Господине Живковски, зошто досега не беше ставен во функција регистарот на цени и закупнини на недвижности, кој што требаше да им oвозможи на граѓаните приближно точна информација за реалната состојба на пазарот со недвижности?
Ние повторно го ставивме во функција самиот регистар, кој што морам да напоменам дека ни е законска обврска. За жал, од претходното раководство на Агенцијата за катастар на недвижности, секторот за масовна проценка кој што го работи овој дел, овој регистар, во минатото има добиена насока да се престане со работа на регистарот.
Зошто било тоа така, за жал, се уште не може да добиеме конечен одговор, но позитивното во целата ситуација е што ние повторно имаме функционален регистар. Во моментов работиме и на надградување на опциите и параметрите по кои што се изработува истиот и очекуваме дека со редовно објавување на сите квартални извештаи, како и годишен извештај, дека ние ќе придонесеме на некој начин да се „заузда“ условно и народски кажано пазарот на недвижности кој што отиде во непосакуван правец, особено во изминатите 18 месеци.
На кого мислите дека му одговара да нема јасна и точна слика за состојбата на пазарот со недвижности? Кој добива од ваквата ситуација според вас?
Па видете, јас знам кој губи. Губат сите, губат пред се граѓаните, затоа што на пазарот на недвижности, особено по оние познати интернет продавници и агенци за недвижности, се објавуваат огласи со неразумни и нереални цени.
Меѓутоа, она што се случи на самиот пазар на недвижности во изминатите особено 18 месеци, па и можам да кажам и две години, имавме енормен скок на цените, особено на купопродажбите.
Тоа секако е на штета на сите граѓани, на сите жители на Р. Македонија, меѓутоа и на правните лица кои што имаат потреба од свој објект, деловен објект.
Што значи само на инвеститорите, ова им одговара?
Генерално, да. За жал, им одговара само на инвеститорите. Меѓутоа, наша цел и обврска законска е будно да го следиме пазарот на недвижности, да ги објавуваме сите анализи кои што ги имаме. Правиме анализа и за тоа што се случува и на пазарите околу нас, чисто една споредбена анализа за да видиме во која насока ќе се движи нашиот пазар.
Што мислите која беше причината за, како што велите во овие две години, за енормниот раст на цените? Дали можеби необјавувањето на регистарот имаше некаква улога во тоа?
Не мислам дека директно влијало во однос на покачувањето на самите цени. Меѓутоа, индиректно, кога вие немате реална перцепција и реална слика што се случува со пазарот на недвижности, тогаш може само да се заменуваат информации, да добивате врз база на шпекулации, на интернет информации, на интернет портали и така натаму, што не генерира реална слика за пазарот на недвижности.
До каде е постапката за воспоставување на едиствен регистр за државен недвижен имат?
Таа постапка е во тек. Ние сме вклучени во тој процес. Сите обврски кои што ги имаме добиено од страна на владата на Р. Македонија како Агенција за катастар, од наша страна се исполнети. Сега останува сите други институции да ги достават бараните податоци и подоцна да се наполни самата база со потребните информации за да се воспостави тој единствен регистар.
Во март годинава истече рокот кој беше даден во Владината одлука, од 3о дена, за општините, односно институциите да достават информации за каков државен имат посадуваат. Кој е одговорен што не се испочитува докрај Владината одлука и рокот зададен во неа за реализација? Дали тука е катастарот проблем, општините или институциите и Министерството?
Ние како Агенција за катастар сме вклучени во самиот проект со наши конкретни задачи. Ние како катастар, нашите задачи ги имаме во целост исполнето.
Другите обврски се на сите надлежни институции државни, има имот кој што треба да се евидентира. Морам да го нагласам и проблемот кој што го решаваме како агенција и сме главна поддршка на државата, а тоа е што има добар дел од државниот имот кој што за жал, се уште не е впишан во катастарот на недвижност.
Колкав процент е?
Како процент не можеме да излеземе со бројка. Меѓутоа, можам да дадам податок дека во периодот од 2017 до 2024 година дури ни еден отсто од имотот кој што не бил впишан, не бил запишан. Бидејќи законот за катастар предвидува конкретна постпка во која сме ние вклучени, со која Владата на Р.Македонија не задолжува да ги измериме сите државни објекти кои што се со незапишани права, да ги измериме, да ги изготвиме елаборат, после Владата на Р. Македонија носи одлука која што ние ја спроведуваме и практично државниот имот добива имотен лист.
За жал, имаме состојба и имавме состојба каде што многу голем дел од државните објекти беа без имотен лист, конкретно можеме да кажеме вилата „Билјана“ претсадателската вила, некои министерство и така натаму. Меѓутоа во измината во година имаме некаде околу 40 објекти од од ваков вид кои што се решени до сега.
Ама има многу повеќе државни имот...
Општините имаат проблем со наплата на данок на имот бидејќи не се поврзани директно со датабазата на катастарот за проверка на сопственичкото право. Само во Скопје последните податоци од 2022 покажуваат дека 60 проценти од граѓаните не плаќаат данок на имот затоа што, како што изјави актуалната градоначалничка, не можат да утврдат колкав имот имаат за да им го наплатат. Какви мерки како Катастар презедовте за да се надмине овој проблем за сите 80 општини во земјава?
Сите 80 општини во Р. Македонија имаат склучено договор со Агенцијата за катастр на недвижности за користење на Е-кат Шалтер.
Е-кат шалтерот е поврзан со Е-кат системот кој всушност е и срцето на Агенцијата за катастар и каде што се сместени сите бази на податоци, вклучувајќи ги и овие за кои што вие говорите. Мислам дека тука проблемот треба да се посочи кон единиците на локална самоуправа, затоа што сите единици на локална самоуправа, вклучувајќи го и градот Скопје, имаат пристап до сите податоци кои што ги имаме ние. Мислам дека службите треба да бидат особено во градот Скопје, бидејќи во градот Скопје решенијата за данот на имот ги издава токму Градот за сите општини кои што припаѓаат под градот Скопје. Мислам дека службите во градот Скопје во иднина мора да бидат поажурни, се со цел да се зголеми наплатата бидејќи податоците се достапни до сите органи, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Во август минатата година премиерот Христијан Мицкоски при посета на катастарот изјави дека Агенцијата конечно се ослободува од криминалот, но не објави повеќе детали. Кои конкретни мерки се преземени за да се истражат и докажат ваквите наводи и сомнежи што ги изрази премиерот?
Втората активност посериозна која што ја направивме беше започнување на кампања „Не биди соучесник, пријави обид за корупција“. Тоа е кампања на Агенцијата за катастар на недвижности која се уште трае и ќе трае додека јас ја раководам оваа институција. Целта е да се намалат сите обиди за коруптивно делување без разлика дали е од некој што ја дал услугата или некој што ја барал услугата.
За жал во минатото имаше многу предмети кои што дури и по година дена чекаа да бидат решени. Во моментов имаме предмети само кои што се тековни. Само тековните предмети се нерешени предмети. Сите заостанати предмети од минатото се решени. Се постава прашањето, зашто во минатото се чекало и по година дена за да се решат тие предмети.
Дали добро ве разбрав? Вие сега за сега во измината година побаравте помош само од свиркачи, ако може така да го симплифицирам тоа?
Не се работи за свиркачи. Кампањата е намената за сите, без разлика дали се физички лица, дали се правни лица. Дали сакаат да го откријат својот идентитет или не сакаат да го откријат својот идентитет останува на самиот подносител на пријавата. Има можност електронски да поднесат преставка, има можност преку електронска пошта, има можност и телефонски. Се кажува конкретниот проблем кој што се има, бројот на предмет кој што е заведен во Агенцијата за катастар, потоа ние мораме да го провериме дали се работи за основани сомненија, дали има некои сомнежи дека некој сакал на нечесен начин да стекне имотно-правна корист или не.
Доколку се утврди дека има сериозни индиции за такво нешто, ние ги контактираме надлежните институции и предметите ги доставуваме до нив за понатамошно постапувањето.
Во тој контекст, дали побаравте помош од ревизија, финансиска полиција, некој, народски кажано, да ги прочешла книгите затоа што кога Премир ќе влезе во институција и ќе каже дека конечно ќе се ослободи од криминал, веќе остава впечаток дека има основано сомневање за да даде таква изјава.
Меѓу другото, покрај првите работи што ги направив како директор, е што побаравме од Државниот завод за ревизија да дојде и да направи внатрешна ревизија на работењето на Агенцијата за катастар на недвижности. Со задоволство можам да констатирам дека сериозно ни го прифатија тоа барање и бевме ставени на листата на институции во кои ќе се врши ревизија.
Во моментот ревизори од Државниот завод за ревизија се во нашата институција веќе неколку месеци и планирано е некаде до крајот на октомври, почеток на ноември да заврши таа ревизија, а потоа треба да биде презентиран од нивна страна извештајот за самата ревизија. И ќе видиме што ревизорите ке кажат.
Неодамна во интервју за Бирн Призма изјавивте дека сте одзеле лиценци на пет-шест геодетски фирми. За какви прекршоци станува збор?
Ние сме надлежни за вршење на контрола на геодетските фирми. Имаме два типа на контроли, ако можеме така да се изразиме. Имаме редовни контроли кои што секторот за внатрешна контрола при Агенцијата ги врши. Тоа се најавени контроли и се редовни контроли за да видиме дали самите геодетски фирми ги исполнуваат условите, дали работат согласно закон.
Во поглед на вонредните контроли, најчесто се прават по добиена преставка. Најчесто за оние прекршаци кои што се одземени лиценци е за неприкажување на реална фактичка состојба на терен.
Тоа значи да не се соодвестува документот со дивоградбата која што треба да се легализира?
Без разлика дали се работи за дивоградба или за објект кој што има градежно-техничка документација кој што е дојден на упис, меѓутоа можеби во истиот е прикажана состојба која не е состојба на терен, а таа состојба е прикажана со цел да соодвестува со самиот проект, а на терен ја немаме истата ситуација. Доколку се утврди такво нешто, за вакви случаи се оди со најригорозната мерка - одземање на лиценца и овластување за овластениот геодет и понатаму односно сите податоци се доставуваат до надлежното Министерство за прогон.
Геодетските фирми преку комората на овластени геодети се жалат дека комуникацијата со вас е сведена на минимум. Што преземате за подобрување на бизнис климата кон геодетските фирми?
Ние на неделно ниво имаме состаноци со геодетските фирми. За жал, комората на геодети не ги претставува сите геодетски фирми, нити пак дел од тие геодетските фирми се вклучени во работата на комората. Ние конкретно со комората имаме еден проблем кој што е наследен, ако можам така да го кажам, бидеќи потекнува неколку години наназад.
А тоа е, во минатото им биле одземени јавните овластување на комората на геодети од причина што истите комората на геодети не ги вклучува во работата на комората претставниците кои што по закон се предвидени од Агенцијата за катастар на недвижност. Имавме неколку обиди од наша страна. За жал, во моментов ситуацијата е се уште иста.
Не можам да кажам дека во целост ние немаме соработка со Комората на геодети. Меѓутоа, се надевам дека ќе има разум и од другата страна.
Имајќи во предвид дека веќе има една пресуда на Виш управен суд, од друга страна има и одлука на Државната комисија за спречување на корупција во која што велат дека постои судир на интереси доколку се вклучат во Комората луѓе од Агенцијата. Во други комори, како на пример, за архитектура, за адвокати, државните институции не учествуваат со свои претставници во нив...
Таа одредба во законот постои мислам од 2013 година. И никогаш немало проблем во начинот на функционирање. Комората на геодети имаше поднесено и иницијатива пред Уставниот суд на Р. Македонија во поглед на ова што вие го говорите и имаме одлука од Уставниот суд во која што вели дека Комората на геодети има пренесени јавни овластувања, јавни овластувања кои што ги делегира на некој начин Агенцијата за катастр на недвижности и не сметават дека има конфликт на интереси. Кога веќе имаме одлука на Уставниот суд, кој што е највисока инстанца во една држава, мислам дека понатаму не треба да коментираме.