Вести
Судењето на Милорад Додик одложено за 5 февруари
Главната расправа за случајот против претседателот на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, одложена е за 5 февруари, потврди за Радио Слободна Европа адвокатот на Додик, Горан Бубиќ.
„Рочиштето кое беше планирано за 30 јануари е одложено поради обврски на бранителот во друг случај“, вели Бубиќ.
Досега трипати пред Судот на Босна и Херцеговина се одложуваше главната расправа во судскиот процес против Милорад Додик и Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на Службен весник на тој субјект.
Овој случај е разделен на 17 јануари, а во двата случаи станува збор за обвинение за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.
На 11 септември минатата година, Обвинителството на Босна и Херцеговина ги обвини Додик и Лукиќ за кривично дело „неизвршување на одлуките на високиот претставник во БиХ“, за што законот предвидува казна од шест месеци до пет години во затвор, како и забрана за вршење на јавни функции.
Милорад Додик е обвинет дека, како претседател на Република Српска (РС), потпишал укази со кои се прогласуваат валидни два закони, кои претходно беа поништени од високиот претставник Кристијан Шмит, „иако тој знаел дека одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина ( ОХР) се обврзувачки“.
Милош Лукиќ пак е обвинет дека како вршител на должноста директор на Службен весник на РС го овозможил објавувањето на указите на Додик во оваа публикација.
Тие закони предвидуваа дека одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина нема да се извршуваат на територијата на овој ентитет, ниту пак одлуките на високиот претставник на Меѓународната заедница во Босна и Херцеговина (ОХР) ќе бидат објавени во службениот весник на субјектот.
Овие закони беа изгласани во јуни 2023 година од Собранието на ентитетот на РС, во кој мнозинството го има Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик.
На 1 јули, високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, ги поништи двата донесени закони, додека законодавната процедура сè уште беше во тек.
Американската администрација ги санкционираше Додик и неколку политички функционери во Република Српска за континуираниот напад врз уставниот поредок на Босна и Херцеговина и за поткопувањето на Дејтонскиот мировен договор.
Заедно со Додик, на списокот на санкционирани личности се и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, премиерот на РС, Радован Вишковиќ, како и и министерот за правда на ентитетот Република Српска, Милош Букејловиќ.
види ги сите денешни вести
Од 19 анализирани случаи, кај 10 непотребно биле извршени кардиохирушки операции
Кај 10 од 19 анализирани случаи, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции, соопшти министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека од пристигнатите 25 случаи, комисијата утврдила дека шест треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи таа не е надлежна.
Претседавачот на комисијата доктор Жарко Христовски, рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација т.е. пациенти кои имаат васкуларна болест, а сите други пациенти ќе се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење.
Тој додаде дека ова е само првична анализа и понатаму ќе се постапува заедно со меѓународна комисија за дополнителна анализа за случаите со проблематични индикации.
Во втората фаза, како што инфромираа членовите на комисијата, ќе следува влегување во институции по случаен избор, а ќе се направи и анализа околу стратегијата на лекување на пациентите со кардиолошки проблеми и комплетен увид на медицинската документација.
Инаку Комисијата беше формирана непосредно откако проф.д-р Сашко Кедев рече дека во приватни клиники се прават непотребни операции за профит.
Иако Кедев не посочи конкретна болница, „Аџибадем Систина“ му се закани со тужба и побара да каже на кого мисли, а тој врати дека „тужбата ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство“.
По оваа изјава Министерството за здравство најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски пак упати апел до можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби.
Еден мртов и неколку повредени во најновите руски напади врз Киев
Русија изврши уште еден напад врз Киев во текот на ноќта, објавија украинските медиуми во петокот.
„Киев Индепендент“, повикувајќи се на официјални извори, објави дека едно лице е убиено, а најмалку 24 се повредени откако главниот град беше погоден со стотици дронови и ракети.
Петмина од повредените се хоспитализирани, вклучувајќи и бремена жена. Според извештаите, неколку експлозии се слушнале во главниот град во раните утрински часови во петокот, 14 ноември.
Новинската агенција РБЦ-Украина соопшти дека е пријавена штета во речиси сите градски области. Има и извештаи за неколку пожари во станбени згради.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека се оштетени и медицински објект и административна зграда. Пријавени се и прекини на електричната енергија.
Украина се брани од целосна руска инвазија повеќе од три и пол години.
Специјалните сили „Волци“ на меѓународната воена вежба „ОРИОН-25“ во Грција
Во десетина комплексни сценарија на копно, во вода и воздух, специјалните сили од девет држави, меѓу кои и македонските „Волци“, ги демонстрираа своите способности и капацитети на меѓународната воена вежба „ОРИОН-25“ што се одржува во Грција.
Вежбата започна на 3 ноември и завршува утре, а во неа учествуваат припадници на Командата за специјална војна на Грција, Единицата за подводни мисии на Крајбрежната служба, Единицата за борба против тероризам на грчката полиција, како и сили за специјални операции од Бугарија, Северна Македонија, Швајцарија, Италија, Хрватска, Кипар, САД и Романија. Денеска, на Денот за високи гости и претставници на медиуми, припадниците ги прикажаа своите оперативни способности.
Целта на вежбата е да се тестираат операциите на специјалните сили во реални услови, да се унапреди борбената готовност на тактичко ниво и да се зајакне мултинационалната и меѓуинституционалната соработка.
Во крајбрежното место Мегара, во западниот дел на областа Атика, специјалците изведоа над 15 сложени сценарија со употреба на дронови, дронови-камикази, авиони Ф-16, хеликоптери, бродови и оклопни возила, јавува МИА.
Меѓу најимпресивните вежби беа заземање на мал остров, инфилтрација на непријателска територија од воздух и евакуација со SPIES систем, при што војници беа извлечени со јаже од хеликоптер во област каде што не е можно слетување.
Вежбата опфати и справување со непријателски сили, евакуација на повредени со хеликоптер NH90, како и спуштање на гумени чамци во море. Традиционално, заврши со падобранци кои ги носеа знамињата на земјите учеснички.
Началникот на Генералштабот на националната одбрана на Грција Димитрис Хупис истакна дека вежбата „ОРИОН“ ја потврдува важноста на зајакнувањето на сојузите преку заедничка обука и соработка, како и високата оперативна подготвеност на сите единици кои учествуваа.
Министерството за финансии ќе исплати 17,6 милиони евра од втората Граѓанска обврзница
Министерството за финансии најави дека утре ќе се изврши исплата на главницата и каматата за втората година од издадената втора Граѓанска обврзница.
На сметките на граѓаните кои запишаа обврзници ќе бидат префрлени 17,6 милиони евра како главница и 880 илјади евра како камата.
Втората Граѓанска обврзница беше издадена на 7 ноември 2023 година со рок на достасување од 2 години и каматна стапка од 5% годишно.
Министерството истакнува дека досега се издадени две емисии во вкупен износ од 41,1 милиони евра, а веќе се подготвува нова емисија како дел од напорите за проширување на финансиските инструменти и поддршка на економските политики.
Граѓанската обврзница беше воведена во 2023 година, со цел да се збогати понудата на нови инструменти за финансирање на финансискиот пазар, како и проширување на изворите на финансисрање на економските политики.
Досега се издадени 2 емисии во вкупен износ од 41,1 милион евра. Во првата емисија беа запишани обврзници во износ од 23,5 милиони евра, додека во втората 17,6 милиони евра.
Србија не се усогласи со новите санкции на ЕУ кон Русија и Белорусија
Србија повторно не се усогласи со санкциите на Европската Унија воведени врз Русија и Белорусија на 23 октомври поради руската инвазија на Украина или нејзината поддршка за таа агресија.
На 23 октомври, Советот на ЕУ усвои четири одлуки во врска со санкциите против Русија и Белорусија, а Србија, како земја-кандидат за членство, не се придржуваше до ниту една од овие одлуки.
Во една од одлуките додадени се 22 лица и 42 субјекти одговорни за дејствија што го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина на списокот на лица, субјекти и тела што подлежат на рестриктивни мерки.
Таа одлука воведе дополнителен критериум за наведување на физички или правни лица, субјекти или тела одговорни за поддршка или спроведување дејствија или политики што придонесуваат за депортација, присилно преместување и присилна асимилација.
Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка и Украина ја почитуваа таа одлука, соопшти ЕУ.
Советот на ЕУ, исто така, на 23 октомври усвои одлука за рестриктивни мерки со оглед на ситуацијата во Белорусија и вмешаноста на Белорусија во руската агресија против Украина.
Советот додаде две физички и три правни лица на списокот на физички и правни лица, субјекти и тела кои подлежат на рестриктивни мерки.
Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Лихтенштајн, Црна Гора, Северна Македонија, Норвешка и Украина се согласија со одлуката.
Народна банка - Економски раст во 2025 од 3,5 отсто и пад на инфлацијата на 3,9
Македонската економија покажува отпорност и стабилност, со очекуван солиден раст и постепено намалување на инфлацијата во следните години, покажуваат најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025–2028 година, што ги претстави гувернерот Трајко Славески пред дипломатскиот кор и претставници на меѓународните институции.
Според проекциите, инфлацијата во 2025 година ќе изнесува во просек 3,9 отсто, а потоа ќе продолжи да опаѓа – на 2,5 проценти во 2026 година и 2 отсто на среден рок. Постепеното стабилизирање, како што наведуваат од Народната банка, ќе биде резултат на смирени ценовни притисоци и стабилни инфлациски очекувања.
Економскиот раст во 2025 година се предвидува на 3,5 проценти со можност да достигне 4 отсто на среден рок. Главен двигател ќе бидат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, а растот ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка, извозот и кредитната активност, која се очекува да расте со над 7 проценти годишно.
Проекциите покажуваат дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува 4,2 отсто од БДП во 2025 година, но се очекува постепено намалување до 2,6 проценти до 2028 година. Народната банка предвидува стабилни странски директни инвестиции и раст на девизните резерви.
Сепак, институцијата предупредува дека глобалните економски услови остануваат неизвесни и потенцира потреба од претпазливо водење на макроекономските политики.
Гувернерот Славески додаде дека доколку продолжи трендот на намалување на инфлацијата, Народната банка е подготвена да преземе мерки за натамошно нормализирање на монетарната политика.
Бугарскиот парламент го поништи ветото на Радев на законот за преземање контрола врз Лукоил
Со 128 гласа „за“, 59 „против“ и без „воздржани“, Народното собрание го отфрли ветото на претседателот Румен Радев и повторно ги усвои измените на Законот за административно регулирање на економските активности поврзани со нафта и нафтени производи.
Ова се однесува на итните законски измени усвоени во петокот поврзани со назначувањето на специјален управител со средствата на Лукоил, но и на други компании во Бугарија. Амандманите му даваат на идниот специјален управител (назначен од државата) широки овластувања, вклучително и можност за продажба на средствата на компаниите, а неговите дејства се исклучени од судска контрола.
Тие беа усвоени од владејачките партии ГЕРБ, „ДПС-Нов почеток“, БСП и ИТН како одговор на санкциите усвоени од САД кон крајот на октомври против Лукоил и други руски компании поради војната на Русија во Украина. Тие треба да стапат во сила на 21 ноември и ќе важат за сите компании поврзани со руската компанија, кои имаат голем удел во производството и складирањето на гориво во Бугарија.
Во среда, претседателот Радев стави вето на измените, кои беа поништени од парламентарната комисија за енергетика само неколку часа подоцна.
Според претседателот, измените во законот водат кон „поткопување на правниот поредок во земјата, спротивставување на основните европски правни норми и претставување висок ризик за јавните финансии“.
„Денес, со надминување на ветото, следниот понеделник-вторник ќе имаме решение за смирување на народот на Бугарија“, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред гласањето. Тој рече дека гарантира дека Бугарија ќе добие отстапка од санкциите наметнати од САД, кои Унгарија веќе ги доби.
По гласањето, претставниците на ПП-ДБ ги повторија своите барања за примена на сериозни критериуми при изборот на специјален управител. Коалицијата инсистира тој да има богато меѓународно искуство во големи компании во случај на евентуална помош од Европската комисија.
„Потребен е национален акционен план. Итно мора да се побара помош и координација од Европската комисија“, рече Мартин Димитров од ПП-ДБ.
Тој додаде дека е потребно во Бугарија да се вратат сите количини гориво што се дел од државните резерви, како и сите компании што не ги исполниле условите за надополнување на резервите да бидат принудени да го сторат тоа што е можно поскоро.
Усвоените измени беа остро критикувани од опозицијата, која рече дека станува збор за „панични акции“ и обид средствата на Лукоил во Бугарија да се стават под контрола на Делјан Пеевски, кој е санкциониран за корупција. Претседателот Румен Радев, исто така, ги критикуваше промените и изрази сомнежи дека зад нив стои друга цел.
Во среда, Бојко Борисов изјави дека веќе е избрано лице за позицијата специјален управител, без да го прецизира неговото име.
Назначувањето специјален управител е една од опциите за да се обезбеди континуирано работење на рафинеријата за нафта Лукоил во Бургас откако ќе почнат да се применуваат санкциите на 21 ноември.
Кривична пријава за осуммина поранешни функционери и службеници во Сарај
Осум физички лица – поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и надзорен инженер добија кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.
Како што информираат од Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство, кривична пријава е поднесена против лицата Б.Б. во својство на поранешен градоначалник, С.Ш. и Ќ.К. во својство на поранешни секретари во Општина Сарај, А.С. и Ќ.А. во својство на раководители на сектор за урбанизам во Општина Сарај, А.Ш. во својство на помлад соработник во Општина Сарај, И.Б.Ш. во својство на раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје и Љ.Т. во својство на надзорен инженер, за сторени кривични дела: „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Несовесно работење во службата“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“.
„Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина“, соопшти Управата за финансиска полиција.
На овој начин, се вели во соопштението, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ с. Глумово, Скопје – Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари.
Кремљ: Украина ќе мора да преговара со Русија „порано или подоцна“
Кремљ изјави дека Украина ќе мора да преговара со Русија „порано или подоцна“ и дека преговарачката позиција на Киев се влошува од ден на ден.
Москва ја обвини Украина дека одбива да се вклучи во мировни преговори.
Киев вели дека условите на Москва за прекин на војната се неприфатливи и се еднакви на барање од неа да се предаде.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија останува отворена за политичко и дипломатско решение и сака мир.
Но, во отсуство на таква можност, тој рече дека Русија ќе продолжи да се бори за да ја заштити сопствената безбедност и да ги обезбеди интересите на идните генерации.
Неодамна украинскиот претседател Володомр Зеленски рече дека Украина е подготвена за мировни преговори, но дека нема да ги повлече своите војници од дополнителна територија како што побара Москва.
Зеленски рече дека е подготвен да одржи разговори каде било освен во Русија или на територијата на нејзиниот близок сојузник Белорусија.
Плановите за самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Будимпешта се замрзнати откако Москва инсистираше на своите барања, вклучително и Украина да предаде дополнителна територија како предуслов за прекин на огнот.
Фон дер Лајен најави исплата на шест милијарди евра за Украина
За траен мир потребна е силна и независна Украина, па затоа денеска ќе и исплатиме речиси шест милијарди евра од програмата за Економски и финансиски реформи (ЕРА) и од Украинскиот механизам, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред европратениците во дебатата за резултатите од октомврискиот Самит на ЕУ, пренесе МИА.
Фон дер Лајен изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „погрешно се пресметал“ ако се уште верува дека може да надвладее и ако мисли дека со текот на времето Русија може да ги постигне своите цели на бојното поле во Украина.
„Сега е моментот да излеземе со нов импулс, да ги разоткриеме циничните обиди на Путин да купи време и да го доведеме на преговарачка маса. Мора да продолжиме да ги зголемуваме трошоците за војната за Русија, кога лузните на руската економија токму сега стануваат се повидливи“, рече Фон дер Лајен.
Таа ги поздрави и заложбата на европските лидери за покривање на финансиските потреби на Украина за следните две години со користење на замрзнатите руски средства, за што засега резерви изразува белгиската Влада.
„Тесно соработуваме со Белгија и со сите земји членки за можните опции за исполнување на оваа обврска. Опција 1 е да се искористи просторот во Буџетот за обезбедување пари на пазарите на капитал. Опција 2 е да се има меѓувладин договор и земјите членки сами да го обезбедат потребниот капитал. Опција 3 е да се има „Заем за репарација“ врз основа на замрзнатите руски средства“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, третата опција е најефикасниот начин да се одржат украинската одбрана и економија, да се натера Русија да сфати дека времето не е на нејзина страна и да се покаже дека Европа ќе стои зад Украина колку што е потребно.
Фон дер Лајен се осврна и на прашањата за декарбонизацијата и зајакнувањето на конкурентност, посочувајќи дека овие два процеси можат да се одвиваат „рака под рака“, но на тој пат ЕУ мора да биде брза, флексибилна, прагматична и прилагодлива.
„Ако сме активни ќе можеме да ги промениме работите на подобро. Принципот е јасен. Ако загадувате, плаќате. Ако не сакате да плаќате - иновирајте. И резултатот е јасен - декарбонизацијата и иновациите одат рака под рака“, порача Фон дер Лајен.
Таа додаде дека огромен дел од намалувањето на емисиите на стакленички гасови во последната деценија се должи на користењето на обновливи извори на енергија, кои, како што рече, претставуваат огромна можност за Европа и за намалување на превисоките цени на енергијата, кои се главната пречка за европската конкурентност.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете