Резиме
- Трамп и Си одржаа разговори во Јужна Кореја со цел намалување на трговските тензии и зајакнување на економските врски
- Американскиот претседател рече дека се постигнати договори за ретки минерали, купување соја и намалени тарифи за фентанил
- Трамп рече дека ќе „соработува“ со Си за Украина
Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, и неговиот кинески колега Си Џинпинг, одржаа разговори во Јужна Кореја, каде што разговараа за војната во Украина и се согласија да ги ублажат елементите од нивната тешка трговска војна.
По состанокот во четврток, Трамп рече дека имал „неверојатен состанок“ со Си и дека се согласиле за „многу важни прашања“, вклучувајќи трговија, царини и ретки минерали.
Тој им рече на новинарите дека ќе ги намали царините за Кина за 10 проценти поради нејзината улога во кризата со фентанил и дека Кина ќе продолжи да купува „големи количини“ американска соја, што беше запрено во мај како одговор на американските царини.
Трамп додаде дека е постигнат договор за укинување на кинеските ограничувања за извоз на ретки минерали- 17 елементи кои играат мала, но клучна улога во производството на автомобили, авиони и оружје.
Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, кој исто така беше со претседателот Трамп, рече дека Кина нема да воведе планирани контроли врз извозот на ретки минерали кои беа проширени во октомври по договорот на претседателот.
Тој не коментираше за контролите, кои се во сила од април.
„Сè што е поврзано со ретките земјени минерали е решено за целиот свет. Ова беше глобална ситуација, не само американска“, им рече Трамп на новинарите. „Нема повеќе пречки од Кина“.
Трамп додаде дека разговарале и за војната во Украина што Русија ја започна во февруари 2022 година, наведувајќи дека тој и Си се согласиле да „работат заедно“ по ова прашање.
„Се согласуваме дека страните се заглавени во борба, а понекогаш, претпоставувам, мора да ги оставите да се борат. Но, ние ќе соработуваме по прашањето на Украина“, рече тој.
Кинеските претставници сè уште не го коментираа состанокот, ниту пак е објавено официјално соопштение.
Видете и ова: Како Кина може да одговори на санкциите на САД против најголемите руски нафтени компании?Средбата на меѓународниот аеродром Гимхе во Бусан се чинеше дека ја подготвува сцената за поширок дијалог во наредните месеци, при што Трамп објави планови за посета на Кина во април и наскоро би можел да се потпише прелиминарен трговски договор.
Непосредно пред почетокот на разговорите, Трамп објави дека му наредил на Пентагон „веднаш“ да го прекине доброволниот мораториум за тестирање на нуклеарно оружје.
Трамп на социјалните мрежи изјави дека САД „имаат повеќе нуклеарно оружје од која било друга земја“, наведувајќи ја Русија како втора, а Кина како „далечно трета, но ќе ги стигнат во рок од пет години“.
Аналитичарите за Рaдио Слободна Европа велат дека гледаат ограничен простор за поширок договор за време на овие разговори, но дека ублажувањето на трговските тензии би можело да го отвори патот за поголем договор кога Трамп ќе ја посети Кина, а Си ќе се врати во САД следната година.
Видете и ова: САД и ЕУ ги заоструваат санкциите врз руските нафтени компании, Трамп го откажа самитот со ПутинВо своите воведни зборови, двајцата лидери изразија меѓусебно почитување.
Трамп рече дека верува оти двајцата „ќе имаат фантастичен однос долго време“, додека Си рече дека е природно САД и Кина „не секогаш се согласуваат за сè“, додавајќи дека „нормално е двете водечки економии во светот да имаат несогласувања од време на време“.
Пред разговорите, се очекуваше Трамп и Си да разговараат за други „тензични“ точки, вклучувајќи ја и поддршката на Тајван и Кина за Русија.
Сепак, Трамп рече дека Тајван, кој Кина го смета за своја територија, не е тема на дискусија.
Тој додаде дека не го споменале ниту купувањето руска нафта од страна на Кина, со која Москва ја финансира војната.
Пред состанокот, Украина и нејзините сојузници го повикаа Трамп да изврши притисок врз Си во врска со поддршката на Кина за Русија.
Средбата се одржа една недела откако Вашингтон воведе санкции врз две големи руски нафтени компании.
Кина е најголемиот купувач на руска сурова нафта и клучен поддржувач на руската енергетска индустрија во услови на војната во Украина што ја води рускиот претседател Владимир Путин.