Достапни линкови

Вести

Пристигнаа 500 илјади вакцини „Синовак“, продолжува вакцинацијата

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021
Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Министерството за здравство соопшти дека денеска на скопскиот аеродром пристигнаа 500.000 вакцини од производителот Синовак. Вакцините, според соопштението, ќе бидат соодветно складирани во Поликлиниката „Јане Сандански“ и на Институтот за судска медицина каде што има доволно капацитет да се сместат во ладните соби по што ќе бидат дистрибуирани до пунктовите низ државата согласно закажаните термини за вакцинација. Ова е најголема количина на вакцини која одеднаш пристигна во нашата држава.

„Со процесот на имунизација досега и вакцинирањето на голем број граѓани покажуваме одлични резултати во намалувањето на боројот на новозарзени со Ковид 19, и на хоспитализиарани граѓани, за што говори фактот дека сите ковид центри низ државата се празни, а мал е бројот на хоспитализирани пациенти и на Инфективната клиника. Изразувам голема благодарност до Владата на Народна Република Кина и кинескиот народ за поддршката која ни ја дадоа во борбата против корона вирусот“, изјави државниот секретар на Министерството за здравство, Иванка Стојаноски.

Амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо порача дека Светската здравствена организација ја одобри вакцината Синовак за итна употреба на 1 јуни.

„Како и вакцината Синофарм, вакцината Синовак е исто така инактивирана вакцина. Кина сега вакцинира луѓе на возраст од 3 до 100 години. Во Кина се администрирани над 1,1 милијарда дози. Верувам дека вакцината ќе и помогне на Северна Македонија да изгради имунолошка бариера и да формира цврста линија на одбрана за заштита на животот и здравјето на луѓето“, потенцираше амбасадорот Џанг Ѕуо.

Со 500-те илјади вакцини од „Синовак“ и со 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат. Министерството за здравство најави дека до 15 јули ќе бидат вакцинирани сите граѓани кои се пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk, а досега не добиле термин.

види ги сите денешни вести

Водена стихија во југозападна Македонија, поплавени ќуки во Преспа

Macedonia - Flooding in Ohrid - Nov2012
Macedonia - Flooding in Ohrid - Nov2012

Како последица од обилните дождови, 50-тина куќи во општина Ресен се поплавени, по излевањето на реките Болнска и Источка во целата Царев Двор и Дрмени. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека регистрирале и поплавени земјоделски површини, како и одрони на патишта во дел од државава.

„Ангажирани се екипи на јавни претпријатија и приватни фирми со четири багери, седум пумпи и повеќе приватни пумпи за црпење на вода. На регионалните патишта има наноси од земја кои се расчистуваат по приоритет. Нивото на Голема Река е 2,1 метар со почетни излевања во Долна и Горна Бела Црква“се вели во нивното соопштение.

Јавното комунално претпријатие „Пелистер“известува за нарушен квалитет на водата – привремено не се препорачува за пиење.

Интервенции во расчистување на последиците од дождовите бележи и Општина Битола.

„ ЈП „Нискоградба“ и АД Водостопанство подигаат насипи на р.Драгор кај Долно Оризари. На мостот во Карамани се расчистуваат гранки и отпад со цел зголемување на протокот. ХМС „Стрежево“ ги чисти пропустите на Цапарска река (Доленци–Лера). Ангажирана е целата механизација, екипите остануваат на терен и во текот на ноќта. Поради вода на коловоз, затворени се патиштата Лера–Доленци и кон Цапари“, се вели во соопптението.

Од голема суша до поплави во Иран по вештачкото предизвикување дожд Од голема суша до поплави во Иран по вештачкото предизвикување дожд
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Во него е посочено дека ЈКП Водовод – Битола работи на дефект што предизвика прекин на водоснабдување од Кравари до Меџитлија.

Преку Е-112 пријавени се повеќе поплави на подруми, дворови, паднато дрво и ризик од излевање на канали, ја пренесува ЦУК состојбата во Битола.

Во Општина Демир Хисар од излевање на река Црна кај село Жван се поплавени земјоделски површини, а надлежните екипи расчистуваат одрони на локалните патишта Базерник и Вирово, кои се проодни.

По престанокот на дождот состојбата е стабилизирана, но реките и понатаму се на високо ниво.

Според РЦУК – Куманово, во Крива Паланка и Кратово екипите расчистуваат повеќе одрони на регионалните патишта. Водостојот на Кратовска и Крива Река е зголемен, без пријавени излевања.РЦУК – Струмица пријавил три одрони на патот Струмица–Валандово кои се веднаш проследени до надлежните служби.

Во Скопје нивото на реките е покачено, но според РЦУК Скопје состојбата е под контрола и без излевања.

АХВ- Апелира да внимава на храната

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати упати апел до населението во регионите каде има поплавување да води сметка за безбедноста на храната, водата за пиење и за здравствената состојба и благосостојбата на животните.

„Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна. Редовно да се одржува хигиената на рацете, пред се по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, по чистењето и пред подготовка на храна. Да се внимава и се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води, соопшти АХВ.

Оттаму се пепорачува во домаќинствата кои се поплавени, храната која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, да се фрли.

Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени Целзиусови.

Овошјето и зеленчукот кое обично се користи свежо, дополнително да се измие, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи.

Доколку во домаќинствата кои се поплавени има мали деца, се препорачува тие да се хранат со индустриски подготвена храна.
АХВ укажа и дека без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени и во случај на поплавување да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните

Таџикистанските и талибанските власти во обид за ублажување на тензиите

Таџикистански и талибански претставници разговараат за граничното прашање.
Таџикистански и талибански претставници разговараат за граничното прашање.

Таџикистанските и авганистанските талибански власти се впуштија во серија дипломатски активности последните месеци за да ги намалат тензиите и да спречат вооружени судири долж нивната долга заедничка граница.Но, и покрај одреден напредок, сè уште постои длабока недоверба и непомирливи разлики меѓу двете страни, велат експертите.

„Го гледам продолжувањето на тековната динамика на ‘ладна соработка’“, изјави Едвард Лемон, експерт за Централна Азија на Универзитетот Тексас А&М.

Лемон вели дека очекува Душанбе и Кабул да постапуваат прагматично во областите од взаемен интерес, вклучително и заеднички економски проекти, но не очекува дека двете земји ќе ги решат сите спорови.

Дипломатски контакти

На 15 ноември, делегација од високи дипломати и безбедносни официјални лица од Таџикистан пристигна во Кабул на разговори со претставници на Талибанците.

Разговорите следеа по посетата на Мохамад Јусаф Вафa, талибански гувернер на северната провинција Балх, која граничи со Таџикистан, во Душанбе.

Последната дипломатска офанзива се совпадна со судири меѓу таџикиските и талибанските граничари.

Во најновиот инцидент, на 25 октомври, страните размениле оган во близина на рудник за злато долж реката Панџ, која ги разделува Авганистан и Тажикистан. Во претходен судир во август беше убиен еден борец на Талибан.

Спор околу вооружени групи

Откако талибанците ја презедоа власта во 2021 година, Душанбе и Кабул се обвинуваат меѓусебно дека засолнуваат вооружени групи. Таџикистан беше единствената соседна земја што јавно се спротивстави на враќањето на талибанците, нарекувајќи го движењето закана за регионалната стабилност.

Постојат и извештаи дека Душанбе е домаќин или во контакт со дел од лидерите на Националниот фронт за отпор (НРФ), анти-талибанско движење составено главно од етнички Таџици од Авганистан. Таџикистан го негира тоа тврдење.

Во меѓувреме, Таџикистан ги обвинува талибанците дека ја поддржува групата Џамаат Ансаруллах, исламистичка милитантна група со база во Авганистан. Групата, составена главно од таџикистански државјани, стреми да ја урне секуларната влада во Таџикистан.

Русија продложува со нападите врз Украина додека расте американскиот притисок врз Киев за мировниот план

Последици од рускиот напад со дронови во Одеса
Последици од рускиот напад со дронови во Одеса

Русија во текот на ноќта ја нападна Украина со над сто дронови и една балистичка ракета, погодувајќи клучен граничен премин со Романија. Ова се случува додека расте притисокот врз Киев да го прифати мировниот договор што го предложија САД за окончување на војната.

Украинската противвоздушна одбрана соборила 89 од 104 борбени дронови лансирани од повеќе правци од Русија и окупираните територии, соопштија украинските вооружени сили на 22 ноември.

Сепак, 13 дронови погодиле 15 локации, а балистичката ракета „Искандер-М“ ја погодила својата цел.

Руски дрон оштетил инфраструктура на граничниот премин Орливка, на границата меѓу Украина и Романија, принудувајќи го траектниот терминал привремено да ги прекине операциите. Повредени се две лица, оштетени се 11 камиони и неколку административни објекти, соопштија официјалните лица.

Нападите доаѓаат во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Украина да го прифати 28-точковиот мировен план до 27 ноември, заканувајќи се дека ќе ја повлече американската поддршка доколку Киев го одбие предлогот.

Планот бара Украина да се откаже од повеќе од 20 проценти од својата територија, да ја намали својата армија од 880.000 на 600.000 војници и да се откаже од стремежот за членство во НАТО.

Обраќајќи се до нацијата на 21 ноември, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја се соочува со „еден од најтешките моменти“ во својата историја додека го разгледува мировниот план изготвен од САД.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин, како што изгледа, го поздрави американскиот предлог, велејќи дека тој би можел да биде основа за конечен мировен договор, што претставува негово прво јавно признавање дека Москва го примила планот. Путин предупреди дека руските сили ќе продолжат да напредуваат доколку Украина го одбие договорот.

„Украина се соочува со „еден од најтешките моменти“ во својата историја, бидејќи САД (Соединетите Американски Држави) вршеа притисок врз Киев да се согласи со контроверзниот план за ставање крај на војната што ја започна Русија“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во снимено обраќање до нацијата на 21 ноември.

Тој предупреди дека Украина ризикува „да изгуби клучен партнер“, но рече дека земјата нема да ги „издаде“ сопствените интереси.

Зеленски рече дека неговата влада ќе „соработува мирно со Америка и со сите партнери“ и вети дека ќе води „конструктивна потрага по решенија“ со Вашингтон, кој му предаде нацрт-план од 28 точки еден ден претходно.

Нацрт-верзијата на предлогот што ја добија Радио Слободна Европа и други медиуми укажува дека, доколку биде одобрен во сегашната форма, Украина ќе мора да отстапи повеќе од 20 проценти од својата територија, барем де факто, и да направи други големи отстапки вклучително и ограничување на големината на својата војска и уставна забрана за влез во НАТО.

Би се вовеле ограничувања и за НАТО, обврзувајќи ја Алијансата да не се шири или да не распоредува трупи во Украина и би се ставило крај на изолацијата на Русија на Запад, отворајќи го патот за укинување на санкциите со покана за Москва повторно да се приклучи на клубот познат како Г-7, откако беше исклучена од групата во 2014 година поради анексијата на Крим.

Ниту САД ниту Украина не ја потврдија формулацијата на нацрт-предлогот од 28 точки, додека Русија имаше малку коментари за ова прашање.

Венс: Мировниот план за Украина мора да го зачува украинскиот суверенитет

Американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс на средба во Белата куќа
Американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс на средба во Белата куќа

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на 22 ноември изјави дека мировниот план за окончување на војната во Украина мора да го зачува украинскиот суверенитет, јавува германската новинска агенција ДПА.

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ постави рок до четврток на Украина да одговори на неговиот најнов мировен план, кој ги затекна европските земји неподготвени и ги натера итно да реагираат на американските предлози.

Планот бара Украина да направи значајни отстапки, вклучително и повлекување од делови од источна Украина кои Русија сè уште не ги освоила, намалување на големината на украинската војска и откажување од членство во НАТО.

Во објава на социјалната мрежа Х, претходно позната како Твитер, Венс напиша дека секој план мора да „го запре убивањето, а истовремено да го зачува украинскиот суверенитет“ и да биде прифатлив и за Русија и за Украина.

Тој додаде дека планот мора да ги зголеми шансите војната да не се обнови. Според него секоја критика за мировниот рамковен договор на кој работи администрацијата или го погрешно разбира договорот или ги извртува клучните факти на терен.

„Постои фантазија дека ако само дадеме повеќе пари, повеќе оружје или повеќе санкции, победата е на дофат. Мирот нема да го постигнат пропаднати дипломати или политичари што живеат во фантазија. Тој можеби ќе го постигнат мудри луѓе што живеат во реалниот свет“, додаде Венс.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше запознаен со планот во четвртокот. Тој претходно во петокот изјави дека планот ја доведува Украина пред „многу тежок избор: или загуба на достоинството, или ризик од губење на клучен партнер“, мислејќи на САД.

Рускиот претседател Владимир Путин позитивно го прифати планот, велејќи дека 28-точковиот документ може да претставува „основа за конечен мировен договор.“

Во меѓувреме, германскиот канцелар Фридрих Мерц и други европски лидери ќе се состанат на маргините на самитот на Г20 во Јоханесбург на кризен состанок за да ја усогласат нивната реакција.

Лидерите на Франција, Италија и Обединетото Кралство се очекува да присуствуваат на состанокот во сабота, заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која го најави состанокот на мрежата Х.

Украина се соочува со „многу тежок избор“ во врска со мировниот план на САД, рече Зеленски во обраќање до нацијата

Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, 21 ноември 2025 година.
Украина - Володимир Зеленски, претседател на Украина, 21 ноември 2025 година.

Украина се соочува со „еден од најтешките моменти“ во својата историја, бидејќи САД (Соединетите Американски Држави) вршеа притисок врз Киев да се согласи со контроверзниот план за ставање крај на војната што ја започна Русија, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во снимено обраќање до нацијата на 21 ноември.

Тој предупреди дека Украина ризикува „да изгуби клучен партнер“, но рече дека земјата нема да ги „издаде“ сопствените интереси.

Зеленски рече дека неговата влада ќе „соработува мирно со Америка и со сите партнери“ и вети дека ќе води „конструктивна потрага по решенија“ со Вашингтон, кој му предаде нацрт-план од 28 точки еден ден претходно.

„Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам, ќе понудам алтернативи, но дефинитивно нема да му дадеме причина на непријателот да каже дека Украина не сака мир“, рече Зеленски, сугерирајќи дека Киев ќе бара значајни промени во предлогот на САД, што подразбира големи отстапки од Киев, откако нацрт-документот одеднаш се појави оваа недела.

„Сега Украина може да се соочи со многу тежок избор. Или да го изгуби достоинството или да ризикува да го изгуби клучниот партнер (САД)“, рече Зеленски, облечен во црно и повикувајќи на единство со мрачен тон. Планот дојде во тежок момент додека скандал со корупција ја потресува администрацијата на Зеленски.

„Или тешки 28 точки или исклучително тешка зима - најтешката - и дополнителни ризици. Живот без слобода, без достоинство, без правда“, рече Зеленски.

Нацрт-верзијата на предлогот што ја добија Радио Слободна Европа и други медиуми укажува дека, доколку биде одобрен во сегашната форма, Украина ќе мора да отстапи повеќе од 20 проценти од својата територија, барем де факто, и да направи други големи отстапки вклучително и ограничување на големината на својата војска и уставна забрана за влез во НАТО.

Би се вовеле ограничувања и за НАТО, обврзувајќи ја Алијансата да не се шири или да не распоредува трупи во Украина и би се ставило крај на изолацијата на Русија на Запад, отворајќи го патот за укинување на санкциите со покана за Москва повторно да се приклучи на клубот познат како Г-7, откако беше исклучена од групата во 2014 година поради анексијата на Крим.

Ниту САД ниту Украина не ја потврдија формулацијата на нацрт-предлогот од 28 точки, додека Русија имаше малку коментари за ова прашање.

Првичните извештаи сугерираа дека планот е изработен од САД и Русија без придонес од Украина, што предизвика загриженост дека тој ѝ е наметнат на Украина како свршен чин.

На 20 ноември, „Фајненшл тајмс“ цитираше неименувани украински претставници дека администрацијата на Трамп им кажала на Зеленски и на другите во неговиот тим дека Белата куќа работи на „агресивен“ временски рок за завршување на војната пред Нова Година и дека американските претставници очекуваат Зеленски да го потпише планот пред Денот на благодарноста на 27 ноември.

„Тоа е добар план“ и за Русија и за Украина, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит истиот ден, додавајќи: „Веруваме дека треба да биде прифатливо за двете страни. И работиме многу напорно за да го оствариме тоа“.

Во исто време, Ливит рече дека специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, и државниот секретар Марко Рубио работеле на предлогот околу еден месец и дека разговарале и со Русија и со Украина „за да разберат на што би се обврзале овие земји за да имаат траен и стабилен мир“.

Рубио се чини сугерираше дека нацрт-договорот не е конечен, кога на мрежата Икс напиша дека „развиваме и ќе продолжиме да развиваме список на потенцијални идеи за завршување на оваа војна врз основа на придонесите од двете страни во овој конфликт“.

По состанокот со високи претставници на Пентагон и шефот на американската војска во Киев на 20 ноември, Зеленски рече дека го добил американскиот нацрт-договор и дека има намера да разговара со Трамп, што би можело да се случи следната недела, според извештаи на медиумите.

„Работиме на документ подготвен од американската страна. Ова мора да биде план што обезбедува вистински и достоинствен мир“, напиша Зеленски на „Икс“ на 21 ноември.

Неговата формулација е нејасна за тоа дали делови од планот се прифатливи за Киев и колку Украина би можела да инсистира на промени, големи или мали.

Нацрт-документот објавен од медиумите се чини дека ги преминува црвените линии на Киев, со бројното ограничување на големината на армијата, забраната за членство во НАТО и повикот за признавање на Крим и регионите Донецк и Луганск како „де факто руски“.

Клаузулата што повикува на „целосна амнестија“ за сите страни во војната би била тешка за многу Украинци, со оглед на широко распространетите докази за злосторства извршени од руските сили - што Москва генерално ги негира - и честите напади во кои се убиени и осакатени украински цивили, меѓу другите дејства на руската влада и на војската.

Путин е баран од Меѓународниот кривичен суд под сомневање за воени злосторства поради нелегалното префрлање на украински деца во Русија.

Едно од клучните барања на Украина за согласност за каков било мировен договор беа цврсти безбедносни гаранции.

Објавениот нацрт на планот наведува дека Украина ќе добие сигурни безбедносни гаранции и дека нова руска инвазија на Украина би довело до „решителен координиран воен одговор“, повторно воведување санкции и повлекување на признавањето на „новата територија“. Сепак, деталите се оскудни.

Зеленски посочи дека Европа не смее да стои настрана во мировниот процес. По разговорите со лидерите на Франција, Велика Британија и Германија на 21 ноември, тој изјави дека земјите „тесно се координираат за да се осигурат дека се земаат предвид принципиелните ставови“.

И Русија може да има забелешки во одредени аспекти на планот, како што е ограничувањето на големината на украинската војска на 600.000, што е многу повеќе од она што Москва претходно го бараше и самата формулација, за која аналитичарката Татјана Становаја рече дека „открива потценување и неточно разбирање за тоа како Москва ги формулира своите позиции“.

Сепак, портпаролот на Кремљ на 21 ноември изјави дека Москва би „претпочитала да ги третира билатералните (руско-американски) односи и украинското решение како два различни патишта“, одразувајќи го она што аналитичарите го нарекоа јасна желба на Кремљ да ги подобри своите односи со САД без да прави отстапки за Украина.

Многу аналитичари велат дека Путин нема да се согласи на никаков мировен договор за кој верува дека би ги поткопал руските напори да ја покори Украина со сила, дипломатија или со комбинација од двете.


Кочани доби Центар за ментална поддршка по пожарот во „Пулс“ на 16 март

Северна Македонија - изгорената дискотека „Пулс“, 17 март 2025 година, Кочани.
Северна Македонија - изгорената дискотека „Пулс“, 17 март 2025 година, Кочани.

Регионален центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка беше отворен во Кочани на 21 ноември, осум месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 лица а над 200 беа повредени и два дена по почетокот на судскиот процес за овој случај за кој се обвинети 34 лица и три фирми.

Министерот за здравство Азир Алиу рече дека во прва фаза, во центарот ќе работат девет психолози кои ќе обезбедуваат индивидуални и групни сесии, психо-едукација и поддршка за погодените од пожарот и за пошироката заедница.

„Центарот за ментално здравје ќе биде место за доверлива и безбедна грижа, со акцент на справување со траумата, загубата и емоционалните последици. Оваа иницијатива го покажува континуитетот во грижата за повредените лица од трагедијата во Кочани. Нашата заложба е сите пациенти да ја добијат потребната здравствена заштита и потребната психо-социјална поддршка“, рече Алиу.

Центарот располага со буџет од 150 илјади евра за наредните три години, обезбедени од Црвениот крст на Австрија и на Србија и од други партнери и донатори.

Претходно, Владата ги покри трошоците за лекување и рехабилитација на повредените, кои по болничкото лекување имаа рехабилитација во туристичкиот центар „Пониква“ над Кочани.

На првото рочиште на 19 ноември што се одржа во судница во затворот „Идризово“ на периферијата на Скопје, на обвинителна клупа седнаа вкупно 34 лица и застапници на три фирми опфатени со обвинителниот акт. Меѓу нив, газдите на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори…

На сите ќе им се суди за исто кривично дело - „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.

„Марш на ангелите“, Скопје, 15 ноември 2025 година.
„Марш на ангелите“, Скопје, 15 ноември 2025 година.

Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.

Барајќи правда, родители и роднини на загинатите секоја сабота по трагедијата организираа „Марш за ангелите“ низ кочанските улици, а последниот, 30-ти по ред, го одржаа во Скопје на 15 ноември.

Поддршка добија од илјадници граѓани кои маршираа со нив од централниот плоштад „Македонија“, до Собранието и Основниот кривичен суд.

Трагедијата во Кочани се случи на настап на музичката група ДНК - искри од пиротехниката го запалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале стампедо, според Обвинителството.

За пожарот во „Пулс“ има уште два предмети.

Едниот е поврзан со фирмата „Рубикон секјурити солушн“, која била задолжена за обезбедување на дискотеката. Се гони нејзиниот сопственик, А.Н., за делото тешки дела против општата сигурност.

Во фаза на истрага е предмет во кој се опфатени десет полицајци кои се товарат дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и овозможиле „Пулс“, да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност без да ги исполнува предвидените услови.

Премиерот на Црна Гора најави заострување на визниот режим за руските граѓани

Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора
Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора

Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, најави дека официјална Подгорица „многу наскоро“ ќе го заостри визниот режим за руските граѓани, во согласност со визната политика на Европската Унија(ЕУ).

Тој рече дека Црна Гора целосно ја следи надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и мерките кон Русија.

Следејќи ја оваа политика, Црна Гора воведе санкции против Русија во 2022 година.

Сепак, Европската комисија постојано ја предупредува Подгорица дека хармонизирањето на визната политика е клучно за напредок во преговорите и пристап до средства од Планот за раст за Западен Балкан.

Според најновите податоци што Министерството за внатрешни работи ги достави до Радио Слободна Европа, во Црна Гора живеат повеќе од 21.100 руски државјани.

Руските државјани можат да останат во Црна Гора до 30 дена без виза.

Сепак, долгогодишна практика е руските државјани, по 30 дена, да ја напуштат Црна Гора за кратко време, честопати само до најблиската гранична точка, а на враќање да добијат нов 30-дневен безвизен период.

Бројот на вакви „излези-влезови“ не е ограничен.

Управата на полицијата претходно појасни дека Договорот за патување со Русија нема ограничување во однос на должината на вкупниот престој во одреден период, што во пракса значеше дека престојот може континуирано да се продолжува.

Црна Гора, која е кандидат за членство во ЕУ, се обврза постепено да воведува визи за сите земји на кои Унијата им ги воведе.

Во најновиот извештај, Европската комисија наведува дека Црна Гора не е усогласена со политиката на ЕУ, нагласувајќи дека треба да воведе визи за девет земји кои не се на „зелената листа“ - Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Кина, Катар, Русија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Турција.

Црна Гора неодамна воведе визи за турските граѓани.

Црна Гора за турските граѓани: Транзит или засолниште?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:14 0:00

Целосното почитување на визната политика на ЕУ е последниот услов во рамките на едно од двете најважни поглавја - Правда, Слобода и Безбедност.

Патем, Владата ја оправда досегашната практика на нецелосно следење на визната политика на ЕУ со економски интереси во туризмот, кои сочинуваат 26 отсто од бруто-домашниот производ на Црна Гора.

Во овој контекст, Владата објави дека 230.000 руски и 320.000 турски граѓани годишно ја посетуваат Црна Гора.

За Кина, тие изјавија дека учествува во инфраструктурни проекти, а за четирите земји од Блискиот Исток, зголемување на инвестициите во Црна Гора.

Брисел постојано нагласува дека економските интереси не можат да имаат предност пред европските правила и пред обврските од процесот на пристапување.

Црногорските власти очекуваат дека целосното усогласување на визниот режим со правилата на ЕУ ќе биде завршено до крајот на 2027 година.

Владата на Црна Гора има намера да ги затвори сите поглавја до крајот на следната година и да стане членка на ЕУ во 2028 година.

Кос од Тирана: Европа ве чека, но има уште работа што треба да се заврши

Еврокомесарката Марта Кос
Еврокомесарката Марта Кос

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос порача дека Западен Балкан и припаѓа на Европската Унија, но оти сè уште има работа што треба да се направи.

Од Самитот на лидерите „Нашиот пат кон ЕУ“ што се одржува денеска(21 ноември) во Тирана, таа истакна дека амбицијата на Планот за раст е сите земји-кандидатки од Западен Балкан да напредуваат синхронизирано, додавајќи дека Европа не може да биде безбедна без Западен Балкан и дека „ова е грешка што сме ја направиле во минатото и мора да ја исправиме и поправиме“.

„Вашиот дом – Европа ве чека, вие сте дел од Европа, ние едноставно мора да го направиме ова во институционална форма за да станете земји-членки на ЕУ. Вие сте дел од Европа. Денеска дојдовме тука за да го оцениме напредокот, да видиме што поминало добро со Планот за раст, изминаа две години од почетокот на спроведувањето на растот за Западен Балкан. Време е да разговараме, имаме многу за славење. Две од шест земји во регионот сè уште не почнале да ги усвојуваат реформите, додека двете земји со најголем напредок постигнале повеќе од 50 проценти од реформите“, рече Кос во обраќањето на Самитот.

Според неа, од пакетот од 6 милијарди евра за Западен Балкан, само 400 милиони евра се дадени на земјите од Западен Балкан, нагласувајќи дека денешните дискусии треба да се искористат за планирање на вториот дел од спроведувањето на Планот за раст.

„Што се однесува до средствата, сè уште сме под 10 отсто од вкупниот износ, вкупно 400 милиони евра од пакет од 6 милијарди евра што се издвоени за регионот, можеме да направиме повеќе и мора да направиме повеќе. Европската комисија сака планот за раст да биде успешен. Зборував за потребата од интегрирање на сите наши соседи во сите и во многу различни области на политиките на ЕУ. Сакаме ЕУ да биде опиплива реалност за вашите граѓани. Албанија и Црна Гора имаат корист од пониски трансфери преку СЕПА (SEPA). Земјите од Западен Балкан припаѓаат на ЕУ како рамноправни членки“, рече Кос.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој учествува на Самитот во објава на Фејсбук наведе дека земјава останува решително ориентирана кон европските интеграции и регионалната соработка.

„Нашата земја останува решително ориентирана кон европските интеграции и регионалната соработка, како клучни столбови на нашата заедничка визија за просперитетен Западен Балкан“, напиша Мицкоски.

Домаќинот на Самитот, премиерот на Албанија, Еди Рама, во обраќањето меѓу другото оцени дека Западен Балкан избрал заедно да продолжи напред.

Овој самит има за цел да ја зајакне економската и политичката соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, отворајќи го патот за понатамошна интеграција на регионот.

Поради опасност од руски саботажи, 10.000 полски војници ќе ги чуваат пругите

Полскиот премиер Доналд Туск по експлозијата на пругата Варшава – Лублин, ноември 2025 година
Полскиот премиер Доналд Туск по експлозијата на пругата Варшава – Лублин, ноември 2025 година

Поради сè поголемата опасност од руски саботажи на критични инфраструктурни објекти во земјите на Европската Унија и две диверзии на пругата Варшава – Лублин, Полска од полноќ, во операцијата „Хоризонт“, испраќа 10.000 војници да ги чуваат пругите, соопштија локалните власти.

Операцијата „Хоризонт“ и вклучувањето на војската во заштита на клучната полска инфраструктура е реакција на владата на премиерот Доналд Туск на двете диверзии на пругата Варшава – Лублин, за кои обвинителството обвини двајца украински државјани, кои според сознанијата од истрагата, биле соработници на руските разузнавачки служби.

„Во Полска имаме многу пруги и физички не е можно сите да бидат заштитени од војската. Мораме да ги дефинираме клучните области за функционирање на државата и за испраќање помош за Украина“, изјави генералот Кшиштоф Крул за операцијата „Хоризонт“, во која околу 10.000 војници во обезбедувањето на пругите ќе соработуваат со полицијата и Железничката стража.

На терен излегуваат и припадници на Територијалната одбрана, а покрај војниците околу пругите ќе патролираат и воени дронови и хеликоптери на војската и полицијата.

„Војниците ќе бидат на најважните сообраќајни јазли кои се приоритетни. Едноставно мора да бидеме видливи. Тоа што нè гледаат е исто така елемент на таа операција. Нејзината цел е да ги пресретнеме и одвратиме терористите кои се финансирани и добиваат наредби од нашите противници од Истокот, воопшто да не се впуштаат во какви било напади врз нашата инфраструктура“, изјави генералот Крул.

Минатиот викенд на пругата Варшава – Лублин, која е клучна и за превоз на западна помош во Украина, на едно место со експлозив беше кренат во воздух дел од шините, додека на друго место, машиновозач во неделата запрел воз со речиси 500 патници затоа што наишол на 60 метри уништени електрични водови.

Според сознанијата на полската истрага, двајцатаУкраинци, едниот веќе осуден во Лвив за диверзија во фабрика за дронови и другиот жител на Донбас кој живее во Белорусија, влегле во Полска оваа есен пред диверзијата, а веднаш по неа побегнале во Белорусија.

Полскиот премиер Доналд Туск и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се договорија итно да се формира посебно тело за размена на разузнавачки и полициски податоци за да не се случува терористи и платеници на Русија со украинско државјанство да влегуваат во Полска без проблем само затоа што Украина не предала податоци ниту на Полска, ниту распишала потерница преку Интерпол.

Полска вчера со нота побара од Русија и Белорусија да ѝ ги екстрадираат обвинетите непосредни извршители на диверзијата на пругата, додека најмалку четворица нивни соучесници се уапсени во Полска.

update

Зеленски вели дека е подготвен за „конструктивна, искрена и брза“ соработка со Трамп за мировниот план

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот секретар на армијата Даниел Дрискол, Киев, 20 ноември 2025 година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот секретар на армијата Даниел Дрискол, Киев, 20 ноември 2025 година

Кремљ го предупреди украинскиот лидер Володимир Зеленски да влезе во преговори „сега“ или да изгуби повеќе територија откако САД му испратија на Киев мировен предлог, почитувајќи многу од барањата на Москва.

„Ефикасната работа на руските вооружени сили треба да го убеди Зеленски: подобро е да се преговара и да се направи тоа сега отколку подоцна“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Просторот за слобода на донесување одлуки се намалува за него, бидејќи териториите се губат за време на офанзивните акции на руската армија“, додаде тој, велејќи дека Москва официјално не го добила американскиот план.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера (20 ноември)доби контроверзен нов мировен план на САД, кој бара големи отстапки од Киев, соопшти неговиот кабинет, додавајќи дека Зеленски ќе се обиде дополнително да разговара за тоа со американскиот претседател Доналд Трамп.

Во првата потврда на планот од страна на Украина, кабинетот на Зеленски, исто така, објави дека тој „се согласува да работи на точките од планот на начин што ќе обезбеди достоинствен крај на војната“.

„Подготвени сме конструктивно да соработуваме со американската страна и нашите партнери во Европа и светот, така што резултатот ќе биде мир. Зеленски очекува да разговара со Трамп во наредните денови за достапните дипломатски опции и главните точки потребни за мир“, се наведува во соопштението.

Соопштението беше објавено неколку часа откако украинскиот лидер се сретна со група високи офицери од Пентагон и американскиот секретар на армијата Даниел Дрискол во Киев.

Амбасадата на САД во Киев оцени дека состанокот бил „исклучително конструктивен“, додавајќи дека конечно се создава моментум за долгоочекуваниот мир.

Условите на предложениот договор се чини дека ги следат строгите барања што Русија ги постави од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.

Порано во четврток, украинската премиерка Јулија Свириденко изјави дека прашањето за билатерален фонд за реконструкција - за кој Киев и Вашингтон се согласија во април - исто така било на дневен ред на нејзините разговори.

Извештаите од светските агенции наведуваат дека планот бара од Киев да се откаже од дел од својата територија и оружје, да ја намали големината на своите вооружени сили и да прифати намалување на американската воена помош, што беше неопходно за борба против руските сили.

Покрај тоа, на странските трупи нема да им биде дозволено да влезат во украинска територија, а Киев повеќе нема да добива оружје со долг дострел.

Зеленски ги отфрли претходните барања на Москва, Украина да отстапи територија или да ги намали своите вооружени сили, велејќи дека тоа само ќе ја ослабне Украина и ќе ја остави ранлива на друга инвазија во иднина.

Аналитичарите велат дека предлогот од 28 точки веројатно нема да добие поддршка во Киев.

Сепак, „Аксиос“, повикувајќи се на неименувани американски и украински претставници, објави дека украинскиот претседател на состанокот се покажал посмирен и се согласил за брз развој на планот.

Зеленски по состанокот изјави на „Телеграм“ дека Украина е подготвена за „конструктивна, чесна и брза“ работа.

Белата куќа на прес-конференција објави дека државниот секретар на САД, Марко Рубио, и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, се сретнале со украински претставници минатата недела за да разговараат за мировниот план. Таа додаде дека американската администрација го смета планот за прифатлив и за Украина и за Русија.

Рубио го опиша предложениот план како „список на потенцијални идеи за завршување на војната“, што укажува дека може да има простор за преговори.

Во видео објавено од Кремљ, на кое се гледа како рускиот претседател Владимир Путин ја посетува командната станица на западната група руски сили, рускиот лидер повика да се постигнат целите на инвазијата на Украина.

Борис Бондарев, поранешен руски дипломат кој поднесе оставка во знак на протест поради инвазијата на Украина, прашува дали Кремљ е навистина спремен да преговара, со оглед на условите на наводниот договор.

„Москва е подготвена да преговара уште од првиот ден од војната. Тие постојано го повторуваат тоа, секој ден. Тука нема ништо ново. Но, во какви преговори се подготвени да се вклучат“, праша Бондарев.

„Преговори како овие: Разговор за предавање на Украина? За што да се зборува кога ви се нуди истото што Путин го кажува од почетокот на војната: демилитаризација на Украина, денацификација и така натаму“, додаде тој во интервју за Current Time на РСЕ.

На бојното поле, украинските сили се борат да го спречат напредувањето на поголемата и подобро опремена руска армија, дури и кога претрпуваат вонредни загуби.

Русија се приближува кон клучниот град Покровск како дел од прокламираната цел на Путин да го контролира целиот источен регион Донбас во Украина.

Русија, исто така, ги напаѓа украинските градови и нејзината енергетска инфраструктура пред зимата, обидувајќи се да ги деморализира веќе исцрпените Украинци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG