Европа ги зголемува трошоците за одбрана. Сепак, едно прашање е во голема мера занемарено - како да се премести воената опрема од една земја во друга што е можно побрзо во случај на конфликт?
Со години се зборува за „воен Шенген“, област во зоната без пасоши на Европската Унија каде што оружјето и војниците би можеле да се движат слободно како и цивилите. Сепак, таков систем останува нереализиран и за ЕУ и за НАТО, и покрај зголемените безбедносни загрижености предизвикани од војната во Украина.
На 19 ноември, Европската комисија ќе го претстави својот последен обид да го постигне ова до крајот на деценијата.
Прелиминарната верзија на документот, во која Радио Слободна Европа имаше увид укажува на два начина за постигнување на ова: прво, инвестирање пари во стотици „тесни грла“ низ целиот континент, како што се железници, пристаништа и мостови, вклучително и во земјите кандидати за ЕУ, Украина и Молдавија, кои текстот ги смета за клучни за интеграција во воено-транспортните структури на ЕУ.
И второ, намалување на бирократијата за да се спречи различните национални закони и бирократијата да ги попречат напорите за брзо и лесно преместување на воените средства од една земја на ЕУ во друга.
Многу муабет, малку напредок
Идејата за „воен Шенген“ стана „приоритетно прашање“ во 2017 година, а Европската комисија изготви акциони планови во 2018, 2022 и 2024 година. Сепак, беше постигнат мал напредок.
Дипломатите на ЕУ, кои разговараа со РСЕ под услов на анонимност, рекоа дека минималниот напредок сигурно не се должи на недостиг на напори. Темата, велат тие, обично е близу до врвот на агендата секогаш кога се дискутира за соработката ЕУ-НАТО, но ниту една од тие организации, велат тие, никогаш навистина не ја прифатила.
НАТО долго време се надеваше дека ЕУ ќе инвестира повеќе законодавна енергија и пари во воената мобилност, особено сега кога 23 од 27-те земји-членки на ЕУ се исто така дел од воениот сојуз. Војната во Украина само ја зголеми итноста за зајакнување на сите аспекти поврзани со одбраната.
Во исто време, во ЕУ имаше фрустрација што НАТО беше премногу фокусиран на трошење пари за скапа воена опрема, а многу помалку на тоа како всушност да ја транспортира и да ја стави на располагање на другите членки на Алијансата.
Видете и ова: Силиконската долина влегува во воената технологија поради глобалните конфликтиНовата цел на НАТО за трошење на 3,5 проценти од бруто домашниот производ (БДП) за воена опрема до 2035 година и дополнителни 1,5 проценти за невоени инвестиции - како што е воената мобилност - делумно придонесува за решавање на тоа прашање.
Сепак, тоа сè уште е во голема мера во рацете на поединечните земји, како што се истакнува во документот на Европската комисија.
„Додека земјите-членки остануваат слободни да одлучат дали да дозволат странски вооружени сили да ја преминат нивната територија како дел од нивната национална безбедност и одбрана, ЕУ мора да има рамка за воена мобилност што ги балансира воените и цивилните потреби“, се наведува во текстот.
Целта на сегашниот состав на Европската комисија, чиј мандат истекува во 2029 година, е да „воспостави зона на воена мобилност низ целата ЕУ до крајот на 2027 година како прв чекор кон постепено постигнување на „воен Шенген“ во димензиите на регулативата, инфраструктурата и капацитетот“.
Ќе има ли доволно пари?
Прашањето е дали парите ќе бидат достапни овој пат.
Во најновиот повеќегодишен буџет на ЕУ (2021-2027), околу 1,7 милијарди евра се наменети за двојна цивилно-воена транспортна инфраструктура, фокусирајќи се на 95 проекти во 21 земја.
Сепак, како што се наведува во документот: „барањето за финансирање од ЕУ значително ги надмина достапните средства“.
За следниот долгорочен буџет (2028-2034), Европската комисија затоа предложи 17,65 милијарди евра за двојна транспортна инфраструктура, фокусирајќи се на 500 критични точки каде што транспортот на воена опрема треба да биде побрз и поефикасен.
Но, дали ова ќе функционира?
Особено затоа што членките на ЕУ секогаш го разредуваат првичниот предлог на Комисијата и претпочитаат да ги пренасочат парите од ЕУ кон сектори кои „добиваат гласови“ повеќе, како што се земјоделството, рибарството и други видови социјални трошоци.
Железницата е исто така начин на транспорт кој потрошил најмногу пари за воена мобилност. И тоа веројатно ќе продолжи.
Порано оваа година, ЕУ се согласи за четири приоритетни мултимодални коридори за воена мобилност - Север, Југ, Исток и Централен. Северниот, кој главно ги поврзува Холандија со Германија и Полска, а понатаму и со Украина, е најзавршен досега.
Видете и ова: НАТО е подготвен за ново ниво на буџетот за одбранаДокументот на Комисијата го истакнува железничкиот дел од 22 километри, кој ја поврзува западна Украина со Словачка и остатокот од централна Европа и го користи европскиот стандарден колосек. Тој беше пуштен во употреба во септември.
Исто така, се забележува дека „во тек се подготвителни работи за примена на европскиот номинален стандарден колосек на европските транспортни коридори што ги поврзуваат Молдавија и Украина со земјите-членки на ЕУ“.
Идејата е целата Европска Унија, вклучувајќи ги и земјите-кандидатки, во иднина да користи единствена железничка пруга.
Европската комисија е подготвена да издвои пари и за други предмети од витално значење за военото движење, како што се воздушен превоз на голем товар, фериботи со двојна намена и вагони со платформа за транспорт на тешка воена опрема како што се ракети и тенкови.
Подобрување на „воената мобилност“
На крајот на краиштата, најголемите промени што ЕУ би можела да ги направи се во законите што би го олесниле движењето на војници и опрема.
Добивањето дозвола за воен транспорт од една земја на ЕУ во друга може да трае до 45 дена. Целта, поставена од Брисел, е три дена.
Сепак, изненадувачки е што хармонизираните правила на ЕУ за транспорт на опасни материи не важат за воениот транспорт, што значи дека честопати мора да се договорат ад-хок аранжмани.
Тоа би се променило, а Европската комисија има намера да инсистира да се постигне уште повеќе во тој дел.
Друг предлог е дозволите за преместување воена опрема меѓу земјите-членки повеќе да не треба да се обновуваат годишно. Тие едноставно би важеле до нивното отповикување. Земјите што не се членки на ЕУ, исто така, можат да бидат дел од оваа промена.
Клучен за ова би бил таканаречениот „Европски систем за одговор на подобрена воена мобилност (EMERS)“, кој може да се лансира во рок од 48 часа од предлогот од Европската комисија или земја-членка на ЕУ.
Кога ќе се активира, во случај на потенцијална воена вонредна состојба, прекуграничниот воен транспорт ќе бара само известување, со скратен рок за известување за воено движење. Повеќето од стандардните процедури би можеле да се заобиколат, освен царинските формалности.
Секако, сите овие предлози ќе треба да се договорат меѓу членките на ЕУ, што често бара едногласност. Со оглед на зголемената итност ЕУ да го зголеми своето воено присуство поради војната во Украина, ова би можело да се покаже како најдобра можна шанса за постигнување на „воен Шенген“.