Така е и со новиот предлог буџет за следната година, во кој Владата најавува капитални инвестиции од 660 милиони евра, но реализацијата за оваа година засега не го минува прагот од 45 отсто, според податоците на Министерството за финансии.
Причините за тоа, според Благица Петрески - извршна директорка во „Фајнанс Тинк“, лежат во системските слабости при планирањето и спроведувањето на проектите.
Таа објаснува дека проблемот не е само во Министерството за финансии, туку и во линиските министерства, каде често се прави амбициозно, но нереално планирање, без соодветно усогласување со вистинските административни и технички капацитети.
„Меѓу главните причини се доцнење во јавните набавки, недоволна проектна подготовка и ограничени капацитети за управување со инвестициите. Дополнително, недоволната примена на среднорочната рамка за буџетирање и отсуството на систем за следење на фазите на проектите ја намалуваат ефикасноста и предвидливоста во извршувањето“, вели таа.
Владата на 1 ноември го усвои Предлог-буџетот за 2026 година од околу 6 милијарди евра, во кој повторно се најавува „високо ниво на капитални инвестиции“ од 40,5 милијарди денари (околу 660 милиони евра).
Со тоа капиталните проекти учествуваат со околу 9,8 проценти од предлог-буџетот, од вкупните 413,9 милијарди денари расходи.
„Посебен акцент е ставен на развојната компонента која е поткрепена со високо ниво на капитални инвестиции кои се проектирани во износ од 40,5 милијарди денари“, рече Димитриеска-Кочоска.
Кои се приоритетните проекти?
Владата во следниот период треба да објави кои големи проекти ќе бидат приоритет во новиот буџет, но меѓу клучните инфраструктурни инвестиции, според Програмата за економски реформи (ПЕР) за 2025–2027 година на Министерството за финансии објавен во јануари 2025 година, се железничкиот Коридор 8: довршување на делниците Куманово – Бељаковце – Крива Паланка до границата со Бугарија.
Потоа, проектот за заеднички железнички граничен премин Табановце со Србија, гасификацијата преку изградба на делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево и Свети Николе – Велес, како и интерконекции со Грција, Косово и Србија,
Инвестиции во обновливи извори на енергија, меѓу кои ветропаркот „Богданци“ и фотоволтаичните централи во Осломеј и Битола, проектот за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, како и регионалните системи за управување со цврст отпад во повеќе делови на земјата.
Експропријацијата како пречка за забрзување
Економскиот аналитичар Арбен Халили укажува дека значителен дел од доцнењето во спроведувањето на инфраструктурните проекти произлегува од проблемите со експропријацијата на приватни имоти, што ја забавува целата процедура.
„Кога проектите треба да минуваат низ приватни имоти, имплементацијата често се одолговлекува поради застојот со експропријацијата. Сè уште немаме доволно искуство и ефикасност во спроведувањето на тој процес“, вели Халили.
Во септември се забележува забрзано темпо на извршување на капиталните инвестиции, покажуваат податоците на „Фајнанс Тинк“.
Тоа според Благица Петрески делумно може да се објасни со предизборниот период, но и со вообичаената пракса на зголемена реализација во втората половина од годината.
„Дури и под претпоставка дека ова темпо ќе продолжи, инвестициската година најверојатно ќе заврши со реализација од околу 65–70% од планираните капитални расходи. Тоа би претставувало мало подобрување во однос на претходните години, но сепак останува под нивото потребно за вистински економски поттик“, вели таа.
Недоволно за вистински економски ефект
Експертите со години укажуваат на административни пречки, бавни постапки за јавни набавки, неспособност на институциите да спроведат големи проекти, како и на недостаток на кадровски капацитети во јавната администрација.
Халили вели дека граѓаните се навикнаа секоја влада досега помпозно да ветува зголемување на капиталните инвестиции и приходи во буџетот, но посочува дека „за жал реализацијата заостанува.
Според Благица Петрески од „Фајнанс Тинк“, во сегашните околности најразумен пристап би бил нереализираните средства да не се пренаменуваат, туку да се искористат за намалување на буџетскиот дефицит. На тој начин, вели таа, државата би покажала поголема фискална дисциплина и кредибилност во спроведувањето на буџетот.