Вести
Oбновена авиолинијата Атина – Скопје

Со слетување на авионот на „Ејџиан ерлајнс“ вечерва на Скопскиот аеродром по повеќе од 10 години е возобновена авиолинијата Атина – Скопје.
Меѓу првите патници што од Атина пристигнаа на скопскиот аеродром е македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи кој на атинскиот аеродром симболично беше испратен од алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос.
Директорот за земски операции на Ејџиан ерлајнс Панос Николаидис кој допатува со промотивниот лет изјави дека е среќен оти повторно е обновена авионската линија помеѓу двата главни града. Тој рече дека последниот редовен лет од Атина за Скопје бил во 2003 година.
„Овој лет не само што ќе биде корисен за бизнисмените и граѓаните, туку и ќе придонесе и за подлабока соработка меѓу двете земји” рече Николаидис.
„Ејџијан ерлајнс” ќе ја опслужува редовната линија од Атина за Скопје два пати седмично, во вторник и в четврток.
По повод обновувањето на авиолинијата Скопје – Атина, ТАВ Македонија на скопскиот аердром организира официјален пречек.
види ги сите денешни вести
Двојно убиство и самоубиство во Велес

Двојно убиство и самоубиство се случи попладнево во Велес. Маж од Скопје на 39 годишна возраст си ја убил поранешната девојка и нејзиниот татко од Велес. Според информациите од СВР Велес, убиецот откако ги извршил убиствата, сам се повредил со остар предмет по што починал.
„Денеска (15.09.2025) во 15:30 часот во СВР Велес е пријавено е дека на ул.,,Кочо Рацин“ во Велес е пронајдено женско лице со повреди од остар предмет. На местото излегоа полициски службеници и констатираа дека се работи за Р.К.(31) од Велес, која од Итна медицинска помош е пренесена во болницата во Велес, каде што е констатирана смрт. Веднаш потоа, во домот на нејзиниот татко на истата улица, пронајден е починат и татко и К.К.(68) , кој исто така, имал повреди од остар предмет. Во домот со повреди од остар предмет е пронајден и И.С.(39) од Скопје, поранешен партнер на Р.К., за кој според првичните информации постои сомнение дека ги нападнал двајцата, по што сам се повредил. Откако е пренесен во болницата во Велес и кај него е констатирана смрт.
Увид врши јавен обвинител во содејство со увидна екипа на СВР Велес и се преземаат мерки за расчистување на случајот. – стои во соопштението од МВР.
Јавен обвинител заедно со увидна екипа на СВР Велес врши увид во домот на убиените со што се преземаат мерки за расчистување на случајот. Од велешката болница информираат дека жртвите биле донесени на реанимација околу 16 часот.
„Дежурните лекари специјалисти по хируршки болести примија женско лице кое беше избодено со нож на повеќе места на телото. се обидоа да ја реанимираат но безуспешно. Примено е и момче на кое не можело да му се укаже лекарска помош бидејќи не давало знаци на живот. Лекарите во двата случаи над пациентите констатираа смрт, велат од Општата болница - Велес.
Дел од медиумите јавуваат дека жртвата неколку пати го пријавувала убиецот во полиција поради закани по нејзиниот и животот на нејзиниот татко, а исто така имало и случај со палење на возилото на жртвата кој бил пријавен во полицијата.
Руската разузнавачка служба ја обвинува ЕУ дека стои зад протестите во Србија

Службата за надворешно разузнавање на Русија (СВР) ја обвини Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји-членки дека стојат зад антивладините протести во Србија, со цел да се донесе на власт „послушно раководство лојално на Брисел“.
„Немирите во Србија, со активно учество на млади луѓе, во голема мера се производ на субверзивните активности на Европската Унија и земјите-членки на таа алијанса. Целта на европскиот либерален мејнстрим е да се донесе на власт во оваа најголема балканска земја послушно раководство лојално на Брисел“, наведува СВР во соопштение објавено на нивната веб-страница на 15 септември.
Во соопштението, СВР не дава докази за своите тврдења и обвинувања против ЕУ.
Таа разузнавачка агенција, задолжена за активностите надвор од Русија, наведува дека „треба да се признае дека евроелитите можат да направат многу работи - младите луѓе се радикализираат и се префрлаат од мирни протести на „револуционерни“ методи на борба и насилство“.
Тие оценуваат дека „сценариото „обоена револуција“, кое Западот успешно го тестираше во многу земји, не ги дава очекуваните резултати во Србија“.
Како главна причина за ова, тие ги наведуваат патриотските чувства, влијанието на Српската православна црква, како и сеќавањето на бомбардирањето на НАТО врз Сојузна Република Југославија во 1999 година.
Во ова соопштение, руските претставници ги повторуваат и претходно изнесените тврдења, на кои инсистираат и претставници на властите во Србија - дека протестите претставуваат таканаречена „обоена револуција“.
Терминот се однесува на бунтови во поранешните советски републики против авторитарните режими.
Руската агенција, без да наведува докази, тврди и дека „евроелитите имаат намера да ја искористат годишнината од трагичните настани“ во Нови Сад на 1 ноември, што стана повод за протестни акции, со цел да ја свртат ситуацијата во нивна корист.
Месечните протести започнаа по смртта на 16 лица при падот на крошната на железничката станица во Нови Сад.
На протестите, кои ги предводат студенти, владата се смета за одговорна за оваа несреќа, а подоцна демонстрантите формулираа барање за свикување вонредни парламентарни избори. Владата одбива да распише избори.
Руската служба за надворешни работи состави список на независни медиуми во Србија, кои ги обвинува за „перење мозок на српската младина“.
„Според добиените податоци, српските информативни портали FoNet, RAM, Vreme, Južne vesti, Slobodna reč, Boom 93 (Boom93), Podrinske, Frimidija (FreeMedia), SOinfo, FAR, Storyteller (Сторителер), како и невладината организација Link, добиваат значителна финансиска поддршка преку невладини организации поврзани со Брисел“, се вели во соопштението на СВР.
Во соопштението се наведува и дека „Брисел очекува дека влевањето пари во медиумите и невладините организации ќе го мобилизира електоратот, ќе ги изведе луѓето на улиците и ќе го заврши „српскиот Мајдан“ според сценарио кое е тестирано многу пати“.
„Сепак, лажните ветувања на европските претставници за „скоро влегување во расцутената европска градина“ се само мамка“, понатаму наведува СВР.
Евромајдан, или Мајдан, започна во ноември 2013 година, кога демонстрантите се собраа на главниот плоштад во Киев за да протестираат против одлуката на тогашниот претседател Виктор Јанукович да не потпише клучен трговски договор со Европската Унија.
Наместо тоа, тој бараше поблиски економски врски со Русија.
Откако стотици демонстранти во Киев беа убиени во судири со владините сили на 18 и 20 февруари 2014 година, Јанукович и поголемиот дел од неговата влада избегаа во Русија.
Потоа Москва ја започна својата окупација на украинскиот Крим и поттикна смртоносен сепаратистички конфликт во делови од двата источни региони на Украина.
Итната помош денеска интервенирала 13 пати во реонот на Трубарево

Извршени се 13 интервенции од Итната медицинска помош во текот на изминатата ноќ, заклучно со попладнево, во реонот на Трубарево. Притоа, едно лице е транспортирано во болница и извршен е транспорт на неподвижно лице до друго населено место, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Во пишаната изјава на министерот за здравство Азир Алиу се истакнува дека Министерството за здравство ја следи состојбата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици.
„Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб што веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите, се истакнува во пишаната изјава на Алиу.
Пациентката која во текот на ноќта е примена на Клиниката за токсикологија е во добра состојба, потврдува директорот на оваа клиника, Арѓенд Имери.
„Пациентката имала и други пропратни симптоми и од тие причини е задржана на лекување, но, најважно е дека се наоѓа во добра состојба. Денеска во текот на денот уште тројца пациенти се амбулантски прегледани на Клиниката и пуштени дома, информира Имери.
Според Институтот за јавно здравје нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење, односно, радијација во воздухот во главниот град по пожарот во скопско Трубарево.
Од Министерството за животна средина на 14 септември соопштија дека во складиштето е поставена мерна станица што го мери квалитетот на воздухот во реално време.
Инаку последните два најсериозни пожари – во фабриката за отпад во Трубарево и во депонијата Дрисла, се ставени под контрола односно изгаснати.
Рубио ветува „непоколеблива поддршка“ за Израел во војната во Газа

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, во понеделник за време на посетата на Израел изјави дека Вашингтон ќе му обезбеди на својот сојузник „непоколеблива поддршка“ во неговата борба во Појасот Газа и повика на елиминирање на Хамас - палестинска група која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација.
„Народот на Газа заслужува подобра иднина, но таа не може да започне сè додека Хамас не биде елиминиран“, им рече Рубио на новинарите, зборувајќи заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Можете да сметате на нашата непоколеблива поддршка и посветеност за да ја оствариме оваа цел“, додаде Рубио.
Нетанјаху ја нарече посетата на Рубио „јасна порака“ дека САД стојат со Израел и го пофали претседателот Доналд Трамп како „најголем пријател што Израел некогаш го имал“.
Државниот секретар на САД ги критикуваше плановите на некои западни земји да признаат палестинска држава, велејќи дека таков потег само го „охрабрува“ Хамас.
Рубио рече дека ќе разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за плановите на Израел да ја преземе контролата врз градот Газа - најголемиот урбан центар на територијата - како и за разговори за анексирање на делови од окупираниот Западен Брег, за да се спречи формирање на палестинска држава.
Тој додаде дека претседателот Трамп сака војната во Газа да „заврши“ - што, според Рубио, значи ослободување на заложниците и елиминирање на Хамас како закана.
Војната започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени 1.219 луѓе, претежно цивили.
Воениот одговор на Израел во Газа досега уби повеќе од 64.800 луѓе, исто така претежно цивили, според Министерството за здравство на Газа - бројки што Обединетите нации ги сметаат за веродостојни.
Претседателот Трамп, долгогодишен силен сојузник на Нетанјаху, исто така ја изрази својата поддршка за Катар, каде што се наоѓа најголемата американска воздухопловна база во регионот.
Катар, заедно со Египет и САД, ги предводи напорите за посредување меѓу Израел и Хамас.
Рубио ја започна својата посета во неделата со симболичен гест на поддршка, одејќи со Нетанјаху до Западниот ѕид во Ерусалим.
Потоа, тој изјави дека Ерусалим е „вечен главен град“ на Израел - позиција што американските лидери се обидоа да ја избегнат пред првиот мандат на Доналд Трамп.
Трамп беше тој што ја пресели американската амбасада во Ерусалим, кршејќи ја претходната меѓународна практика.
Рубио треба да учествува во понеделник на инаугурацијата на туристички тунел што поминува под палестинската населба Силван. Проектот предизвика загриженост кај палестинските жители дека може дополнително да го ослаби нивното присуство, па дури и да ги загрози темелите на нивните домови.
Гувернерот на НБРМ очекува стапка на инфлација пониска од три проценти во наредниот период

Народната банка останува на очекувањата дека ќе продолжи трендот на намалување на стапката на инфлација и дека во наредниот период таа ќе биде пониска од три отсто. На среден рок ќе се вратиме на ниво од два процента, вели Славески.
„Нашите очекувања се дека трендот на намалување на стапката на инфлација ќе продолжи. Секако, тоа не зависи само од инструментите на Народната банка, туку и од фисклната политика која, сега засега на некој начин е во рамки на стабилизирање на инфалцијата. Очекуваме и посакуваме во наредниот период стапка на инфлација пониска од три отсто, а на среден рок во период од две години да се вратиме на историските нивоа што ги имавме односно на стапка на инфлација од околу два проценти како во еврозоната, изјави денеска гувернерот Трајко Славески.
Државниот завод за статистика измери дека стапката на инфлација во август бележи месечна промена од минимални 0,2 проценти, а зголемувањето на годишно ниво е 4,4 проценти.
Инфлацијата во Северна Македонија останува на релативно високо ниво.
Претходно Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк соопшти дека во вториот квартал од 2025, инфлацијата благо забави на 3.8 проценти на годишна основа (од 4.2 проценти), но, истакнува Институтот, и понатаму остана висока. Опстојувањето е сé повеќесврзано со ефектите од порастот на реалните доходи врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4.9 проценти). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.
Според институтот динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат глабалните неизвесности, а на домашната сцена основен ризик е упорната инфлација.
Уставниот суд на Република Српска ќе одлучи за референдумот на Додик во текот на следниот месец

Советот за заштита на виталните интереси на Уставниот суд на Република Српска на својата седница на 15 септември одлучи дека барањето на Клубот на бошњачките народни делегати во Советот на народите на Република Српска, кое се однесува на утврдување на повреда на витален национален интерес во врска со измените на Законот за референдум и граѓанска иницијатива е прифатливо.
Механизмот за заштита на виталниот национален интерес им дава можност на бошњачките, хрватските и српските пратенички групи да прогласат одредени парламентарни одлуки за „штетни“ за народот што го претставуваат и да го спречат нивното донесување.
Според Уставот на Република Српска, Советот одлучува дали барањето е прифатливо и дека за него ќе расправа Уставниот суд на Република Српска. После тоа, Уставниот суд има еден месец да донесе одлука.
„Советот заклучи дека барањето е прифатливо и дека ќе донесе одлука за него во текот на следниот месец“, се наведува во соопштението за медиумите.
Доколку Уставниот суд на Република Српска утврди дека е нарушен виталниот национален интерес на Бошњаците, законот се враќа кај предлагачот за да покрене нова постапка.
Што претходело на одлуката?
На 29 август, Бошњачкиот клуб во Советот покрена постапка за заштита на националниот интерес поради планираниот референдум во овој ентитет на БиХ.
Исто така, за овој клуб се контроверзни и измените на Законот за референдум на РС, кои предвидуваат дека референдум може да спроведе ад хок комисија назначена од парламентот на ентитетот.
Потоа, Советот на народите на Република Српска не го прифати ветото на Бошњачкиот клуб.
Конечната одлука потоа ќе ја донесе Уставниот суд на РС.
На 22 август, Собранието на Република Српска (НСРС) донесе неуставна одлука за одржување референдум на кој граѓаните на тој ентитет треба да го искажат своето мислење за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ со која му беше одземен мандатот како претседател на РС.
Референдумот ќе се одржи, како што е усвоен, на 25 октомври оваа година. Одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина, кој не предвидува можност субјектите самостојно да распишуваат референдуми за одлуки на државните институции.
Краткотраен притвор за четворицата приведени за пожарот во Трубарево

Четворицата приведени за поврзаност со пожарот во фабриката во скопското село Трубарево добија краткотраен притвор од 48 часа.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје за определување краткотраен притвор за 4 лица, кои доцна синоќа беа спроведени во судот, а кои се поврзани со пожарот кој на 13.09.2025 година се случи во Трубарево – Скопје, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на: В.М., З.С., М.Д. и Л.Д. им определи мерка притвор во траење од 48 часа“, соопшти денеска (15 септември)Основниот кривичен суд Скопје.
Поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 4 лица за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази.
Во големиот пожар гореше oпасен отпад од литиумски батерии, електронски и електричен отпаден материјал во рециклажниот центар „Ф групација“.
„Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува потенцијална одговорност и на други лица“, соопштија претходно од Обвинителството.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) синоќа информираа дека од опожарениот простор во Трубарево има слабо чадење од само неколку места кои веќе се затрупани и додадоа дека се фрла специјална пена врз песочната покривка за целосно сопирање на чадењето.
Четири лица беа повредени во пожарот во Трубарево, а на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на селото која живее во непосредна близина на пожарот и која имала вртоглавица и кашлица. Повредени се и еден полицаец, припадник на АРМ и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамд Али, но тие биле амбулантски прегледани и се пуштени на домашно лекување.
Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес.
САД се „многу блиску“ до договор за ТикТок со Кина, најави американскиот министер за финансии

Соединетите Држави се „многу блиску“ до договор со Кина за решавање на нивниот спор околу ТикТок, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент во понеделник (15 септември), откако двете страни ги продолжија трговските разговори во Мадрид.
Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг ја отворија последната рунда разговори во Мадрид во недела, обидувајќи се да ги намалат разликите во трговијата и технологијата што ги затегнаа односите меѓу двете најголеми економии во светот.
Се очекува состаноците да продолжат до среда - рокот до кога ТикТок треба да најде купувач или да се соочи со забрана.
„Во врска со самиот договор за ТикТок, многу сме блиску до решавање на проблемот“, им рече Бесент на новинарите по пристигнувањето во шпанското Министерство за надворешни работи за втор ден разговори.
„Ако не постигнеме договор за ТикТок, тоа нема да влијае на целокупниот однос меѓу двете земји. Сè уште е многу добар на највисоко ниво“, додаде тој.
ТикТок е во сопственост на интернет компанијата ByteDance со седиште во Кина.
Федерален закон со кој се бара продажба или забрана на ТикТок од причини поврзани со националната безбедност требаше да стапи на сила еден ден пред инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 20 јануари.
Но, републиканецот, чија изборна кампања во 2024 година во голема мера се потпираше на социјалните медиуми и кој изјави дека е љубител на ТикТок, ја стави забраната на пауза, потсетува АФП.
Во средината на јуни, Трамп го продолжи рокот за популарната апликација за споделување видеа за уште 90 дена да најде купувач кој не е од Кина или ќе биде забранета во Соединетите Држави. Ова продолжување треба да истече во среда.
Иако Трамп долго време поддржуваше забрана или одземање на инвестиции, тој го смени својот став и вети дека ќе ја брани платформата, откако поверува дека таа му помогнала да ја добие поддршката на младите гласачи на ноемвриските избори.
Министерството за трговија на Пекинг во петокот го повика Вашингтон да „соработува со Кина врз основа на меѓусебно почитување и еднакви консултации, за да ги реши меѓусебните загрижености преку дијалог и да најде решение за проблемот“.
Разговорите во Мадрид, исто така, ја опфаќаат заканата на Трамп за високи царини за кинескиот увоз.
Трговските тензии нагло ескалираа претходно оваа година, при што царините достигнаа троцифрени бројки и ги заглавија синџирите на снабдување.
Двете влади подоцна се согласија да ги намалат своите казнени царини, при што САД воведоа давачки од 30 проценти за увоз на кинески стоки, а Кина ги погоди американските производи со давачка од 10 проценти. Привременото примирје истекува во ноември.
Трговското примирје меѓу САД и Кина беше нелагодно, при што Вашингтон го обвини Пекинг за кршење на нивниот договор и бавно одење на одобренијата за извоз на ретки земни елементи.
Кина е водечки светски производител на ретки земни елементи, кои се користат за производство на магнети неопходни за автомобилската, електронската и одбранбената индустрија.
Велика Британија и САД ќе потпишат договор за забрзување на проектите за нуклеарна енергија

Велика Британија и САД ќе потпишат договор за забрзување на развојот на нови нуклеарни проекти, соопшти британската влада во понеделник (15 септември) за време на државната посета на американскиот претседател Доналд Трамп.
Партнерството ветува побрзо регулаторно одобрување и неколку нови договори за инвестиции во приватниот сектор за нуклеарни проекти, додека Велика Британија се стреми да ги исполни целите за нулта емисија и енергетска безбедност.
Објавата доаѓа откако Трамп пристигна во Велика Британија доцна во вторникот за историска втора државна посета, откако беше домаќин на кралицата Елизабета Втора во 2019 година за време на неговиот прв мандат.
Според договорот, Велика Британија и САД ќе ги користат меѓусебните проценки за безбедност за нови дизајни на реактори, потег за кој се очекува да го скрати времето за добивање лиценца за нуклеарен проект на две години, од три на четири години.
Премиерот Кир Стармер рече дека партнерството ја става Велика Британија „на пат кон златно доба на нуклеарната енергија“.
Велика Британија се префокусираше на зајакнување на нуклеарната енергија од почетокот на војната во Украина, во име на енергетската безбедност и соочена со флота од стари електрани.
Велика Британија соопшти дека партнерството се согласува да „ги елиминира сите последни зависности од рускиот нуклеарен материјал до крајот на 2028 година - дополнително истиснувајќи го рускиот претседател Владимир Путин од енергетскиот пазар“.
Во понеделник беа објавени и неколку комерцијални договори, вклучително и помеѓу американската фирма X-energy и сопственикот на British Gas, Centrica, за изградба на до 12 напредни модуларни реактори во Хартлпул, североисточна Англија.
Американската фирма Holtec, француската EDF и британската фирма Tritax се подготвени да развијат центри за податоци напојувани од мали модуларни реактори.
SMR имаат за цел намалување на трошоците и сложеноста на изградбата на нуклеарни централи.
Партнерството, исто така, вклучува засилена соработка меѓу двете земји за експериментални програми за нуклеарна фузија, технологија насочена кон обезбедување електрична енергија без емисии без нуклеарен отпад.
Во јуни, Велика Британија вети милијарди фунти инвестиции за да го оживее својот сектор за нуклеарна енергија, вклучително и во новата нуклеарна централа Sizewell C.
Пезешкијан ги повика муслиманските земји да ги прекинат врските со Израел

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги повика муслиманските земји да ги прекинат врските со Израел.
Пезешкијан ги даде овие забелешки пред самитот планиран во Доха како одговор на нападот на Израел минатата недела врз претставници на палестинското движење Хамас во главниот град на Катар.
„Можно е муслиманските земји да ги прекинат врските со овој фиктивен режим (израелски) и да го зачуваат своето единство и кохезија колку што е можно повеќе“, рече Пезешкијан пред да замине за Катар.
Иранскиот претседател изрази надеж дека самитот ќе „донесе одлука“ за мерките што треба да се преземат против Израел.
Израел во вторник (9 септември) ги нападна лидерите на Хамас во Катар, проширувајќи ја својата воена акција на Блискиот Исток до оваа арапска држава каде што палестинската група, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, долго време има своја политичка база.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека наредил напади врз лидерите на Хамас во Доха, ден по смртоносните напади во Ерусалим за кои одговорноста ја презеде палестинската милитантна група.
Катар, кој заедно со Египет дејствува како посредник во разговорите за прекин на огнот во речиси двегодишната војна во Појасот Газа, го осуди нападот како „кукавички“ и како флагрантно кршење на меѓународното право.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете