Достапни линкови

Вести

Северна Македонија со пад од четири позиции на Глобалниот индекс за мир за 2025 година

Македонско знаме, Влада /Фотоархива
Македонско знаме, Влада /Фотоархива

Северна Македонија се позиционира на 51. место на Глобалниот индекс за мир (GPI) за 2025 година, со резултат од 1,799. Ова претставува пад од четири позиции во однос на минатата година, според извештајот на Институтот за економија и мир (IEP).

Оваа позиција ја става земјата во средината на листата од 163 држави во светот, а е во рамки на регионот Западна и Централна Европа, кој останува најмирен во светот, иако бележи благ пад од 0,57 отсто во изминатата година.

Во регионот Западна и Централна Европа, други земји од поширокото соседство се рангирани на следните позиции: Хрватска на 19. Место, Бугарија на 29. Место, Грција на 45. Место, Албанија на 52., Косово на 63. и Србија на 64. Место.

Овие рангирања покажуваат дека земјите од Западен Балкан генерално остануваат во средниот опсег на индексот, со умерени промени во нивните позиции, главно поради предизвици во доменот на безбедноста и милитаризацијата.

Регионалната иницијатива за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, во која учествуваат и земјите од регионот, продолжува да игра клучна улога во намалувањето на безбедносните ризици.

На глобално ниво, индексот на мир за 2025 година покажува дека светот станал помалку мирен по 13-ти пат во последните 17 години, со просечен пад на мирот од 0,36%. Ова е шеста последователна година на влошување на глобалниот мир.

Исланд ја задржува титулата на најмирна земја во светот со резултат од 1,095, следен од Ирска (1,260) и Нов Зеланд (1,282).

На спротивниот крај, земји како Русија (3,441), Украина (3,434), Судан (3,323), Демократска Република Конго (3,292) и Јемен (3,262) се меѓу оние со најмалку мир, погодени од интензивни конфликти и хуманитарни кризи.

Најголемото влошување е забележано во доменот на тековни конфликти, со пад од 1,3%, при што 78 земји бележат влошување поради зголемениот број на надворешни конфликти.

Делот што се однесува на милитаризација исто така бележи пад, со 86 земји кои зголемиле воени расходи, при што просечните воени трошоци како процент од БДП достигнале највисоко ниво од 2010 година. Норвешка, Данска и Бангладеш се меѓу земјите со најголем пад во овој домен.

За разлика од овие трендови, доменот на безбедност и сигурност покажува благ напредок, со подобрувања во 95 земји, особено во перцепциите за криминал, политичкиот терор и насилните демонстрации.

Ризик за понатамошна ескалација на конфликти

Извештајот нагласува дека зголемените геополитички тензии, економската нестабилност и високата инфлација, особено во земјите во развој, создаваат ризик за понатамошна ескалација на конфликти.

Глобалната економија во 2024 година беше обележана со забавен раст на БДП (околу 3%), висока инфлација (околу 6% на глобално ниво, со троцифрени бројки во земји како Судан и Сирија) и зголемена невработеност кај младите, особено во региони како Блискиот Исток и Северна Африка.

Овие фактори, заедно со зголемените воени буџети и трговските ограничувања, ја зголемуваат можноста за „конфликтна зараза“, каде конфликтите во една земја можат да се прелеат во соседните региони, како што се гледа во Источна Европа и Јужен Кавказ поради војната во Украина.

Во извештајот се посочува дека во 2023 година биле активни 59 државни конфликти. Ова е највисок број од крајот на Втората светска војна, додека уделот на конфликти што завршуваат со мировни договори или јасна победа значително опаднал.

Тоа, заедно со зголемениот број на меѓународни конфликти (175% пораст од 2010 година), укажува на зголемен ризик од ескалација на постоечките жаришта, како што е неодамнешниот конфликт во Кашмир меѓу Индија и Пакистан.

Во услови на зголемена геополитичка фрагментација и ограничени ресурси за превенција на конфликти, извештајот повикува на засилени напори за мировни иницијативи и економска стабилизација за да се спречи понатамошно влошување на глобалната мирност.

Протест во знак на поддршка за наставниците од Петтата белградска гимназија

Протест пред Петтата белградска гимназија/ 1. септември 2025
Протест пред Петтата белградска гимназија/ 1. септември 2025

Родителите на учениците од Петтата белградска гимназија протестираат на 1 септември, барајќи, како што соопштија, да се почитуваат правата на наставниот кадар и учениците.

„Повеќе од 20 отсто од наставниот кадар во ова училиште се соочува со сериозни последици поради нивната ангажираност во поддршка на студентските протести и блокади“, соопштија родителите Петтата во пресрет на собирот.

Тие наведоа дека дека со одлука на в.д. директорката на училиштето, Данка Нешовиќ, не им е продолжен договорот на определено време на 19 наставници, како и дека четворица наставници се суспендирани. Родителите исто така, соопштија дека се сменети 13 класни раководители, од вкупно 32, што е речиси половина од сите класни раководители.

„Овие промени предизвикуваат загриженост, бидејќи многумина се прашуваат дали тие се дел од поширока стратегија за намалување на влијанието на оние кои се противат на сегашната школска администрација“, наведоа тие.

Родителите бараат оставка од в.д. директорката, сметајќи дека договорите не им биле продолжени на професорите кои учествувале во штрајкот и блокадите што во Србија започнаа по трагедијата во која загинаа 16 лица при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Министерството за образование ја назначи Данка Нешовиќ за вршител на должноста директор на Петтата белградска гимназија на 24 февруари, поради што учениците и нивните родители повеќепати протестираа.

Просветните работници кои беа во прекин на работа, ги поддржаа минатата учебна година студентските блокади и протести на кои се бара одговорност од властите за несреќата во Нови Сад и распишување вонредни избори.

Новата учебна година во Србија започнува и со најави за протести организирани од студентите во блокада, кои повикаа на комеморативни прошетки низ целата земја под наслов „Средношколците паметат“, по повод 10 месеци од трагедијата во која загинаа 16 лица.

Автопревозниците во БиХ почнаа протест поради високите давачки и бирократските пречки

Поради протестот на превозниците, сообраќајот се одвива бавно
Поради протестот на превозниците, сообраќајот се одвива бавно

Неколку стотини автопревозници од БиХ започнаа протест во понеделникот рано наутро.

Блокирани се главните сообраќајници и царински терминали.

На влезовите во поголемиот дел од градовите во Босна и Херцеговина, сообраќајот се одвива отежнато по една лента поради колони од камиони. За патничките возила на граничните премини нема поголеми потешкотии, според извештајот на БИХАМК.

Превозниците се одлучија на протест и блокади изразувајќи незадоволство од административните пречки и високите давачки што ја нарушуваат конкурентноста на секторот.

Тие бараат од Министерството за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, меѓу другото, итно намалување на задржувањата на границите преку дигитализација на царинските процеси, укинување на правилото на ЕУ „90/180“ (ограничување на престојот на максимум 90 дена во рок од 180 дена), како и враќање на најмалку половина од акцизите на гориво.

Како што претходно наведоа, тие се незадоволни од односот на министерството во изминатите неколку месеци кон нивните барања.

Надлежното министерство во неделата (31 август) соопшти дека имале редовни состаноци со претставници на автопревозниците, но дека се „свесни за уставните и законските надлежности“.

Истакнуваат дека на Советот на министри било предложено формирање на Одбор за олеснувања во транспортот, но како што тврдат, за тоа не дале согласност министрите од Сојузот на независни социјалдемократи на Милорад Додик.

Се наведува и дека министерството не може да влијае врз правото на престој на професионалните возачи во ЕУ, што е дефинирано со Шенгенскиот договор.

Советот на министри на БиХ и претходно преговараше со претставници на ЕУ за ова прашање, но ЕУ одби да ги исклучи возачите од правилата кои ги регулираат условите за престој во ЕУ.

Автопревозниците изразија незадоволство и во април, кога повеќе од 500 камиони поминаа низ Сараево во протестна поворка, изразувајќи незадоволство од, како што претходно рекоа, долготрајните проблеми во овој сектор, поради кои домашните превозници не се конкурентни на пазарот.

Босна и Херцеговина е речиси целосно зависна од меѓународниот патен транспорт во трговската размена со земјите на ЕУ.

Обвинет во „Синдром“ почина во притвор

Илустрација
Илустрација

Притвореник почина вчера во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, информираа на 31 август од Министерството за внатрешни работи. Притвореникот бил еден од 36 те обвинетите во предметот „Синдром“ што се однесува на злоупотреби и поткуп при издавање инвалидски пензии и туѓа нега. Тој од април годинава се наоѓаше во притвор во затворот во Шуто Оризари.

Адвокатот Асмир Алиспахиќ, роднина на починатиот, на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека починатиот притвореник, кој изминатите пет месеци бил во притвор, не добивал терапија соодветна на неговата здравствена состојба.

„Човек кој има сериозни дијагнози можел и дома да почине, но тој требало да прима секојдневна терапија. Вие ги знаете условите во затворите, таму нема основни услови за секојдневен живот а најмалку да примаат терапии какви што требало да ги прима 24/7 човек со ваква дијагноза“, напиша Алиспахиќ.

Од Кривичниот суд велат дека имале информации за повеќе дијагнози, но не и за канцер.

„При сослушување, ниту обвинетиот лчно ниту преку бранителот известиле дела боледува од рак. За време на издржувањето на мерката притвор од страна на судот редовно и навремено истиот е спроведуван на сите потребни медицински прегледи.
Веќе определената мерка судот може да ја промени по предлог на странките, а бранителот на обвинетиот таков предлог поднесе во петокот на 29 август“, се вели во соопштението од Судот.

Во него е наведено дека постапката за одлучување била во тек. Во соопштението е наведено дека Судот изразува длабоко жалење за загубата на човечкиот живот.

Ангелов: Пожарот во Вардариште ставен под контрола

Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче
Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче

Ставен под контрола големиот пожар што попладнево изби на депонијата во Вардариште, а набргу ќе започне и пуштањето на електрична енергија, информираaт од Дирекцијата за заштита и спасување.

Пожарот предизвика прекин на струја во општината Аеродром, населбата Ново Лисиче, и околните населени места, а поради сериозноста пожарот да не направи дополнителна штета се исклучија далноводите.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) велат дека без струја останаа населбите Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик.

„Пожарот во депонијата Вардариште е целосно ставен под контрола. Набргу, дел по дел, ќе биде пуштена електричната енергија“ изјави директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

Претходно во соопштението од ДЗС беше наведено дека постојат сомневања дека се работи за намерно предизвикано палење на депонијата Вардариште“.

Според последните информации објавени од Центарот за управување со кризи на целата териоторија на државата утрово биле евидентирани четири пожари на отворено кои се ставени под контрола.

Станува збор за пожари во општината Македонски брод каде што на подрачјето Јасен горела мешана шума, потоа на планината Кожуф, и во општините Долнени и Делчево каде што била запалена градската депонија.


Гори депонијата Вардариште, превентивно исклучени неколку далноводи

Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче
Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче

Пожар ја зафати депонијата Вардариште во близина на скопската населба Лисиче. Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) потврдуваат дека пожарот настанал попладнево.

„Денес попладне изби пожар во депонијата Вардариште. Од безбедносни причини исклучени се неколку далноводи поради што без напојување со електрична енергија останаа делови од населбите (или цели населби) Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик. Поради обемот на пожарот и опасноста да се прошири надвор од депонијата како помош на БППЗ Скопје се испратени еден БТР, еден хермелин и еден тим на ДЗС. Далноводите ќе бидат пуштени по санирањето на пожарот“, се наведува во соопштението од ДСЗ.

Според Дирекцијата, „постојат сомневања дека се работи за намерно предизвикано палење на депонијата Вардариште“.

Според последните информации објавени од Центарот за управување со кризи на целата териоторија на државата утрово биле евидентирани четири пожари на отворено кои се ставени под контрола.

Станува збор за пожари во општината Македонски брод каде што на подрачјето Јасен горела мешана шума, потоа на планината Кожуф, и во општините Долнени и Делчево каде што била запалена градската депонија.

Седум мртви, 71 ранети при напад на паравоена група во Судан

Илустрација
Илустрација

Во гранатирањето од страна на Суданските сили за брза поддршка загинаа најмалку седум лица, а 71 беа ранети во Ел-Фашер, изјави медицински извор во неделата, додека паравоената група (РСФ) ја започна својата најжестока офанзива досега врз опколениот град.

Ел-Фашер, последниот голем град во огромниот западен регион Дарфур кој сè уште е под контрола на армијата, стана најнасилната фронтовска линија во војната меѓу суданската армија и РСФ, која избувна во април 2023 година.

Во последните недели, паравоените сили ја засилија својата долготрајна опсада, лансирајќи жестоки артилериски баражи и копнени упади во густо населените населби, аеродромот во градот и кампот за раселени лица Абу Шук, погоден од глад.
Ретките болници кои сè уште работат беа постојано бомбардирани, а локалната полициска станица беше заземена од паравоената група РСФ.

Медицинскиот извор, кој побара анонимност од безбедносни причини, рече дека вистинската бројка од нападот во саботата е „веројатно поголема“, бидејќи многу повредени не можеа да стигнат до болницата поради интензитетот на нападите на РСФ.

Меѓу ранетите, претежно повредени од шрапнели, 22 се во критична состојба, според изворот, кој бил контактиран преку сателитски интернет за да се заобиколи прекинот на комуникацијата.

Локалните активисти изјавија дека нападот погодил неколку населби во западниот дел на градот во близина на аеродромот, кои силите на РСФ се обидувале да ги освојат.

Повеќе од 2 милиони луѓе погодени од поплавите во Пакистан

Ппоплавената област на периферијата на Лахор, главниот град на покраината Пенџаб, на 28 август 2025 година.
Ппоплавената област на периферијата на Лахор, главниот град на покраината Пенџаб, на 28 август 2025 година.

Централната покраина Пенџаб во Пакистан се соочува со една од најлошите вонредни поплави во поновата историја, бидејќи поплавите влијаат врз животите на повеќе од 2 милиони луѓе и однесоа 33 животи во текот на изминатата недела, соопштија официјални лица во неделата.

„Поплавите во три источни реки влијаеја врз животите на 2,06 милиони луѓе“, изјави за германската новинска агенција ДПА, портпаролот на покраинскиот орган за управување со катастрофи, Мажар Чадухари.

Тој рече дека властите евакуирале 760.000 луѓе на безбедни локации во 511 кампови за помош поставени во покраината.

Повеќе од 2.000 села се поплавени од три реки: Ченаб, Сутлеџ и Рави. Поројните дождови во соседна Индија ги влошија поплавите откако вишок вода беше испуштена во Сутлеџ и Рави - обете контролирани од Индија според Договорот за води на Инд.

Најмалку 33 лица ги загубија животите досега во Пенџаб во текот на изминатата недела, додека бројот на жртви од инциденти поврзани со дождови од 26 јуни се искачи на 849, според Националниот орган за управување со катастрофи.

Издадено е предупредување за поплави за низводните области на Пенџаб и јужната покраина Синд, бидејќи се очекува проток од над 31.000 кубни метри во секунда во следните 24 часа.

Процесот на евакуација во Синд започна и десетици илјади луѓе се преместуваат на побезбедни места.

Главниот министер на Синд, Мурад Али Шах, изјави за медиумите дека неговата влада „ќе ги заштити животите и добитокот под какви било околности“.

Монсуните, сезона на обилни дождови во Јужна Азија што трае од јули до септември, беа непредвидливи и посурови во последните години под влијание на климатските промени, убивајќи илјадници и погодувајќи милиони.

Повеќе од 2.000 луѓе беа убиени во супер поплавите што го погодија Пакистан во 2022 година, потопувајќи една третина од земјата, што претставува копнена маса поголема од големината на Обединетото Кралство.

Моди: Индија е посветена на подобрување на односите со Кина

Индискиот премиер Нарендра Моди се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на состанокот на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, Кина, 31 август 2025 година.
Индискиот премиер Нарендра Моди се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на состанокот на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, Кина, 31 август 2025 година.

На средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека Њу Делхи е посветен на подобрување на односите со Пекинг. Лидерите разговараа за потребата од проширување на трговските и инвестициските врски во контекст на американските царини.

Моди е во Кина за прв пат по седум години за да присуствува на дводневен состанок на Шангајската организација за соработка, заедно со рускиот претседател Владимир Путин и други лидери од Централна, Јужна и Југоисточна Азија и Блискиот Исток, во знак на солидарност од глобалниот Југ. Средбата меѓу кинеските и индиските лидери беше организирана на маргините на самитот.

Кинескиот претседател Си изјавил дека Кина и Индија треба да бидат партнери, а не соперници, додека Моди додал дека сега меѓу нив има „атмосфера на мир и стабилност“.

Билатералната средба се случи пет дена откако Вашингтон воведе царини од 50 проценти за индиските стоки поради купувањето руска нафта. Аналитичарите велат дека Си и Моди се стремат да претстават обединет фронт против притисокот од Западот.

Лидерите разговараа и за проширување на заедничките интереси за билатерални, регионални и глобални прашања, како и за предизвици како што се тероризмот и трговијата на мултилатерални платформи.

„Ние сме посветени на унапредување на нашите односи врз основа на меѓусебно почитување, доверба и чувствителност“, изјави Моди.


Моди смета дека е создадена атмосфера на „мир и стабилност“ на спорната хималајска граница, местото на долготрајна воена криза по смртоносните судири на војниците во 2020 година, кои ја замрзнаа поголемиот дел од соработката меѓу Кина и Индија.

Тој додаде дека е постигнат договор меѓу двете земји за управување со границите, без да образложува. Соседите делат граница долга 3.800 километри, која е лошо обележана и е спорна од 1950-тите.

„Не смееме... да дозволиме прашањето на границата да ги дефинира сите односи меѓу Кина и Индија“, рече Си, според извештаите на кинескиот државен медиум Ксинхуа.

Кинеско-индиските врски би можеле да бидат „стабилни и далекусежни“ доколку двете страни се фокусираат на тоа да се гледаат едни со други како партнери, а не како соперници, додаде Си.

Моди објави дека директните летови меѓу двете земји, кои беа суспендирани од 2020 година, ќе продолжат.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG