Достапни линкови

Вести

Кремљ: Украина ќе мора да преговара со Русија „порано или подоцна“

Дмитриј Песков
Дмитриј Песков

Кремљ изјави дека Украина ќе мора да преговара со Русија „порано или подоцна“ и дека преговарачката позиција на Киев се влошува од ден на ден.

Москва ја обвини Украина дека одбива да се вклучи во мировни преговори.

Киев вели дека условите на Москва за прекин на војната се неприфатливи и се еднакви на барање од неа да се предаде.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија останува отворена за политичко и дипломатско решение и сака мир.

Но, во отсуство на таква можност, тој рече дека Русија ќе продолжи да се бори за да ја заштити сопствената безбедност и да ги обезбеди интересите на идните генерации.

Машини во зоната на смртта: Украински копнени дронови на фронтовската линија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

Неодамна украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека Украина е подготвена за мировни преговори, но дека нема да ги повлече своите војници од дополнителна територија како што побара Москва.

Зеленски рече дека е подготвен да одржи разговори каде било освен во Русија или на територијата на нејзиниот близок сојузник Белорусија.

Плановите за самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Будимпешта се замрзнати откако Москва инсистираше на своите барања, вклучително и Украина да предаде дополнителна територија како предуслов за прекин на огнот.

види ги сите денешни вести

Нов руски напад врз Украина додека борбите околу Покровск се интензивираат

Украински војници во близина на градот Покровск на првата линија на фронтот. (архивска фотографија)
Украински војници во близина на градот Покровск на првата линија на фронтот. (архивска фотографија)

Се интензивираат борбите на истокот на Украина околу градот Покровск на првата линија на фронтот, откако Русија изведе уште еден ноќен напад врз Киев во кој беше погодена цивилна инфраструктура.

Украинските власти соопштија дека во текот на ноќта биле испукани три ракети и 135 дронови, а противвоздушната одбрана на земјата уништила сè освен една ракета и 41 дрон. Нема пријавено жртви.

Нападите следуваат по уште поинтензивен оган претходната ноќ, кога 430 дронови и 18 ракети ранија најмалку 35 лица, таргетирајќи го главниот град на Украина. Шефот на киевската воена управа, Тимур Ткаченко изјави дека бројот на загинати се искачил на седум лица утрото на 15 ноември.

Украински пар споделува на ТикТок стории за војна, издржливост и надеж
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

Како одговор, украинската војска соопшти дека нападнала објекти во Русија кои ги смета за клучни за воените напори на својот противник. Во соопштението се додава дека цели на нападот биле нафтена рафинерија во руската Рјазањска област и воен контингент во окупираниот дел од областа на Запорожје.

Судири околу Покровск

Во меѓувреме, Генералштабот на Оружените сили на Украина соопшти дека во последните 24 часа имало 265 судири меѓу руските и украинските сили долж линијата на фронтот. Речиси половина од тие судири се случиле во селата и областите околу Покровск.

Украинските трупи последните недели се под поголем притисок, а генерал Олександр Сирски, врховниот воен командант на Украина, ги посети единиците што се борат за контрола врз градот во источниот Доњецки регион.

Сирски рече дека клучните цели на Украина се да ја поврати контролата врз одредени подрачја, да ги заштити линиите за снабдување и евакуација и да создаде нови.

Украинската полиција се обидува да ги убеди жителите да го напуштат градот Покровск, додека руските сили ги засилуваат нападите.


„За правда нема да молиме, за правда ќе се бориме“: Марш во спомен на загинатите во „Пулс“

„Марш за ангелите“, Скопје 15.11.2025
„Марш за ангелите“, Скопје 15.11.2025

„Нашите деца веќе немаат глас и затоа ние ќе зборуваме за нив“, порачаа родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска (15 ноември) во Скопје.

Семејствата кои секоја сабота маршираат во Кочани, денешниот, триесетти по ред „Марш за ангелите“ го организираа во главниот град каде имаше и триминутен молк во чест на сите чии животи згаснаа во пожарот на 16-ти март.

Протестот под слоганот „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ почна напладне на плоштадот „Македонија“.


Потоа семејствата се упатија кон Собранието од каде побараа пратениците да формираат анкетна комисија и да организираат надзорна расправа. Но, исто така, потсетија и дека веднаш по трагедијата, пратениците заминаа на одмор и не го посетија градот кој остана завиен во црно.

„Треба да се собереме сите бидејќи во нас е моќта. Јас живеам само за борбата за правда за мојот син Александар. Не смеам да умрам додека нема правда. Нозете ми се тресат, но срцето ми дава сила“, порача во говорот пред Собранието, еден од родителите.

Повик за вистина и човечност

Таму се обрати и сопругата на Андреј од хип-хоп дуото ДНК, Наталија Ѓорѓиеска која посочи дека протестот не е политички повик, туку „повик за вистина и човечност“.

„Загубата не е бројка, туку живот. Таа е сериозна навреда на најосновните човекови права. Бараме да се утврди зошто интитуциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Бараме да се утврди вистината каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија. Која ја имал должноста да спречи, а не спречил“, порача Ѓорѓиеска.

На семејствата на загинатите им се придружија и нивни сограѓани, но и скопјани кои дојдоа да дадат поддршка. Тие порачаа дека секогаш кога одат во Кочани ја чувствуваат нивната болка.

„Јас не сум од Кочани, но исто како да сум. Мора да се бориме за иднината на секоја генерација, затоа што нашата држава повеќе личи на казна, наместо на дом. За правда нема да се молиме, за правда ќе се бориме“, истакна младата Анастасија од иницијативата „Кој е следен“.

Оваа граѓанска иницијатива се вклучи во организацијата на маршот заедно со Здружението на граѓани „16 Март 2025“.

Маршот заврши пред Кривичниот суд каде родителите порачаа дека умираат секој ден и бараат државата да обезбеди фер, транспарентно и навремено судење.

Денешниот марш се одржува во пресрет на првото судско рочиште за трагедијата која беше кобна за 63 лица, а повредени беа 200. Судењето е закажано за 19 ноември во судницата на КПУ Идризово.

Случајот опфаќа 38 обвинети односно 35 физички и три правни лица.

Судот најави дека ќе преземе засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа.

„Марш за ангелите“ во Скопје во спомен на жртвите од пожарот во Кочани

„Марш за ангелите“ во Кочани/Фотоархива
„Марш за ангелите“ во Кочани/Фотоархива

Во организацијата на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“, денеска, со почеток во 12:05 часот ќе се одржи 30. протестен марш „Марш за ангелите“ кој ќе започне од плоштадот „Македонија“.

Како што наведуваат организаторите, маршот има за цел да ја потсети јавноста на потребата од упорна и сплотена борба за правда.

– Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, ако ја пронајдеме заедничката точка на сплотување и ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот, порачуваат организаторите.

Тие ќе се движат од плоштад „Македонија“, покрај Собранието, до Основниот кривичен суд – Скопје.

Пред Собранието и Судот се најавени говори и обраќања, а две централни изјави ќе бидат дадени на самиот почеток на протестот.

По десетиците маршеви во Кочани, денешниот во Скопје, всушност се одржува во пресрет на првото судско рочиште за оваа трагедија. Рочиштето е закажано за 19 ноември, а според обвинителниот акт, 34 физички и три правни лица се товарат за тешки дела против општата сигурност. Процесот ќе го води тим од петнаесетина обвинители, најави државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Нова компресивна облека донирана за повредените од пожарот во Кочани

Дискотеката „Пулс“ во Кочани по пожарот во март 2025/Фотоархива
Дискотеката „Пулс“ во Кочани по пожарот во март 2025/Фотоархива

Граѓанската иницијатива Супорт Кочани (Support Kocani) ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација, информираат од иницијативата.

Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари.

Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.

Иницијативата, велат оттаму, и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.

Претходно, оваа граѓанска иницијатива соопшти дека е извршена и втората распределба од заедничката сметка за донации од близу 11 милиони денари.

Во објавената видео информација на фејсбук профилот на „Супорт Кочани“ се вели дека од вкупната сума од 10. 944.793 денари еден милион денари се за данок на државата. Останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71. 900 денари за секој.

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ беше формирана со цел да им помогне на настраданите по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март во кој загинаа 63 лица, а повеќе од двесте беа повредени.

Судењето за пожарот во „Пулс“ ќе почне на 19 ноември во судницата во КПУ „Идризово“.

Ќе им се суди на 34 обвинети и на три фирми.

Советот на Град Скопје го усвои ребалансот на Буџетот

Град Скопје/Фотоархива
Град Скопје/Фотоархива

Советот на Град Скопје денеска (14 ноември) го усвои ребалансот на Буџетот со еден глас против и еден воздржан.

- Со ребалансот се обезбедуваат средства за стабилизација на градските финансии, унапредување на инфраструктурата, подобрување на јавниот превоз, инвестирање во образованието и развој на нови зелени површини – наведуваат од Град Скопје во денешното соопштение.

37 советници гласаа ЗА, еден воздржан и еден против.

Со ребалансот, буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари.

Во делот на јавниот превоз се предвидува враќање на приватните превозници во системот, продолжување на соработката со Министерството за транспорт за повторно активирање на Градскиот воз, како и набавка на 80 нови автобуси.

Од Град Скопје информираат дека започнува и процесот на разгледување на БРТ-системот како современо решение за подигнување на квалитетот на јавниот транспорт.

Оттаму додаваат дека во образованието, до крајот на годината, сите училишта ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли, информатички кабинети и лаптоп за секој првенец на генерација.

Починаа уште две лица, десет дена по пожарот во Пензионерскиот дом во Тузла

Зградата на Пензионерскиот дом во Тузла утрото по пожарот, ноември 2025.
Зградата на Пензионерскиот дом во Тузла утрото по пожарот, ноември 2025.

Две лица, кои беа повредени во пожарот во Домот за пензионери во Тузла на 4 ноември, починаа, според наводите од извештајот на Универзитетско-клиничкиот центар Тузла од утрото на 14 ноември. Бројот на загинати со ова се зголеми на 15.

„Во текот на изминатите 24 часа во УКЦ Тузла починаа двајца пациенти. Моментално на хоспитализација се наоѓаат пет пациенти“, се наведува во извештајот објавен десет дена по овој пожар.

Од УКЦ наведуваат дека од петтемина хоспитализирани, на Клиниката за анестезиологија и реанимација се наоѓаат двајца пациенти, од кои едниот е на респиратор. На Клиниката за интерни болести се лекува едно лице повредено во пожарот, а на Клиниката за белодробни болести двајца.

Причината за пожарот сè уште не е позната.

„За причините за пожарот ќе ја информираме јавноста кога ќе се анализираат извештаите и наодите од мислењата на стручните лица и истражителите“, соопштија од Обвинителството на Тузланскиот кантон (ТК) на 6 ноември.

Наведоа дека увидот е завршен и дека оваа институција во наредниот период ќе ги достави извештаите до Секторот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи (МВР) на тој кантон.

Според прелиминарните резултати од досега извршените обдукции, кои вештаците усно му ги пренеле на Обвинителството минатата недела, 11 лица починале како последица на гушење, односно труење со јаглерод моноксид.

Директорот на Тузланскиот пензионерски дом, Мирсад Бакаловиќ поднесе оставка на 5 ноември.

Оваа установа самата се финансира од приходите што ги остварува и, според изјавата на директорот дадена во јануари за N1, не е на ниту еден буџет.

Градот Тузла е сопственик на зградата на Домот за пензионери и ја именува управата, но немаат субвенции ниту пари од буџетот.

Федералниот премиер Нермин Никшиќ вети владина помош за згрижување на лицата кои се сместени во Домот за пензионери.

ССМ: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра

Илустрација
Илустрација

Работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра - покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.

На прашањето „Колку треба да изнесува минималната плата“, од вкупниот број испитаници 45,2 проценти одговориле дека минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, 42 проценти сметаат дека минималната плата треба да изнесува 700 евра, а 12,8 проценти дека таа треба да изнесува 500 евра.

Најголем дел односно 99,5 проценти од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава. Доколку не се зголеми минималната плата, 52,8 проценти се подготвени да протестираат, а 47,2 проценти да штрајкуваат.

- Заклучокот од Анкета за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија е дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија, велат од ССМ.

Премиерот, Христијан Мицкоски денеска изјави дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон во март, а дали ќе има интервентно зголемување ќе зависи од договорот меѓу синдикатите и работодавачите.

„Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам тоа прашање да се отвори таму така што ние како Влада ќе го прифатиме секое решение кое што ќе го договорат работниците и работодавачите“, изјави Мицкоски.

Мицкоски: Локацијата на ГОБ „8-ми Септември“ е најдобра за нов клинички центар

ГОБ „8-ми Септември“ Скопје/Фотоархива
ГОБ „8-ми Септември“ Скопје/Фотоархива

Премиерот, Христијан Мицкоски останува на ставот дека локацијата на ГОБ „8 Септември“ е најдобра за нов клинички центар.

Тој денеска (14 ноември) изјави дека сега, откако завршија изборите продолжува постапкатата за изградба на Клиничката болница во Штип, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом. Потоа болницата во Кичево со проширена дејност и реконструкцијата на Клиничката болница во Тетово.

„Мислам дека тој процес откако ќе почне, тогаш може да се посветиме на овој за којшто зборуваме сега. Сепак тој периметар, мислам дека е најсоодветен, бидејќи има пристап до гас и исклучително добра сообраќајна инфраструктура и мислам како целина може сериозно да се разгледува со лесна надградба да дојдеме до она коешто го посакуваме како држава и пациентите коишто ќе го добијат како квалитет. Не се откажуваме. Не е ова во консултација со експерти, ова е лично мој став“, рече Мицкоски.

Во однос на финансиската конструкција, рече дека треба да се види колку ќе се интервенира во надградба, модернизација, број на кревети...

„Ајде да дојдеме до таа фаза, па ќе споделуваме повеќе информации со јавноста“, рече Мицкоски.

Изградбата на нов Клинички центар е предизборно ветување на неколку влади досега.

Претходно, министерот за здравство Азир Алиу во неделното интервју за Радио Слободна Европа истакна дека за нов Клинички центар во Скопје, во игра се три опции.

Во моментот се размислува помеѓу постоечкиот Клинички клинички центар – инфраструктурно и други можности. Една од нив е градење на потполно нов клинички центар во нова географска положба. И третиот момент е „8 Септември“, значи да се гради комплекс таму каде што ќе се префрли целиот Клинички центар како таков кај „8 Септември“ – додаде Алиу.

Беџети: Кривичната пријава е политички монтирана и правно неоснована

Блерим Беџети/Фотоархива
Блерим Беџети/Фотоархива

Пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети кој три мандати беше градоначалник на Сарај денеска (14 ноември) на прес-конференција во Собранието се осврна на кривичната пријава, што вчера беше покрената против неколку лица, меѓу кои е и тој.

Пријавата која се однесува на проневера на 108 милиони денари или 1,7 милиони евра, тој ја оцени како „политички монтирана и правно неоснована“.

Според него пријавата е дел од „организирана хајка, режирана од власта и директно од премиерот Христијан Мицкоски, со, како што посочи, јасна цел да се врши притисок врз него како пратеник за да се зголеми мнозинството“.

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Скопје вчера поднесе кривична пријава против неколку лица, меѓу кои и Беџети, под сомнение дека групата на чело со тогашниот градоначалник измислила урбанизација на неурбанизирана парцела во ДУП, изработила лажна дозвола за градба, измислиле надомест за уредување градежно земјиште, па дури извршиле и „технички преглед“ на нелегално изградениот објект, сопственост на фирма од Глумово, родното село на Беџети.

„Кривичната пријава поднесена од страна на Финансиската полиција е целосно неоснована и затоа против директорот Слободан Ивановски, заменик-директорот Илбер Имери и уште две лица, кои заедно со нив учествувале како организирана банда во оваа политичка хајка ќе поднесеме соодветна пријава“, истакна Беџети на прес конференција.

На прашањето дека клучниот аргумент на Финансиска полиција е давањето одобрение за градба во момент кога немало ДУП, Беџети рече дека ДУП-от е донесен кога тој бил градоначалник, а министер и градоначалник на Скопје биле од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Постои Детален урбанистички план“, одговори тој и нагласи дека сите постапки на општината биле спроведени во рамки на законските надлежности.

Додаде и дека Законот за локална самоуправа јасно кажува дека градоначалникот издава одобрение за градба и рече дека тоа е негова законска должност, а не криминал.

Прашан дали го познавал и бил близок со инвеститорот, посочи дека како градоначалник на Сарај во три мандати, тој ги познава скоро сите и секако и инвеститорот, но додаде дека не е близок со него.

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против осум физички лица – поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

-Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина, соопшти вчера Управата за финансиска полиција.

На овој начин, се вели во вчерашното соопштение, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ с. Глумово, Скопје – Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари.

Орбан: Унгарија игра клучна улога во постигнувањето мир во Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека подготовките за мировниот самит на Русија и САД во Будимпешта се во полн ек и дека земјата може да игра клучна улога во постигнувањето мир.

„Не сакам да зборувам за деталите, бидејќи преговорите се во тек. Унгарија има вредност и придонес кон целта за мир“, рече Орбан, додавајќи дека Унгарија „ги држи дипломатските канали отворени за Русија“, изјави Орбан за Радио Кошут.

Тој истакна дека Унгарија е единствената европска земја која е во постојан контакт и преговори со Русија и дека тој лично може, „а понекогаш и би сакал“, да разговара со рускиот претседател Владимир Путин доколку е потребно.

Орбан нагласи дека способноста на Унгарија во овој процес може да придонесе за завршување на конфликтот и ја нагласи важноста на земјата како посредник во мировните напори.

Плановите за самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Будимпешта се замрзнати откако Москва инсистираше на своите барања, вклучително и Украина да предаде дополнителна територија како предуслов за прекин на огнот.

Неодамна украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека Украина е подготвена за мировни преговори, но дека нема да ги повлече своите војници од дополнителна територија како што побара Москва.

Зеленски рече дека е подготвен да одржи разговори каде било освен во Русија или на територијата на нејзиниот близок сојузник Белорусија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG