Достапни линкови

Корупцијата главна сопка за европските амбиции на младите


Илустративна архивска фотографија
Илустративна архивска фотографија

За 84 проценти од младите корупцијата е главната кочница на патот кон ЕУ, а речиси половина не веруваат дека земјата некогаш ќе стане членка. Според анкетата направена со илјада млади, нефункциналните институции и билатералните спорови дополнително ја поткопуваат европската перспектива на земјата.

Корупцијата, билатералните спорови и ниската доверба во институции, според младите во земјава, се топ три пречки за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, покажува истражувањето „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Северна Македонија“.

Од нив, првото место со 84,6 отсто убедливо го зазема корупцијата, додека останатите две „билатералните спорови“ и „нефункционалноста на институциите“ го делат второто место.

Овие бројки покажуваат дека младите се наполно свесни дека за да можат да живеат и да ги имаат придобивките како нивните врсници од Европската Унија, прво треба домашните институции да ја завршат работата и да се ослободат од корупцијата, вели комуникологот Бојан Кардалов од Европскиот центар за извонредност од Брисел, кои се дел од авторите на публикацијата.

„Мислам дека е позитивно тоа што се повеќе се препознава дека корупцијата е голема пречка за се во земјата, голема пречка за било каков напредок и дека всушност она што одамна се вели дека незачленувањето во Европската унија или ненапредувањето со реформите за Европската Унија, дефинитивно и младите веќе го толкуваат, како основа или поддршка за корупцијата во земјата“, вели Кордалов.

Во анализата е посочено дека младите очекуваат конкретни чекори од националните институции за борба против корупцијата како основа за подобрување на условите за живот и задржување на младите луѓе во земјата. Анализата за ставовите на младите кон Европската Унија, ја направи Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП Скопје), Европскиот центар за извонредност од Брисел, и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со младинската платформа „Студентарија“.

Инфографика - Дали Верувате дека Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ?
Инфографика - Дали Верувате дека Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ?

Во обраќање на промоцијата на публикацијата во Брисел, словенечката европратеничка Ирена Јовева изјави дека комбинацијата на европските политички неуспеси и политичка кратковидост ја поткопа довербата на младите во ЕУ и го поттикнува евроскептицизмот.

Таа вели дека е точно оти ЕУ не секогаш ги исполнува своите ветувања, но, додава дека внатрешните предизвици на Западниот Балкан, вклучително и во Северна Македонија, не го олеснуваат пристапниот процес.

„ Многу често политичките лидери запаѓаат во политички конфронтации и калкулации, наместо да се соочат со неопходните длабоки структурни проблеми што ги тераат младите луѓе да бараат подобра иднина некаде надвор. Корупцијата не попушта, јавните ресурси премногу лесно доаѓаат до одредени мрежи, а јавните институции им служат на моќните, наместо на немоќните“, додаде Јовева.

Матурантите за ЕУ: Почетокот на преговори за членство го чекаат од раѓање
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:18 0:00

На презентацијата на Извештајот за напредокот на земјата, шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас посочи дека во изминатава година Европската Комисија нотира дека Северна Македонија нема напредок во однос на судските реформи и борбата против корупцијата и дека „сега е време да се искористи можноста, да се забрзаат реформите и да се спроведуваат поодлучно“.

„Трета година по ред во оваа област немаме значителен напредок, а сепак, токму тука една голема посветеност може да направи сериозно голема разлика“, рече евроамбасадорот.

Тој додаде дека постои сериозна можност да се започне дијалог и да се продолжни со обврската во однос на уставните измени, со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата, и ќе се исполни условот за продолжување на преговорите со Унијата.

Но, со тоа не се согласува македонскиот премиер Христијан Мицкоски, кој смета дека и да „добиеме петка за реформите и уставните измени“, земјата ќе ја пречека ново вето.

Речиси половина од младите позитивно гледаат на ЕУ, но 46,5 проценти од испитаниците не веруваат дека државата некогаш ќе стане членка на ЕУ. Оптимисти се 6,7 проценти дека во наредни пет години тоа може да се случи, додека 35,8 отсто се надеваат дека тоа е можно, само во подалечна иднина.

Инфографика - Која од земјите од Западен Балкан има најголеми шанси прва да влезе во ЕУ во следните 5 години?
Инфографика - Која од земјите од Западен Балкан има најголеми шанси прва да влезе во ЕУ во следните 5 години?

Основачот на плаформата „Студентарија“ Гоше Николов, оценува дека ваквиот скептицизам е само „едно наталожено чувство кај младите дека и покрај сите најави и ветувања, суштински ништо не се менува“. Агендите, стратегиите и реформите на партиите, вели тој, на хартија звучат одлично, дури и совршено во предизборните кампањи, но реалноста е поинаква.

„Голем дел од луѓето од мојата генерација веќе се иселија, некои не планираат ни да се вратат. Дури и оние што беа најголеми патриоти, на крај сепак мораа да признаат дека надвор им е полесно да си го изградат животот со можности за подобра плата, како и здравствена и социјална заштита“, вели Николов.

Северна Македонија се наоѓа на третото место во Европа според демографскиот пад. Таа изгубила 11,4 отсто од населението споредено со 2011 година – објави Европската агенција за статистика „Евростат“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG