Достапни линкови

Вести

Право на глас на локалните избори имаат 1,83 милиони граѓани

Локални избори во Северна Македонија. (фотоархива).
Локални избори во Северна Македонија. (фотоархива).

На локалните избори во Северна Македонија, што треба да се одржат во октомври, право на глас ќе имаат 1.832.415 граѓани, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) откако денеска беше заклучен избирачкиот список.

Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112.000 кои се на привремена работа или со престој во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 избирачки од домовите за стари лица.

Локални избори ќе се одржат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје. Вкупно ќе има 3.480 избирачки места.

На локалните избори ќе се гласа на 3.480 избирачки места.

Бројот на набљудувачи, пак, сè уште не е заклучен. Досега до ДИК се поднесени четири барања за набљудување и тоа од Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, од Амбасадата на Република Словачка во земјава, Централната изборна комисија на Украина и Здружението Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико – Скопје.

На изборите за сите градоначалнички места вкупно има 303 кандидати за градоначалници, а ќе се бираат и нови советници.

Кампањата официјално ќе започне во понеделник, 29 септември.

Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 19 октомври, додека вториот ќе биде две недели подоцна, на 2 ноември.

Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Зголемена претпазливост на данско-германската граница по инцидентите со дроновите

илустрација
илустрација

Данската полиција ја зголемува внимателноста во пограничниот регион со Германија, најавија од оваа земја-членка на НАТО.

„Особено сме внимателни на данско-германската граница во Јужен Јитланд во врска со можниот транспорт на дронови преку границата“, напишаа полициските сили за Јужен Јитланд на X.

Данска деновиве се соочи со тревоги за дронови. Прелетувањето на неколку поголеми дронови доведе до целосно затворање на аеродромот во Копенхаген во текот на неколку часа во вторник. Две вечери подоцна, дронови повторно се појавија над различни аеродроми во западна Данска, што доведе до затворање на воздушниот простор на аеродромот Алборг.

Засега останува нејасно кој стои зад инцидентите.

Властите веруваат дека професионален актер со потребните капацитети се обидува да предизвика немири во земјата-членка на НАТО. Постојат сомневања дека дроновите можеби биле контролирани од брод.

Владата сугерира дека се работи за „хибриден напад“. Премиерката Мете Фредериксен, повикувајќи се на разузнавачките служби, изјави дека нема непосредна воена закана за Данска.

„Но, она што го доживуваме во Данска овие денови е, според мене, хибридна војна“.

Таа даде слична изјава во видео обраќање до данскиот народ, шпекулирајќи за тоа кој стои зад инцидентите.

„Пред сè, постои една земја што претставува закана за безбедноста на Европа, а тоа е Русија“, рече Фредериксен.

Инцидентите беа дел од шема што се забележува и во други земји, изјави Фредериксен за националното радио, алудирајќи на сличните ситуации над Полска, Романија и Естонија.

ЕУ вели дека договорот со САД ја штити европската фармацевтска индустрија од нови царини

илустрација
илустрација

Објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за значително зголемување на царините за лекови и други производи предизвика негодување кај некои сојузници, при што ЕУ тврди дека нејзината фармацевтска индустрија има имунитет врз основа на претходен трговски договор.

Објавата, дадена доцна на 25 септември, која вклучува 100-процентна царина на фармацевтски производи, претставува најстрога трговска политика на претседателот од април минатата година, кога беа воведени „реципрочни“ царини за речиси сите трговски партнери на САД низ светот.

Почнувајќи од 1 октомври, „ќе воведеме 100% царина на секој брендиран или патентиран фармацевтски производ, освен ако компанијата НЕ ГРАДИ своја фармацевтска фабрика во Америка,“ напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“.

Европската Унија денеска соопшти дека јулскиот договор со Вашингтон ја штити Унијата од царини повисоки од 15 проценти за нејзиниот извоз на лекови.

„Оваа јасна, сеопфатна горна граница на царина од 15 проценти за извозот на ЕУ претставува осигурување дека нема да се појават повисоки царини за европските економски оператори,“ рече портпаролот за трговија на ЕУ, Олоф Гил.

Една европска фармацевтска индустриска група предупреди дека царините на лекови би „создале најлошо можно сценарио.“

„Царините ги зголемуваат трошоците, ги нарушуваат синџирите на снабдување и ги спречуваат пациентите да добијат животоспасувачки третмани,“ изјави генералната директорка на Европската федерација на фармацевтски индустрии и асоцијации, Натали Мол.

Последниот потег на Трамп беше критикуван и од сојузникот Австралија, која во 2024 година извезла фармацевтски производи во вредност од околу 1,35 милијарди долари во САД, според базата на податоци Comtrade на ООН.

Австралискиот министер за здравство, Марк Батлер, изјави дека повисоките стапки „не се во интерес на американските потрошувачи особено имајќи предвид колку нивните извозници во Австралија имаат корист од тој слободен пазар.“

Украина нападна рафинерија за нафта во јужна Русија

илустрација
илустрација

Украина продолжи со систематските напади со дронови врз руската нафтена индустрија, таргетирајќи рафинерија на југ, соопштија властите во петок (26 септември).

Руските власти во регионот Краснодар информираа дека избувнал мал пожар во рафинеријата „Афипски“ и дека делови од дрон паднале во постројката. Додаваат дека нема жртви.

Според украински извори, рафинеријата, која произведува бензин и дизел, претходно била нападната на 28 август.

Експертите проценуваат дека Русија изгубила околу една четвртина од својот капацитет за преработка на нафта како резултат на повторени напади врз рафинерии, пумпни станици и товарни терминали. Ова довело до недостиг на дизел и бензин во некои региони.

Недостигот веќе предизвикал забележливо повисоки цени на бензинските пумпи.

Украина ги таргетира складиштата за гориво и рафинериите како дел од својата одбранбена кампања против тековната руска инвазија.

Русија првично воведе забрана за извоз на гориво во март за да ја стабилизира домашната понуда, иако ограничувањата, кои беа продолжени во четвртокот, ѝ ја намалуваат на владата важната добивка неопходна за водење на војната.

Казни за пешаците и возачите кои користат мобилни и други електронски уреди во сообраќајот

илустрација
илустрација

Пешаците кои преминуваат коловоз и разговараат на мобилен телефон, користат слушалки за разговор во двете уши, смарт часовник или таблет од денеска (26 септември) ќе бидат санкционирани. Истите законски мерки важат и за возачи на велосипед, мопед, мотоцикл, трицикл, и четирицикл кои, според законот, за време на управувањето не смеат да користат електронски уреди.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата известува дека од денеска стапуваат на сила новите измени на ЗБСП кои се усвоени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот.

„Новите законски решенија се воведуваат во насока на елиминирање на одредени навики кај пешаците и возачите од определени категории возила. Со новиот закон меѓу другото е предвидено и дека возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови“, посочуваат од РСБСП.

Ова, според РСБСП, подразбира поставување нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, при што, пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот предвидени со законското решение, се обврзуваат да учествуваат во сообраќајот без да користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата нагласува дека целта на ваквите законски измени е создавање на услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи.

Советот упатува апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи бидејќи Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност.

Обвинет поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми

Поранешниот директор на Федералното истражно биро на САД (ФБИ), Џејмс Коми
Поранешниот директор на Федералното истражно биро на САД (ФБИ), Џејмс Коми

Поранешниот директор на Федералното истражно биро на САД (ФБИ), Џејмс Коми, е обвинет за давање лажни изјави и попречување на конгресната истрага.

Доколку биде обвинет, Коми може да се соочи со затворска казна до пет години.

Во видео објавено на Инстаграм, поранешниот директор на ФБИ рече дека срцето му е скршено поради Министерството за правда, но дека има доверба во правосудниот систем.

„Невин сум. Затоа, ајде да го одржиме судењето и да ја задржиме верата.“

Коми, кој долго време беше цел на критики од американскиот претседател Доналд Трамп, беше обвинет дека лажел пред Конгресот за време на сведочењето во септември 2020 година. Тој е првиот поранешен директор на ФБИ обвинет за кривично дело.

Трамп го отпушти Коми во 2017 година, на почетокот на неговиот прв мандат. Оттогаш, пишува Ројтерс, тој редовно го критикуваше начинот на кој Коми ја спроведе истрагата на ФБИ, во која беа детално опишани контактите меѓу Русите и кампањата на Трамп во 2016 година.

Откако Трамп се врати на функцијата во јануари, Министерството за правда го испитуваше сведочењето на Коми од 2020 година, кога тој се осврна на критиките на републиканците за истрагата за Русија и негираше дека овластил објавување на чувствителни информации во медиумите.

Во обвинението се тврди дека Коми го довел во заблуда Конгресот тврдејќи дека не овластил никого друг да биде анонимен извор во известувањето за истрагата на ФБИ.

Гори депонијата над Арачиново, пожарникари на терен

Илустративна фотографија - пожар во Вардариште.
Илустративна фотографија - пожар во Вардариште.

Од Центарот за управување со кризи вечерва информираа дека депонијата над Арачиново е повторно распалена.

„На терен за нејзино локализирање дејствува екипа на Бригадата за противпожарна заштита“ посочуваат од ЦУК.

Ова е само уште еден во низата пожари на скопските депонии во последниот период.

Претходно гореше електронски отпад, акомулатори и батерии во Трубарево - пожар по кој беа измерени тешки метали во воздухот од страна на Министерството за животна средина.

Гореше и отпад во просторот кај Вардариште, како и депонијата „Дрисла“, при што во воздухот беа ослободени големи количества штетни материи.

Граѓаните неколкупати излегоа на протести, предупредувајќи дека ваквите пожари го загрозуваат нивното здравје и дополнително го влошуваат квалитетот на воздухот во Скопје.

„Ниту една повеќе“: Нов протест во Скопје за правда на жените

Движењето за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе“ на блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. 25.09.2025.
Движењето за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе“ на блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. 25.09.2025.

Со една минута молк за почит кон Росица Коцева која беше убиена од нејзиниот поранешен партнер, но и за „сите жртви на системот на нееднаквост“, почна денешниот протест на движењето „Ниту една повеќе“.

Ова движење, кое се формираше по убиството на 31-годишната Росица, денеска (25 септември) го организираше вториот протест во Скопје реагирајќи дека системот не ги штити жртвите.

„Се чини дека и по смртта, крикот на Росица не се слуша“, порачаа активистките кои ја блокираа раскрсницата кај паркот „Жена борец“.

Тие побараа промени во кривичниот законик кои ќе дозволат семејното насилство да се гони по службена должност. Овие измени веќе се поднесени, но организаторите на протестот, апелираа тие да бидат приоритет и за Владата и за Собранието.

„Иако денеска се закажа јавна расправа, бараме повеќе од симболични расправи. Бараме конкретни решенија кои ќе ја разрушат културата на силување и на насилство. Бараме целосен увид во тоа како институциите и полицијата се справуваат со ситуации на пријави, да се даде јасна отчетност зошто сѐ уште се случуваат фемициди иако жртвите пријавуваат и пријавуваат“, порача во говорот пред Собранието, активистката Сара Миленковска.

Таа и останатите меѓу другото, побараа и да се ревидира процедурата преку која се пријавува родово базираното насилство, а жртвата да знае дека „има различни сервиси кои може да ѝ помогнат“.

Од движењето „Ниту една повеќе“, обвинија дека системот ги игнорира жртвите дури и кога тие одново го пријавуваат насилството.

Движењето за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе“ на блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. 25.09.2025.
Движењето за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе“ на блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. 25.09.2025.

Посочија и дека нивните блокади, веќе стануваат „општонародно движење во државата“ и најавија дека ќе продолжат и понатаму.

„Би сакала одново да го вратиме нашиот колективен дух, со што ќе можеме колективно да тагуваме и да се разбесниме на овој систем кој не само што ни го сврте грбот, туку и овозможи уште една жртва, уште една жена што очајно барала помош, да не биде слушната. И тоа да заврши со нејзината смрт. Наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе. Овој систем не нѐ штити. Не постои правда, само смрт“, додаде една од активистките која се обрати за време на денешниот протест.

Протестите за заштита на жртвите на семејно насилство, почнаа минатата недела по последниот случај на фемицид, во кој животот го загуби велешанката, Росица Коцева, по што беше убиен и нејзиниот татко.

Сторителот на двете убиства, поранешниот партнер на Росица, Илија, веднаш потоа си го одзеде и сопствениот живот.

Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од годинава, извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголемиот број од случаите се извршени од страна на мажите – вкупно 474 и кои повеќето завршиле со телесни повреди.

Најголем дел од кривичните дела во семејното насилство се извршени од страна на сопругот – 223 случаи, потоа следуваат случаите кои се извршени од сопругите, од децата, од родителите и од поранешните партнери.

Вучиќ разговарал за Косово со генералниот секретар на ОН Гутереш

Српскиот претседател Александар Вучиќ во ОН.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во ОН.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш на 25 септември, со кого рече дека имал „добар и отворен разговор“.

Вучиќ на својот Инстаграм профил изјави дека разговарале за ситуацијата во Косово и „можните чекори за надминување на предизвиците“.

„Секогаш добар и отворен разговор со Гутереш, со кого разменив мислења за најважните глобални теми и клучни прашања за иднината на светот што ќе им ги оставиме на идните генерации“, рече Вучиќ.

Вучиќ е во Њујорк, каде што учествува на генералната дебата на 80-тата седница на Генералното собрание на ОН.

Во своето обраќање пред оваа меѓународна организација на 24 септември, за време на кое зборуваше и за ситуацијата во Босна и Херцеговина и ентитетот на БиХ Република Српска, антивладините протести во Србија, конфликтот во Појасот Газа и убиството на американскиот конзервативен активист Чарли Кирк, Вучиќ рече дека Косово е „неразделен дел“ од Србија.

Тој изјави дека Србите на Косово живеат во „драматични услови“.

Косово прогласи независност во 2008 година, која Србија не ја признава.

Повеќе од 100 земји ја признаваат независноста на Косово, а од 27-те членки на Европската Унија, кон чие членство се стремат и Србија и Косово, Косово е признато од 22 земји-членки.

Дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово се одвива од 2011 година под покровителство на Европската Унија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG