Достапни линкови

Вести

Додик го назначи Вулин за сенатор на Република Српска

Александар Вулин и Милорад Додик
Александар Вулин и Милорад Додик

Со одлука на Милорад Додик, претседателот на Република Српска, Александар Вулин, поранешен министер во Владата на Србија и шеф на разузнавачката служба во таа земја, стана нов член на Сенатот на Република Српска.

Како што јави агенцијата Срна, Вулин е назначен за сенатор на 1 декември „врз основа на Уставот на Република Српска и Законот за Сенатот“, и оваа одлука ќе биде објавена во Службен весник на Република Српска.

Одлуката за назначувањето на Вулин се уште не е објавена ниту во Службен весник, ниту на веб-страницата на претседателот на РС.

Вулин, кој во претходната деценија беше директор на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија и министер за одбрана и внатрешни работи, на 3 ноември поднесе оставка од функцијата директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА).

Српскиот политичар, кој ја предводи партијата Движење на социјалистите, од јули се наоѓа на листата на американски санкции поради наводна корупција, вмешаност во трговијата со дрога и врски со Русија.

По објавувањето на санкциите против Вулин, Додик - кој исто така е под американски санкции - го поддржа, велејќи дека тоа е „награда за неговиот патриотизам и истрајност во зачувувањето на пријателските односи со Русија и рускиот народ“.

Во 2020 година, како министер за одбрана на Србија, Вулин го доби Орденот на знамето на Република Српска со златен венец во Бања Лука, за неговиот „придонес во развојот на севкупните односи меѓу Србија и РС“.

Сенатот на РС е советодавно тело формирано со Уставот на ентитетот од 1992 година, а неговата работа е регулирана со Законот за Сенатот од 1997 година.

Претседателот на РС избира сенатори, од кои може да има најмногу 55, нивниот мандат трае седум години, а како членови на сенатот се избираат „истакнати личности од јавниот, научниот и културниот живот“, како што се наведува во Устав.

Членови во составот на Сенатот од 2017 година се, меѓу другите, директорот Емир Кустурица, руската историчарка Јелена Гускова, бискупот на Дизелдорф и цела Германија, Григорије Дуриќ, поранешни и сегашни политичари, како и бизнисмени од РС.

види ги сите денешни вести

Приведени две лица од Косово за криумчарење мигранти од Кина

Македонска полиција (фотоархива).
Македонска полиција (фотоархива).

Ноќта на 31 јули македонската полиција привела две лица од Косово на возраст од 18 и 24 години поради сомнение за криумчарење мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) на Северна Македонија.

Во возилото „фолксваген кеди“ - во кое еден од приведените косовски државјани бил возач, а другиот совозач - биле пронајдени осум мигранти од Кина.

Како што соопшти полицијата, околу 21:40 часот возилото било забележано на автопатот од Градско кон Скопје и не застанало на даден знак за стопирање од полицијата. Бегајќи, возачот од Косово удрил и ја оштетил наплатната станица на патарината кај Градско во Катланово, удрил во автомобил со странски регистрации, а оштетил и мотоцикл со македонски регистрации.

Потоа ја оштетил и рамката на патарината Петровец.

„Откако продолжил со движење, кај клучка ’Приштина‘ на обиколница кај Скопје возачот изгубил контрола и со возилото излетал од патот, по што и физички нападнал полициски службеник во обид да избега, но бил совладан и лишен од слобода“, соопшти МВР.

Двете лица од Косово биле задржани во полициска страница и против нив ќе се поднесе кривична пријава.

Мигрантите од Кина, пак, биле сместени во транзитен центар.

Експерти бараат итно стопирање на хидроцентралите на Дошница

Река Дошница, багери и камиони за изградба на мала хидроцентрала.
Река Дошница, багери и камиони за изградба на мала хидроцентрала.

Група експерти од областа на биологијата, геологијата, хидрологијата и географијата денеска упатија јавен апел до Министерството за животна средина и просторно планирање, барајќи итно запирање на сите активности поврзани со изградбата на мали хидроелектрани во сливот на реката Дошница.

Во своето писмо, потпишано од 13 еминентни научници, меѓу кои академик Владо Матевски и професорите Митко Караделев, Ивица Милевски, Златко Левков и Рената Ќуштереска, тие предупредуваат дека овие интервенции се планираат токму во време кога тече валоризација на Демиркаписката Клисура со цел нејзино прогласување за заштитено подрачје.

Дошница, која се наоѓа во рамки на ова подрачје, е идентификувана како една од најчистите и највредните водотеци во земјава, велат тие.

„Секоја интервенција пред завршување на валоризацијата може да предизвика неповратна штета врз екосистемите и водниот режим“, се вели во дописот, во кој експертите бараат Министерството да го стави текот на реката Дошница и нејзиниот предел под привремена заштита, согласно член 97 од Законот за заштита на природата.

Во нивниот јавен повик се предлага итен мораториум на сите инфраструктурни зафати, вклучително и изградбата на хидроцентралите МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад, сè додека не заврши научната проценка, не се дефинираат границите на идното заштитено подрачје и не се изработи план за управување со него.

Бидејќи сè уште не се утврдени степенот на заштита и просторните граници на потенцијалното заштитено подрачје, експертите сметаат дека секоја интервенција која може да предизвика неповратна деградација или девастација на природните вредности – како што е изградбата на мали хидроцентрали – мора итно да се стопира“, велат експертите.

Дозволи за две хидроцентрали се издадени на приватната фирма „Хидро Дошница“. Градежните активности се планирани во горниот тек на реката, на територијата на Општина Кавадарци, а граѓански активисти повеќе од еден месец ја блокираат пристапната патека.

Активистите предупредуваат дека за проектите не е изготвена Студија за оцена на влијанието врз животната средина, туку само Елаборат, иако Архуската конвенција и Поглавје 27 од европското законодавство бараат поинаков пристап за вакви интервенции кои зафаќаат јавни природни ресурси.

Советот за безбедност на седница кај Сиљановска-Давкова

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија (фотоархива).
Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија (фотоархива).

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска (1 август) на пладне свика седница на Советот за безбедност.

Ова ќе биде втора седница на Советот откако Сиљановска-Давкова е на чело на државата. Таа ќе се одржи во претседателската вила „Водно“.

Покрај редовните членови, на покана на претседателката на седницата ќе присуствуваат и директорите на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Бојан Христовски и Габриела Јаковлева, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Редовни членови на Советот за безбедност по функција се: претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Дел од ова тело се и тројца членови што ги именува претседателката на државата: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Русија: Соработката со НАСА во вселената ќе продолжи до 2028 година

Меѓународната вселенска станица, 2024 г.
Меѓународната вселенска станица, 2024 г.

Шефот на руската вселенска агенција Роскосмос изјави дека тој и неговиот колега од НАСА за време на разговорите во САД се согласиле да го продолжат работењето на Меѓународната вселенска станица (МВС) до 2028 година.

Вселената останува една од последните области каде има соработка меѓу САД и Русија, во време кога односите меѓу Москва и Вашингтон се речиси целосно нарушени поради конфликтот во Украина.

Претходно оваа недела, Роскосмос објави дека директорот на агенцијата, Дмитриј Баканов, отпатувал во Соединетите Американски Држави на разговори со вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи.

Ова беше првата средба меѓу шефовите на вселенските агенции на двете земји од 2018 година.

„Дијалогот помина добро. Се согласивме МВС да остане оперативна до 2028 година … и ќе работиме на нејзино деорбитирање до 2030 година“, рече Баканов, според руската новинска агенција ТАСС.

Се очекуваше Баканов да се сретне и со тимот на мисијата Crew-11 на НАСА, вклучувајќи го и рускиот космонаут Олег Платонов, пред лансирањето на вселенскиот брод Crew Dragon на SpaceX.

МВС е заеднички потфат меѓу Русија, САД, Европа и Јапонија, а нејзината изградба започна во 1998 година.

Станицата беше планирана да биде оперативна до 2024 година, но Националната вселенска администрација на САД (НАСА) соопшти дека МВС ќе остане оперативна до 2030 година.

Како дел од широките санкции наметнати врз Русија по нејзината агресија во Украина, многу западни земји ја прекинаа соработката со Роскосмос.

Вселенската програма на Русија, извор на гордост за земјата со децении, со години се соочува со хронично недоволно финансирање и корупциски скандали.

САД ја намалија царината за македонски производи од 33 на 15 проценти

Американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот претседател Доналд Трамп.

Северна Македонија од новата американска извршна наредба ќе биде погодена со царинска стапка од 15 отсто при извоз на производи во САД, што претставува значително намалување од претходно најавените 33 проценти. Одлуката е дел од поширока мерка на американскиот претседател Доналд Трамп, со која се воведуваат нови трговски правила за земјите што немаат билатерален договор со САД.

Трамп, потпиша извршна наредба со која се воведуваат повисоки царини за десетици земји низ целиот свет за „реструктуирање на глобалната трговија во корист на американските работници“, соопшти Белата куќа.

Новите царини се движат од 10 до 41 процент, со највисока царина за Сирија.

Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја ќе имаат царини од 15 проценти. Србија ќе се соочи со царини од 35 проценти, а Босна и Херцеговина со 30 проценти.

Белата куќа во документот наведува дека царините ќе стапат во сила на 7 август, а не на 1 август како што беше претходно најавено.

Царините за канадските стоки се зголемуваат од 25 на 35 проценти, но ќе стапат во сила од петок.

„Како одговор на континуираната неактивност и одмазда на Канада, претседателот Трамп сметаше дека е потребно да ги зголеми царините за Канада од 25 на 35 проценти за ефикасно справување со моменталната вонредна состојба“, соопшти Белата куќа, наведувајќи го неуспехот на Канада да соработува во борбата против фентанилот и другите нелегални дроги.

Канадските производи опфатени со Договорот меѓу САД, Мексико и Канада се ослободени од царините.

Канадскиот премиер Марк Карни во јуни изјави дека доколку не се постигне договор до почетокот на август, Канада веројатно ќе возврати со дополнителни царини за извоз на челик и алуминиум од САД.

Повисоките царини за канадските стоки се во остра спротивност со одлуката на Трамп да го одложи зголемувањето на царините за Мексико за 90 дена за да се овозможи повеќе време за преговори за поширок трговски договор.

Во меѓувреме, Кина има рок до 12 август да постигне долгорочен договор со администрацијата на Трамп, откако Пекинг и Вашингтон постигнаа првични договори во мај и јуни за прекин на зголемувањето на меѓусебните царини и укинување на забраната за увоз на ретки земни метали.

„Младински бунт“: Нов протест во Белград за несреќата во Нови Сад

Протест во Белград / 31.07.2025
Протест во Белград / 31.07.2025

Под мотото „Младински бунт“, студентите во блокада при Факултетот за драмски уметности, но и други граѓански собири, денеска (31 јули) протестираа во Белград. Граѓаните од 18 часот го блокираа сообраќајот, а како што јави репортерот на Радио Слободна Европа од терен, на протестот присуствувале околу илјада луѓе.

Пораки од учесниците

Вук, еден од учесниците на протестот, за РСЕ изјави дека дошол таму бидејќи сака системски промени во општеството.

„Прво, борба против корупцијата на највисоко ниво. Ни требаат слободни институции и правна држава“, изјави соговорникот.

На протестот присуствуваше и Зорка, како што вели, за да искаже бунт против „лагите и крадењето“.

„Итно да се смени претседателот на Србија затоа што владее според системот – државата, тоа сум јас“, изјави за РСЕ учесничката на протестот.

Протестот се одржа во пресрет на деветте месеци од загинувањето на 16 лица кои го загубија животот при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1. ноември.

Од тогаш во Србија се организираат студентски и граѓански демонстрации со барање за кривична и политичка одговорност на претставниците на владеачката СНС.

Директен повод за почетокот на континуираните протести во Србија беше физичкиот напад на студентите на Факултетот за драмски уметности кој се случи на 22. Ноември во Белград додека на улица во тишина им се оддаваше почит на агинатите во Нови Сад.

Студентите на ФДУ на 26 ноември соопштија дека бараат итно процесуирање на напаѓачите меѓу кои имаше и активни функционери на СНС и нивно разрешување од функциите.

Барањата на студентите се објавување на документацијата за реконструкцијата на железничката станица, процесуирање на напаѓачите на студентите на ФДУ, отфрлање на кривичните пријави против студентите уапсени на протестите и запирање на започнатите постапки, како и зголемување на буџетот на факултетите за 20 проценти.

Со овие барања, во Србија веќе девет месеци траат масовните студентски протести, граѓански демонстрации, блокади на факултетите и сообраќајниците.

За падот на настрешницата, на крајот на минатата година беа уапсени 13 лица.

Претседателката Сиљановска-Давкова за утре ја свика втората седница на Советот за безбедност

Гордана Сиљановска-Давкова / архивска фотографија
Гордана Сиљановска-Давкова / архивска фотографија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за утре напладне ја свика втората седница на Советот за безбедност.

Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.

Сиљановска-Давкова: Договорот со Велика Британија не е алтернатива за ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:23:48 0:00

На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Конститутивната седница на Советот за безбедност се одржа на 4 ноември 2024 година.

Пожарникарите од Словенија ќе останат овде уште седум дена

Илустрација / Пожар Чучер Сандево, јули 2025
Илустрација / Пожар Чучер Сандево, јули 2025

Регистриран е пожар во општината Берово кај планината Голем Готен кон Малешевските планини, и тој е под контрола – информираше денеска (31 јули) директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.

Тој посочи дека интервенираат специјалните возила на Дирекцијата за заштита и спасување, хеликоптер од Чешка, припадници од противпожарната единица од Берово, припадници од противпожарната единица од Словенија, како и доброволци од „Национални шуми“.

Планот на надлежните е словенечките сили да останат овде седум дена.

Директорот на дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов на денешната заедничка прес конференција со Али, изјави дека уште најмалку седум дена овде ќе остане и чешкиот хеликоптер „блек хок“.

Во однос на состојбата на Готен, тој рече дека е смирена од беровска страна, но поради чадот и маглата немаат точен увид.

„Моментално се бараат жаришта под чадот. Доколку пожарот покажува активност, бидејќи сѐ уште го водиме како контролиран, гаснењето ќе продолжи во текот на раните утрински часови. Блек-хокот е на располагање, се повлече во Скопје, но исто така на располагање го имаме и полицискиот хеликоптер, како и двата ер-трактори на Дирекцијата. Тука се, се разбира и Словенците. Нашиот план е тие да се овде на седум дена, затоа што количината на дожд е многу мала“, изјави Ангелов.

Според него, иако температурите се во опаѓање, тие сепак се повисоки од 30 степени, а како што рече, тоа значи дека вегетацијата многу бргу ќе се исуши.

„Веќе утре, ако не продолжат овие поројни и краткотрајни дождови, повторно ќе имаме лоши услови од аспект на можност за палење на пожари“, додаде Ангелов.

Одговарајќи на новинарско прашање колку хектари шума изгореле на Готен, тој рече дека точната евиденција се води во „Национални шуми“. Но како што посочи, од она кое го видел на терен, не гори целата шума.

Ние имаме цели парчиња коишто се преживеани, а на многу места пожарот е низок. Горат лисјата и другата ниска вегетација – истакна Ангелов.

Претходно, од Центарот за управување со кризи преку писмено соопштение информираа дека денеска до 13:00 часот имало пет пожари на отворен простор на територија на цела држава, од кои четири се изгаснати.

Распишан јавен оглас за нов претседател на ДКСК по оставката на Димитровска

Татјана Димитровска, архивска фотографија
Татјана Димитровска, архивска фотографија

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска (31 јули) донесе одлука за распишување јавен оглас за именување на нов претседател и член на ДКСК, по оставката на функцијата на Татјана Димитровска.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Димитровска поднесе оставка на 25 јули, а на 29 јули македонското Собрание ја констатираше.

Оставката следеше по покренувањето на обвинение за две кривични дела: оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, и за компјутерски фалсификат, бидејќи ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.

Во оставката, Димитровска се повика на член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата, без дополнително образложение.

Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт.

Престанокот на функцијата член или претседател на ДКСК го констатира Собранието.

Гаши: Локалните избори ќе бидат распишани до крајниот датум

Африм Гаши, архивска фотографија
Африм Гаши, архивска фотографија

Локалните избори ќе се распишат до крајниот датум, во првата половина на август за да се остави простор да се пополнат испразнетите места на Народниот правобранител и на претседател на ДКСК - изјави денеска (31 јули) претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска донесе предлог одлука за избор на Народен правобранител и се постигне договор имајќи предвид дека за оваа функција е потребено гласање и со Бадинтер, Гаши, вели, би можел да свика итна седница уште денеска.

Што се однесува до Комисијата за спречување на корупција, претседателот на Собранието кажа дека денеска ќе биде распишан јавен оглас за претседател на ДКСК.

„Собранието во рок од десет дена треба да распише оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска за да се стигнат тие рокови. И сега ќе видиме како тоа правно ќе треба да го анализираме затоа што не се одредбите до крај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател за спречување на Комисијата или пак Народен правобранител“, изјави Гаши.

Во однос на интерпелацијата на јавниот обвинител Љубомир Коцевски, првиот човек на законодавниот дом вели дека Собранието веќе се изјаснило и оти сега останува до другите органи кои треба да го слушнат овој глас на народните избраници, Владата и државниот обвинител.

Сепак, според Гаши, тоа треба да го стори и Советот на обвинители, доколку процени така.

Претседателот на Собранието, на Илинден нема да се обрати на Пелинце од здравствени причини и најави дека тоа ќе биде еден од потпретседателите на Собранието.

Пратениците од 4 до 22 август заминуваат на одмор, но Гаши потсетува дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани на седница и за време на одморот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG