Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, наведени во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне, се наведува во редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија (ЕУ).
„Властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, се наведува во нацрт-извештајот на ЕК во кој имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според извештајот на Европската комисија, Црна Гора е најнапредна во процесот на пристапување кон ЕУ бидејќи ги отвори сите 33 поглавја од преговорите. Таа земја ги започна преговорите за членство со ЕУ пред 13 години и досега затвори седум поглавја од преговорите.
„Континуираната политичка посветеност на црногорските власти кон стратешката цел за европска интеграција даде опипливи резултати во постигнувањето на потребните реформи и напредокот на земјата на патот кон пристапување кон ЕУ“, се вели во извештајот.
Дијалогот за нормализација на односите, кој е исто така дел од пристапните преговори за двете земји, е сè уште клучен за Србија и Косово, според извештајот што ги опфаќа земјите од Западен Балкан.
Србија сè уште заостанува кога станува збор за почитување на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, бидејќи не воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина. Извештајот, исто така, посочи на зголемената поларизација во таа земја поради бранот масовни протести што траат веќе една година.
Босна и Херцеговина (БиХ), како што е оценето, заостанува во реформите поради „политичките тензии“, како и проблемите со усвојувањето на неуставни закони во ентитетот на БиХ Република Српска.
„Ентитетот Република Српска усвои закони што го поткопуваат уставниот и правниот поредок и функционалноста на државните институции. Овие закони беа укинати од Уставниот суд. По кривичната пресуда потврдена во жалбата, претседателот на ентитетот Република Српска беше отстранет од функцијата, а предвремените избори беа закажани за 23 ноември“, се вели во извештајот.
Во Србија и Босна и Херцеговина, како што е наведено, постојат различни ризици од „заробување на државата“ во контекст на борбата против корупцијата.
„Корупцијата продолжува да претставува значаен предизвик што земјите во процесот на проширување мора да го решат како приоритет“, се наведува во извештајот.
Србија отвори 22 од 35 преговарачки поглавја, од кои две се привремено затворени. Европската комисија оцени дека властите во Србија „продолжиле да го прогласуваат членството во ЕУ за своја стратешка цел, но вистинското темпо на спроведување на реформите значително се забавило“.
ЕУ посочува дека „Србија треба да спроведе кредибилни реформи во сите области“, особено во областа на хармонизација со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Во однос на Косово се посочува дека напредокот е попречен од поделената домашна политика и политичкиот застој по парламентарните избори на 9 февруари, и покрај тоа што Косово е посветено на својот европски пат, со високо ниво на јавна поддршка.
Во документот се споменува дека Косово доброволно ја усогласило својата надворешна политика со онаа на Европската Унија, што сигнализира јасна посветеност на вредностите на ЕУ.
Меѓу другото, во нацрт-извештајот се споменува дека Европската комисија ги презела првите чекори кон постепено укинување на казнените мерки.
Косово, за разлика од другите земји од Западен Балкан, нема статус на земја-кандидат, иако аплицираше за членство во декември 2022 година.
Во извештајот се наведува и општа оценка за сите земји-кандидатки, а таа е дека „процесот на проширување сега оди побрзо отколку во последните 15 години“.
Европската Унија им понуди шест милијарди евра на земјите од регионот во 2024 година како дел од таканаречениот План за раст, со цел да се забрза нивниот развој и интеграција.