Достапни линкови

Вести

ДИК ги објави конечните резулати за градоначалници во 29 општини и Град Скопје

Државна изборна комисија (ДИК)
Државна изборна комисија (ДИК)

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 155 седница ги објави официјалните резултати од вториот круг на Локалните избори 2025 за избор на градоначалник во 29 општини и град Скопје, додека за три општини - Брвеница, Карпош и Шуто Оризари има приговори.

„Во врска со овие приговори Државната изборна комисија ја известува јавноста дека ќе постапува на јавна седница во законскиот рок денеска со почеток во 14 часот“, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Тој додаде дека до ДИК има поднесено и три приговори за гласањето за избор на членови на Советот во Општина Шуто Оризари, каде што имаше прегласување спроведено на 2 ноември 2025 година и тоа на трите избирачки места.

„Поради тоа објавувањето на конечните резултати од гласањето за Советот на Општина Шуто Оризари нема да бидат објавени денеска, ќе се чека по постапувањето на приговорите на седницата на Државната изборна комисија, а потоа и по одлучување на евентуални тужби пред Управниот суд“, рече Кондарко.

Локалните избори се одржаа на 19 октомври и 2 ноември. Според резултатите од двата круга на локалните избори, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.

Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.

Две општини ќе ги водат независни кандидати.

види ги сите денешни вести

Силен ветер пренасочи два авиона од Скопје кон Приштина, два кружат над аеродромот

Илустративна фотографија - Меѓународниот аеродром Скопје.
Илустративна фотографија - Меѓународниот аеродром Скопје.

Поради силниот јужен ветер што вечерва го зафати скопскиот регион, два авиона се пренасочени да слетаат на аеродромот во Приштина, информира Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Според ДЗС, уште два авиона во моментов кружат над Меѓународниот аеродром Скопје и чекаат инструкции за безбедно слетување.

Надлежните ја следат состојбата во реално време и апелираат патниците да ги проверуваат информациите од авиокомпаниите и аеродромските служби.

Според веб-страницата на ТАВ Македонија, забележани се доцнења, меѓу кои и на летот од Скопје кон Милано Малпенса.

Управата за хидрометеоролошки работи претходно предупреди дека регионот ќе биде зафатен од обилни врнежи, над 30 литри дожд на метар квадратен, како и засилен јужен ветер кој може да достигне и до 60 километри на час.

Во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата се очекува слаб локален дожд.

Украина потпиша договор за борбени авиони со Франција, Кремљ сака нов самит со САД

Претседателите на Украина и Франција, Володимир Зеленски и Емануел Макрон, во воздухопловната база Вилакублеј во близина на Париз, 17 ноември 2025 година.
Претседателите на Украина и Франција, Володимир Зеленски и Емануел Макрон, во воздухопловната база Вилакублеј во близина на Париз, 17 ноември 2025 година.

Украина постигна 10-годишен договор со Франција за испорака на 100 борбени авиони „Рафал“ за зајакнување на нејзината одбрана, додека Кремљ изјави дека се надева на нов самит со Соединетите Американски Држави за да разговараат за можно решение за прекин на војната во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на 17 ноември, каде што се согласија за договорот, додека руските сили ги интензивираат воздушните напади низ Украина и напредуваат во источниот дел на земјата.

„Тоа ќе биде најголемата воздушна одбрана, една од најголемите во светот“, рече Зеленски откако беше постигнат договорот за авионите.

Елисејската палата соопшти дека договорот вклучува и системи за воздушна одбрана, бомби и беспилотни летала - нова опрема што не доаѓа од сегашните залихи на француските вооружени сили.

Договорот доаѓа откако претходно овој месец беше објавено дека Шведска и Украина се блиску до обезбедување финансирање за договор со кој Киев би можел да купи до 150 борбени авиони „Грипен“ од четвртата генерација.

Украина долго време се обидува да ја зајакне својата воздушна одбрана за да се спротивстави на руската доминација во најголемиот и најсмртоносен конфликт во Европа од крајот на Втората светска војна.

Додека Зеленски беше во Париз каде што го потпишуваше договорот, а потоа во вторник патува во Шпанија, Кремљ ги повтори своите надежи за втор самит меѓу претседателот Владимир Путин и американскиот лидер Доналд Трамп.

Двајцата се состанаа во Алјаска во август во обид да ги поттикнат мировните преговори за завршување на војната. Но, тие разговори не донесоа пробив.

Санкциите на САД врз руските енергетски гиганти следеа по неколку неуспешни рунди американско-руски разговори, за време на кои во еден момент беше предложен самит во Будимпешта.

Кратко по разговорите меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио (Марко) и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Трамп рече дека нема да „губи време“ на средба со Путин ако лидерот на Кремљ не е подготвен да постигне договор за завршување на војната во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите во Москва во понеделник дека самитот може да се одржи штом ќе се завршат потребните подготовки, изјава што тој периодов ја повтори неколку пати.

„Тешко е сега да се предвиди кога ќе се појават овие услови. Иако, секако, сите сме заинтересирани овие услови да се случат што е можно порано“, рече тој.

„Затоа, штом ќе завршат овие подготовки и ќе се исполнат условите за самитот, се надеваме дека тој ќе се одржи“, додаде Песков.

Западните медиуми генерално објавија дека имало мала промена во ставот на Русија за прекин на конфликтот од средбата на Трамп со Путин во Алјаска во август, која не резултираше со прекин на огнот.

Трамп изјави на почетокот на ноември дека сè уште не гледа дека Русија е подготвена да ги запре борбите, иако сè уште ја фаворизира Будимпешта како место за мировен самит кога ќе се исполнат условите за таков состанок.

Трамп изјави во неделата дека е отворен за нови санкции од Конгресот на САД кои би биле насочени кон „секоја земја што соработува со Русија“.

Тој не даде дополнителни детали.

Комисијата за финансирање и буџет го заврши општиот претрес по Предлог-буџетот за 2026 година

Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.
Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

По тридневна расправа, Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска го заврши општиот претрес по Предлог-буџетот за 2026 година.

Дискусијата по повеќе од 100 поднесени амандмани ќе продолжи утре, по завршување на пленарната седница, соопшти претседателката на Комисијата, Јованка Тренчевска.

Пратениците од владејачкото мнозинство оценија дека буџетот е реален, развоен и насочен кон економски раст, со повеќе средства за плати, пензии, инфраструктура, дигитализација и капитални инвестиции.

Тие нагласија дека во документот се забележуваат првите чекори на фискална консолидација и подобрување на економската прогноза.

„Предлог буџетот е реален со силно изразена развојна компонента, ја изразува волјата на извршната власт за стабилизација и основа за развој, со непотребни трошоци сведени на нула. Сведоци сме на мерки и активности кои веќе покажаа резултати“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.

Опозицијата, пак, смета дека буџетот е нереален, социјален и неразвоен, без потенцијал за подобрување на стандардот на граѓаните.

Пратениците предупредија на раст на јавниот долг и намалување на капиталните инвестиции, оценувајќи дека 91% од расходите се наменети за трошоци кои не генерираат раст.

Фатмир Битиќи од СДСМ во реплика го праша Јаревски за какви развојни проекти зборува кога, како што рече, во Извештајот на Европската комисија било укажано дека капиталните расходи се 46 проценти во средина на ноември.

„Тагувам кога ќе видам ваков буџет и кога 7 проценти раст на платите го кажувате како револуционерно, а е поради усогласувањето со минималната плата“, рече Битиќи.

Проекциите во Предлог-буџетот за 2026 година предвидуваат вкупни приходи од 374,7 милијарди денари, расходи од 413,9 милијарди денари и капитални инвестиции од 40,5 милијарди денари. Економскиот раст е планиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

За градоначалници во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се гласа на 11 јануари

Втор круг од локалните избори, 2 ноември 2025 година
Втор круг од локалните избори, 2 ноември 2025 година

На 11 јануари ќе се одржат локалните избори во четирите општини каде на првиот круг на Локалните избори немаше доволен број граѓани кои излегоа на гласање. Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска(17 ноември)го потпиша актот за одржување избори во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.

„Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство. Со стапувањето во сила на овој акт надлежните институции почнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации, да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“.

Гаши ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.

„Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет. Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“, се вели во писмената изјава на собранискиот спикер.

Локалните избори се одржаа на 19 октомври (прв круг) и на 2 ноември(втор круг). Според резултатите од двата круга на локалните избори, коалицијата предводена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.

Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.

Две општини ќе ги водат независни кандидати.

Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа изборите за градоначалници пропаднаа, бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Туск: Експлозијата на железницата е „чин на саботажа“

Оштетените железнички шини во правец Варшава – Лублин, Полска, 17 ноември 2025 година
Оштетените железнички шини во правец Варшава – Лублин, Полска, 17 ноември 2025 година

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека експлозијата на една важна железничка линија што се користи за транспорт на воена опрема и помош за Украина била предизвикана од „невиден чин на саботажа“.

Туск во објава на социјалните мрежи на 17 ноември рече дека експлозијата се случила еден ден претходно на линијата што води од Варшава до источниот полски град Лублин, околу 100 километри од границата со Украина.

„Разнесувањето на железничката пруга на рутата Варшава–Лублин е невиден чин на саботажа насочен против безбедноста на полската држава и нејзините граѓани,“ напиша Туск, додавајќи дека е во тек истрага.

Тој не даде дополнителни детали за експлозијата или за тоа кој можел да стои зад неа, но рече дека е откриена и втора локација со оштетување на истата линија, подалеку кон исток.

Полските претставници, како и оние од други европски земји, одамна обвинуваат дека Москва води „хибридна“ кампања на саботажи и шпионажа против земјите што и помогнаа на Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

Минатиот месец, полските власти уапсија осум лица осомничени за шпионажа или планирање напади во име на Русија.

Во јануари, Туск ја обвини Русија дека планира терористички напади врз неименувани цели користејќи воздушни летала.

Неговите коментари дојдоа во услови на сè поголем број сомнителни, вознемирувачки и необјаснети инциденти.

Некои од нив вклучуваа меѓународни авиокомпании и обвинувања дека Русија се обидувала да постави тајни експлозиви на карго летови, додека други се однесуваа на бродови што предизвикале прекини на подводни кабли.

Москва постојано ги негира западните обвинувања за терористички напади, вклучувајќи палење, кражби, труења и напади врз поединци на Запад.

Косовската полиција ги негира обвинувањата за пукање врз српската армија

Автомобил на косовската полиција (илустрација)
Автомобил на косовската полиција (илустрација)

Косовската полиција ги негираше наводите на медиумите во Србија кои вечерта на 16 ноември објавија дека „група Албанци пукале врз припадници на српската армија во близина на базата „Дебела Глава“.

Косовската полиција наведува дека станува збор за неосновани информации кои „не одговараат на никакви официјални информации или настани потврдени од властите на територијата на Косово“.

„Врз основа на сите оперативни податоци, извештаите на полициските единици на терен и координацијата со други надлежни институции, не е регистриран ниту еден инцидент од ваков карактер. Објавувањето на вакви неточни информации придонесува за создавање лажни перцепции и зголемување на непотребните тензии во граничните области“, наведува косовската полиција.

Оттаму исто така додаваат дека треба да се напомене дека полициските единици во неделата уапсиле четворица ловџии со српско државјанство за нелегално преминување на границата и нелегално поседување оружје, кои влегле на територијата на Косово од правец на Србија.

„Пронајденото оружје и муниција беа конфискувани, додека осомничените, според одлуката на надлежните судски органи, беа приведени во согласност со законските процедури“, се додава во соопштението.

Косовската полиција не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа за националноста на притворените српски државјани.

Во меѓувреме, Вишото јавно обвинителство во Врање, град на југот од Србија, во одговор до Радио Слободна Европа потврди дека неколку неидентификувани лица, најверојатно од ловечко оружје, испукале неколку истрели во правец на патролата на српската армија во близина на воената база „Дебела Глава“, која исто така се наоѓа во близина на границата со Косово.

Овие лица, како што е дополнително наведено, се оддалечиле со неколку возила кон територијата на Косово, а инцидентот бил пријавен на дежурниот јавен обвинител од страна на Воената полиција во вечерните часови на 16 ноември.

„Во овој инцидент нема повредени лица. Според наредбата на обвинителството, полицијата презема потребни мерки за утврдување на сите околности на овој настан“, се наведува во одговорот.

Неколку медиуми во Србија, вклучувајќи го и Јавниот сервис - Радио телевизија на Србија, во неделата навечер објавија дека група „маскирани Албанци нападнале припадници на српската армија во регионот на базата Дебела Глава, во близина на границата со Косово“.

Сепак, не беа презентирани докази дека групата била составена од Албанци, туку само се наведува дека „тие избегале во правец на Косово со шест џипови“.

Радио Слободна Европа ја праша мисијата на НАТО во Косово, КФОР, која ја контролира граничната област со Србија, дали е запознаена со овој инцидент, но одговор засега не добивме.

Протест во Стразбур против судењето на поранешните водачи на ОВК во Хаг

Илустрација - демонстрант со фотографија од поранешниот косовски претседател Хашим Тачи за време на протестот во Тирана на 17 октомври 2025 г.
Илустрација - демонстрант со фотографија од поранешниот косовски претседател Хашим Тачи за време на протестот во Тирана на 17 октомври 2025 г.

По протестите во неколку различни европски градови, своите негодувања против судењето на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) демонстрантите сега ги упатија од Стразбур, Франција, пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Целта на протестот, организиран од групи што произлегуваат од војната на ОВК, е да се изрази незадоволство од судењето на поранешните команданти – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.

Судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими започна во 2023 година и е при крај. Сите тие ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Претходно, слични протести се одржаа и во Тирана, Хаг и Приштина.

Организаторите рекоа дека протестот во Стразбур ги обединува Албанците „онаму каде што започна неправедната сага во нашата историја“.

Во извештај од 2010 година, составен од тогашниот швајцарски сенатор Дик Марти и одобрен од Парламентарното собрание на Советот на Европа, се тврди дека лидерите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) биле вклучени во трговија со органи за време на војната 1998-99 година.

Ова доведе до формирање на Специјализираните совети за Косово во 2015 година за да се истражат наводните злосторства од страна на членовите на ОВК против етничките малцинства и политичките ривали.

Судење во Хаг

Судењето на четворицата поранешни команданти на ОВК започна во 2023 година, три години откако беа уапсени и притворени во косовскиот суд во Хаг.

Сега, повеќе од две години подоцна, нивното судење се ближи кон крајот, откако одбраната на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги повика своите сведоци.

Во септември, во корист на одбраната сведочеа поранешниот помошник државен секретар на САД – Џејмс Рубин, правниот советник на косовската делегација за време на разговорите во Рамбује во 1999 година – Пол Вилијамс, специјалниот претставник на САД за време на косовската војна – Крис Хил, и поранешниот британски дипломат – Џон Стјуарт Данкан.

Сите сведочеа дека Тачи немал авторитет над ОВК.

Специјализираните совети очекуваат судењето на поранешните водачи на ОВК да биде завршено до крајот на декември.

Тачи беше политички лидер на ОВК пред и за време на војната 1998-1999 година, Весели беше началник на разузнавачката служба, Красниќи беше портпарол, а Селими беше член на Генералштабот.

Обвинението против нив вклучува обвиненија за незаконско притворање, тортура, убиство, злосторства против човештвото, присилно исчезнување и прогон на стотици цивили и лица кои не учествувале во војната.

Се тврди дека овие злосторства се случиле помеѓу март 1998 и септември 1999 година на различни локации во Косово, а исто така и во северна Албанија.

Дали привршува судскиот процес за воени злосторства против Хашим Тачи?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Според Специјализираните совети, Тачи, Весели, Красниќи и Селими носат лична кривична одговорност за овие злосторства, но сите негираат вина.

Адвокатите на одбраната изјавија дека ОВК немала да добие поддршка од меѓународната заедница доколку постоел злосторнички план, како што тврдат обвинителите.

Според нив, обвинението се базира на селективно погрешно толкување на настаните.

Свирепо убиство во Штип, жртва била 79-годишна жена

Илустрација.
Илустрација.

Жена на возраст од 79 години од Штип била држена без волја, а потоа убиена и закопана од страна на осомничениот 74-годишен штипјанец.

Случајот го откри Министерството за внатрешни работи карактеризирајќи го како „свирепо убиство“ во соопштение во кое посочува дека е поднесена пријава против осомничениот за кривичните дела убиство и противправно лишување од слобода.

„Тој се сомничи дека во домот во кој живее во Штип без нејзина волја ја држел Б.Н.(79) од Штип, а потоа со остар предмет и нанел убодни рани од кои починала, по што телото го закопал во дворот“, соопшти МВР.

Сестрата на убиената жена на 24 октомври пријавила во полиција дека нејзината сестра се оддалечила од домот. Откако полицијата добила сомнежи дека таа можеби била држена во домот на осомничениот, на 10 ноември извршила претрес кога првично било пронајдени предмети и траги од крв.

Тогаш осомничениот бил приведен и задржан во 96-часовен притвор каде признал што направил.

„По изработените вештачења и дополнителни мерки, во повторен разговор со полицијата осомничениот детално го појаснил начинот на кој, според МВР, го извршил делото. Телото е пронајдено и по наредба на јавен обвинител било дадено на обдукција“, велат од МВР.

На осомничениот штипјанец му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Во Северна Македонија бројот на жртви на убиства во 2024 година изнесувал 21 еден повеќе од 2023, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Бројот на жени жртви на убиства бил две лани, а четири во 2023-та.

Албанија ќе го отвори последниот кластер од преговорите со ЕУ

Премиерот Еди Рама вели дека Албанија постигнува „апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција“ (фотоархива).
Премиерот Еди Рама вели дека Албанија постигнува „апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција“ (фотоархива).

Албанија утре, 17 ноември, во Брисел ќе ја одржи седмата меѓувладина конференција со ЕУ, на која се очекува земјата да го отвори последниот кластер од пристапниот процес кој се однесува на ресурсите, земјоделството и кохезијата.

Во овој кластер спаѓаат поглавјата за земјоделството и рурален развој, за безбедност на храната, ветеринарството и фитосанитарните прашања, за рибарството и аквакултурата, регионалната политика и координацијата на структурните инструменти и за финансиските и буџетските одредби.

Албанскиот премиер Еди Рама, најавувајќи го одржувањето на меѓувладината конференција оцени дека „отворањето на последниот кластер во преговорите е рекордно достигнување“.

„Со отворањето на оваа група поглавја, Албанија го постигнува невозможното бидејќи ги финализира сите преговарачки поглавја во рок од 12 месеци, постигнувајќи апсолутен рекорд во напредокот на европската интеграција. Целта на Владата е да го заврши процесот на преговори до 2027 година. Ништо нема да не спречи кон членство во ЕУ во 2030 година“, рече Рама.

Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година.

До тогаш, Албанија беше во „пакет“ со Северна Македонија, која е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.

Но, патот на Северна Македонија е закочен поради потребата од уставни измени.

Тоа е обврска што Скопје ја презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Бугарија стави вето за почеток на преговорите.

По ветото, со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис со кој Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај постоечките, да се додаде и бугарската заедница, но од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Потоа, Северна Македонија во јули 2022 одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени.

Актуелната Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ негодува на ваквиот компромис што го постигна претходната влада на СДСМ и ДУИ, и за да направи уставни измени бара гаранции од меѓународната заедница дека нема да има нови условувања од Бугарија.

Вучиќ по секоја цена сака да избегне национализација на НИС

САД на 9 октомври воведоа санкции за НИС.
САД на 9 октомври воведоа санкции за НИС.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека по секоја цена сака да избегне национализација на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е под санкции на САД поради мнозинското руско сопствеништво. Министерот за финансии Синиша Мали, пак, порачува дека е време Србија да размисли за себе.

На седница на српската Влада, посветена на иднината на националната нафтена компанија, беше кажано дека конечната одлука мора да се донесе во рок од седум дена за да се овозможи работењето на НИС и на рафинеријата што работи во нејзин состав.

САД воведоа санкции врз НИС на 9 октомври со цел да се спречи Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина. Овие санкции претходно беа одложувани осум пати.

„Сакам по секоја цена да избегнам национализација и конфискација бидејќи тоа не е наша мнозинска сопственост. Прво сакам да ги исцрпам сите можности“, рече Вучиќ.

Србија е единствената земја во Европа, заедно со Белорусија, која не се приклучи на санкциите на Европската Унија против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина.

Како што изјави Вучиќ, Русите разговараат за продажба на сопственоста во НИС со своите азиски и европски партнери.

„Се надевам дека азиските и европските партнери ќе се согласат да преговараат за сопственоста“, рече Вучиќ.

Тој исто така рече дека Србија е подготвена да понуди повисока цена доколку е потребно.

„Дури и ако преплатиме, не сакам ништо да одземам од никого. НИС и рафинеријата мора да работат“, додаде тој.

Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС се промени неколку пати, но таа сè уште е во мнозинска сопственост на руски компании, додека Србија има 29,87 проценти удел.

Откако протокот на сурова нафта во Србија беше спречен поради американските санкции врз НИС, министерот за финансии Синиша Мали рече дека Србија имала доволно разбирање кон своите руски пријатели.

Сега, рече тој, е време Србија да размисли за себе и да ги земе работите во свои раце.

„Знам дека е тешка одлука, но нема друго решение. Мора да обезбедиме пари. Ако дојде до точка каде што третата страна нема да прифати преземање, ние мора да понудиме повисока цена“, рече Мали на владината седница.

Тој посочи дека дури и по 17 години работа во Србија, „руските пријатели“ не ѝ понудиле на Србија, земја домаќин и ко-сопственик на НИС, заедно да бараат решение.

„Оваа ситуација со НИС ни загрозува сè, нашиот раст, нашата стабилност, нашиот кредитен рејтинг, ги загрозува нашите перспективи, доаѓањето на нови инвеститори“, рече Мали.

Вучиќ одговори дека ја разбира неговата нервоза, но му рекол „да не ја шири“.

Претходниот ден, српските власти објавија дека САД не му дале на НИС „ниту еден ден да продолжи со работа“.

Како што изјави тогаш министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, добиено е одобрение за преговори за сопственост, но „не и за НИС и рафинеријата да продолжат со работа“.

„Американската администрација сака целосна промена на сопственоста на НИС и бара целосно повлекување на руската сопственост од компанијата“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.

Според официјалните пресметки, со државна помош од стоковите резерви, нафтата за преработка во Рафинеријата Панчево, која е дел од НИС, ќе биде достапна до 25 ноември.

Србија од домашно производство задоволува само една петтина од потребната количина нафта, според податоците од Агенцијата за енергетика на Србија. Остатокот од нафтата се увезува.

Во 2008 година, српската држава продаде 51 процент од акциите во НИС на руската државна компанија Газпром Нефт за цена од 400 милиони евра, без тендер.

НИС е единствената компанија во Србија што се занимава со истражување, производство и преработка на нафта, како и со производство на природен гас.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG