Достапни линкови

Вести

Ќе му се суди и на сопственикот на фирмата што го обезбедувала „Пулс“ во Кочани

Објектот во кој беше сместена дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Објектот во кој беше сместена дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека го одобрил и второто обвинение поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кој одзеде 63 животи, а над 200 лица беа повредени.

Со ова обвинение се гони А.Н., кого обвинителството го товари дека е реален сопственик на фирмата „Рубикон секјурити солушн“, која била задолжена за обезбедување на дискотеката.

Сопственикот се гони за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.

„Согласно одобрениот акт, формиран е кривично правен предмет кој согласно АКМИС – системот е веќе распределен кај судија Биљана Смаќовска на понатамошно постапување“, соопштија од Основниот кривичен суд на 17 октомври.

Со обвинителниот акт се посочува дека сопственикот на фирмата за обезбедување имал пропусти во работењето односно не постапувал според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.

Обвинителството тврди дека обезбедувањето на дискотеката од страна на „Рубикон“ било вршено без писмен договор со клубот „Пулс“, и без контрола и надзор при исполнување на обврските на вработените кои вршеле обезбедување на имот.

„На критичниот ден, тројца вработени во агенцијата биле задолжени да го обезбедуваат објектот во Кочани без да утврдат претходна безбедносна проценка со проверка по однос на сигурносните услови на објектот, опасностите и можностите за евакуација во случај на опасност, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, во услови на преполнетост на капацитетот на посетители“, соопшти обвинителството при поднесување на обвинението за газдата на „Рубикон“ на 4 септември.

На почетокот на октомври, Основниот кривичен суд Скопје го одобри и првото обвинение поврзано со пожарот во Кочани. Со него се опфатени 34 лица и три фирми.

На нив ќе им се суди за делото „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.

Меѓу обвинетите во овој предмет се поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), тројца бивши градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководело со ноќниот клуб.

За овој предмет првото судско рочиште е закажано за 19 ноември.

Пожарот во „Пулс“ ја зеде последната, 63-та жртва на 14 октомври кога почина пејачот Владимир Блажев-Панчо од дуото ДНК, кое кобната ноќ меѓу 15 и 16 март настапуваше во дискотеката. Сите членови на бендот се меѓу загинатите.

види ги сите денешни вести

Сирија ја призна независноста на Косово

Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман Ал Сауд и претседателката на Косово Вјоса Османи, Ријад, 29 октомври 2025 година.
Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман Ал Сауд и претседателката на Косово Вјоса Османи, Ријад, 29 октомври 2025 година.

Сирија ја призна независноста на Косово во среда, објавија официјални лица од двете земји.

Косовската претседателка Вјоса Османи на Фејсбук изјави дека договорот за признавање на Косово од страна на Сирија е постигнат во Ријад со поддршка на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман Ал Сауд.

Османи му се заблагодари на сирискиот претседател Ахмед ал-Шариа за неговата одлука да го признае Косово и за неговата поддршка за народот на Косово.

Косовскиот претседател отпатува во Ријад, Саудиска Арабија, на покана на Мохамед бин Салман, за да учествува на форумот „Иницијатива за идни инвестиции“.

„Народот на Косово и Сирија страдаше и жртвуваше многу за да ја постигне слободата. Затоа, ова меѓусебно признавање денес не е само признавање на државниот суверенитет, туку и признание за жртвите на многу генерации да живеат слободно“, напиша Османи.

Сириското Министерство за надворешни работи соопшти дека одлуката за признавање на Косово „произлегува од верувањето на Сирија во правото на народите на самоопределување и од нејзината посветеност на промовирање на принципите на мир и стабилност на Балканот и во светот“.

„Оваа одлука е дел од политиката на Сирија насочена кон проширување на мостовите на соработка и отвореност кон пријателските земји, на начин што им служи на заедничките интереси и ги зајакнува врските на пријателство меѓу народите“, се вели во соопштението на министерството на мрежата X.

Дамаск „со нетрпение очекува“ најскоро можно воспоставување дипломатски односи со Косово и развој на билатерална соработка во политичката, економската и културната област, со цел да им служи на заедничките интереси на двете земји и двата пријателски народи, се вели во соопштението.

Сирија е меѓу најизолираните земји во светот повеќе од една деценија, зафатена од граѓанска војна, економски колапс и големи меѓународни санкции.

Од јануари оваа година, земјата ја води ал-Шара, кој ги предводеше опозициските борци во соборувањето на претседателот Башар ал-Асад, со што заврши петдецениското владеење на неговото семејство.

Одлуката на Сирија е трето признавање на независноста на Косово оваа година, откако претходно го признаа две африкански земји, Судан и Кенија.

Сирија е 120-тата земја што го призна Косово, а се очекува одлуката да ја налути Србија, која долго време се бореше против неговата независност.

Вучиќ ги отфрла обвинувањата дека стои зад антитурските инциденти во Црна Гора

Вандализиран турски ресторан во Подгорица, 28 октомври 2025 година
Вандализиран турски ресторан во Подгорица, 28 октомври 2025 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата негираше дека стои зад инцидентите насочени кон турските имигранти во Црна Гора, додавајќи дека „немал поим дека ова се случува“.

Одговарајќи на обвинувањата од Подгорица дека Црна Гора се користи за одмазда кон Турција затоа што Анкара доставила беспилотни летала во Косово, Вучиќ рече дека „такво нешто никогаш не му паднало на памет“.

„Тие мора да генерираат нова агенда затоа што не знаат што да понудат освен омраза кон сè што е српско“, рече српскиот претседател.

Инцидентите во Црна Гора започнаа на 26 октомври, по тепачка во која беше повреден жител на Подгорица, а за која се осомничени двајца странски државјани.

На улиците на Подгорица следеа протести со пораката дека „Турците треба да бидат протерани од Црна Гора“, а од викендот имаше демолирања на продавници во сопственост на турски граѓани, физички напади и закани со линч.

Црногорската влада, во која членуваат и партии блиски до Вучиќ, реагираше со воведување визи за турските граѓани.

Претседателот на Социјалдемократската партија на Црна Гора, Иван Вујовиќ, на социјалните мрежи оцени дека Вучиќ презема мерки против Турција преку Црна Гора, бидејќи Анкара доставила беспилотни летала во Косово.

Вучиќ изјави дека Вујовиќ е „гласник на (поранешниот црногорски претседател) Мило Ѓукановиќ“, и дека истото важи и за писателот Андреј Николаидис, кој рече дека немирите во таа земја „носат јасен авторски потпис“ на Александар Вучиќ.

Не беа само Вучиќ и Николаидис тие што упатија обвинувања против властите во Белград.

Реагирајќи на одлуката на Владата на Црна Гора да го укине безвизниот режим за турските граѓани, опозициската Европска Унија оцени дека ова е ксенофобичен и опасен чин на Владата и дека сето ова „се случува по наредба на шефот на кого му служат во Белград“.

„Веднаш по веста дека Турција доставила беспилотни летала во Косово. Тоа беше доволна причина владата на Спајиќ и нејзините екстремистички партнери да започнат нов бран хистерија против целиот турски народ“, изјавија тие на 28 октомври.

На 27 октомври, кога започнаа антитурските собири, поглаварот на Исламската заедница во Црна Гора, Рифат Фејзиќ, го коментираше настанот во контекст на заладувањето на односите меѓу Белград и Анкара.

„По помалку од 20 дена. Дали Белград ја казнува Турција преку Црна Гора?“, напиша Фејзиќ на мрежата X, објавувајќи фотографија од текстот со наслов „Вучиќ ја нападна Турција: Знаеме што планирате...“.

Дел од владејачката коалиција во Црна Гора, првенствено партиите на Демократскиот фронт, имаат блиски врски со Белград и српскиот претседател Вучиќ.

Откажан „Маршот на ангелите“ во Кочани в сабота поради Задушница

„Марш на ангелите“ - архивска фотографија
„Марш на ангелите“ - архивска фотографија

Поради празникот Задушница, оваа сабота на 1 ноември, нема да се одржи „Марш на ангелите“, соопшти на Фејсбук Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“.

„Овој ден е да им запалиме свеќа, да се помолиме за нивниот вечен мир и да им оддадеме достојна почит на сите наши најмили што не се меѓу нас. Следниот марш ќе биде најавен дополнително“, се вели во соопштението на Здружението.

Родителите на починатите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани изминатата сабота го одржаа 28. „Марш на ангелите“, барајќи правдата и вистината за овој случај да излезат на виделина.

Родителите остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сѐ додека не почне судењето. Поради изјавите на дел од адвокатите на обвинетите дека судскиот процес може да трае и до 15 години, сметаат дека се подготвува јавноста за одолговлекување и заборавање на случајот.

Претходно, ги повикаа судиите од Кривичниот суд да се мобилизираат и што побргу да го закажат судењето за случајот и обвинетите да седнат на обвинителна клупа.

На почетокот на октомври, Кривичниот суд во целост го одобри обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. За најголемата трагедија што се случила во Северна Македонија ќе има судски процес и на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми.

Пожарот во „Пулс“ зеде 63 жртви.

Божиновска - Јоксимовиќ: Гасниот интерконектор Северна Македонија - Србија е од стратешка важност за енергетска стабилност на регионот

Работен состанок на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за рударство и енергетика на Србија
Работен состанок на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со Јована Јоксимовиќ, помошничка министерка за рударство и енергетика на Србија

Изградбата на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија, кој треба да придонесе за енергетската безбедност и диверзификација на снабдувањето со гас во регионот, беше во фокусот на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со помошничка министерка за рударство и енергетика на Србија, задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција, Јована Јоксимовиќ.

Средбата се одржа во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој, кој веќе втор ден се одржува во Скопје.

И двете министерки го споделија ставот дека проектот треба да се реализира во забрзана динамика, за да се овозможи поврзување на гасните системи на двете земји и пристап до нови извори на гас, соопшти Министерството за енергетика, рударско и минерални суровини.

На маргините на форумот дополнително се одржа и работен состанок на кој се дискутираше координацијата на институциите и операторите во двете земји за реализација на проектот. Биле разгледани процедурите и техничките чекори за понатамошно убрзување на активностите.

„Гасниот интерконектор со Србија е еден од најважните регионални инфраструктурни проекти што ќе овозможи вистинска енергетска стабилност и сигурност. Овој проект не е важен само за Македонија и Србија – тој е значаен и за цела Европа. Со оваа нова енергетска врска, двете земји добиваат пристап до алтернативни извори и рути, а Европа добива посилен и подобро поврзан Балкан. Ова е чекор што ја позиционира нашата земја како активен и одговорен партнер во новата енергетска карта на Европа. Нашата заедничка цел е овој проект да се реализира во најкраток можен рок – затоа што секој ден е важен за нашата енергетска иднина. Со заеднички напори ќе го реализираме овој проект, во тесна координација и постојана комуникација со нашите партнери од Србија“, изјави Божиновска.

Јоксимовиќ порача дека заеднички ќе работат интерконекторот да стане реалност во најскоро време. Истакна дека гасниот интерконектор со државава е проект кој има значење, како што рече, подалеку од нашите граници.

„Тој е дел од визијата за регион кој е енергетски поврзан, сигурен и усогласен со европските цели. Србија и Северна Македонија заедно покажуваат дека со партнерство и заедничка стратегија можеме да обезбедиме стабилна и предвидлива енергетска иднина. Соработката меѓу нашите две земји во областа на енергетиката е пример како регионалното партнерство може да донесе конкретни резултати. Соработката со колешката Божиновска и со македонскиот тим е интензивна и исклучително конструктивна. Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Имаме јасна динамика, завршени студии и поддршка од европските институции. Следниот чекор е координирана акција за изградба“, изјави Јоксимовиќ.

Со гасниот интерконектор Србија – Македонија треба да се овозможи двонасочна врска за транспорт на природен гас меѓу двете држави, што ќе значи пристап до нови извори на снабдување.

По Меморандумот за разбирање за изградба на интерконекторот, што го потпишаа двете влади, таков документ потпишаа и националните оператори „Србијагас“ и „Номагас“, а со цел забрзување на реализацијата на проектот.

Гасоводот е во должина од 70 километри, од кои 47 во Србија, а 23 во државава.Кај нас ќе биде поврзан со постојниот гасовод кај Клечовце, а во Србија со гасоводот во Врање. Проектот претставува стратешка енергетска врска што треба да овозможи диверзификација на изворите на гас, поголема енергетска сигурност и регионална интеграција на гасните пазари.

Изградбата на интерконекторот повторно се актуелизира во македонската јавност, откако Европската унија воведе нови санкции кон Русија.

Советот на Европската Унија го поддржаа предлогот за укинување на увозот на рускиот природен гас од 1 јануари 2026 година, но дека ќе има преоден период за склучените договори од 1 јануари 2028година.

Северна Македонија има долгорочен договор за набавка и е целосно зависна од рускиот гас, кој доаѓа преку Бугарија. Претходно, Божиновска рече дека нема простор за паника и дека во случај и да не работи, нема да останеме без гас, бидејќи ќе има решение на ниво на ЕУ.

САД ги укинаа санкциите за Милорад Додик и уште 48 поединци и компании

Милорад Додик, претседател на СНСД
Милорад Додик, претседател на СНСД

Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) на Министерството за финансии на САД ги отстрани Милорад Додик, претседателот на Алијансата на независни социјалдемократи и членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ од листата на санкции.

Претходно санкционираните членови на семејството на Додик, нивните компании и блиски соработници, исто така, се отстранети од листата.

ОФАК веќе двапати го санкционираше Додик, за анти-Дејтонски активности.

Покрај Додик, од листата на санкции се отстранети и 48 физички и правни лица кои претходно беа санкционирани според Програмата за санкции за Западен Балкан.

Во одлуката е наведено дека од списокот на санкционирани се отстранети и децата на Милорад Додик, Игор и Горица, како и политичари од партијата на Додик и други блиски соработници: Ненад Стевандиќ, Сташа Кошарац, Радован Вишковиќ, Синиша Каран, Ален Шераниќре, Миланка Букетар. Голиќ, Драган Станковиќ, Душко Перовиќ, Душан Перовиќ, Бранислав Окука, Ѓорѓе Ѓуриќ, Владимир Перишиќ, Александар Добриќ, Мирко Добриќ, Влатко Вукотиќ, Марко Гујаниќиќ, Немања Рељин, Дажериќко Селјард Филиповиќ, Павле Ќоровиќ, Радмила Бојаниќ и Синиша Додик.

Исто така, компаниите поврзани со семејството Додик повеќе не се санкционирани: Алтернативна телевизија, Фруит Еко д.о.о. Агапе Горица Додик и Ивана Додик, Агапе Ресторан, Агро воќе д.о.о. Лакташи, Глобал Либерти, Инфинити Медиа, К-2 фирмс, УНА телевизија, Инфинити Интернешнл, Проинтер, Калдера Компани, Сириус, Елпринг д.о.о., Нимбус Иновејшнс д.о.о., Зелена јабука д.о.о., Ворто д.о.о., Бест Сервис д.о.о., Агапе Бест д.о.о., Сее медиа рисрч.

Пред десетина дена, ОФАК од списокот со санкции отстрани четири лица од босанскиот ентитет Република Српска, кои беа вклучени за организирање прослави на 9 јануари, неуставниот ден на Република Српска.

Во декември минатата година, властите на РС потпишаа договор со американската адвокатска фирма „Zell & Associates International Advocates“ за лобирање во САД за укинување на санкциите против Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ, промовирање на дијалогот меѓу РС и администрацијата на Доналд Трамп и преиспитување на Дејтонскиот договор и улогата на високиот претставник во Босна и Херцеговина.

Според документот за регистрација што го виде Радио Слободна Европа, адвокатската фирма ќе ги постигне овие цели во САД преку комуникација со претставници на извршната и законодавната власт таму, како и со невладиниот сектор.

Досега, договорите на РС со лобистички и адвокатски фирми во САД главно се однесуваа на промоција на инвестиции и правни совети, а овие услуги чинат десетици илјади долари месечно.

Евроинтеграцијата е дијалог, а не диктат, рече Сиљановска-Давкова на Парискиот мировен форум

Гордана Сиљаноска-Давкова -
Гордана Сиљаноска-Давкова -

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на осмиот Париски мировен форум, се обрати на сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот. Таа укажа на суштинската важност на регионалната соработка и повика на разбирање и дијалог, потенцирајќи дека евроинтеграцијата не може да биде диктат, туку е дијалог.

„Регионалната соработка за мене е неверојатно важна. Не може да избегаме од регионот, тој ни е судбина, ова важи не само за нас кои се уште чекаме да станеме кандидати или да ги завршат некои држави преговорите со ЕУ, но и за оние коишто веќе се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион“, изјави Сиљановска-Давкова по завршувањето на сесијата, со која модерираше Мишел Дикло од „Институтот Монтејн“.

На сесијата претседателаката зборуваше и за безбедносната состојба во Европа поради која, како што рече, „не смееме да бидеме оставени во геополитички вакуум и го реафирмираше ставот дека проширувањето на Унијата е безбедносно, а не само прашање на проширување“.

„Она што е чудно е што во 2019 година беа сменети правилата на играта среде игра, што е невообичаено ни за спортски натпревари, ниту пак во политички преговори, бидејќи беше воведена нова методологија“, истакна Сиљановска-Давкова во изјавата.

Според неа, од интерес за регионалната стабилност и демократија, но и за Европската Унија е да гледа на регионот како на систем на врзани садови и да направи храбар чекор како оној во 2004 година, односно да покаже иновативност во креирањето на конечни решенија за т.н. Западен Балкан, како неразделен дел од Европа.

Северна Македонија сè уште нема отворено кластери од преговорите со ЕУ бидејќи услов за тоа да се случи е вметнување на бугарската заедница во Преамбулата во Уставот, на што Владата не се согласува без гаранции дека ќе нема други условувања и нови вета од Бугарија.

Слободата на медиумите во Србија е загрозена, велат „Репортери без граници“

Илустрација
Илустрација

Речиси една година по почетокот на масовните протести поради смртта на 16 лица во трагедијата во Нови Сад, Србија доживеа рекорден број напади врз новинари кои ги известуваат настаните, соопшти во среда меѓународната организација „Репортери без граници“.

„Од 1 ноември 2024 година, според податоците на РСФ, медиумските работници во Србија биле жртви на најмалку 89 физички напади. Вкупниот број за 2025 година е 82 случаи - највисок годишен број од 2008 година, според споредбените податоци од РСФ и нејзиниот локален партнер, Независното здружение на новинари на Србија“, соопшти РСФ.

Организацијата им оддаде почит на новинарите во Србија кои „херојски известуваат за протестите и покрај институционализираното насилство на режимот на претседателот Александар Вучиќ“.

Тие ја повикаа меѓународната заедница да им помогне на новинарите да работат безбедно преку финансиска, правна и политичка поддршка и да се осигура дека нивните напаѓачи ќе бидат гонети.

„Слободата на медиумите во Србија е под закана, како и нашето право да бидеме информирани за настаните во оваа земја-кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), вклучително и почитувањето на правото на собирање од страна на властите“, рече Павол Салаи од РСФ.

Организацијата соопшти дека од последната проценка на РСФ во август 2025 година, два дена биле особено насилни за новинарите што ги известувале протестите во Нови Сад.

Тие потсетуваат дека на 5 септември, полицајци ги нападнале Емир Кахримановиќ од порталот 021.rs, Катарина Стевановиќ од неделникот Време, Немања Шаровиќ од каналот КТВ, како и Ксенија Павков и нејзиниот снимател од телевизијата Н1.

Истиот ден, потсетува организацијата, за време на рација на Универзитетот во Нови Сад, полицијата привела неколку членови на студентскиот уреднички тим на информативниот портал Блокада и им ја конфискувала опремата.

Нешто повеќе од еден месец подоцна, на 11 октомври, полицајци употребиле прекумерна сила против Дарија Матиќ од порталот Машина.рс, Бранкица Матиќ од порталот Сторителер, како и Миљко Стојановиќ и Анѓела Рисантијевиќ од порталот Глас Зајечара, според Репортери без граници.

„Истиот ден, еден човек ја заканил и ја следел новинарката на телевизијата Н1, Леа Апро, пред да ја зграби за рака и да ѝ го земе телефонот - по што бил приведен од полицијата, што е ретка појава“, соопшти организацијата.

„Репортери без граници“ потсетува дека на 22 октомври, Европскиот парламент усвои резолуција во која остро ја критикува српската влада за слободата на медиумите.

„Документот потврдува дека „неколку новинари биле нападнати или им била одбиена заштита додека известувале за протестите“ и го осудува поттикнувањето на омраза од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ кон демонстрантите и новинарите“, потсетува РСФ.

Една недела пред Европскиот парламент да ја усвои резолуцијата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на состанокот во Белград со Александар Вучиќ, се ограничи на порака за потребата од „напредок во однос на слободата на медиумите“.

Сепак, девет меѓународни организации за заштита на слободата на печатот и правата на новинарите, вклучувајќи ја и РСФ, ја предупредија за опасниот преседан што неактивноста на Европската Унија во Србија може да го постави во регионот на Западен Балкан.

„Инструментите што ѝ се достапни на Комисијата, вклучително и суспензијата на средствата од ЕУ, треба да се применат за да се испрати јасна порака за посветеноста на Европската Унија на независно новинарство и слобода на медиумите во регионот“, рекоа деветте организации во заедничка изјава на 13 октомври.

Од 180 земји и територии во Индексот на слобода на печатот во светот на „Репортери без граници“ за 2025 година, Србија е на 96-то место.

Руски напад остави без струја околу 27000 домаќинства во Одеса

илустрација
илустрација

Речиси 27.000 домаќинства во јужниот регион Одеса во Украина се без електрична енергија по синоќешниот руски воздушен напад врз енергетски објект, соопшти денеска (29 октомври) енергетската компанија ДТЕК.

Нападот ја оштетил и транспортната инфраструктура, напиша воениот гувернер на црноморскиот регион, Олег Кипер, на Телеграм.

Украинското Министерство за енергетика пријави нови руски напади врз енергетските системи во регионите Одеса, Дњепропетровск и Доњецк, пренесе ДПА.

Со оглед на тоа што електричната мрежа е веќе ослабена од претходните напади, некои области се соочуваат со повеќечасовни прекини на електричната енергија, што влијае и на индустријата и на приватните домаќинства.

Властите соопштија дека едно лице е убиено во синоќешните напади.

Украинското воено воздухопловство информираше дека руската војска лансирала 126 дронови, од кои 93 биле соборени.

Предвремени парламентарни избори во Холандија

Лидерот на Партијата на слободата (ПВВ) Герт Вилдерс, 29 октомври 2025 година
Лидерот на Партијата на слободата (ПВВ) Герт Вилдерс, 29 октомври 2025 година

Холанѓаните се враќаат на гласачките места во среда, 29 октомври, само 23 месеци откако Партијата за слобода (ПВВ), предводена од Герт Вилдерс, постигна најголем успех на изборите во ноември 2023 година.

Крајнодесничарската партија освои 37 од 150 места во долниот дом на парламентот.

Коалиција предводена од високиот државен службеник Дик Шуф беше формирана во јули 2024 година, по интензивни преговори. Таа влада траеше помалку од една година, бидејќи Вилдерс го забрза нејзиниот пад во јуни, предизвикувајќи предвремени избори.

На денешните избори кои се оценуваат како најнеизвесни во последниве неколку децении до 10: 30 часот гласале околу 12 отсто од регистрираните гласачи.

Како што јавуваат холандските медиуми, оваа излезност е пониска во споредба со претходните избори во ноември 2023, кога до 10:30 часот одзивот беше 14 проценти.

Своето гласачко право уште претпладнево го остварија лидерите на водечките политички партии.

За да се олесни гласањето на граѓаните, поставени се гласачки места и на 50 железнички станици ширум Холандија, на кои, според централната Изборна комисија, засега нема поголеми гужви и гласачкиот процес тече непречено.

Последните анкети на јавното мислење, спроведени вчера (28 октомври), покажуваат неизвесна борба за победа меѓу Партијата на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, блокот на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на Франс Тимерманс и партијата Демократи 66 (Д66) на Роб Јетен, кои се очекува да освојат по околу 15 отсто од гласовите и по 23 пратенички места.

Околу 10.000 гласачки места за денешните избори ќе бидат отворени до вечерва до 21 часот.

Трамп вели дека трговскиот договор со Јужна Кореја е „речиси“ готов

Американскиот претседател Доналд Трамп и северкорејскиот претседател Ли Џе Мјунг
Американскиот претседател Доналд Трамп и северкорејскиот претседател Ли Џе Мјунг

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнат трговски договор со јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг, пред да додаде дека договорот е „речиси“ финализиран.

„Го направивме тоа“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан дали е постигнат договор, без да даде дополнителни детали.

„Постигнавме договор. Направивме многу различни работи. Имавме одлична сесија“, рече американскиот лидер.

Но, подоцна го смени тврдењето, велејќи на вечера на која беше и Ли дека договорот е „скоро финализиран“.

„Дојдовме до заклучок за многу многу различни точки“, истакна Трамп.

Во јули, Трамп рече дека Вашингтон се согласил да ги намали царините за јужнокорејскиот увоз на 15 проценти во замена за инвестициски залог од 350 милијарди долари.

Но, високите царини за автомобили останаа на сила, а двете влади беа поделени околу структурата на инвестицискиот залог.

Во разговор со новинарите, главниот помошник на претседателот во Сеул, Ким Јонг-Беом, потврди дека е постигнат широк договор.

Сеул и Вашингтон „постигнаа договор за деталите од преговорите за царините“, потврди Ким.

Тој рече дека двете страни се согласиле да ги одржат реципрочните царини на 15 проценти по прелиминарниот договор постигнат во јули.

„Пакетот за финансиски инвестиции на Јужна Кореја за Соединетите Држави, вреден 350 милијарди долари, се состои од 200 милијарди долари во готовински инвестиции и 150 милијарди долари во соработка во бродоградбата“, додаде Ким.

Двете страни, исто така, се согласиле да ги „намалат царините за автомобили и автоделови на 15 од 25 проценти, соопштија од Кабинетот на Мјунг.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG