Достапни линкови

Стотици луѓе настрадаа во земјотрес во Авганистан


Талибански војници и цивили пренесуваат жртви на аеродромот во Џалалабад
Талибански војници и цивили пренесуваат жртви на аеродромот во Џалалабад

Стотици луѓе загинаа во Авганистан во земјотрес со сила од 6,0 степени според Рихтеровата скала што го погоди источниот дел од земјата на 31 август. Според Геолошкиот завод на САД, Џалалабад беше епицентарот на земјотресот.

„Според нашите најнови информации за синоќешниот земјотрес во провинциите Кунар и Нангархар загинаа 610 лица, 1.300 беа повредени, а голем број куќи беа уништени“.

Во провинцијата Нангархар, 12 лица загинаа, 255 беа повредени, а десетици куќи беа оштетени“, изјави портпаролот на талибанското Министерство за внатрешни работи, Абдул Матин Кане, утрото на 1 септември.

Претходно, д-р Шарафтат Заман, портпарол на талибанското министерство за здравство, во порака преку WhatsApp до програмата Радио Азади на Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека првичните извештаи укажуваат дека околу 330 лица се повредени во регионите Нангархар и Лагман.

Официјалните лица во сите најави предупредија дека бројот на жртви е голем, додека се чекаат повеќе информации, бидејќи оддалеченоста на областа ги отежнува информациите за бројот на жртви и проценката на штетата.

Десетици куќи се „под урнатини“, соопштија извори од талибанската влада, додека официјални лица објавија дека цели села се уништени.

Земјотресот, на релативно мала длабочина од 8 км, ги потресе зградите од Кабул до главниот град на Пакистан, Исламабад, на повеќе од 300 км оддалеченост.

Изутрината на 1 септември, владата на Талибанците соопшти на мрежата X дека земјотресот предизвикал „загуба на животи и материјална штета во некои од источните провинции“.

Аердромот во Џалалабад
Аердромот во Џалалабад

„Локалните власти и жителите моментално учествуваат во операциите за спасување на погодените лица. Тимови за поддршка од центарот и блиските провинции се исто така на пат“, се додава во соопштението, без информации за жртви.

Како резултат на земјотресот, неколку села во округот Нургал беа закопани под земја, а се проценува дека уште стотици луѓе би можеле да бидат заробени.
Спасувачките екипи од министерствата за одбрана, внатрешни работи и јавно здравје на Талибанците пристигнаа во регионот, а повредените се транспортираат со хеликоптер во регионалната болница Нангархар.

Забихула Муџахид, портпарол на Талибанците, исто така, синоќа изјави дека локалните власти мора да ги искористат сите свои ресурси за да спасат луѓе.

Првичниот земјотрес беше со јачина од 6,0 степени според Рихтеровата скала, по што следеа два последователни потреси со јачина од 5,2 степени и последниот со јачина од 4,7 степени. Освен во Кунар, земјотресите предизвикаа жртви во Нангархар и Лагман, а беа почувствувани и во делови од Кабул и Хајбер Пахтунхва.

XS
SM
MD
LG