Во еден мандат ќе завршат се што не е сработено години наназад, но и ќе се постават темелите на тоа што ќе се работи 20 години напред - ветуваат кандидати за градоначалници пред локалните избори на 19 октомври во обраќањата пред граѓаните и во предизборните програми.
Најмалку четворица кандидати за градоначалници на Скопје и на скопски општини презентираа визии што опфаќаат пет градоначалнички мандати. Се ветува сѐ, од комунална обнова до дигитализација и одржлива економија.
Видете и ова: Пред избори тенка е линијата меѓу државната функција и партиската активностГраѓани пак, велат дека големите ветувања веќе не допираат до нив.
„Ѓубрето да го исчистат...не се поминуваше пред зграда од смрдеа од контејнерите“, вели скопјанката Вера Милошева за Радио Слободна Европа(РСЕ).
И Антонио Мицевски вели дека не очекува ништо од кандидатите -доволно е ѓубрето да го собираат.
„Поголеми проекти само ветуваат, а не остваруваат. И пред четири години и сега ни ветуваа дека ќе се изгради гимназија. Исто, на мојата улица веќе требаше да има градинка според програмата на претходниот градоначалник, ама нема и сега пак ја ветуваат“, вели Мицевски за РСЕ.
Дваесет години напред во иднината
Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, презентираше изборна програма наречена „Визија за Скопје 2025-2045“.
Програмата се темели на седум столбови: одржлив урбан развој во следните 20 години, здрава животна средина, комунална обнова, враќање на културниот идентитет, дигитална трансформација, град на младите и јакнење на јавната грижа и безбедност.
Каја Шукова, кандидатка за градончалничка на Скопје од СДСМ, оди уште пет години понатаму - таа објави програма „Скопје 2050“. Во програмата се најавува нов систем на јавен превоз во Скопје, нови сообраќајници, мостови, паркови, уредени депонии...
И Владимир Куновски, кандидат поддржан од Работничката партија, понуди „Визија 2050“ за Скопје - со циркуларни автобуси и возови како темел на јавниот превоз.
Комуналната хигиена, градскиот превоз и средување на улиците се ветувања на повеќето кандидати за градоначалници, не само за Скопје.
Видете и ова: Скопје – градот на вечните предизборни ветувањаНо, во кампањата сепак доминираат национални теми, наметнати од партиските лидери. Комуникологот Сеад Џигал вели дека предизборната реторика е партизирачка, дури и од државни функционери или од поранешни државни функционери кои најчесто им се обраќаат на своите партиски гласачи.
„Пораките се упатени кон сопственото гласачко тело, да го мотивираат и мобилизираат. Знаат дека не можат да допрат до неопределените така лесно и речиси и не им се обраќаат на нив. Во тоа има некоја внатрешно партиска логика, но проблемот е што тие пораки некогаш се надвор од овластувањета на локалната самоуправа, но и надвор од капацитетите на институциите да ги спроведат предизборните програми. Тоа,пак, предизвикува скептицизам и недоверба кај оние гласачи кои не се дел од овие партии“, вели Џигал за РСЕ.
Ветувања за Чаир - планови има, надлежност нема
Ова дводецениско планирање на работата на идниот градоначалник се пресликува и во програмите на кандидатите за Чаир - општината во која се натпреваруваат Бујар Османи од Национална алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ и Изет Меџити од „Вреди“.
Чаир е една од најгусто населените општини во Скопје,со дивоградби, сообраќаен хаос и тесни улици.
Османи на гласачите им понуди „Визија Чаир 2040“, изработена со мексиканскиот архитект Мишел Ројкинд. Во програмата се нудат сообраќајни решенија, редизајнирање на уличната мрежа, нови јавни простори, нови зелени површини, нов план за урбанизација…
Меџити, пак, проект за развој на Чаир правеше со турскиот архитект Бајрам Вардар. И тој ветува модерна инфраструктура, нови булевари, 5.000 паркинг-места, проект „Модерна Топаана“, урбано зеленило, нови образовни и младински центри…
Видете и ова: Куферчиња, предавства и „српски свет“ – наместо ветувања за чист воздух и улициБулеварот „Цветан Димов“ кој води од Бит пазар кон Чаир е е сообраќајно „тесно грло“ за овој дел од градот. Решение ветуваа сите кандидати, три децении наназад, никој не успеа да го прошири.
Сега, пред овие избори, Османи таму би правел подземен премин, над него плоштад и 350 паркинг места. Меџити, пак, вели дека ќе го прошири булеварот на шест ленти, по три од секоја страна.
Решение ветуваат и двајцата кандидати, но ингеренции немаат - булеварите се во надлежност на Град Скопје.
Невести за сите неженети и разведени во Вевчани
На овие избори не се нудат само проекти што ќе се спроведат некогаш во иднината. Има и неконвенционални кандидати за градоначалници во чија понуда се ветувања кои изгледаат како - шега.
Господин Попоски е кандидат за градоначалник на Вевчани. Тој на тамошните жители им нуди да ја зголемат популацијата во Вевчани.
„Првиот проект за Вевчани. Невести за сите неженати и разведени вевчанци“, ветува Попоски.
Вториот проект му е казани за ракија за секоја куќа.
Планира да го збогати и алпинизмот, па како градоначалник ќе дава по сто евра на секој човек кој ќе се качи на местото Голина за Петровден.
Видете и ова: Црната кампања нема да ги заобиколи и овие локални избориГосподин Попоски има решение и за превозот за вевчанци - ќе воведе нови автобуси за линијата Вевчани - Струга, за по 40 денари повратна карта.
По професија земјоделец и градежник, тој неколку пати беше кандидат за одредени функции на парламентарни, претседателски и локални избори. Последен пат, собираше потписи на претседателските избори минатата година, за да се кандидира за претседател на државата.
Не успеа да ги собере потписите.
Во Охрид се кандидира Гоце Цветковски, познат под прекарот „вегета“, како независен кандидат за градоначалник. Ветува дека со хебла ќе ја тргне таблата „Северна“ од називот на општинската зграда и дека ќе се бори на секој можен начин за враќање на македонското име и идентитет во Охрид за да ги охрабри и останатите градоначалници истото да го направат.
Цветковски беше кандидат и на локалните избори во 2021 година. Тогаш освои околу 1.400 гласови.
Колку граѓаните се задоволни од работата на локалните власти?
Истражувањата на јавното мислење укажуваат дека граѓаните ја препознаваат
важноста на единиците на локалната самоуправа. Но, како и другите државни
институции, и единиците на локалната самоуправа и општинските чинители не успеваат да добијат „преодна оценка“ кај своите граѓани, пишува во публикацијата „Документ за унапредување на доброто управување преку изборните програми на локалните избори 2025“ што ја изработи Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со 30-тина граѓански организации.
„Во 2024 година целосното и делумното задоволство на граѓаните од работата на општините е 43,4 отсто. Може да се забележи дека комуналните и другите јавни претпријатија уживаат доверба од 58,2 отсто, што е значително повисока од довербата кај единиците на локална самоуправа. На национално ниво, 45 отсто граѓани се задоволни од квалитетот на живот во нивната општина, но загрижува фактот дека 28 отсто изразиле незадоволство. Најголемо незадоволство е во однос на степенот на вклученост на граѓаните во општинските политики, транспарентноста и отчетноста на општината и урбанистичкото планирање“, пишува во документот.
Видете и ова: Скопје пред избори - многу ѓубре и хаос, малку воздух и редИзборите на 19 октомври ќе бидат осми локални избори од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.
На 3.480 избирачки места ќе се гласа за 309 кандидати за градоначалници и за 576 листи за општински совети – со вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати.
Најмногу кандидати за градоначалници, 16, има за Градот Скопје.