Вести
Во геополитичкиот пристап на ЕУ, проширувањето има централна улога, вели Борел

Јасен став на Европската комисија е дека проширувањето им централна улога во геополитичкиот пристап на ЕУ, порача денеска високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел при презентацијата на Пакетот извештаи за проширувањето.
„Граѓаните очекуваат од Европската Унија да дејствува со цел да се гарантира стабилноста и соработката во нашето соседство. Ако тоа не можеме да го сториме во нашето најблиско соседство, тешко ре да се верува дека тоа ќе успееме да го направиме во подалечните делови од светот, нагласи Борел, додавајќи дека Европската Унија нема да биде само набљудувач на настаните.
На заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Борел нагласи дека во изминативе пет години се соочивме со предизвици без преседан во сферата на здравството, животната средина и безбедноста, а речиси пред 1.000 дена Русија ја започна целосната агресија врз Украина.
„Русија претставува егзистенцијална закана за Европа, повеќе од кога било до сега, и членството во ЕУ стана стратешки избор. Алтернативите (на членството) може да бидат полесни на краток рок, но она што е лесно на краток рок, може да донесе тешкотии на долг рок“, порача Борел.
Тој нагласи дека она што е наведено во извештаите се базира на индивидуалните достигнувања на земјите аспиранти за членство и нивните заслуги, чиј темел пред се е владеењето на правото.
„Во изминатите пет години пристапните преговори се вратија на врвот на приоритетите на Европската комисија. Во 2019 година имаше пет кандидати за членство, а денес има девет земји кандидати и еден потенцијален кандидат, што ги прави 10, односно двојно повеќе. Тоа покажува дека Европската Унија дејствува како магнет, привлекувајќи луѓе и држави“, истакна Борел.
Според него, постепената интеграција донесе резултати, па така земјите вклучени во пристапниот процес веќе имаат видлива корист од тоа.
„Тоа значи дека не мора да чекате до крајот за да ги добиете сите придобивки (од членството), туку тоа е процес низ кој има видливи придобивки кои граѓаните ги чувствуваат секојдневно, рече Борел, додавајќи дека тоа вклучува пристап до програмата Еразмус+, тоа што сите граѓани од Западниот Балкан може да патуваат во ЕУ без визи, како и Планот за раст на регионот и инструментите за поддршка на Молдавија и Украина, со кои се наградуваат реформите, од кои најважно е владеењето на правото“, истакна Борел.
Тој посочи дека ЕУ се обидува да воспостави посилни врски со кандидатите за членство во сферата на енергетската и безбедносната политики, со цел да се одбранат европските вредности, да се зачува регионалната стабилност и да се заштити глобалниот поредок.
„Нашата Унија не треба да биде само поголема, туку и посилна. Можете да станете поголеми, но тоа не значи автоматски дека сте и посилни. Ние го сакаме и едното и другото. Сакаме да ги интегрираме нашите соседи и сите заедно да бидеме посилни“, рече високиот претставник на ЕУ.
Борел посочи дека во услови на руската агресија врз Украина, не може да развивате односи со Русија како се да е нормално, а во исто време да сакате членство во ЕУ, бидејќи не може и едното и другото.
Според него, во изминативе години има значително усогласување на кандидатите за членство со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е показател дека тие ги споделуваат европските вредности и геополитички цели.
„Некои наши партнери се целосно усогласени со нашата заедничката надворешна и безбедносна политика. Би можел да споменам Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, кое доброволно се усогласува“, потенцира Борел.
Вархеји, од своја страна, нагласи дека актуелна Европска комисија работеше напорно да го врати проширувањето како еден од трите нејзини приоритети и тоа не само да се дискутира за тоа, туку и да се оствари напредок.
„Проширувањето не е поврзано само со промената на нашето геополитичко опкружување, туку тоа е и во интерес на ЕУ, истакна Вархеји, додавајќи дека членството во Унијата е долгорочна гаранција за мир, стабилност, безбедност и просперитет.
Тој нагласи дека со измената на метедологијата за членство извршена во 2020, ЕУ направи многу значајна промена во пристапот и го врати кредибилитетот на процесот, кој се загуби негде попатно, правејќи го предвидлив со ставот дека ако има напредок од едната, ќе го има и од другата страна.
„Врз основа на тоа можеме да кажеме дека направиме многу. Не само што имаме нов земји кандидати за членство, туку и шест земји кои преговараат, а може да им се приклучи и седма ако Советот донесе одлука за старт на преговорите со БиХ“, рече Вархеји.
Според него, сето ова е видлив напредок и врз основа на тоа до крајот на мандатот на новата Европска комисија би можеле да очекуваме ново проширување на Унијата.
Тој посочи и дека паралелно со ова, ЕУ работи и на намалување на економско-социјалниот јаз меѓу земјите кандидати и членките на Унијата, за што се одвоени 30 милијарди евра само за земјите од Западниот Балкан, што претставува една третина од БДП на регионот.
„Не само што е потребно ЕУ да биде силна, туку треба и да ја донесе Европа во соседните региони“, рече Вархеји, потенцирајќи дека за таа цел е подготвен и Планот за раст на Западниот Балкан, како и алатки за поддршка на Молдавија и Украина, што треба да им помогне на овие земји да ги спроведат потребните реформи и да бидат подготвени за членство во ЕУ до крајот на мандатот на новата Комисија, кој завршува кон крајот на 2029 година.
Пакетот извештаи за проширувањето ја оценува усогласеноста на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ со Копенхашките критериуми, кои се однесуваат на стабилност на институциите кои ги гарантираат демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човекови права и заштита на малцинствата, потоа одржувањето на функционална пазарна економија и нејзината способност за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ, како и капацитетите да се преземат обврските од членството, вклучително и за ефикасно спроведување на правилата, стандардите и политиките на ЕУ.
Пакетот за проширување ги дефинира експлицитно оние реформи што треба да ги преземат земјите опфатени со пристапниот процес за да станат членки на ЕУ и информира за нивниот напредок на патот кон членство во Унијата.
Во документот се прави и преглед на спроведувањето на клучните политички и економски реформи од страна на аспирантите за членство и им се даваат јасни препораки за следниот период.
види ги сите денешни вести
Нови судири во Сирија додека привремената влада се бори да ги намали тензиите

Нови избувнувања на насилство во текот на ноќта кон неделата ја потресоа Сирија на две различни точки на жариште, затегнувајќи го кревкото примирје и доведувајќи ја во прашање способноста на преодната влада да го спроведе својот авторитет низ целата земја, јавува новинската агенција Асошиетет Прес.
На север, борците кои се поврзани со сириската Владата се соочија со силите предводени од Курдите кои контролираат голем дел од регионот, додека во јужната покраина Свеида, тие се судрија со вооружените групи на арапската религиозна група Друзи.
Избувнувањата доаѓаат во време кога привремените власти на Сирија се обидуваат да го одржат напнато примирје во покраината Свеида по судирите со фракциите на Друзите минатиот месец и да спроведат договор со Сириските демократски сили, поддржани од САД, предводени од Курдите, што би реинтегрирало големи делови од североисточна Сирија со остатокот од земјата.
Сириската влада под привремениот претседател Ахмад ал-Шара се бори да ја консолидира контролата откако тој предводеше изненадувачки бунт со кој беше соборен поранешниот претседател Башар Асад во декември, со што се стави крај на децениското автократско владеење на семејството Асад.
Политичките противници и етничките и религиозните малцинства се сомневаат во де факто исламистичкото владеење на Шара и соработката со придружните борци кои доаѓаат од милитантни групи.
Државната сириска телевизија соопшти дека судирите меѓу владините сили и милициите што припаѓаат на религиозното малцинство Друзи ја потресоа јужната покраина Свеида во саботата, откако друзските фракции ги нападнаа сириските безбедносни сили, при што загинаа најмалку еден член.
Во меѓувреме, Сириската опсерваторија за човекови права, воен мониторинг со седиште во Велика Британија, соопшти дека покрај убиениот член на безбедносните сили, еден припадник на вооружената група на Друзите е убиен, а најмалку девет други се ранети во судирите што се случија во западниот дел од покраината Свеида.
Опсерваторијата соопшти дека судирите се случиле на стратешките височини Тал ал-Хадид што гледаат кон покраината Дара во соседството.
Државните медиуми јавуваат дека конвоите со помош продолжуваат да влегуваат во градот Свеида како дел од напнатото примирје по повеќе од една недела насилни судири во јули меѓу милициите на Друзите и вооружените бедуински кланови поддржани од владините сили.
Судирите што раселија десетици илјади луѓе дојдоа по месеци тензии меѓу Дамаск и Свеида. Борбите доведоа до серија целни секташки напади врз малцинството Друзи, кое сега е скептично кон мирниот соживот. Друзите милиции возвратија на бедуинските заедници кои во голема мера живееја во западните области на покраината Свеида, раселувајќи многумина во соседната Дара.
Вучиќ и Макрон разговарале телефонски

Стабилноста на Западен Балкан е важна за Франција, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ, еден ден откако Српскиот совет за безбедност оцени дека безбедноста во регионот е сериозно нарушена.
Според официјалните соопштенија, Вучиќ и Макрон разговарале за билатералните односи и регионалните прашања, со фокус на актуелните случувања во Косово и Босна и Херцеговина.
Разговорот се одржа еден ден откако Српскиот совет за безбедност оцени дека пресудата против Милорад Додик, претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС), сериозно ја нарушува безбедноста во регионот.
Додик беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции на 1 август поради непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Вучиќ по разговорот со Макрон изјави на Инстаграм дека Србија „останува посветена на сите процеси насочени кон зачувување на мирот, соработката и просперитетот“, што му го пренесе на Макрон по телефон.
„Ја нагласив нашата посветеност на дијалогот и почитувањето на меѓународното право, како и нашата подготвеност да придонесеме за долгорочната стабилност на регионот“, се додава во објавата од српскиот Кабинет на Вучиќ.
Вучиќ, како што е наведено, му се заблагодари на Макрон за неговиот ангажман во Западен Балкан и поддршката на Франција за членството на Србија во Европската Унија. Тој го покани и Макрон да ја посети Србија.
Од друга страна, Макрон рече дека стабилноста на Западен Балкан е важна за Франција.
„Нагласив колку Франција придава важност на стабилноста, единството и суверенитетот на Босна и Херцеговина, како и на почитувањето на владеењето на правото. Потсетив на важноста на дијалогот меѓу Србија и Косово и нашата осуда на сите еднострани потези што би можеле да го загрозат. Со земјите од Западен Балкан, Европа ќе се реализира себеси и ќе ја прифати својата судбина - во единство, солидарност и одговорност“, рече францускиот претседател.
Полска ги продолжува граничните контроли со Германија до октомври

Полска ќе ги продолжи привремените гранични контроли со Германија до 4 октомври, објави во недела министерот за внатрешни работи Марчин Киервински.
Проверките, кои првично требаше да истечат на 5 август, се очекуваше да продолжат.
Тие беа воведени на 7 јули како одговор на тековните германски контроли насочени кон ограничување на нерегуларната миграција.
Граничните проверки со Литванија, исто така, ќе останат на сила. Киервински рече дека продолжувањето е известено до Европската комисија и доставено до соседните земји од ЕУ.
„Нашите европски партнери целосно ја разбираат одлуката“, беше цитиран тој. Понатамошна проценка на мерките ќе биде направена во септември врз основа на податоците од граничната полиција, војската и полицијата.
Полската влада тврди дека засилените контроли биле ефикасни. Од нивното воведување, Полска објави „98% покриеност“ на своите граници. Германија започна да спроведува случајни проверки на полската граница во октомври 2023 година и ги интензивираше откако конзервативната влада на канцеларот Фридрих Мерц ја презеде функцијата во мај.
Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт, исто така, го одобри враќањето на барателите на азил на границата, што предизвика одговор од Варшава.
Полскиот премиер Доналд Туск го поврза укинувањето на граничните проверки на Полска со можни промени во германската политика.
Центристичката влада на Туск, исто така, се најде под притисок од десничарските групи на одмаздници кои патролираат во близина на границата и ја обвинуваат Германија дека ги враќа мигрантите кои никогаш претходно не влегле во Полска.
Според полското Министерство за внатрешни работи, од 7 до 30 јули, властите провериле повеќе од 243.000 луѓе и 110.000 возила на германската граница. Влезот им бил одбиен на 105 лица.
Во истиот период, Полска прифати 72 лица вратени од Германија и одби уште две, а исто така, врати шест мигранти во Германија.
Украинските антикорупционери открија измама со купувањето дронови

Националното биро за борба против корупцијата (NABU) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (SAPO) на 2 август објавија на социјалните мрежи дека откриле голема шема за земање мито и купување оружје по превисоки цени во земјата.
Според нивното соопштение осомничените земале мито во корупциска шема во која државните средства биле користени за купување беспилотни летала и друга воена опрема по значително повисоки, „надуени“ цени.
Прекршителите земале мито од 30 проценти од вредноста на договорот, соопштија NABU и SAPO.
Агенциите не ги идентификуваа осомничените, но рекоа дека меѓу нив има еден пратеник и неколку окружни и градски службеници, и дека досега се уапсени четири лица, објави новинската агенција Асошиетет прес.
Министерството за внатрешни работи на Украина соопшти дека припадниците на Националната гарда, кои исто така биле вклучени во случајот, се отстранети од своите работни места.
Беспилотните летала станаа клучен ресурс во војната меѓу Украина и Русија, а поголемиот дел од руските воени средства уништени од украинската армија биле цел на овие беспилотни летала. Со производство на дронови, Киев го проширува и домашното производство и извозот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во говорот вечерта на 2 август изјави дека откриената корупциска шема е „неморална“ и им се заблагодари на агенциите за нивната работа.
„За жал, овие корупциски шеми вклучуваа набавка на системи за електронско војување и беспилотни летала FPV. Мора да има целосна и фер одговорност за ова“, додаде Зеленски во говорот, кој беше објавен на социјалната платформа X, порано позната како Твитер.
Контроверзната шема беше откриена два дена откако украинскиот парламент со огромно мнозинство гласаше за враќање на независноста на антикорупциските агенции. Овој потег ја поништи претходната одлука на Зеленски да ги ограничи овластувањата на агенциите, што предизвика неколку демонстрации.
Саудиска Арабија погуби осум лица

Саудиска Арабија егзекутираше осум лица во еден ден, соопштија државните медиуми, во услови на пораст на употребата на смртна казна во монархијата на Персискиот Залив, особено поради пресуди поврзани со дрога.
Станува збор за четворица Сомалијци и тројца Етиопјани кои биле егзекутирани во саботата во јужниот регион Наџран „за шверц на хашиш во кралството“, објави новинската саудска агенција (SPA).
Осмиот егзекутиран е Саудиец кој бил осуден за убиството на својата мајка, соопшти SPA.
Од почетокот на 2025 година, Саудиска Арабија егзекутирала 230 лица, според пресметката на АФП од официјални извештаи. Од нив, 154 се поврзани со обвиненија за дрога.
Темпото на егзекуции го става кралството на пат да го надмине минатогодишниот рекорд од 338 случаи на смртна казна.
Аналитичарите го поврзуваат порастот со „војната против дрогата“ на кралството започната во 2023 година, при што многу од оние што беа првично уапсени дури сега се егзекутирани по нивните законски постапки и пресуди.
Саудиска Арабија ги продолжи егзекуциите за прекршоци поврзани со дрога на крајот од 2022 година, откако ја суспендираше употребата на смртна казна во случаи на наркотици околу три години.
Според пресметката на новинската агенција Франс Прес, егзекутирани се 19 лица во 2022 година, две во 2023 година и 117 во 2024 година за кривични дела поврзани со наркотици.
Активистите велат дека континуираното прифаќање на смртната казна од страна на кралството го поткопува имиџот на поотворено, толерантно општество, што е централно за реформската агенда „Визија 2030“ на престолонаследникот Мохамед бин Салман.
Саудиските власти велат дека смртната казна е неопходна за одржување на јавниот ред и се користи само откако ќе се исцрпат сите можности за жалба.
СДСМ бара оставка од Ристовски по интервјуто за РСЕ

Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) на 3 август побара министерот за спорт Борко Ристовски да си поднесе оставка од функцијата. Причина за тоа, како што велат од опозицијата, е не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт.
Ваквата реакција на СДСМ следи по интервјуто на Радио Слободна Европа (РСЕ) на министерот Ристовски каде што тој ги во коментар за обвинувањата за лошата организација на Европските младински олимписки фестивал (ЕМОФ) рече дека Министерството со кое раководи не било организатор на настанот, туку само логистичка поддршка, како и тоа што тој лично побарал оваа Олимпијада да не се одржува во земјава или, пак да се редуцира бројот на спортисти-учесници.
„Бевме одбиени, бевме одбиени од причина што веќе било премногу касно за да се откаже Олимпијадата за младинци, што е и до некаде разбирливо, меѓутоа имаше обид и кажавме ние дека дека ние немаме капацитет за да за да организираме вака еден масовен настан“, изјави Ристовски во интевјуто за РСЕ.
Од СДСМ велат дека не се работи само за катастрофалната организација на ЕМОФ, туку и за катастрофалните резултати на македонските спортски федерации, што го одразуваат општото пропаѓање на спортот за време на оваа Влада и на Ристовски како министер.
„Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19. век пред очите на меѓународната спортска јавност. Резилот со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата“, е наведено во нивната реакција.
Покрај, тоа СДСМ вели дека е намалена поддршка на спортот на историски најниско ниво. За обвинувањата од СДСМ дека маркетингот на ЕМОФ го водела фирма чиј сопственик е близок до него, Ристовски вели дека опозицијата нема елементарно познавање од тоа како функционира спортот и како Министерството организира или лобира да добие некоја марктинг агенција работа со Олимпискиот комитет, во која тие соработуваат само технички.
За една година ограбени продавниците во Германија во вредност од 3 милјарди евра

Кражбите во продавници нагло се зголемуваат во Германија, а гонењето на крадците е премногу слабо, велат од малопродажниот сектор во земјата.
„Загубите од кражби во продавници се зголемија на 3 милијарди евра во 2024 година, што е за 20% повеќе во однос на бројката од 2022 година“, изјави Стефан Гент, раководител на Германското трговско здружение (HDE), за гераманскиот информативен портал t-online.
Гент ја забележа организираната природа на голем дел од кражбите.
„Бандите се движат фокусирано низ централните градови, крадејќи скапа стока, како што се парфеми, чевли, електронски уреди, а потоа ги продаваат на сивиот пазар“, рече тој.
Гент додава дека покрај тоа, крадците што работат сами се сè поагресивни кога ќе бидат фатени. Тој ги критикува германските обвинители за не преземање доволно мерки.
„Продавниците покренуваат обвиненија, а обвинителите потоа ги отфрлаат случаите врз основа на ефикасност. Како резултат на тоа, многу трговци на мало повеќе не пријавуваат кражби во продавници во полицијата“, вели тој.
Претставниците на трговците бараат измени во законот, инвестиции во безбедноста и зголемено финансирање на судството.
„Се плашам од услови како во Соединетите Американски Држави, каде што речиси сè е зад стакло. Тоа е израз на недоверба кон клиентите, додека повеќе од 90% се чесни“, рече тој.
Украински напади предизвикаа пожар во нафтено складиште во Сочи

Напад со украински беспилотни летала во текот на ноќта предизвика пожар во складиште за нафта во Сочи, руското одморалиште кое беше домаќин на Зимските олимписки игри во 2014 година, на околу 400 километри од украинската граница, соопштија властите во неделата, јавува новинската агенција Франс Прес.
Украина во изминатиот период често ја напаѓа руската нафтена и гасна инфраструктура како одговор на нападите врз сопствената територија откако Русија ја започна својата офанзива во февруари 2022 година.
„Сочи претрпе напад со беспилотни летала од страна на режимот во Киев синоќа“, изјави гувернерот на рускиот регион Краснодар, Венијамин Кондратиев, на социјалната мрежа Телеграм.
Тој рече дека остатоците од беспилотното летало погодиле „резервоар за нафта, што предизвикало пожар“.
Градоначалникот на Сочи, Андреј Прошунин, рече дека нема жртви и дека „ситуацијата е целосно под контрола“, додавајќи дека пожарникарите продолжуваат да го гаснат пожарот.
Сликите, објавени од руските медиуми, но чија автентичност новинската агенција Франс Прес не можеше да ја потврди, покажаа пламен и густ облак од црн чад што се издигаше од местото.
Воздушниот сообраќај беше накратко прекинат на аеродромот во Сочи, но кратко потоа беше обновен, соопшти рускиот регулатор за воздушен транспорт Росавијација.
Украинските власти не коментираа за пожарот. Воздушните напади врз Сочи се релативно ретки во споредба со некои други руски градови.
Сепак, во нападите со украински беспилотни летала таму загинаа две лица кон крајот на минатиот месец, според локалните власти.
Киев соопшти дека ќе ги интензивира своите воздушни напади врз Русија како одговор на зголемувањето на руските напади на нејзина територија во последните недели, во кои загинаа десетици цивили.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека три украински беспилотни летала биле пресретнати во регионот Ленинград, кој го вклучува и балтичкото пристаниште Санкт Петербург.
Во ноќните напади на Русија во јужниот и северниот дел на Украина, исто така, повредени се неколку лица, соопштија властите.
Три други лица се повредени во североисточниот регион Харков, додаде таа, додека локалните власти, исто така, објавија повреди во регионите Запорожје и Херсон на југ.
„Русите продолжуваат да водат војна не против украинските сили, туку против украинските цивили“, рече Свириденко.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп му даде на својот руски колега Владимир Путин десетдневен ултиматум, до следниот петок, за прекин на конфликтот во Украина.
Кина и Русија започнаа поморски вежби во Јапонското Море

Кина и Русија започнаа заеднички поморски вежби во Јапонското Море на 3 август. Вежбите „Заедничко Море-2025“ започнаа во водите во близина на руското пристаниште Владивосток, соопшти Министерството за одбрана на Кина.
Двете војски ќе спроведуваат операции за спасување на подморници, борба против подморници, воздушна и ракетна одбрана и поморска борба.
Четири кинески бродови, вклучувајќи уништувачи со водени ракети, учествуваат во вежбите заедно со руски бродови, соопшти министерството.
По тридневните вежби, двете земји ќе спроведуваат поморски патроли во „водите на Тихиот Океан“.
Кина и Русија редовно одржуваат заеднички вежби, а маневрите „Заедничко Море“ започнаа во 2012 година, објави новинската агенција Франс Прес.
Велика Британија се заканува со затвор за криумчари кои се рекламираат на социјалните мрежи

Криумчари на луѓе кои ги користат социјалните медиуми за да ги промовираат своите услуги на мигрантите кои сакаат нелегално да влезат во Велика Британија би можеле да се соочат со пет години затвор, најави британската влада.
Лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер е под силен политички и јавен притисок да го намали бројот на мигранти кои нелегално пристигнуваат во мали чамци од Франција.
Повеќе од 25.000 луѓе го направиле преминот досега оваа година.
Анализата на Министерството за внатрешни работи покажа дека околу 80% од мигрантите кои пристигнуваат со мали чамци ги користеле социјалните медиуми за време на нивното патување за да пронајдат или да комуницираат со шверцери на луѓе.
Според новите измени на законите луѓето кои објавуваат онлајн за да рекламираат услуги што олеснуваат кршење на законите за имиграција ќе се соочат со парични казни и затворски казни до пет години.
Олеснувањето на нелегалната имиграција во Велика Британија веќе е кривично дело, но владата соопшти дека нејзиниот последен план ќе и даде на полицијата уште една опција за да ги спречат криминалните банди кои профитираат од организирање на премините.
Минатиот месец, владата воведе нов режим на санкции што ѝ овозможува да замрзне средства, да воведе забрани за патување и да го блокира пристапот до финансискиот систем на земјата за поединци и субјекти вклучени во овозможување на нерегуларна миграција.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете