Достапни линкови

„Секој здив боли“ – сведоштво на пациентка со рак за животот во загадено Скопје


Аерозагадување во Скопје во декември 2023 година. Главниот град со години, особено зимскиот период, се наоѓа на листите најазагадени во Европа и светот, додека растат случаите на заболени од карцином.
Аерозагадување во Скопје во декември 2023 година. Главниот град со години, особено зимскиот период, се наоѓа на листите најазагадени во Европа и светот, додека растат случаите на заболени од карцином.

Резиме

  • Пацеинтка со рак за РСЕ вели - „Секој загаден ден во Скопје со чад и мирис на сулфур за мене значи борба за здив, а додека пациентите плаќаат со здравје, никој не презема одговорност“.
  • Во Скопје просечно има над 300 случаи на рак на бели дробови годишно, а земјава има речиси двојно повеќе нови случаи на рак од светскиот просек.
  • Професор Драган Ѓорѓев - „Многу е опасно да се помине една зима во Скопје, ракот на бели дробови, бронхите и кожата директно се поврзани со загадувањето.

Елизабета Ристовска од Скопје има 43 години и веќе четири години живее со дијагноза на рак на дојка кој метастазирал на други делови на телото, вклучително на белите дробови.

Со постојани болки, ограничена подвижност, голема исцрпеност, но и секојдневна борба да најде сила да продолжи понатаму, таа ни раскажа дека загадениот воздух во главниот град дополнително го влошува нејзиното веќе нарушено здравје.

„Загадениот воздух е катастрофа за нас што веќе имаме кревко здравје. Јас имам хронични опструкции и проблеми со дишењето и секогаш кога воздухот е тежок, чувствувам како телото ми се гуши. Тоа не е само непријатност, тоа е реална опасност,“ вели Ристовска за Радио Слободна Европа.

Нејзината приказна е дел од сликата за еден од најтешките здравствени предизвици со кои се соочува Северна Македонија.

Ракот на бели дробови е најзастапена дијагноза кај македонските граѓани со околу 12 проценти од вкупниот број на регистрирани случаи на карциноми.

Само во Скопје, во периодот 2013–2022 година, годишно во просек имало над 300 случаи на рак на бели дробови, според последниот Извештај на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ), а градот редовно е меѓу најзагадените во Европа.

Чад од пожарот во скопско Трубарево кој испушти тешки метали во воздухот, според официјалните мерења на Министерството за животна средина (МЖСПП). 13 септември.
Чад од пожарот во скопско Трубарево кој испушти тешки метали во воздухот, според официјалните мерења на Министерството за животна средина (МЖСПП). 13 септември.

Скопјани деновиве дишеа загаден воздух, вклучително надминати граници на тешки метали од пожарот во Трубарево каде гореа акумулатори и батерии, а наскоро доаѓа зимата – период кога загадувањето во Скопје достигнува критични нивоа.

„Многу е опасно да се помине една зима во Скопје“, вели професор Драган Ѓорѓев во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Според него, градот е под силен притисок на аерозагадување повеќе децении, со што имунолошкиот систем на жителите е постојано нападнат.

„Ние имаме одбранбени механизми, но тие не можат до бескрај да функционираат, дури и кај здрави луѓе, а во Скопје како и во секој друг град имаме и ранливи групи - стари лица и деца коишто немаат никаков имунитет, така што е многу сериозно“, вели Ѓорѓев.

Пожари и загадување претходно периодов со денови имаше во депонијата Дрисла и локацијата Вардариште каде главно гореа кабли од кои одредени групи вадат бакар што го препродаваат.

Но, бројни се изворите на загадување во Скопје – индустриски погони и фабрики, интензивен сообраќај, градска прашина од градење згради без заштита, отворени депонии.

Сите овие емисии создаваат токсичен коктел кој, поради специфичната клима на скопската котлина особено во зимските месеци, речиси не се разнесува и останува над градот.

И додека државата и општините со години немаат одговор за токсичното загадување и нудат само изговори за нерешавање на проблемот, секоја година во земјава од рак на бели дробови заболуваат 876 луѓе, а 793 умираат, покажуваат податоците.

Скопје е предводник по бројот на случаи, а речиси сите најзагадени градови се меѓу најпогодените од оваа болест:

Податоците на ИЈЗ покажуваат дека во Прилеп рак на бели дробови има по 54 случаи во просек годишно, во Тетово и Куманово има по 52, Битола 46 и Струмица 43 – сите препознатливи по високото ниво на загадување.

Северна Македонија годишно регистрира над 7.200 нови случаи на сите видови рак, а според податоците на ИЈЗ смртноста е околу 3.780 годишно.

Инфографика - Новорегистрирани случаи на рак на бронх и бел дроб во Северна Македонија по здравствени региони 2013-2022
Инфографика - Новорегистрирани случаи на рак на бронх и бел дроб во Северна Македонија по здравствени региони 2013-2022

Но, алармантно е што земјава има речиси двојно поголем број на новорегистрирани случаи на рак во споредба со светскиот просек – 390 наспроти 236 случаи на 100.000 жители, во 2021 во Северна Македонија имало дури 457 случаи на 100.000 жители.

Фотографија од Скопје со магла, смог и загаден воздух. Јануари 2024.
Фотографија од Скопје со магла, смог и загаден воздух. Јануари 2024.

Професор Ѓорѓев вели дека врската меѓу загадувањето и карциномите е повеќе од очигледна - канцерот на белите дробови и на бронхиите, вели тој, заедно мезотелиомот, кој што е канцер на обвивката на белите дробови, и меланомот (канцер на кожата), се три канцери коишто скоро со сигурност може да се поврзат со загадувањето.

„Така што, навистина, канцерот на бронхот и белите дробови е скоро директно поврзан, а загадувањето на воздухот е прогласен како канцероген. Така што тоа е високо сериозно“, вели професор Ѓорѓев:

„Ние од вкупната смртност во Скопје, која отприлика е околу 10.000, околу 20 отсто отпаѓаат на загадувањето на воздухот. Од тоа, првата причина за смрт е влијанието врз срцевиот систем – исхемична болест на срцето, потоа мозочен удар, а на трето место е канцер на белите дробови“, вели Ѓорѓев.

Освен на национално ниво со најголем број случаи, канцерот на бронхии и бели дробови е најзастапен кај мажите со 17 отсто од сите случаи.

Кај жените висока застапеност има ракот на дојка со 25 проценти од сите случаи.

Инфографика - Новорегистрирани случаи на рак на дојка во Северна Македонија по здравствени региони 2013 - 2022
Инфографика - Новорегистрирани случаи на рак на дојка во Северна Македонија по здравствени региони 2013 - 2022

Високо застапен на национално ниво е и ракот на кожата со над 9 отсто од сите слуачи.

Податоците покажуваат дека бројот на пациенти со рак кои се лекуваат во болници се зголемува и во 2022 година сочинувале над 15 отсто од сите хоспитализации, а нивниот престој во болница бил над 24 отсто од должината на престојот на сите пациенти.

Фотографија од Скопје со магла, смог и загаден воздух.
Фотографија од Скопје со магла, смог и загаден воздух.

„Моето тело е веќе ослабено од болеста, а загадувањето ме турка уште подлабоко во исцрпеност,“ вели Елизабета Ристовска:

„Секој потежок ден со чад и мирис на сулфур за мене значи нова криза и борба за здив.“

Таа додава дека последиците не се само физички, туку и психички.

„Замислете да знаете дека секој здив може да ви ја влоши болеста. Тоа создава страв, вознемиреност и чувство на двојна казна – рак и загадување. А најтешко е што ние, пациентите, плаќаме со сопственото здравје, додека никој не презема одговорност.“

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG