Вести
Трамп: Сите трговски преговори со Канада се прекинати
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави во четвртокот дека сите трговски преговори со Канада се прекинати поради, како што наведе, лажен оглас во кој поранешниот претседател Роналд Реган негативно зборува за царините.
„Врз основа на нивното невидено однесување, сите трговски преговори со Канада со ова се прекинуваат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Канадската покраина Онтарио вложи 75 милиони долари во емитување нови реклами против царините во САД, наменети првенствено за републиканските гласачи.
Рекламата користи аудио-снимка од обраќање на поранешниот американски претседател Роналд Реган од 1987 година, во кое тој зборува дека царините на долг рок не функционираат и предизвикуваат губење на работни места и трговски војни.
Емитувањето опфаќа телевизиски станици како Fox News, Fox Sports, NBC, CBS, CNBC, ESPN и ABC, пишува Ројтерс.
Премиерот на Онтарио, Даг Форд, изјави порано оваа недела дека рекламниот оглас со пораки против царините го привлекол вниманието на Трамп.
„Чув дека претседателот ја видел нашата реклама. Сигурен сум дека не беше премногу среќен“, рече Форд во вторникот.
Во врска со овој случај се огласи и претседателската фондација на Роналд Реган, порачувајќи дека рекламата на владата на Онтарио „селективно користи аудио и видео“ материјали од Реган и дека фондацијата ги разгледува своите правни можности.
„Рекламата погрешно го претставува претседателското радио-обраќање, а владата на Онтарио ниту побарала, ниту добила дозвола за негово користење и уредување“, се наведува во соопштението на фондацијата објавено во четвртокот.
Како што наведува Ројтерс, Трамп ги користел царините како средство за притисок врз многу земји ширум светот.
Неговата „трговски војна“ ги зголеми американските царини на највисоко ниво од 1930-тите години, а тој редовно се закануваше со дополнителни царини, предизвикувајќи загриженост меѓу компаниите и економистите.
Канадскиот премиер Марк Карни им изјави на новинарите во четвртокот дека Канада нема да дозволи неправеден пристап на САД до своите пазари, доколку преговорите за различни трговски договори со Вашингтон пропаднат.
Трамп претходно оваа година воведе царини на канадскиот челик, алуминиум и автомобили, што ја поттикна Отава да одговори со иста мерка.
Двете страни веќе со недели преговараат за потенцијален договор за секторите на челик и алуминиум.
Следната година, САД, Канада и Мексико треба да го ревидираат својот континентален договор за слободна трговија од 2020 година, потсетува Ројтерс.
Мерсие - Локалните избори беа конкурентни со почитување на основните слободи
Европската Унија го поздравува тоа што локалните избори во Северна Македонија беа конкурентни и што основните слободи беа во голема мера почитувани, иако тие се одржаа во високо поларизиран политички амбиент и со некои процедурални недостатоци, изјави за МИА портпаролот на Европската комисија за проширување Гијом Мерсие.
„ЕУ ги нотира прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународната набљудувачка мисија на локалните избори во Северна Македонија на 19 октомври 2025 година“, рече Мерсие.
Според него, ЕУ ја охрабруваме земјата да ги адресира сите препораки на Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР), вклучително и за измена на Изборниот законик
Русија предаде илјада тела на украински војници, соопшти Киев
Русија во четвртокот ѝ предаде на Украина 1.000 тела, за кои вели дека се убиени украински војници, соопшти украинската администрација задолжена за воени затвореници.
„Денес беа спроведени операции за репатријација и се однесуваат на 1.000 тела“, соопшти администрацијата на Телеграм, поздравувајќи ја помошта од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, објави Агенцијата Франс прес.
Сега форензичките патолози и истражителите треба да спроведат идентификација на останките, под раководство на украинските судски власти. Украина веќе објави кон средината на септември дека презела над илјада тела на загинати борци, како што направи во јули и август.
Дополнително, Москва и Киев разменија 185 воени затвореници од секоја страна на почетокот на октомври.
Размената на тела на загинати војници и воени затвореници е единствениот резултат од преговорите меѓу двете завојувани страни повеќе од три и пол години по почетокот на руската инвазија на Украина.
Во февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за американска телевизиска станица дека неговата земја веќе изгубила 46.000 војници, додека „десетици илјади“ други се водат како исчезнати или се држат во непријателски затвори.
Би-Би-Си и независниот медиум „Меидазона“, кои се потпираат на слободно достапни податоци, тврдат дека регистрирале повеќе од 135.000 руски војници убиени во три и пол години војна, проценувајќи дека реалниот број е веројатно поголем, потсетува АФП.
Двајца украински новинари убиени во руски напад со дрон во источна Украина
Двајца новинари од украинската телевизија „Слобода“ беа убиени, а еден ранет во руски напад со беспилотно летало во Краматорск, источна Украина, објави Агенцијта Франс Прес.
Алена Грамова и Евгениј Кармазин беа убиени додека се во својот автомобил на бензинска пумпа. Гувернерот на регионот Донецк објави слики од изгорениот автомобил на новинарите.
Трет новинар, Александар Колишчев, беше ранет и хоспитализиран.
Краматорск, дом на околу 150.000 луѓе пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, се наоѓа на околу 20 км од линијата на фронтот.
Тоа е еден од последните градови во регионот Донецк под украинска контрола.
Мицкоски: Духот на ВМРО го чувал македонскиот идентитет во најтемните времиња
Секој народ се изроди низ борба, откажувања, безброј жртви и силна вера и копнеж за својата слобода. Нашиот, иако по бројност мал, веројатно ја има најживописната борба за слобода, која нè учи дека нема невозможни работи и дека борбата за слобода е еден трнлив пат, испишан со крв и страдања, една голема и долга низа на востанија, на човечки приказни за храброст, за мудрост, но и на предавства, завери, меѓусебни и надворешни борби, рече во обраќање премиерот Христијан Мицкоски, на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба - 23 Октомври.
„На денешен ден се роди организацијата што потоа ги одбележа сите буни и востанија, која чекореше паралелно со Македонија низ нејзиното создавање. И тој сон за слобода, таа мајка на борбата на нашиот народ – ВМРО – му припаѓа на секој еден кој ја сака и почитува нашата борба, во чие срце пламти зборот Македонија. На 23 октомври 1893 година се создаде Внатрешната македонска револуционерна организација – идеја што ја надживеа својата епоха, луѓето и сите граници“, истакна Мицкоски.
Тој кажа дека од таа скромна соба, со само неколку раце и многу срца, започна големата приказна за македонската борба и, како што рече, тие млади револуционери не беа генерали, не беа владетели, туку обични луѓе кои одбраа нешто повисоко од животот – да ѝ дадат иднина на татковината.
Мицкоски посочи дека секојпат кога пред државата стоеле темни времиња, кога се чинело дека Македонија ќе биде избришана, токму духот на ВМРО го чувал името, верата и достоинството на овој народ.
Мицкоски посочи дека во денешно време државата се соочува со поинакви предизвици, но со подеднакво значење за иднината.
„Како премиер на државата, свесен сум за секој еден од нив, и покрај сите нив, еден од најважните е битката за стандардот и подобриот живот. Тоа е она што го бара и што му е потребно на народот. И битката за Европската Унија треба да се гледа низ поривот за подобар живот и стандарди, и затоа таа наша цел, и покрај сите удари и пречки, остана патот што сакаме да го изодиме. И овој пат е наше природно право, и иако многу пати откажувањата што ги направивме не беа фер, народот со разочарување и со кнедла во грлото ги прифаќаше. Не е едно, не се две, туку тоа полека станува непринципиелен начин на однесување, подвлече премиерот во своето обраќање на свечената академија „Од идеја до држава“ по повод Денот на македонската револуционерна борба - 23 Октомври.
Независниот кандидат Милосим Војнески се повлече од трката за градоначалник на Македонски Брод
Независниот кандидат за градоначалник за општина Македонски Брод, Милосим Војнески објави на Фејсбук дека се повлекува од изборната трка во вториот круг, притоа потенцирајќи дека време за обединување и ставање крај на поделбите.
@По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес#, напиша Војнески на Фејсбук.
Според него, најдобрата одлука во интерес на неговите сограѓани е да се повлече од оваа изборна трка.
„Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент. Секогаш ќе бидам достапен за граѓаните и ќе се обидам да помогнам колку што можам. Вашата поддршка никогаш нема да биде заборавена“, пишува Војнески на Фејсбук.
Во првиот круг на локалните избори одржан на 19 октомври, Ристески освои 1.539 гласови, односно 44,49 отсто, а зад него беше независниот кандидат Милосим Војнески со 705 гласа или 20,38 насто. На третото место заврши кандидатот на СДСМ, Ивица Стојкоски, кој освои 702 гласа.
Пад на поддршката на НАТО во Црна Гора, покажува истражување
Поддршката на граѓаните за членството на Црна Гора во НАТО е намалена за речиси девет насто во споредба со март минатата година, додека бројот на противници е зголемен за над 11 насто во истиот период - ова се резултатите од анкетата на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ) во Црна Гора спроведена во септември.
За Атлантскиот сојуз на Црна Гора, ова е потврда дека проруските и антиНАТО елементи сè уште дејствуваат во институциите и политичките структури.
„Нивните активности се насочени кон ширење сомнеж, ослабување на довербата на граѓаните и релативизирање на стратешките цели на државата“, изјавија тие за Радио Слободна Европа.
Кога беше замолен од РСЕ да коментира за овие податоци, функционер на НАТО изјави дека Црна Гора се соочува со „постојани хибридни закани од руски и странски актери“, нагласувајќи дека Алијансата ја цени континуираната соработка со неа.
Кога беше запрашан конкретно за причините за падот на поддршката во најновата анкета, функционерот го упати РСЕ до црногорските власти.
Сепак, РСЕ не доби коментар од Министерството за одбрана.
Поранешниот началник на Генералштабот на Војската на Црна Гора, Драган Самарџиќ, смета дека падот на поддршката за членство е последица на сложена комбинација од глобални влијанија, внатрешна поларизација и комуникациски слабости на државните институции.
Црна Гора стана членка на Алијансата во јуни 2017 година, за време на владата на Демократската партија на социјалистите, која ја загуби власта во средината на 2020 година.
Некои од партиите што се на власт оттогаш, главно од проруските партии на Демократскиот фронт, се противници на НАТО.
Нивниот лидер Андрија Мандиќ е претседател на Собранието на Црна Гора.
Анкетата на ЦЕДЕМ, спроведена во септември, покажа дека членството на Црна Гора во НАТО е поддржано од 40,7 насто од испитаниците, што е помалку отколку во март 2024 година, кога таа поддршка изнесуваше 49,5 насто.
Процентот на противници сега е 42,1 насто, додека во март минатата година изнесуваше 30,7 проценти.
ЦЕДЕМ го истражува јавното мислење за членството од 2008 година.
Претходните истражувања покажаа дека испитаниците постојано го поддржуваа членството на Црна Гора во НАТО со мнозинство од средината на 2020 година до март 2024 година.
Рубио: Плановите на Израел за анексија на Западниот Брег го загрозуваат прекинот на огнот во Газа
Американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека одобрувањето од страна на израелскиот парламент на закон за проширување на израелскиот суверенитет на Западниот Брег, потег што е еднаков на анексирање на територија што Палестинците ја сакаат за своја држава, би можело да го „загрози“ прекинот на огнот во Појасот Газа.
„Мислам дека претседателот (Доналд Трамп) јасно стави до знаење дека ова е нешто што не можеме да го поддржиме во овој момент“, им рече Рубио на новинарите пред неговото патување во Израел, каде што се очекува во четврток, додавајќи дека тоа би го „загрозило“ прекинот на огнот и би било „контрапродуктивно“, пренесува Агенцијата Франс прес.
Израелскиот парламент, Кнесетот, гласаше во среда за разгледување на два закона насочени кон проширување на израелскиот суверенитет на окупираниот Западен Брег за време на посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Трамп, сојузник на Израел во неговата војна против палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, се спротивставува на каква било израелска анексија на Западниот Брег, што е поддржано од крајната десница на Израел.
Израелските пратеници усвоија два закона во прелиминарно читање, дозволувајќи им да бидат разгледани во прво читање.
Во август, Израел одобри клучен проект за изградба на 3.400 станбени единици на Западниот Брег, што беше осудено од ОН и неколку шефови на држави.
„Ова е демократија, тие ќе гласаат“, рече Рубио. „Сепак, во овој момент, тоа е нешто што сметаме дека би било контрапродуктивно“, додаде тој.
Запрашан за зголемувањето на насилството од страна на екстремистичките израелски доселеници против Палестинците на Западниот Брег, Рубио рече: „Загрижени сме за сè што се заканува да ги дестабилизира плодовите на нашите напори“.
Рубио патува во Израел веднаш по потпретседателот Венс, кој изрази оптимизам во врска со одржувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
„Ќе има закани секој ден, но мислам дека сме и побрзи од планираното во однос на имплементацијата, а фактот дека го преживеавме овој викенд е добар знак“, рече Венс.
МВР уапси 11 лихвари, еден е во бегство - барале и над 15 насто месечна камата за задоцнето плаќање
Министерството за внатршни работи соопшти дека се уапсени 11 лица осомничени за лихварство и перење пари вкупно над 125 милиони денари (околу 2 милиони евра), додека по уште едно лице се трага.
Кривичната пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е поднесена против 12 лица, меѓу кои и 35-годишниот Б.К. кој моментно е недостапен за органите.
Деветмина се осомничени како соизвршители или помагачи во лихварството и перењето пари. Тројца други се осомничени само за перење пари и други приноси од казниво дело.
Како што соопшти МВР, криминалната група активно работела од почетокот на 2022 година до денес, искористувајќи ја лошата финансиска состојба на оштетените. Групата позајмувала пари со драконски услови - камата изнесувала од 5 до 15 отсто месечно, со дополнителни зголемувања за секое задоцнување.
„Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица“, се наведува во сопштението.
Од МВР објаснуваат дека профитот од лихварството потоа се перел низ легалните финансиски текови. Дел од парите завршувале на сметки на правни и физички лица за да се создаде привид за легално потекло, дел се трошеле за лични потреби и луксузен живот, додека со преостанатите средства групата купувала недвижен и движен имот. Значаен дел од парите биле извадени во готовина.
Од викендов започнува зимското сметање на времето – стрелките се враќаат еден час наназад
Летното сметање на времето завршува в недела, на 26 октомври 2025 година, а почнува зимското сметање.
Ноќта, саботата спрема неделата, на 25 и 26 октомври, во 03:00 по полноќ, стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, односно времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот.
Зимското сметање на времето секогаш започнува последниот викенд од октомври. Бидејќи секоја година календарот паѓа различно, така се менува и точниот датум.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете