Достапни линкови

Земјите на ЕУ се согласија да формираат фонд за одбрана од 150 милијарди евра


илустрација
илустрација

Земјите од Европската Унија денеска (21 мај) се согласија да формираат фонд во вредност до 150 милијарди евра (170 милијарди долари) за заедничка набавка на оружје. Кредитите треба да се користат за инвестирање во воздушна и ракетна одбрана, артилериски системи, ракети и муниција, беспилотни летала и системи против беспилотни летала, како и за решавање на други потреби, од сајбер криминал до воена мобилност, појасни претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кога ги презентираше плановите во март.

Тековните напори за вооружување во Европа имаат за цел да ја одвратат Русија од евентуален напад врз друга европска земја, по Украина.

Разузнавачките агенции претпоставуваат дека Русија ќе биде во воена позиција да започне уште една војна најдоцна до 2030 година.

Притисокот врз ЕУ значително да ги зголеми трошоците за одбрана и помошта за Украина се интензивираше, откако Вашингтон ја суспендираше американската воена помош за Украина и ја стави во прашање својата посветеност на заштитата на Европа.

„Живееме во најзначајните и најопасни времиња. Ова е моментот на Европа и ние мора да живееме до него“, рече во март, фон дер Лајен.

Таа се надева дека заедно со приватен капитал и дополнително финансирање од Европската инвестициска банка, фондот би можел да собере до 800 милијарди евра за одбрана.

Новиот фонд, кој сè уште треба формално да биде одобрен од министрите на ЕУ следната недела, е дел од низа иницијативи за подобрување на одбранбените капацитети на Европа.

Комисијата, исто така, им овозможува на земјите-членки поголема слобода за трошење за одбрана според вообичаено строгите правила на ЕУ за долг и дефицит.

XS
SM
MD
LG