалните избори во Северна Македонија која официјално започна денеска, 29 септември.
Неофицијалната кампања, пак, започна уште летото кога почнаа да се објавуваат имињата на кандидатите за градоначалници. И тие и партиските лидери изминатиов период одржаа бројни партиски настани, трибини и средби со граѓани, го мобилизираа членството, ги промовираа кандидатурите и програмите…
Во следниот период, комуникологот Бојан Кордалов, очекува политичките актери да ја базираат кампањата на сосема спротивставени и различни теми и наративи. Зависно што кому му одговара.
„Но, главно, очекувам кампања во многу мал дел посветена на локалните предизвици и напластените децениски проблеми. Партиите очекувам да користат аргументации и теми за кои тие, нивните ПР советници или ПР истражувања ќе покажуваат дека се битни за мобилизација на гласачкото тело кое потенцијално инклинира кон секоја од нив како партиски структури или листи на кандидати“, вели Кордалов за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ќе има жестока кампања бидејќи партиите ќе се обидат максимално да ја мобилизираат својата база и да извлечат максимум гласови, смета и политичкиот аналитичар Бесим Небиу.
Кампањата за првиот круг ќе трае до 17 октомври на полноќ, кога ќе настапи молк што ќе трае до затворањето на избирачките места на денот на гласањето, 19 октомври.
„Црната кампања не им носи гласови“
А, црната кампања нема да ги заобиколи ниту овие локални избори, смета Кордалов. Такви се очекувањата и на политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
„Кампањата ќе биде најверојатно негативна затоа што има високи политички тензии“, вели Арсовски за РСЕ.
Кој е орел, а кој врапче и корумпирана страчка, и дали со кучиња се оди на лов по орли или зајаци, граѓаните слушнаа од политичките актери ден пред да стартува кампања, откако примери за негативни реторики и прозивики имаше и претходно.
Преку социјалните мрежи беа лиферувани и фотомонтажи со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, чии ликови беа облеани со крв со што се алудираше на нивна наводна вина за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во март загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
Според комуникологот Кордалов, има повеќе причини зошто партиите посегаат по црна кампања. Прва, според него, е тоа што ова не се обични избори туку историски бидејќи е многу веројатно од нив да започне „редефинирање на македонската политичка сцена“.
„Тука е и митот во кој сè уште веруваат партиите, а тоа е дека со црна кампања можат да добијат избори. Потенцирам дека и научно и емпириски, тоа не е можно, ниту, пак, се случило. И трето, во 20 или 35 дена партиите ги обзема страв од резултатот или желба за апсолутна власт и под таквиот временски притисок како решение на дофат им се гледа црната кампања која ги залажува дека може да донесе промена во резултатот“, вели комуникологот Кордалов.
Тој додава дека за добра комуникација во кампањата треба и долга подготовка со кандидатите, програмите, со усовршување на вештините за комуникации градење препознатливост… Во спротивно, кампањата е краток период во кој може да се очекува правилна комуникација, без црна кампања.
Центар, Карпош, Чаир и Тетово најнеизвесни
Најнеизвесните битки, пак, според аналитичарите се очекуваат во неколку општини со доминантно македонско, и во неколку со мнозинско албанско население.
Според аналитичарот Арсовски, за македонскиот блок тоа се двете скопски општини Центар и Карпош.
Во Центар нов мандат бара актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од СДСМ, а како најсериозни противкандидати ги има независната кандидатка, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска од граѓанската иницијативата Шанса за Центар, како и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ. ВМРО-ДПМНЕ таму нема кандидат бидејќи Центар е една од општините за каде падна договор да го поддржат кандидат на владиниот партнер ЗНАМ.
Карпош, пак, актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски од ГРОМ, кој е на црната листа на САД, како противкандидати ќе ги има Маја Мојсова од СДСМ и Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ.
Кога е во прашање албанскиот блок, Арсовски ги посочува Чаир и Тетово, додека Небиу прогнозира неизвесност уште во неколку други градови.
„Најнеизвесна ќе биде битката во албанскиот блок – оптиката на победник ќе се бара во Чаир, Гостивар и Тетово, но и во Струга, Кичево и Дебар“, смета Небиу.
За важноста и неизвесноста во Чаир говорат и профилите на кандидати за кои се решија политичките ривали. ДУИ и коалицијата го кандидираше Бујар Османи, кој влегува во битката за локална власт откако со години беше на министерски функции. Последно, до заминувањето на ДУИ во опозиција во мај 2024 година, тој беше шеф на дипломатијата. Од друга страна, пак, како противкандидат ќе го има Изет Меџити кој исто така реши централната да ја менува со локалната власт. Тој во моментов е прв вицепремиер и министер за животна средина.
Тетово, пак, актуелниот градоначалник Билал Касами ќе се соочи со Бајрам Реџепи од ДУИ. Двете најголеми партии од македонскиот блок, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ решија да немаат свои кандидати и во Тетово и Чаир и во неколку други општини.
Во Кичево, кое го споменува Небиу како неизвесно, не е таков случај. Таму на добар резултат се надева и ВМРО-ДПМНЕ која застана зад докторотот Александар Јовановски, кој на минатите локални избори освои најмногу гласови во првиот круг, но во вториот беше поразен од Фатмир Дехари, кој е кандидат на ДУИ и коалицијата за уште еден мандат. Во трката за овој град е и актуелниот министер за социјална политика, Фатмир Лимани од ВЛЕН.
Колку се можни парламентарни избори по локалните?
Токму од исходот во албанскиот блок, би можело да зависи и дали локалните избори ќе испровоцираат и предвремени парламентарни избори.
Коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ, уште по формирањето на владата по изборите во 2024-та постојано бара нови избори обвинувајќи ги ВЛЕН дека не се легитимен претставник на Албанците во Владата бидејќи освоиле помалку гласови.
Доколку интегративците извојуваат поголема победа, тоа повторно ќе се доведе во прашање, смета Небиу.
„Но, и обратно сценарио, на пример да победи ВЛЕН и во Чаир и во Тетово, и да излезе како победник во неколку други градови – би било голема победа за ВЛЕН. Особено во услови на голема победа на ВМРО-ДПМНЕ, тоа може да го поттикне истото. Затоа, сценариото за предвремени парламентарни избори по локалните останува многу возможно“, вели Небиу за РСЕ.
Арсовски, пак, смета дека не може да се даде емпириска линија над која би можеле да се случат предвремени избори. Според него, не само што ДУИ треба да има драматична победа во гласовите за советнички листи, истото треба да се случи и со бројот на градоначалници. Но, нагласува тој, и ВМРО-ДПМНЕ треба да го доживее резултатот како „сериозен предизвик за владејачката коалиција“.
„ВМРО-ДПМНЕ не крие дека за нив ДУИ не е добар партнер и дека тие ќе се обидат да го заштитат ВЛЕН и со локалните избори, но и после тоа. ВМРО-ДПМНЕ има доволно политички капитал за да издржи и со победа на ДУИ на советничките листи, ако сака и да го истера целиот мандат. Прашање е дали ВЛЕН ќе успее да се консолидира и да ја врати таа помош“, вели Арсовски.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на брифинг со новинарите отфрли сценарио за предвремени парламентарни избори бидејќи рече сите тековни проекти што ги спроведуваат како Влада ќе стагнираат најмалку шест месеци.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитриевиќ, пак, во интервју за РСЕ посочи дека како партија тие веќе се подготвуваат за предвремени парламентарни избори, кога и да се.
Локалните избори на 19 октомври во Северна Македонија ќе бидат осми по ред од осамостојувањето на државата во 1991. По првиот круг, на 2 ноември предвидено е да се одржи и втор круг во оние општини каде нема да се избере нов градоначалник.
За 80 општини плус Градот Скопје, има вкупно 309 кандидати од партии и независни листи.