Достапни линкови

Вести

ДИК го утврди редоследот на партиите на гласачките ливчиња

Илустрација за локални избори 2025
Илустрација за локални избори 2025

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница преку ждрепка го утврди редоследот на кандидатите на единствената листа за локалните избори во три дела - за парламентарни политички партии и коалиции, од 1 до 9, за партии и коалиции кои не се дел од парламентарниот состав од 10 до 33 и за група избирачки од 34 до 153. Влечењето се одвиваше по азбучен редослед.

Претставници од парламентарните политички партии, коалиции учествуваа на жрепката по азбучен редослед.

Прва на гласачкото ливче од партиите и коалициите ќе биде Искуство за успех, под број два Движење ЗНАМ, За наша Македонија, трета Демократска Партија на Србите во Македонија ДПСМ, четврта Национална алијанса за интеграција- НАИ-ДУИ, петта е Коалиција за локални избори 2025-СДСМ, шеста Левица, седма Коалиција ВЛЕН, осма Коалиција -За зелена иднина, а девета е Коалиција-Твоја Македонија-ВМРО ДПМНЕ.

Кандидатите предложени од коалицијата предводена од една иста политичка партија без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини ќе имаат ист реден број во сите општини.

Општинските изборни комисии на седница претходно ги потврдиле листите на кандидати кои ќе учествуваат на изборите, совети, членови на членови на совет на општина и членови на совет на град Скопје градоначалник на општини градоначалник на град Скопје.

На седницата беа извлечени жрепки од 10 до 33 за подносители на листи на политички партии кои не се дел од парламентарниот состав.

Демократската Партија на Ромите го доби бројот 10, Сојузот на Роми ја доби позицијата број 11, следена од Единствена Македонија на 12-то место.

Партија на пензионери се најде на 13-та позиција, додека Демократската партија на Турците во Македонија ДПТМ го зафати 14-тото место. Партијата за движење на Турците во Macedонија се постави на 15-та позиција, а Српската странка во Македонија на 16-тата.

Унија на Роми заврши на 17-та позиција, Бошњачки Демократски Сојуз на 18-та, а Демократскиот Сојуз на 19-та. Работничката партија го зафати дваесеттото место, ВМРО Народната Партија-ВМРО НП се најде на 21-ва позиција, додека Македонскиот концепт на 22-та.

Движењето за национално единство на Турците ДНЕТ се позиционираше на 23-то место, следено од Демократските Сили на Ромите на 24-та позиција. Граѓанската иницијатива ГРИН заврши на 25-то место, додека Партијата за обединети демократи на Македонија ПОДЕМ се најде на 26-та позиција.

ТВОЈА партија го зафати 27-мото место, МААК се постави на 28-ма позиција, а Демократи Скопје на 29-та.

Родина Македонија се најде на 30-та позиција, Десница на 31-ва, додека Македонската Ера трета/Македонски независни листи/суверенисти заврши на 32-ра позиција. Последно, на 33-та позиција се најде Трајното македонско радикално обединување.

Во третиот дел беше влечењето жрепка за подносители на листа група избирачи за кандидати за градоначалници и кандидати за носители на листа за членови на совет од 34 до 153.

Изборната кампања за локалните избори официјално започнува на 29 септември и ќе трае до 17 октомври. Првиот круг од гласањето за градоначалници и членови на советите во 80 општини и Градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг е закажан за 2 ноември.

види ги сите денешни вести

Американски предлог за мир бара големи отстапки од Украина, додека Зеленски ги поттикнува преговорите во Турција

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на Анкара
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на Анкара

Нов американски предлог за запирање на војната во Украина бара од Киев да се откаже од дел од својата територија и од дел од своето вооружување, јавуваат новинските агенции, додека украиннскиот претседател Володимир Зеленски престојува во Турција во обид да ја оживее мировните преговори.

Американските предлози исто така, како што јавуваат новинските агенции, вклучуваат намалување на големината на украинските вооружени сили и прифаќање на повлекување на американската воена помош, која била клучна за Украина во борбата против руските сили.

Дополнително, нема да бидат дозволени странски војници на украинска територија и Киев повеќе нема да добива оружје со долг дострел.

Предлозите, кои во детали ги објавија Фајненшл Тајмс (The Financial Times) и Ројтерс (Reuters), во голема мера се поклопуваат со цврстите барања кои Русија ги поставува од почетокот на годинава, кога американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да отвори директни преговори со Москва за војната во Украина.

Немаше веднаш јавен одговор од украинските официјални лица на овие извештаи. Еден украински функционер со директно познавање на предлогот ги потврди неговите содржини, но немаше дополнителни коментари.

Непосредно по објавувањето на предлозите, Зеленски објави порака на социјалната платформа Телеграм во која му се заблагодари на турскиот претседател за организирањето на последните преговори.

Тој исто така го пофали „одлучувачкиот чекор и лидерството на претседателот Трамп [и] секој силен и праведен предлог за завршување на оваа војна. И само претседателот Трамп и Соединетите Американски Држави имаат доволно сила за војната конечно да заврши.“

Зеленски требаше да се сретне со високи официјални лица од американското Министерство за одбрана во Киев на 20 ноември.

Предлозите можат да го стават Зеленски во тешка позиција.

На бојното поле, украинските сили се борат да ги задржат руските сили кои се поголеми и подобро опремени, иако руските сили претрпуваат огромни загуби.

Русија се приближува кон клучниот град Покровск како дел од целта на Путин да ја контролира целата источна област на Донбас.

Русија исто така ги бомбардира украинските градови и енергетската инфраструктура, со цел да ги деморализира веќе исцрпените Украинци.

Синоќа, руски крстосувачки проектили погодиле два станбени објекти во западниот град Тернопил, при што загинале најмалку 25 лица, а десетици биле повредени.

Зеленски претходно ги одбиваше барања од Москва, Украина да се откаже од територија или да го намали својот арсенал, велејќи дека тоа само би ја ослабило Украина и би ја изложило на потенцијална нова инвазија во иднина.

Дома, Зеленски е политички ослабен поради голем скандал со корупција кој го опфаќа дел од неговите министри и долгорочни бизнис партнери.
Украинските законодавци повикаа Зеленски да го отпушти својот шеф на кабинетот, Андриј Јермак.

Истражувањето за корупција се однесува на наводи дека средства наменети за изградба на одбрана за заштита на ранливата енергетска инфраструктура од руски воздушни напади биле присвоени преку поткуп за политички внатрешни лица.

Најблискиот сојузник на Зеленски

Јермак имал значајна улога во претходните дипломатски средби за постигнување примирје или мировен договор за време на целосната инвазија на Русија.

Тоа што не е избран од народот, Јермак е можеби најверниот политички сојузник на украинскиот претседател.

Но, сега тој се соочува со растечки притисок за отпуштање или оставка додека истрагата за висока корупција се засилува.

„Ако Јермак не биде отпуштен во наредните неколку дена, се плашам дека можеме да влеземе во целосна политичка криза дома,“ изјави Олена Прокопенко, постар член на Германскиот Маршал Фонд за Радио Слободна Европа.

Скандалот со корупцијата кулминираше минатата недела кога двете водечки украински антикорупциски агенции објавија докази со детали од нивните наоди.

Проблемот е уште поголем затоа што Зеленски се обиде да ја укине автономијата на агенциите за време на летото, но се повлече поради најголемите протести на улица од почетокот на рускиот напад во февруари 2022.

Откритијата веќе доведоа до оставки на министерот за енергија и министерот за правда, додека близок сојузник на Зеленски, Тимур Миндич, ја напушти државата.

Али Баба

Тајни снимки објавени од истражителите покажаа дека осомничените користеле кодни имиња. На 18 ноември, еден украински пратеник изјави дека едно од тие имиња, Али Баба, всушност е Јермак.

Пратеникот Јарослав Железњак рече дека снимките покажуваат дека Јермак наводно упатувал ненаведени официјални лица да истражуваат функционери од Националното антикорупциско биро на Украина (NABU).

Јермак не одговори на прашањата на РСЕ. Зеленски објави дека ќе се сретне со законодавци од неговата партија на 20 ноември, што предизвикува шпекулации дали Јермак можеби ќе биде отпуштен.

Додека политичката температура во Киев расте,две опозициски партии побараа оставка на целата Влада.

Кои би можеле да бидат купувачите на Нафтената индустрија на Србија?

Возила се точат на пумпите на бензинската станица на Нафтената индустрија на Србија АД (НИС), која е мнозински сопственост на OAO Гаспром Нефт, во Белград, на 8 јануари 2025 година.
Возила се точат на пумпите на бензинската станица на Нафтената индустрија на Србија АД (НИС), која е мнозински сопственост на OAO Гаспром Нефт, во Белград, на 8 јануари 2025 година.

Руските сопственици се согласиле да го продадат својот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), кој изнесува 56,15 проценти, изјави српската министерка за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ. Нафтената индустрија на Србија е од 9 октомври под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво.

Но руската и српската страна засега не откриваат кои би можеле да бидат потенцијалните купувачи. НИС побара од САД лиценца за работа додека траат преговорите за сопственичката структура.

„САД нема да дозволат никој што може да биде поврзан со Русите да го купи НИС, како на пример Кина,“ вели за Радио Слободна Европа, Боже Драшковиќ, универзитетски професор во пензија.

Гаспром Нефт, рускиот мнозински сопственик на НИС, како и самата компанија, не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа со кого преговараат за предавање на контролата и управувањето.

Освен претходните информации дека руските мнозински сопственици на НИС преговараат со азиски и европски партнери за сопствеништвото, српските официјални лица не открија повеќе детали.

Професорот по економија Боже Драшковиќ смета дека е можно формален купувач на НИС да биде некој од арапските земји.

„Би им дозволиле на арапските земји, на пример на Емиратите, Кувајт, Саудиска Арабија, иако е прашање дали воопшто им е потребно тоа,“ оцени Драшковиќ.

„На можните европски купувачи – било Французи, Германци или кој било друг – нивните земји нема да им дозволат купување поради спречување на трансферот на купопродажната цена,“ додаде тој.

Американскиот OFAC не одговори на прашањето на РСЕ која опција за излез на руското сопствеништво од НИС би им била прифатлива.

Српската минисерка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави дека Србија е „многу вклучена и информирана“ за преговорите за продажба, но додаде дека не може да се зборува за третата страна сè додека не завршат преговорите за купување на рускиот удел.

„Тоа се деловни разговори на сериозни компании и додека не завршат или барем најважните детали не бидат дефинирани, не е ни сериозно да се зборува за тоа,“ додаде таа.

Наскоро потоа, НИС ја информираше јавноста дека од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД била побарана посебна лиценца што би овозможила продолжување на работењето.

„Во согласност со статусот на преговорите меѓу акционерите и заинтересираните страни, до OFAC е испратено барање за добивање нова лиценца што би овозможила работа додека траат преговорите за одржливо решение за НИС,“ беше наведено.

Во тоа соопштение беше истакнато дека претходната лиценца дозволувала преговорите меѓу акционерите и други заинтересирани страни за промената на сопственичката структура на НИС да траат до 13 февруари.

Со последната лиценца беа одобрени преговорите за промена на сопствеништвото, но не и понатамошното работење на НИС.
Санкциите за НИС стапија во сила на 9 октомври, во обид американската администрација да спречи Русија приходите од енергетиката да ги користи за војната во Украина.

Претходно санкциите беа одложувани осум пати, а во меѓувреме сопственичката структура на компанијата повеќепати се менуваше, но и понатаму мнозинството остана во рацете на руските компании, додека Србија има 29,87 проценти удел.

Зеленски во Турција, додека скандалот околу неговиот соработник се продлабочува

Андриј Јермак, заокружен, на снимка од видео споделено на Телеграм од претседателот Зеленски за време на посетата на Турција на 19 ноември.
Андриј Јермак, заокружен, на снимка од видео споделено на Телеграм од претседателот Зеленски за време на посетата на Турција на 19 ноември.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Турција на 19 ноември во обид да ги оживее застојаните мировни преговори, додека расте притисокот врз украинскиот лидер и неговиот шеф на кабинет Андриј Јермак поради корупциски скандал.

Зеленски се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но дипломатски извор за Радио Слободна Европа изјави дека, Зеленски нема да се сретне со специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, кој исто престојува во Анкара.

Претходно, Јермак, кој патува со Зеленски, објави на социјалните мрежи дека „сите планирани средби се одвиваат според распоредот“ и дека тој е „во постојан контакт со претставници на администрацијата на Доналд Трамп, особено со специјалниот претставник на претседателот на САД, Стив Виткоф.“

Корупциската истрага што ѝ создава проблеми на украинската власт се однесува на наводи дека средствата наменети за изградба на одбрана, која треба да ја заштити ранливата енергетска инфраструктура на Украина од руски воздушни напади, биле пренасочени во форма на мито за политички инсајдери.

Јермак одигра значајна улога во претходните дипломатски средби насочени кон барање пат до примирје или мировен договор во услови на целосната руска инвазија врз Украина, која трае речиси четири години.

Како неизбран функционер, назначен директно на позицијата, Јермак можеби е најдоверливиот политички сојузник на украинскиот претседател. Но, сега тој се соочува со сè поголем притисок за разрешување или оставка, додека истрагата за високо ниво на корупција забрзува.

„Ако Јермак не биде отпуштен во следните неколку дена, се плашам дека може да влеземе во целосна домашна политичка криза,“ изјави Олeна Прокопенко, виша соработничка во Германскиот Маршалов Фонд, за РСЕ на 19 ноември.

Корупциските обвиненија кулминираа минатата недела кога двете водечки антикорупциски агенции во Украина објавија докази со кои ги детализираа своите наоди.

Проблемот е уште поголем поради тоа што Зеленски летово се обиде да ја намали автономијата на овие агенции, но беше принуден да се повлече од законските измени откако таа ги поттикна најголемите улични протести од почетокот на целосната руска офанзива во февруари 2022 година.

Тајни снимки објавени од истражителите покажаа дека осомничените работеле под кодни имиња. На 18 ноември, украински пратеник тврдеше дека едно од тие имиња – Али Баба – всушност било Јермак.

Пратеникот, Јарослав Железњак, рече дека записите покажуваат како наводно Јермак им наредувал на неименувани функционери да истражуваат претставници на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ).

Јермак, кој на 21 ноември полни 54 години, не одговорил на барањата за коментар од украинската редакција на РСЕ.

Зеленски објави дека ќе се сретне со пратениците од неговата партија „Слуга на народот“ на 20 ноември, што поттикна шпекулации дали Јермак може да биде отпуштен.

Русија го задржува правото да побара судска заштита за Лукоил во Бугарија

Илустрација, рафинеријата на Лукоил во Бургас, Бугарија
Илустрација, рафинеријата на Лукоил во Бургас, Бугарија

Рускиот „Лукоил“ на 19 ноември соопшти дека го задржува правото да побара судска заштита на своите права и, како што вели, легитимните интереси во Бугарија, откако таму беше назначен надворешен управител за управување со неговите средства, јавува новинската агенција Ројтерс.

„Лукоил ги презема сите неопходни чекори за да ја заврши продажбата на рафинеријата, мрежата на бензински пумпи и другите средства во Бугарија на нов сопственик и очекува дека активностите на надворешниот администратор нема да го попречат овој процес“, соопшти компанијата.

Минатата недела, бугарската влада назначи специјален управител кој ќе го надгледува работењето на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас по 21 ноември, кога треба да стапат на сила санкциите на САД, и да ја продаде компанијата доколку е потребно. Вашингтон ги воведе санкциите поради војната на Русија против Украина.

Законските измени му даваат на идниот специјален управител (назначен од државата) широки овластувања, вклучително и можност за продажба на средствата на компаниите, а неговите дејства се исклучени од судска контрола.

Минатата недела, претседателот на Бугарија Румен Радев стави вето на измените, кои беа поништени од парламентарната комисија за енергетика само неколку часа подоцна.

Во среда на 13 ноември, лидерот на владејачката ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека веќе е избрано лице за позицијата специјален управител, без да го прецизира неговото име.



Велика Британија го предупреди Путин откако руски воен брод влегол во нејзини води

Министерот за одбрана на Велика Британија, Џон Хили
Министерот за одбрана на Велика Британија, Џон Хили

Британската влада испрати предупредување до Кремљ откако соопшти дека руски воен брод влегол во британски води и насочил ласери кон британските пилоти.

Министерот за одбрана Џон Хили денеска (19 ноември)изјави дека бродот „влегол“ во британските води по втор пат оваа година, по претходниот упад во јануари.

„Јантар“ е на работ на британските води, северно од Шкотска, откако влезе во пошироките води на Велика Британија во последните неколку недели“, рече тој за време на прес-конференцијата на Даунинг стрит.

Британската војска распореди фрегата на Кралската морнарица и авиони на Кралските воздухопловни сили за „да го следат и следат секое движење на овој брод, при што Јантар насочувал ласери кон нашите пилоти“, додаде тој.

Тој ја нарече употребата на ласерите „длабоко опасна“ и му испрати порака на рускиот претседател Владимир Путин.

„Ве гледаме. Знаеме што правите. Ако Јантар патува на југ оваа недела, ние сме подготвени“.

Хили рече дека Јантар е „дел од руска флота дизајнирана да ја стави и држи во опасност нашата подморска инфраструктура и онаа на нашите сојузници“.

Велика Британија и сојузниците на НАТО изразија растечка загриженост за ризикот што Москва го претставува за офшор инфраструктурата по саботажата во последните месеци на неколку подводни телекомуникациски и енергетски кабли.

Експертите и политичарите ја обвинија Русија за оркестрирање хибридна војна против Западот, додека двете страни се судираат околу Украина.

Романија испрати борбени авиони поради нов упад со дронови

илустрација
илустрација

Романија, членка на НАТО, која се граничи со Украина, испрати борбени авиони рано во среда по нов упад со беспилотни летала на нејзина територија, соопшти Министерството за одбрана.

Романија постојано забележува нарушувања на својот воздушен простор, вклучително и фрагменти од беспилотни летала што паѓаат на нејзина територија, по руската инвазија на Украина во 2022 година.

„Во најновиот инцидент, два германски борбени авиони на НАТО ја следеа ситуацијата во воздухот веднаш по полноќ на границата со Украина, по руските воздушни напади“, соопшти романското Министерство за одбрана во соопштение за медиумите.

До жителите на југоисточниот округ Тулча било испратено телефонско предупредување и „неколку минути бил откриен сигнал од беспилотно летало, кое влегло приближно осум километри (пет милји) во националниот воздушен простор“ пред да исчезне од радарот.

Потоа беспилотното летало „повторно се појавуваше на радарот приближно 12 минути“, соопшти Министерството, а предупредување беше испратено и до жителите на југоисточниот округ Галац.

„Уште два авиони, Ф-16 на романските воздухопловни сили, беа испратени“, додаде министерството, велејќи дека „не се пријавени случаи на удар на авион со земјата“.

„Тимови специјалисти се подготвени да започнат со пребарувања на терен“, се додава во соопштението.

Во понеделник, Романија нареди евакуација на две села (прва таква евакуација во земјата како резултат на војната во Украина) откако руски напад со беспилотни летала преку реката Дунав во соседна Украина запали брод што превезувал течен нафтен гас.

Наредбата за евакуација беше укината во вторник.

Русија изврши масовни напади низ Украина, а Полска и Романија ја активираа воздушната одбрана

Последици од нападот со руски дрон во Харков. 19.11.2025
Последици од нападот со руски дрон во Харков. 19.11.2025

Најмалку 19 лица биле убиени, а десетици повредени во Украина во масовниот бран руски напади со беспилотни летала и ракети, што претседателот Володимир Зеленски го нарече „дрзок напад врз обичниот живот“.

Украинските медиуми објавија дека експлозии се слушнале рано наутро на 19 ноември низ регионите Тернопол, Хмелницки, Ивано-Франкивск, Ривно, Лвив и Дњепропетровск, додека нападите биле насочени кон источна и западна Украина.


Градоначалникот на западноукраинскиот град Лвов, Андриј Садови, во објава на Телеграм, ги повика жителите да побараат засолниште, предупредувајќи: „Непријателот ја напаѓа западна Украина со беспилотни летала. Не го игнорирајте алармот!“

Министерството за енергетика на Украина соопшти дека нападите предизвикале итни прекини на електричната енергија во неколку региони, а екипите за поправка работеле на враќање на електричната енергија каде што е можно.

Последици од нападот со руски дрон во Харков, 19.11.2025
Последици од нападот со руски дрон во Харков, 19.11.2025

Русија ги интензивираше нападите врз украинските енергетски објекти како што се приближуваат зимските месеци, што доведе до страв од недостиг на електрична енергија поради веројатното замрзнување. Москва, исто така, редовно напаѓаше украински цивилни области, иако негира дека ги таргетира таквите локации.

Активирана воздушна одбрана во Полска и Романија

Рускиот напад врз западните региони на Украина предизвика брз одговор од соседна Полска.

Оперативната команда на полските вооружени сили потврди дека борбени авиони и авиони за рано предупредување полетале поради нападите на Русија во близина на полската граница.

Полската агенција за воздушна навигација објави кратко затворање на аеродромите во Жешов и Лублин во југоисточна Полска „за да се обезбедат операциите на военото воздухопловство“.

Романија, исто така, накратко ја крена својата воздушна одбрана откако радарот детектира дрон кој продирал околу 8 километри во националниот воздушен простор, предизвикувајќи јавна тревога во окрузите Тулча и Галац во источниот дел од земјата.

Авионите „Еурофајтер“ и „Ф-16“ полетаа, иако не беа пронајдени остатоци или места на удар, според соопштението на романското Министерство за одбрана.

Руски беспилотни летала го нападнаа Харков

Во украинскиот регион Харков, десетици беа ранети преку ноќта кога руски беспилотни летала нападнаа по трет пат за три дена, соопштија официјални лица на 19 ноември.

Полицијата во Харков соопшти дека најмалку 36 лица се повредени во последниот напад во текот на ноќта, во кој беа оштетени повеќе од 10 станбени згради, училиште, супермаркет и станица за брза помош.

Две деца на возраст од девет и 13 години се меѓу повредените, соопшти полицијата, додавајќи дека „лекарите кај децата дијагностицирале акутни реакции на стрес“.

На 18 ноември, Генералштабот на вооружените сили на Украина потврди дека извршил напади во Русија користејќи ракети ATACMS со краток дострел.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека украинските сили истрелале четири ракети ATACMS кон градот Воронеж, кој се наоѓа во јужна Русија.

Полска се сомнева на руска саботажа за експлозијата на железничката пруга

Полскиот премиер Доналд Туск на местото каде беше оштетена пругата.
Полскиот премиер Доналд Туск на местото каде беше оштетена пругата.

Полска се сомнева дека руските разузнавачки служби стојат зад експлозијата на железничката пруга во земјата што се користи за транспорт на воени материјали и помош за Украина, што премиерот Доналд Туск претходно го нарече и „невиден чин на саботажа“.

Во првите коментари со кои полски претставник сугерира дека Москва стои зад нападот што се случи за време на викендот, портпаролот на министерот за специјални служби на Полска, Јацек Добжински, денеска (18 ноември) изјави дека експлозијата е обид за „дестабилизација“ и „ширење страв“.

Во обраќање пред полските пратеници, Туск рече дека Полска идентификувала две лица одговорни за саботажата на железничката пруга.

Тој додаде дека осомничените се украински државјани кои соработувале со руското разузнавање и избегале во Белорусија.

„Најважната информација е дека ги идентификувавме лицата одговорни за саботажата“, им рече Туск на пратениците во Варшава.

„Во двата случаи, сигурни сме дека обидот за бомбардирање на пругите и нарушувањето на железничката инфраструктура биле намерни и имале за цел да предизвикаат катастрофа во железничкиот сообраќај“, рече тој.

Туск додаде дека Полска го зголемува нивото на безбедносна тревога во некои делови од земјата и работи на планови за армијата да ја заштити клучната инфраструктура, вклучително и железниците.

Експлозијата во понеделник се случи на линијата што води од Варшава до градот Лублин во источна Полска, на околу 100 километри од границата со Украина.

Полските обвинители ја класифицираа саботажата како тероризам, велејќи дека можеби била извршена по наредба на странска сила.

Кремљ во вторник соопшти дека Полска е погодена од бран на „русофобија“ којшто „се шири“ низ цела Европа.

„Русија е обвинета за сите манифестации на хибридната и директна војна што се води“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руската државна телевизија.

„Во Полска, на пример, сите се обидуваат да бидат пред европската локомотива во овој поглед. А русофобијата, се разбира, е широко распространета таму“, додаде тој.

Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камијш објави дека безбедносните сили ги засилуваат патролите за следење на критичните области на железничката мрежа на истокот од земјата, како што се мостови, вијадукти, тунели, станици и контролни системи.

Службениците во Полска и други европски земји долго време ја обвинуваат Москва дека води „хибридна“ кампања на саботажа и шпионажа против државите кои ѝ помагаат на Украина откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

Минатиот месец, полските власти уапсија осум лица осомничени за шпионажа или планирање напади во име на Русија.

Во јануари, Туск ја обвини Русија дека планира терористички напади врз неодредени цели со употреба на авиони, бидејќи бројот на сомнителни, алармантни и необјаснети инциденти се зголеми.

Во некои се вклучени меѓународни авиокомпании и обвинувања дека Русија се обидела да постави експлозиви на товарни летови, додека во други се вклучени бродови кои ги прекинуваат подводните кабли.

Москва ги негира обвинувањата на Западот за терористички напади, вклучувајќи палење, кражби, труења и напади врз поединци на Запад.

Кос: Нема скратени патишта за пристапување во ЕУ

Еврокомесарката Марта Кос на Форумот за проширување во Брисел.
Еврокомесарката Марта Кос на Форумот за проширување во Брисел.

Не може да има скратени патишта во процесот на пристапување на која било земја во Европската Унија, но на Брисел е да ги поддржи најнапредните, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Зборувајќи на Форумот за проширување во Брисел, таа потсети дека проширувањето во 2004 донело 70 милиони луѓе во ЕУ кои Унијата успеала да ги интегрира, при што направи паралела и со најмалата држава од Западен Балкан, Црна Гора.

„Дали знаете колку е мала Црна Гора? Мала како една третина од Виена, мала како Тулуз или Штутгарт. Секако дека можеме да ја интегрираме Црна Гора“, рече Кос оценувајќи дека пристапувањето на Црна Гора нема да бара големи реформи во рамките на Европската унија.

На истиот форум учествуваше и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ кој рече дека сега е „вистинскиот момент“ за проширување на ЕУ и дека Подгорица сака да го искористи тоа.

Црна Гора досега затвори седум од вкупно 33 поглавја во преговорите со ЕУ, а Спајиќ смета дека земјата ќе може да ги затвори сите до крајот на следната година.

„Нема да дозволиме брзината со која напредуваме да нè натера да не успееме во квалитетот на реформите. Сакаме да ги затвориме сите поглавја во рекордно време. И тоа нема да биде преседан, бидејќи други земји го направија тоа и сега се членки“, рече Спајиќ.

Покрај Црна Гора, Албанија е, исто така, меѓу најнапредните земји-кандидати за влез во ЕУ.

На 17 ноември, Тирана го отвори последниот кластер од преговарачкиот процес.

Албанскиот премиер, Еди Рама, претходно порача дека целта на неговата влада е да го заврши процесот на преговори до 2027 година и порача оти „ништо нема да не спречи кон членство во ЕУ во 2030“.

Албанија, која доби статус на кандидат за членство во 2014 година, го отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ во октомври минатата година.

До тогаш, Албанија беше во „пакет“ со Северна Македонија, која е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.

Но, патот на Северна Македонија е закочен поради потребата од уставни измени, обврска што земјата ја презема со компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Бугарија стави вето за почеток на преговорите.

Северна Македонија, заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.

Зеленски продолжува со патувањата среде корупциската афера во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на Мадрид, 18 ноември 2025 г.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во посета на Мадрид, 18 ноември 2025 г.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе отпатува во Турција за можни разговори со највисокиот претставник на Белата куќа вклучен во преговорите за ставање крај на речиси четиригодишната војна на Русија со Украина.

Посетата на Зеленски, планирана за 19 ноември, е едно од серија меѓународни патувања, вклучително и тоа во Франција, каде што обезбеди усмен договор за купување десетици француски борбени авиони „Рафал“. На 18 ноември, тој беше и во Шпанија, а претходно и во Грција, каде потпиша договор за испорака на гас.

„Се подготвуваме да ги интензивираме преговорите и разработивме решенија што ќе им ги понудиме на нашите партнери. Приближувањето до крај на војната е врвен приоритет на Украина“, рече Зеленски во објава на Телеграм.

Според најавите, Зеленски ќе се сретне со Стив Виткоф, највисокиот претставник на Белата куќа во разговорите за ставање крај на војната во Украина. Кремљ соопшти дека ќе нема руски претставници.

Директни разговори меѓу Киев и Москва последен пат се одржаа во јули во Истанбул.

Далекосежен корупциски скандал

Овие патувања на Зеленски доаѓаат во услови на растечкиот корупциски скандал, кој се претвора и во најлошата политичка криза со која се соочил украинскиот претседател од изборите во 2019 година.

Скандалот се однесува на тврдењата дека средствата наменети за заштита на ранливата енергетска инфраструктура на Украина од руски воздушни напади биле земани и давани во форма на мито на политички инсајдери.

Тврдењата излегоа на виделина минатата недела кога двете водечки антикорупциски агенции во Украина објавија докази со детали за нивните сознанија.

Меѓу вмешаните беше и Тимур Миндич, долгогодишен пријател и поранешен деловен партнер на Зеленски.

Миндич избега од Украина за Полска на 10 ноември, неколку часа пред властите да започнат со рации во рамки на оваа истрага, изјавија службеници за „Шема“, истражната единица на украинскиот сервиса на Радио Слободна Европа (РСЕ). Тоа ги наведе критичарите да тврдат дека Миндич бил информиран пред да започне рацијата.

Откритијата за овој корупциски скандал веќе доведоа до оставки на министерот за енергетика и министерот за правда.

Минатата недела, истражните агенции соопштија дека е уапсен висок функционер во подружница на „Енергоатом“, државната нуклеарна компанија, под обвинение за поткуп. Претходно во јуни, вицепремиерот Олексиј Чернишов беше обвинет за корупција.

Зеленски не е вмешан во случајот. „Енергоатом“ соопшти дека целосно соработува со истрагата.

Протести против корупција во Украина

Во текот на летото, Зеленски предизвика бура од реакции кога поддржа мерка што значително требаше да ја намалат независноста на две истражни агенции: Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата и Националното биро за борба против корупцијата на Украина. По протестите што беа организирани, претседателот се повлече.

Украинскиот пратеник Јарослав Железњак на 18 ноември изјави дека записите од истрагата вклучуваат лице со кодно име шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски. Пратеникот тврдеше дека записите покажуваат дека Андриј Јермак наводно им наложил на неименувани службеници да истражуваат службеници од Националното биро за борба против корупцијата на Украина.

Јермак не одговори веднаш на барањата за коментар од украинскиот сервис на РСЕ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG