Украинците во градот Костјантинивка, во близина на источната линија на фронтот во војната на Русија против Украина, се во постојана опасност.
Руските сили во регионот Донецк се обидуваат да напредуваат од неколку насоки, истражувајќи слаби точки во одбраната. Кремљ сака да го прекине пристапот на украинските сили до патиштата за снабдување, што го прави овој град главна цел.
И покрај постојаното гранатирање и прекините во снабдувањето со вода, гас и електрична енергија, околу 8.500 локални жители сеуште се таму. Предвоената популација беше повеќе од 65.000.
„Дали ова се новинари што повторно доаѓаат тука?“ прашува една локална жена кога ѝ пристапува дописник на украинскиот сервис на РСЕ. „Бегај од тука.“
Жената вика преку рамо дека кога руските беспилотни летала ќе видат новинари, секогаш има напад.
„Луѓето се нервозни во Костјантинивка“, вели дописничката на РСЕ, Јевхенја Русецка. „Артилеријата моментално го напаѓа градот. Ситуацијата е тешка. Тоа е една од најкомплицираните области на фронтовската линија во регионот Донецк.“
Откако руските сили напредуваа на почетокот на август околу Покровск, оддалечен околу 60 километри, Украина се фокусираше на спречување на упадот, со само делумен и тежок успех.
Фронтните линии се поместија неколку пати од тогаш.
Дневни воздушни напади
Во меѓувреме, Костјантинивка, клучна алка во снабдувањето на украинските сили, е секојдневно изложена на воздушни напади од руска артилерија и беспилотни летала.
Цели населби се сведени на урнатини - но некои жители се уште се решени да издржат, и покрај непопустливото присуство на смртоносните беспилотни летала што ги следат цивилите.
„Кога има тивок момент, трчаме во продавницата“, вели една жена додека брза по пуста улица, носејќи вреќи со залихи. „Кога има напади, трчаме назад дома за да не се најдеме под беспилотно летало“.
Моментално, дури и пристапот до Костјантинивка доаѓа со сериозен ризик од напади со беспилотни летала, и покрај долгите коридори од мрежи што се поставени по должината на главниот пат во и надвор од градот.
Импровизираната одбрана од беспилотни летала им помогна на многумина да продолжат да одат до и од Костјантинивка, но мрежите не ги спречуваат сите беспилотни летала за напад - некои возачи, и цивилни и воени, некогаш не успеваат да поминат.