Достапни линкови

Мемов: ПИОМ не бара зголемување на старосната граница за пензија


Мемов: Исплатата на пензии ќе биде редовна
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:36 0:00

Мемов: Исплатата не пензии ќе биде редовна

Линеарното зголемување е за усогласување со животниот стандард, вели директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој смета дека тоа е исправно бидејќи цените подеднакво се покачени за сите. Мемов вели дека исплатата на пензиите ќе биде редовна и уверува дека не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање. Како портпарол на ЗНАМ одговара и дали ќе има смена не некој од двајцата министри што ги има партијата во Владата.

Господине Мемов, линеарното зголемување на пензиите е пред Уставниот суд. Какво е вашето лично мислење за линеарното зголемување? Дали е во ред?

Има две иницијативи од граѓани доставено до Уставниот суд и ќе видиме сега. Одлуката е пред донесување, односно трае јавната расправа околу ова значајно прашање во општеството. Сакам да истакнам дека измената на Законот за пензиско инвалидско осигурување беше донесена минатата година,на барање на пензионерите се донесе оваа одлука усогласувањето на пензиите со швајцарскиот модел – процентуално се замени со линеарно зголемување на пензиите односно линеарно усогласување на пензиите на сите 345.000 пензионери.

Треба да се истакне, и граѓаните треба да знаат дека ова усогласување се прави заради намалување на животните трошоци, односно усогласување на животните трошоци и животниот стандард со покачувањето на ценовните на шокови во општеството и заради зголемување на платите во општиот сектор. Зголемувањето на пензиите значи зголемување на животниот стандард на пензионери.

Контрааргументите за линеарното зголемување се дека, не секој пензионер има ист работен стаж и дека не придонел исто во Фондот.

Аргументите што јас ги давам како директор на оваа институција, и тие се мои лични аргументи и ставови, се дека разликите за тоа кој колку уплаќал во Фондот по основ на придонеси за пензиско-инвалидско осигурување завршуваат со моментот за изготвување на решението за пензија. Тоа значи дека вие како осигуреник во текот на работниот век сте уплаќале одредена сума на средства преку придонесите за пензиско и вие имате повеќе уплатено средства. Јас како осигуреник имам помалку уплаќано средства во својот работен век. На денот на пресметка, разликите во пензијата се што вие имате Х-вредност поголема пензија од мене. И тука завршуваат сите тие разлики околу уплатата на придонесите и кој колку придонел во буџетот на Фондот за ПИОМ.

Од друга страна, ублажувањето односно ценовните шокови, инфлација и така натаму подеднакво влијаат на сите граѓани во државата. Лебот, млекото, јајцата и останатите производи подеднакво се поскапени или услугите и за вас и за мене.

Нели е тогаш на пример подобро решение да се даде поголемо покачување на најниските пензии, додека за останатите покачувањето да си биде ист процент.

Видете, барањето на сите релевантни здруженија на пензионери, вклучувајќи го и најголемото здружение, тоа е Сојузот на здруженија на пензионери во Република Македонија, беа во насока на линеарно зголемување на пензиите и Владата тоа го испочитува. На крајот на краиштата, ние како Фонд за пензиско инвалидско осигурување не ги носиме политиките во оваа сфера. Ние сме инструмент за имплементација на политиките што ги усвојува Владата преку Собранието. Владата е таа којашто ги носи овие законски решенија.

Зошто пензионерите во странство не добија линеарно покачување?

Аргументацијата за тоа покачување, односно за непокачување на пензиите на македонски граѓани коишто пензиите ги примаат во странство се следниве: тие се околу 10.000 пензионери коишто живеат низ светот и пензијата ја примаат во странски банки, односно во странски држави. Аргументацијата во Собранието беше дека тие не ги чувствуваат ценовните шокови и инфлацијата во Македонија.

Сепак беше утврдена дискриминација од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Одлуките за тоа дали е или не е, ќе си ги донесе Уставниот суд и јас како директор на институцијата Фонд за пензиско и инвалидско не сакам да ги да ги коментирам. Значи одлуките на Уставниот суд ќе бидат конечни и владата ќе биде задолжена со одлуката на судот дали дали и на кој начин ќе постапи.

Кога ќе биде следното покачување на пензиите?

Согласно измените на законот донесени оваа година, во март месец пензионерите ќе добијат линеарно покачување од 1000 денари, додека а во септември планирано е веќе да си важат старите одредби од Законот за пензиско каде што останува одредбата за процентуално усогласување на пензиите согласно швајцарскиот модел.

Каква е финансиската ситуација на Пензискиот фонд?

Слободно можам да кажам пензионерите може да бидат спокојни дека исплата на пензии секако дека ќе биде редовна и ние ги исплаќаме пензиите редовно на први во месецот.

Во буџетот за 2026 година предвидени се околу 117 милијарди денари за исплата на пензии. Меѓутоа, предвидено е и исплата на здравственото осигурување на пензионерите, исто така и транзициските, практично трошоци кон пензиските друштва во вториот столб. За таа цел, за да биде системот заокружен и одржлив, Владата ќе обезбеди околу 62 милијарди денари, тоа е околу 1 милијарда евра, трансфери кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за обезбедување навреме исплата на пензиите, на здравственото осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон вториот столб.

Оваа година, ако не се лажам, трансферите беа проектирани на околу 820,000 евра. Ете кажувате околу една милијарда евра за следната година. Ваквата дупка што ја пополнува владата расте. Колку е тоа одржливо на долг рок?

Да ве коригирам, трансферите што беа планирани за 2025 година се 53 милијарди денари или 862 милиони евра. Од тие 862 милиони евра, дел се користат за исплата на пензии коишто недостасуваат од изворните приходи што ги остварува фондот, дел се користи за транзициски трошоци кон пензиските друштва во вториот столб и дел се користат за здравствено осигурување на пензионерите каде што уплатите ги правиме во Фондот за здравствено осигурување. За следната година, се обезбедени скоро 62 милијарди денари или една милијарда евра и од тие практично, планираните приходи што се за по основ на придонеси за пензиско осигурување се 87 милијарди денари а исплатата на пензиите е планирана на околу 117 милијарди денари. Значи од овие 62 милијарди, 30 милијарди денари се за покривање на трошоците за исплата на пензии. Останатите се за здравствено осигурување и за транзициски трошоци во пензиските друштва од вториот столб.

Како податок што е битен за граѓаните, значи од септември месец 2024 година кога беше донесена одлуката за покачување на пензиите – два пати по 2.500 денари и од оваа година за усогласувањето да биде линеарно по 1000 денари, зголемувањето на пензиите за овие пет квартали е околу 29,86%. Овие се реални бројки затоа што исплатата на месечната пензија на 1 септември 2024 беше околу 7,2 милијарди денари, а во понеделник ќе ги исплатиме пензиите за октомври кои се 9,35 милијарди денари. Вкупното покачување за 345.000 пензионери е 29,86%.

За следната година во март покачувањето ќе биде за уште 1000 денари. Практично исплатата на пензиите ќе биде околу 9,7 милијарди денари и вкупното зголемување за шест квартали ќе биде 34,72%. Ова зборува дека вкупното покачување во апсолутна сума на пари е околу 30 милијарди денари. Владата преку трансферите го субвенционира ова покачување на пензиите од 30 милијарди денари или тоа е околу половина милијарда евра повеќе средства наменети за пензионерите.

Што е потребно за фондот да се намали дупката што ја пополнува Владата во недостатокот на пари?

Кога зборуваме за финансиска стабилизација на фондот треба да се има предвид големата слика. Пензискиот столб, односно пензискиот систем е еден од петте столбови во државата ако земеме предвид дека основни столбови за функционирање на државата се политичкиот систем, економскиот, пензискиот, здравствениот и безбедносниот систем. Еден од овие клучни столбови во државата е пензискиот којшто опфаќа скоро две третини од населението и скоро една половина од вкупните приходи во буџетот за следната година. Стабилизацијата на фондот значи стабилизација на целиот систем во државата. Основниот параметар е отворање на нови работни места и зголемување на економскиот раст.

Исто така ние како менаџмент на Фондот за пензиско даваме мерки и предлози до Министерството и до Владата како и на кој начин да се обезбедат пасивни извори на финансирање на Фондот. Ова значи дека пензиските друштва во вториот столб имаат можност да ги инвестираат акумулираните средства на сите осигуреници коишто во моментот се на ниво околу 3 милијарди евра. Осигурениците, преку 650.000 во Македонија на своите лични сметки во пензиските друштва имаат околу 3 милијарди евра и пензиските друштва се тие коишто имаат можност да инвестираат на домашната берза, на странски берзи, преку државни обврзници за да можат да ги оплодуваат овие средства.

Дали можеби една од мерките е и зголемување на старосната граница за пензионирање?

Овие се стандардни барања коишто доаѓаат континуирано од Светска банка, од ММФ итн., од странските институции.

Вие како ПИОМ имате таков предлог до Владата?

Не. Значи Владата се изјасни по основ на ова прашање и по основ на предлогот од фискалниот совет минатата година дека не го прифаќа тој модел на покачување на старосната граница и зголемување на стапката на придонес за 0,6% во наредните неколку години. И тие мерки не се составен дел од фискалната стратегија на Владата 2025-2029 година.

Дали досега имате детектирано злоупотреба на правото на пензија?

Во минатото ова прашање беше многу актуелно, посебно со инвалидските пензии и мислам дека имаше и судски процеси и судски завршници итн. Овој период додека сум јас на оваа позиција, од септември минатата година, ние ги зајакнавме прво капацитетите на комисиите за инвалидски пензии. Таму сега се ангажирани сега плус пет доктори по договор на дело, доктори специјалисти коишто ги работат овие предмети и на моја и на среќа на сите осигуреници во државата веќе нема застој на тие предмети, тековно се решаваат сите барања за инвалидски пензии, за скратено работно време итн. Така што, во овој период немаме детектирани никакви жалби, поплаки по основ на вакви девијантни појави.

Што ќе значи за Фондот можноста пензионерите да се ангажираат работно од Нова година?

Ова е исто така интересен предлог којшто ние веќе го поминавме и го дадовме до Министерството за социјална политика, како мерка ја усвоивме и на Управниот одбор. Веќе тие предлози се дадени во Министерството. Има повеќе краткорочни, среднорочни мерки, тие се околу 14-15. Мерката за дополнителна работа на пензионерите претежно ние ја разбираме како мерка во приватниот сектор. Работодавците се подготвени да ги ангажираат стручните лица коишто се дефицитарен кадар во областа и да плаќаат придонеси за нив. Меѓутоа, едновремено пензионерите ќе си го остварат правото на пензија, такви се размислувањата – да си го остварат правото на пензија и нивниот работен ангажман да нема реперкусии врз висината на пензија што веќе ја оствариле согласно Законот за пензиско.

Вие сте и портпарол на партијата ЗНАМ, актуелна е реконструкцијата на Владата, дали ќе бидат сменети некои од вашите министри – во Министерството за правда или во Министерството за јавна администрација?

Апсолутно ние сме задоволни од работата на нашите министри за јавна администрација и министерот за правда. Исто така, ЗНАМ во Владата партиципира со двајца заменици министри – тоа се во Министерството за енергетика и во Министерството за дигитална трансформација. Застапени сме исто така со двајца државни секретари во Министерството за земјоделие и во Министерството за внатрешни работи. Апсолутно немаме никакви никаква забелешка на работата на сите наши јавни функционери. Оттаму не очекуваме никакви промени на позициите што ги има ЗНАМ во Владата.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG