Достапни линкови

Вести

Бројот на загинати во земјотресот во Авганистан надмина 1.400, Tалибанците бараат помош од странство

Oштетена куќа по земјотресот на истокот на Авганистан, 1 септември 2025 година.
Oштетена куќа по земјотресот на истокот на Авганистан, 1 септември 2025 година.

Во разорниот земјотрес на истокот на Авганистан на 31 август загинаа повеќе од 1.400 лица - соопштија на 2 септември талибанските власти, кои побараа помош од странство.

Претходно, беше соопштено дека бројот на загинати во земјотресот се искачил на 1.124.

Најмалку 3.251 лице е повредено, а повеќе од 8.000 куќи се уништени во катастрофата, беше наведено.

Талибанските власти утрото по земјотресот, на 1 септември, првично соопштија дека најмалку 800 луѓе загинале, а речиси 3.000 се повредени во земјотресот со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар кај Џалалабад, близу пакистанската граница.

„Потребна ни е (помош), бидејќи многу луѓе овде ги загубија своите животи и домови“, изјави портпаролот на Министерството за здравство под контрола на талибанците, Шарафат Заман, за Ројтерс на 1 септември.

Владата предводена од талибанците не е официјално признаена од ниту една земја, освен Русија, иако хуманитарните организации се обидуваат да одржат контакти, и покрај пречките што всушност самите талибански власти ги поставија.

Амнести интернешнл упати повик за „итна хуманитарна помош“, но оваа организација за човекови права со седиште во Лондон исто така остро ги критикуваше талибанците поради отежнување на операциите за спасување. Исто така го критикуваше и Пакистан поради истовремената присилна репатријација на речиси два милиони авганистански бегалци, велејќи дека тоа ги влошува проблемите.

„Де факто, талибанските власти се исто така одговорни за намалувањето на работата на хуманитарните и помошните агенции во земјата, поради рестриктивните политики и забраната за работа на авганистанските жени за ОН, како и за други невладини организации во Авганистан. Ова е дел од систематскиот напад на талибанците врз човековите права во земјата“, се наведува во соопштението на Амнести интернешнл.

Меѓународните организации кои ја подготвуваат помошта вложија напори да нагласат дека целата помош ќе оди кај жртвите, а не во рацете на талибанските лидери.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека светската организација соработува со властите со цел „брзо да се проценат потребите, да се обезбеди итна помош и да се биде подготвен за мобилизирање на дополнителна поддршка“.

Мисијата на ОН во Авганистан додаде дека се „изгубени стотици животи“ и дека се мобилизирала за да обезбеди помош и поддршка за спасување животи, додека Европската унија (ЕУ) изрази „целосна солидарност со народот на Авганистан“.

Катастрофата се случи во време кога осиромашената земја се соочува со намалување на меѓународната помош поради преземањето на власта од страна на талибанците и враќањето на стотици илјади авганистански бегалци од соседните земји.

„Селата се изградени на начин што куќите се поставени, една над друга“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Салам Ал-Џанаби, портпарол на УНИЦЕФ во Кабул.

„Тоа значи дека овие куќи паѓаат една врз друга. И токму затоа гледаме толку голем број жртви.“

Во округот Дарах Нур во Нангархар, жителите рекоа за Радио Азади, програм на РСЕ, дека сѐ уште се чувствувало тресењето на земјата на 1 септември, по земјотресот што се случи непосредно пред полноќ.

„Итно ни се потребни шатори и итна помош за повредените во болницата“, изјави Шад Нур Мазлумјар.

„Немаме храна, сè е уништено — нашите домови, опремата и кујните. Немаме ништо останато.“

Друг жител на Нангархар, 35-годишниот Шукрула Халим, рече: „Домовите на луѓето се уништени.“

„Сè е срамнето со земја. Итно треба да им се достават здравствени пакети, како и храна и основни домашни потреби“, додаде тој.

Ал-Џанаби рече дека „во моментов сите агенции на ОН во Авганистан го зголемуваат бројот на персонал таму“, и дека околу 600 домови се уништени.

„Каде живеат овие семејства? Каде живеат овие деца? Можеби за сега ќе биде во ред да останат под шатори... но во наредните три недели ќе стане студено во овој регион.“

Видео објавено на социјалните мрежи прикажува како луѓе очајно копаат по урнатините, обидувајќи се да стигнат до луѓето заробени под нив.

Повредените преживеани биле пренесени со хеликоптер од оддалечената планинска област. Талибанските официјални лица изјавија дека теренот ја отежнува достапноста на хуманитарните работници и итните служби до местото на настанот.

Забиулла Муџахид, портпарол на талибанската влада, предупреди дека се очекува зголемување на бројот на загинати и наведе дека според податоците од утрото на 1 септември, во провинцијата Кунар околу 800 лица загинале, 2.500 биле повредени, а голем број куќи уништени.

Слично, во провинцијата Нангархар загинале 12 лица, 250 биле повредени, а десетици куќи исто така се оштетени.

Претходниот земјотрес со јачина од 6,3 степени го погоди Авганистан на 7 октомври 2023 година, по што следеа силни дополнителни потреси.

Талибанската влада процени дека загинале најмалку 4.000 луѓе, но ОН дадоа многу помал број, околу 1.500. Тоа беше најсмртоносната природна катастрофа во Авганистан во поновата историја.

види ги сите денешни вести

Обвинителството предложи притвор за три лица за пожарот на депонијата „Вардариште“

Северна Македонија - пожар на депонијата „Вардариште“
Северна Македонија - пожар на депонијата „Вардариште“

Три лица се осомничени и се под истрага за загрозување на животната средина и природа со отпад, бидејќи создале дива депонија на локацијата „Вардариште“ во Скопје За сите три лица е побаран притвор, соопшти Јавното обвинителство.

Според Обвинителството, сите тројца вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади на предметната локација, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола.

„Со координирани дејствија на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена и извршени претреси на локацијата „Вардариште“, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека три лица сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад. ОЈО поведе истрага и предложи на тројцата да им биде определена мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да продолжат да го повторуваат делото“, соопштија од Обвинителството.

Осомничените, подолг временски период се до 2 септември на ул.„Зендел Џемаил“ бб во Скопје, создале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина, со која можеле да предизвикаат значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата и да предизвикаат опасност за животот или здравјето на луѓето.

Депонијата „Вардариште“ гореше на 31 август, поради што без струја останаа делови од населбите (или цели населби) Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик.

Жители на општина Аеродром денеска ја блокираа раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, откако вчера (2 септември) најавија дека ќе блокираат секој ден додека не видат конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето од „Вардариште“.

Трамп нуди повеќе американски војници во разговорите со полскиот претседател

Карол Навроцки, претседател на Полска (лево) и претседателот на САД, Доналд Трамп(десно), во Романија, 25 август 2025 година.
Карол Навроцки, претседател на Полска (лево) и претседателот на САД, Доналд Трамп(десно), во Романија, 25 август 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп го пречека новиот полски претседател Карол Навроцки во Белата куќа и понуди да испрати повеќе американски војници кај источноевропскиот сојузник, јави агенцијата АФП.

Се очекуваше разговорите да се фокусираат на напорите на Трамп за завршување на војната во Украина, во обид да „фатат“ темпо.

Трамп ја нарече војната меѓу Русија и Украина „глупава војна“ и рече дека смета оти нејзиното завршување би било „многу полесно“ за него.

„Ќе се заврши“, вети тој пред новинарите во Овалната соба, со Навроцки покрај него.

Навроцки, националистички историчар и страствен поддржувач на Трамп, беше во Вашингтон на својата прва странска посета како претседател откако го посети американскиот лидер за да побара негова поддршка за време на изборната кампања во Полска, пренесе АФП.

Трамп му приреди топло добредојде на Навроцки, со воен прелет, вклучително и со понуда за зголемување на американскиот воен отпечаток во Полска.

„Ќе ставиме повеќе таму ако сакаат. Ние сме со Полска до крај и ќе ѝ помогнеме на Полска да се заштити“, рече Трамп во Овалната соба.

Навроцки го пофали присуството на американските трупи и рече дека е „прв пат во историјата“ Полска со задоволство да биде домаќин на странски трупи. Тој рече и дека Варшава има за цел да продолжи да ги зголемува сопствените воени трошоци во рамките на НАТО алијансата.

Кој е Карол Навроцки - новиот претседател на Полска?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00


Белата куќа соопшти дека прелетувањето на авиони Ф-16 и Ф-35 за време на пристигнувањето на Навроцки ја одбележа смртта на полскиот пилот на авион Ф-16, кој беше убиен минатата недела додека се подготвуваше за воздушна претстава.

Заменик-секретарката за печатот, Ана Кели, во изјава за АФП изјави дека прелетот бил организиран за да се „оддаде почит на споменот на храбриот полски пилот на борбени авиони, чиј живот трагично беше одземен прерано и да се долови посебниот однос меѓу нашите две земји“.

Додека Трамп и Навроцки политички се согласуваат, Полска внимателно ги следи мировните напори на американскиот лидер во соседна Украина. Полска, клучна членка на НАТО и ЕУ, е силен поддржувач на Украина уште од руската инвазија во 2022 година и е витална транзитна земја за воени и хуманитарни материјали како и домаќин на илјадници американски војници.

Трамп го пречека Навроцки во Овалната соба и во јуни, пред полските избори.

За време на изборната кампања, Навроцки ја истакна важноста на врските со САД и неговите блиски врски со Трамп. Неговиот слоган „Полска на прво место, Полјаците на прво место“ го повтори слоганот на Трамп „Америка на прво место“.

Напорите на Трамп да ги донесе рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски на преговарачка маса досега се во застој.

ЕУ планира двојно да го зголеми финансирањето за Гренланд во геополитичката трка

Ггренланд - заливот во Нуук, главниот град на Гренланд
Ггренланд - заливот во Нуук, главниот град на Гренланд

Европската комисија предложи повеќе од двојно да се зголеми износот на пари од заедничкиот долгорочен буџет на Европската унија (ЕУ) за финансирање на Гренланд како одговор на геополитичката трка за влијание врз арктичкиот остров, јави агенцијата ДПА.

Доколку членките на ЕУ го одобрат предлогот, Гренланд би добил 530 милиони евра во периодот од 2028 до 2034 година, во споредба со 225 милиони евра за тековниот период 2021-2027 година.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп постојано ја изразува својата желба да ја преземе контролата врз островот, кој е претежно автономен, но е дел од Данска, членка на ЕУ.

Претседателот на САД верува дека Гренланд е стратешки важен и за одбраната и како извор на минерално богатство.

Дополнителните пари планирани од Европската комисија би биле наменети за финансирање на соработката со ЕУ во однос на критичните суровини и енергија, рече комесарот за правда на ЕУ, Мајкл Мекграт.

Зголемувањето на предложеното финансирање е политички сигнал што ја одразува растечката стратешка важност на прекуокеанските територии на ЕУ, рече Мекграт.

ЕУ има 13 прекуокеански територии кои се уставно поврзани со Данска, Франција или Холандија, вклучувајќи ги Гренланд во Атлантикот, Француска Полинезија во Пацификот и Аруба на Карибите.

Комисијата планира да го зголеми заедничкото финансирање на ЕУ за овие субјекти на речиси една милијарда евра.

Гренланд, најголемиот остров во светот богат со ретки минерали важни за високотехнолошката индустрија, со години е предмет на стратешките интереси на САД, Кина и Русија.

Изборната комисија на Република Српска одбива да учествува во предвремени претседателски избори

Милорад Додик, поранешен претседател на Република Српска, август 2025 година.
Милорад Додик, поранешен претседател на Република Српска, август 2025 година.

Изборната комисија на ентитетот Република Српска(РС) на 3 септември донесе одлука дека нема да спроведува предвремени избори за претседател на РС, наведувајќи дека постапува врз основа на заклучоците неодамна усвоени од Народното собрание на тој ентитет.

Изборите беа објавени за 23 ноември од страна на Централната изборна комисија(ЦИК) на Босна и Херцеговина(БиХ), откако оваа комисија на 18 август му го одзеде мандатот на доскорешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, врз основа на конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина.

Судот го осуди Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит.

Претседателот на Комисијата, Оливер Благојевиќ, изјави дека „заклучоците на Собранието на РС ќе бидат целосно почитувани“, нагласувајќи дека одлуката е донесена на вонредна телефонска седница.

„Очекувам дека другите власти, и на ниво на РС и на општинско ниво, ќе ги почитуваат парламентарните заклучоци поврзани со предвремените избори и сè друго“, рече тој во изјава за Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).

На 22 август, Народното собрание на Република Српска усвои заклучоци кои меѓу другото, се спротивставуваат на одржувањето предвремени избори за претседател на РС и бараат сите институции во тој ентитет да не преземаат активности поврзани со распишувањето на изборите.

На прашањето од Радио Слободна Европа (РСЕ) да ја коментира оваа одлука, портпаролката на ЦИК на Босна и Херцеговина, Максида Пириќ, рече дека Изборната комисија на РС „дури нема овластување да спроведува избори за претседател на РС“.

Како што рече, тоа го прават општинските и градските изборни комисии и нивната надлежност е во согласност со законот.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина е одговорна за организирање и спроведување на сите избори во БиХ - општи, локални и предвремени избори, додека, според Изборниот закон на Босна и Херцеговина, таа ја одредува и надлежноста на ентитетските комисии.

Изборната комисија на РС е одговорна за постапките за импичмент на градоначалници и раководители на општините, како и за спроведување на избори за совети на локалните заедници во градовите и општините.

Во април минатата година, властите во РС го усвоија Изборниот закон на Босна и Херцеговина со кој имаа намера да ги присвојат надлежностите на државата врз изборите во РС.

Уставниот суд на Босна и Херцеговина овој закон го прогласи за неуставен и го поништи.

Од крајот на војната во 1995 година, ентитетите во БиХ никогаш немале надлежност над спроведувањето на избори во земјата, ниту пак надлежноста на ентитетите над изборите е спомената во Уставот на БиХ.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина распиша предвремени избори за претседател на Република Српска од редовите на српскиот народ, за 23 ноември.

Зеленски за в четврток најави можен разговор со Трамп за санкции врз Русија

САД - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и претседателот на САД, Доналд Трамп, на состанок во Овалната соба на Белата куќа, Вашингтон, 18 август 2025 година.
САД - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и претседателот на САД, Доналд Трамп, на состанок во Овалната соба на Белата куќа, Вашингтон, 18 август 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева дека ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп во четврток, на 4 септември, за да се заложи за нови санкции против Русија поради нејзината инвазија, јави агенцијата АФП.

„Утре ќе се обидеме да се поврземе со претседателот Трамп и ќе разговараме за тоа“, рече Зеленски за време на посетата на Копенхаген на 3 септември, каде разговараше за дополнителна поддршка за Киев од нордиските и балтичките земји.

Зеленски додаде дека постои „цврста основа“ за безбедносни гаранции за Украина во случај на прекин на огнот, наведувајќи „билатерални договори, вклучително и еден со Данска“.

Трамп досега залудно се обидуваше да организира самит меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, откако го постави црвениот тепих за рускиот лидер во Алјаска минатиот месец.

Трамп во изјава од 2 септември рече дека е „многу разочаран“ од Путин што не успеа да се придвижи кон мировен договор за Украина.

Командоси ги спасуваат преживеаните по земјотресот во Авганистан

Авганистан - последици од земјотресот во источен Авганистан, 1 септември 2025 година.
Авганистан - последици од земјотресот во источен Авганистан, 1 септември 2025 година.

Десетици авганистански воздушни командоси се спуштија во оддалечен планински регион долж источната граница на Пакистан за да помогнат во спасувањето на жртвите од земјотресот на 31 август во кој, според талибанските власти, загинале повеќе од 1.400 луѓе.

Смртоносниот земјотрес со магнитуда од 6 степени што ги погоди провинциите Кунар и Нангархар доцна на 31 август, повреди илјадници луѓе, ги срамни селата зо земја и остави десетици илјади бездомници.

Земјотрес со магнитуда од 5,5 степени на 2 септември ја зголеми катастрофата додека екипите брзаа да стигнат до настраданите

Мештани изјавија за Радио Азади, авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), дека немаат засолниште и живеат на отворено, додавајќи дека е потребна итна помош во храна, чиста вода за пиење и шатори.

Владини претставници изјавија дека командоси се распоредени од воздух во областите каде што пристапот до патиштата бил отсечен од земјотресот и дека се формирани командни центри за координирање на службите за итни случаи и спасување.

Овие напори доаѓаат во време кога хуманитарни организации предупредуваат дека недостатокот на пристап до хигиенски средства, медицинска помош и засолништа за итни случаи става во опасност многумина, особено жените и девојчињата.

Ниту една земја освен Русија не ја призна владата предводена од Талибанците, иако групите за помош се обидоа да одржат контакт и покрај пречките што ги поставија „де факто“ владетелите.

Организацијата „Амнести интернешнл“ повика на „итна хуманитарна помош“, но групата за човекови права со седиште во Лондон, исто така, ги критикуваше Талибанците за попречување на спасувачките операции.

„Амнести интернешнл“ исто така, го критикуваше Пакистан за присилната репатријација на речиси два милиони авганистански бегалци, велејќи дека тоа го влошува проблемот.

Меѓународните организации за помош вложија напори да нагласат дека целата помош ќе оди кај жртвите, а не во рацете на талибанските лидери.

Катастрофата доаѓа во време кога осиромашената земја се бори со намалена меѓународна помош поради преземање на власта од страна на Талибанците и враќањето на стотици илјади авганистански бегалци од соседните земји.

Во Авганистан често има земјотреси, е погоден од земјотреси. Последниот е од октомври 2023 година, при што Талибанците објавија дека има 4.000 ѓртви, додека Обединетите нации ја проценија бројката на околу 1.500.

Најновиот земјотрес се случи во 23.45 часот на 31 август, а неговиот епицентар беше околу 27 километри североисточно од Џалалабад во авганистанската покраина Нангархар, според податоците од Геолошкиот завод на САД (USGA).

USGA соопшти дека земјотресот бил на длабочина од 8 километри, релативно плитко ниво кое често предизвикува поголема штета од подлабоките земјотреси.

Последователните потреси, исто така, ја комплицираа ситуацијата.

Сиљановска-Давкова: Нема потреба од нова декларација за „црвените линии“ на државата за евроинтеграциите

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија

Нема потреба од нова декларација за „црвените линии“ на државата за евроинтеграциите, рече претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави дека ќе поднесе декларација со „црвени линии“ која треба да помогне во поместувањето на преговарачките позиции на Северна Македонија на патот кон Европската унија.

„По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите“, рече Сиљановска-Давкова во изјава на 3 септември по врачувањето на признанието „Инженерски прстен 2025“ во Охрид.

Според претседателката, најважно е политичките партии и од опозицијата и од власта да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор од државата.

Таа се осврна и на писмото на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев до неговите колеги од ЕУ, во кое вели дека е непотребна провоција и правна апсурдна постапка иницијативата за оценка на уставноста на Протоколот од Договорот за доброседство со Бугарија, поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка Лилјана Поповска.

Сиљановска - Давкова рече дека уставните судови не се под јурисдикција на соседни политичари, а одлуките на овој суд се конечни и не се коментираат.

2Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, Уставниот суд ќе реши дали има основ за негово проследување“, рече претседателката на државата.

Уставниот суд на 13 август информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.

Подносителка на иницијативата, поранешната пратеничка Поповска во иницијативата наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

ЕУ одвои еден милион евра помош за Авганистан

Последици од силниот земјотрес во Авганистан, септември 2025 година
Последици од силниот земјотрес во Авганистан, септември 2025 година

Европската Унија одобри средства во износ од еден милион евра за хуманитарно финансирање на најитните потреби на населението засегнато од силниот земјотрес што во неделата го погоди североисточниот дел на Авганистан, јави МИА.

Дополнително, ЕУ реши да донира и околу 130 тони хуманитарна помош од сопствените резерви. Оваа помош, која вклучува шатори, облека, медицински материјали и средства за прочистување на водата, ќе бидат доставени преку два хуманитарни лета до Кабул финансирани од ЕУ, кои треба да се реализираат во текот на оваа недела.

Доделените финансиски средства, пак, ќе бидат дистрибуирани преку хуманитарните партнери на ЕУ кои веќе спроведуваат операции за помош на теренот.

ЕУ ја активираше и сателитската услуга Коперник за да изработи мапи за итни случаи, што ќе помогне во испораката на помошта.

Овие средства се надоврзуваат на претходно доделените 161 милион евра хуманитарна помош во 2025 година на хуманитарните организации што дејствуваат во Авганистан.

Во неделата североисточните авганистански провинции Кунар, Нангахар и Лагман ги погоди земјотрес со интензитет од шест степени, при што, според расположливите извештаи, загинале најмалку 1400 луѓе. Се стравува дека конечниот биланс на загинати ќе биде поголем.

Руте: Очекувам „јасна претстава“ за европскиот придонес кон гаранциите за Украина

Шефот на НАТО, Марк Руте
Шефот на НАТО, Марк Руте

Шефот на НАТО, Марк Руте, изјави дека очекува разговорите меѓу европските лидери во Париз да ги зацврстат плановите за безбедносни гаранции за Украина и да го отворат патот за добивање појасна слика за вмешаноста на Соединетите Држави.

„Утре ќе биде важен состанок, па очекувам утре, или наскоро по утре, да имаме јасна претстава за тоа што можеме колективно да постигнеме“, изјави Руте пред новинарите.

„Тоа значи дека можеме да се ангажираме уште поинтензивно, исто така и со американската страна за да видиме што сакаат да постигнат во однос на нивното учество.“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на разговорите во Париз во четврток (3 септември) со лидерите од таканаречената „Коалиција на добронамерните“.

Предводена од Франција и Велика Британија, групата од околу 30 земји има намера да обезбеди поддршка за војската на Киев и евентуално да распореди дел од своите војници во Украина, ако и кога ќе се договори прекин на огнот.

Распоредувањето би имало за цел да ја одврати идната руска агресија.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги поттикнува напорите за завршување на војната, изјави дека Вашингтон би можел да игра улога во поддршката на Европејците. Сепак, тој ја отфрли можноста за испраќање на американски војници на терен, а кои точни обврски би бил подготвен да ги даде остануваат нејасни.

Дипломатите за АФП изјавија дека европските земји во коалицијата биле притиснати да излезат со конкретни детали за тоа што би можеле да придонесат на состанокот на воените началници минатата недела.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во вторник соопшти дека сега има „доволен придонес за да можеме да им кажеме на Американците дека сме подготвени да ги преземеме нашите одговорности сè додека тие ги преземат своите - што значи давање „заштита“ на европските партнери.

Таа „заштита“ би можела да вклучува различни аспекти, вклучувајќи разузнавање, логистичка поддршка и комуникации.

Трамп досега залудно се обидуваше да организира самит меѓу претседателите Владимир Путин и Володомир Зеленски, откако го постави црвениот тепих за рускиот лидер во Алјаска минатиот месец.

Во вторник, Трамп рече дека е „многу разочаран“ од Путин што не успеа да се придвижи кон мировен договор за Украина.

Израел лансираше нов шпионски сателит како „порака“ до непријателите

илустрација
илустрација

Израел лансираше нов шпионски сателит во орбитата, а министерот за одбрана Израел Кац го опиша како „порака“ до своите непријатели дека се под постојан надзор.

„Лансирањето на сателитот Офек 19 вчера е достигнување од највисоко глобално ниво. Малку земји поседуваат вакви можности“, напиша министерот за одбрана Израел Кац на X.

„Ова е исто така порака до сите наши непријатели, каде и да се - ве следиме во секое време и во секоја ситуација“, додаде тој.

Лансирањето на сателитот во вторник вечер (2 септември)се случи два месеци по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран, во која Израел нападна ирански нуклеарни и воени објекти, како и станбени области, на повеќе од 1000 километри (600 милји) оддалеченост.

Според Даниел Голд, раководител на директоратот за истражување и развој на Министерството за одбрана, собрани се над 12000 сателитски снимки од иранска територија за насочување на нападите.

Операцијата „нагласи дека поседувањето напредни капацитети за набљудување во нашиот регион е клучно за постигнување супериорност во воздух и на копно“, рече Боаз Леви, извршен директор на државната компанија „Израел аероспејс индустрис“, која работеше на проектот заедно со Министерството за одбрана.

Инаку Израел се приклучи на клубот на вселенски сили во 1988 година со распоредувањето на својот прв сателит „Офек“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG