Куферчиња, предавства и „српски свет“ – наместо ветувања за чист воздух и улици

Графички приказ на билборди во предизборна кампања за локални избори 2025

Од евроинтеграции до обвинувања за предавство за националните прашања до закани за „чистки“ во правосудството, ова се темите кои ги засенија ветувања за живот во новата ера со чисти улици со празни контејнери и нови градинки. Партиските лидери доминираа во првата недела од изборната кампања.

Локалните избори што треба да одредат кој ќе ги води општините уште еднаш се претвораат во бојно поле меѓу партиските лидери за големите национални прашања. Додека граѓаните чекаат предлози за решенија со отпадот, загадувањето и инфраструктурата, поголемиот дел од кампањата во првата недела стартува со тешки обвинувања за корупција, „куферчиња со пари“ и предавства во односите со Бугарија.

Досегашните градоначалници кои бараат нов мандат од граѓаните во своите говори дадоа отчет за сработеното, ама не и за неисполнетите ветувања.

Новите кандидати за градоначалници ветуваат нови градинки, повеќе зеленило и подобри услови во училиштата. Додека „високата политика“ е резервирана за лидерите и министрите кои ја туркаат кампањата на национално ниво.

Видете и ова: Црната кампања нема да ги заобиколи и овие локални избори

И Мицкоски и Филипче и Ахмети речиси секој ден говорат на митинг во различна општина предводејќи ги кампањите во чиј центар не се локални проблеми.

Премиерот Христијан Мицкоски најави „чистки“ во судството и обвинителството по изборите, обвинувајќи дека таму функционираат кланови кои го штитат криминалот на опозицијата.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, одговори дека со вакви настапи Мицкоски се поставува како „три во едно“ односно во исто време е премиер, судија и обвинител.

Во настапите на Филипче говори за Резолуцијата со црвени линии што ја предложи пред почетокот на изборната кампања и очекува да ја поддржат сите партии за да се излезе од ќорсокакот со евроинтеграциите. Мицкоски пак најави своја Резолуција што ќе ја предложи по изборите.

Во кампањата повторно оживеаја старите обвинувања за „куферчиња со пари“ и надворешно мешање.

„Многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и се надеваат на ново куферче – подарок кој може да значи предавство на националните интереси,“ изјави Мицкоски.

На ова остро реагираше поранешниот премиер Зоран Заев, кој ги нарече клевети и возврати дека „експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи“.

„Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“, напиша Заев на социјалната мрежа Фејсбук.

Бројот на општинските советници како единица мерка за партискиот рејтинг

Политичките аналитичари предупредуваат дека националните теми намерно ја засенуваат локалната агенда. Комуникологот Петар Арсовски оценува дека постојат две причини зошто тие доминираат на општинските митинзи.

„Националните теми зафаќаат значителен простор во реториката на партиите на локалните избори затоа што помеѓу другото партиите ќе го мерат својот рејтинг и по вкупниот број на освоени гласови на советничките листи што е индиција за вкупната национална поддршка. Дополнително резултатите на изборите најмногу во албанскиот блок може да го дефинираат политичкиот амбиент понатака“, вели Арсовски.

Арсовски очекува во следниот перид поголем дел од кампањата да биде фокусирана на самите кандидати со нивните локални теми.

Видете и ова: Мицкоски:Овие избори се битка за тоа каде ќе се движи Македонија

Политичкиот аналитичар Сефер Селими смета дека првата недела од кампањата помина со две паралелни кампањи, една во албанскиот и една во македонскиот политички блок.

„Во македонскиот блок и власта и опозицијата се обидуваат да го пренасочат фокусот кон национални теми – за да избегнат збор за сопствените неуспеси. Во албанскиот блок, пак, владејачките партии настојуваат дебатата да остане на локално ниво, додека опозицијата ја отвора темата за влијанието на „српскиот свет“ и за почитувањето на правата на Албанците.“

Чиј е „српскиот свет“?

Според опозициската ДУИ, поддршката на Мицкоски за лидерот на Беса, Билал Касами за втор мандат во Тетово се должи на „српска донација“ за изградба на црквата во Тетово и за реконструкција на училиштето „Кирил Пејчиновиќ“.

„Она што граѓаните сè уште не го знаат, а што треба да го знаат, е вистинската цел на оваа донација и каков политички или финансиски долг добил Касами од српската компанија што ја понудила. Транспарентноста е нула, додека сомнежите за надворешни влијанија се длабоки“, истакнуваат од ДУИ.

Алијанса на Албанците предводена од лидерот Зијадин Села, дополнително обвини дека ВЛЕН го отвора патот за српско влијание во стратешкиот енергетски сектор, што го оценуваат како голем скандал.

Обвинувањата од владиниот коалиционен партнер Влен(Вреди) кон опозициската ДУИ се и дека и тие преку „српскиот свет“ влегле во македонскиот банкарски сектор.

„Истите тие акции, фамилијата на (Али) Ахмети ги купила една година претходно од човекот на сите шеми, Сашо Мијалков. Со тоа се потврди криминалната оска Мијалков - Ахмети - Вучиќ, која функционира зад грбот на граѓаните“, се вели во едно од нивните соопштенија.

Видете и ова: Изборната трка почна предвреме: Министри и градоначалници на терен

Во меѓувреме на дел од митинзите, претставници на Влен како „пофалба за спроведеното“ истакнаа дека во време на 16-те месеци на власт „успеале да вработат 2300 Албанци, а 700 се унапредени, како и дека за развој на албанските општини од централната власт биле одвоени 80 милиони евра.

Селими објаснува дека во албанскиот политички блок изборната дебата се води за достоинството на Албанците и нивното легитимно претставување во владата.

„Има сериозни обвинувања за пенетрација на српскиот свет во сите сегменти, вклучувајќи го и банкарскиот систем, но и во економија, во верскиот дел и така натаму“, вели Селими.

Тој додава дека не треба да се заборави дека неформалната предизборна кампања започна неколку месеци пред официјалниот старт и дека беше најдолгата и најинтензивната до сега.

Видете и ова: Повеќе од локални избори – ред комуналии, ред национална политика

Локалните избори никогаш не се само локални

Ако се погледне наназад, локалните избори во Македонија секогаш се мешале со националните. Од една страна во 2013 година изборните програми повремено се претвораат во „парламентарни“, преку ветувања за мегаломански проекти, кои ги надминуваа општинските ингеренции како како гасификација, бесплатни населби, тунели, и булевари.

Тогаш ВМРО-ДПМНЕ настапи со ветувања за големи инфраструктурни проекти, додека СДСМ се фокусираше на екологија. Следните избори во 2017 година поранешниот премиер Никола Груевски во своите говори ја критикуваше тогашната власт предводена од СДСМ за договорот со Бугарија, стратегијата за мигранти, економската политика, а кандидатите за градоначалници ветува инвестиции и развој.

Последните локални избори во 2021 година поминаа во знак на ветувањето за бесплатен јавен превоз на актуелната градоначалничка Данела Арсовска која ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, додека тогаш Мицкоски ја обвинуваше власта за „предавство“ и повикуваше на обединување против тогашната власт, посочувајќи дека локалните избори се од клучно значење за државата. Во тој период СДСМ пак ја туркаше агендата за зелени политики и велосипедизам во име на „европската иднина на државата“.

Иако локалните теми остануваат во сенка на големата политика, жителите на општините и натаму очекуваат решенија за водоводот, канализацијата, чисти улици, детски градинки и воздух без смог.