Затворени се сите избирачки места на кои граѓаните денеска (19 октомври) гласаа на осмите локални избори од осамостојувањето на државата.
Партиските раководства се веќе во нивните штабови, каде што ги чекаат резултатите од гласањето, кои се очекува да бидат објавени подоцна.
Изборниот ден помина во мирна атмосфера и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Екипата на Радио Слободна Европа посети избирачки места во општините Центар и Чаир. Очекувањата на граѓаните се слични - подобар живот во пофункционални општини.
Бранко Сотировски е жител на општина Центар. Од дома излезе рано, за да го оствари своето право на глас. Гласаше на избирачкото место 2857 во гимназијата „Јосип Брзо Тито“ во Центар. Од новиот градоначалник очекува да работи посветено и да ги реши проблемите на жителите на Центар.
„Градоначалникот треба да излезе на улица и да работи и самиот, прв тој, а по него и другите, а не само да седат во канцеларија“, вели тој.
Мирно и без проблеми се одвиваше гласањето и во општината Чаир. Како и во Центар, и чаирчани имаат слични желби. Поуредна општина и подобри услови за живот. Некои се надеваат на промени, но повеќето се скептични.
„Очекувам да се исчисти ѓубрето, да биде почисто, да се среди гужвата, тоа е најосновно за нас жителите на Чаир“, изјави Сабит Бериша.
„Сѐ исто ќе биде. Како што било, исто ќе биде“, вели жител на Чаир.
Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во земјава, Матео Мекачи изјави дека набљудувачите ги следат сите аспекти поврзани со изборите и истакна дека не е битен само денот на изборите, туку и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Тој го посети избирачкото место во Основото училиште „Лирија”, во општина Чаир.
„Не е важен само изборниот ден, туку битни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Секако ги следиме сите аспекти, кои се поврзани со самите избори, тука може да ги споменеме регистрацијата на гласачи, самата кампања, финансирањето на кампања, пристапот до медиуми, гласањето на самиот ден на изборите, пребројување на гласовите и.т.н“, порача Мекачи.
ДИК: Излезноста до 18.30 часот е 46,48 отсто
Од Државната изборна комисија информираат дека сите гласачки места биле отворени навреме и дека гласањето се одвива без поголеми проблеми.
До 18.30 часот одзивот на гласачите изнесува 46,48 процент.
Во градот Скопје вкупната излезеност до 18. 30 часот изнесувала 46,64 %.
Најголема излезност е регистрирана во општината Чашка од 71,63%, потоа во Могила 69, 04% во Вевчани со 69,78, а над 65 отсто гласачи имало и во Демир Капија и Конче.
Претседателот на ДИК, Кондарко кажа и дека во општините Центар Жупа излезноста била 21 отсто, во Маврово и Ростуше 28,58 % и во Врапчиште 24,42%, што знали дека имало помалку од една третина излезност од вкупниот број на запишани гласачи. ДИК појаснува дека за избран кандидат во првиот круг за градоначалник се смета оној кој добил мнозинство од гласовите од граѓаните кои излегле да гласаат, а тие треба да се најмалку една третина од запишаните гласачи.
Тоа значи дека во овие три општини за две недели ќе има повторено гласање во прв круг од изборите.
Изборите се одбивале законито гласање и без проблеми. До 19 часот нема пристигнато приговори за евентуални неправилности.
Мирен изборен ден, без поголеми нарушувања
Обвинителството и Министерството за внатрешни работи вечерва, по затворањето на гласачките места соопштија дека изборниот ден поминал во мирна атмиосфера, без ниту еден инциеент, но со изолирани случаи на пријави за обиди за поткуп или фотографирање и уништуивање на гласачко ливче.
Бројот на информации кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела е мал во целата држава, соопшти Јавното обвинителство на Северна Македонија откако јавни обвинители во текот на целиот цел го следеа изборниот процес во рамки на локалните избори.
„Станува збор за изолирани настани, а обвинителствата даваат приоритет на нивно итно расчистување“, изјави обвинителот Џељаљ Бајрами, кој е претседател на привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на постапувањето по евентуални кривични дела поврзани со изборите.
Тој информираше за поединечни случаи по кои постапуваат обвинителствата низ градовите.
Во Велес се испитува наводен поткуп при избори и гласање од страна на две лица. Сличен предмет има и во Крива Паланка и во Крушево.
„ОЈО Скопје е известено од МВР за две задржани лица на гласачко место во Општина Чаир кои одбивале да се легитимираат, како и за 2 фотографирања на гласачко ливче во Гази Баба што во суштина е прекршок. ОЈО Охрид постапува за настан во Охрид, каде три лица во возило, по оперативни сознанија на МВР биле запрени и во возилото биле пронајдени банкноти од по 2.000 денари и наводни списоци на гласачи. По наредба на јавен обвинител се испитуваат сите околности на случаите“, рече Бајрами.
Во Штип и Кочани, исто така се постапува по индиции за потпкуп, но и за притисок врз гласачи.
„ОЈО Тетово и ОЈО Кичево, по објавени информации на медиуми оформија предмети по допрен глас и испитуваат евентуални прекршувања на изборниот молк во Кичево и во Желино. Исто така, ОЈО Кичево постапува и по информација за нерегуларности при гласањето на едно болно и изнемоштено лице во Македонски Брод“, посочи обвинителот.
Ова беа „едни од најмирните и најбезбедните избори во државата“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по завршувањето на гласањето на локалните избори.
Тој информираше дека на 84 гласачки места имало задоцнување во стартот на гласањето од максимум 2 часа. Регистрирани се 28 прекини на гласањето од 15 до 30 минути, заради технички проблеми со уредите за идентификација, а најмногу биле во Тетово и Охрид.
Пријавени биле 91 настан , од кои најголем дел за агитирање и можен поткуп, а дел на фотографирање на гласачкото ливче, лепење плакати и упатени закани.
За 42 од пријавените случаи постапките се завршени, а во најголем дел наодите не се потврдени. Лишени од слобода се 11 лица, главно заради сомневања за поткуп, фотографирање или уништување на гласачко ливче, од кои четворица се ослободени, а седум се задржани за понатамошна постапка. Пријавени се и седум настани во кои наводно биле инволвирани полицајци, од кои само за еден се преземаат мерки за расчистување.
Скопје со најмногу кандидати за градоначалник и советници
Инаку граѓаните на Северна Македонија денеска, 19 октомври, гласаат во прв круг од локалните избори за градоначалници и членови на советите во сите 80 општини плус Градот Скопје.
Граѓаните излегуваат на гласачките места по втор пат за помалку од две години, откако лани во април и мај се одржаа претседателски и парламентарни избори.
Право на глас на изборите денеска имаат 1.832.415 граѓани, според Избирачкиот список што го заклучи Државната изборна комисија (ДИК).
Гласањето започна во 7 часот наутро и ќе трае до 19 часот, по што ќе следува броење на гласовите и објавување на првичните резултати.
За 81 градоначалничко место има 309 кандидатури, додека за место во советите се борат над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи.
Овие кандидати - учесници на изборите се предложени од вкупно 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Карактеристично за кандидатите за градоначалници е што доминираат мажите, кои се 277 или 89,64%, додека жени се само 32 односно 10,36%.
Најмногу кандидати има за градот Скопје, или 16 за градоначалник, а 19 листи за советници.
Во овој прв круг од изборите треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина.
Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Вкупниот буџет што го одвои државата за одржување на овие локални избори изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Вториот круг е закажан за 2 ноември.