Дали ноќта е најтемна пред зори? Односно, дали Русија се обидува со интензивни масивни напади врз Украина во последниве денови да демонстрира моќ пред евентуални преговори за конечен мир по повеќе од тригодишната инвазија врз Украина?
Засега, изгледа дека Москва не е заинтересирана за примирје, поставува максималистички барања за окончување на војната, иако тврди дека подготвува предлог мировен договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го нападна Владимир Путин, откако Русија изврши големи воздушни напади врз повеќе градови во Украина.
Трамп рече дека досега ја „штител“ Русија од болни санкции, но навести дека го губи трпението бидејќи Путин продолжува да го игнорира неговиот притисок за прекин на огнот.
„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека да не бев јас, на Русија веќе ќе и се случеа многу лоши работи, а мислам НАВИСТИНА ЛОШИ. Тој си игра со оган!“ рече тој во објавата на 27 мај на Truth Social.
Дмитриј Медведев, близок соработник на Путин, одговори на критиките на Трамп алудирајќи на Третата светска војна.
„Во врска со зборовите на Трамп за Путин „си игра со оган“ и „навистина лоши работи“ што и се случуваат на Русија. Знам само за една НАВИСТИНА ЛОША работа - Трета светска војна. Се надевам дека Трамп го разбира ова!“ Медведев напиша на англиски на Х.
Нападот на 26 мај врз Украина беше најголем откако Русија ја започна инвазија пред повеќе од три години. Тоа се случи еден ден откако Трамп објави на социјалните мрежи дека Путин е „апсолутно луд“.
Од друга страна, руските власти доцна на 27 мај соопштија дека Украина извршила голем напад со беспилотни летала врз Русија. Во нападот противвоздушната одбрана на земјата уништила или пресретнала 112 украински беспилотни летала, соопштија властите.
Кога минатата недела беше прашан зошто не воведува санкции кон Русија откако Путин повторно го отфрли неговиот повик за прекин на огнот, Трамп рече дека тоа ќе го предомисли лидерот на Кремљ во време кога чувствува дека напредува.
Џон Хербст, поранешен амбасадор на САД во Украина, смета дека Путин „го чита Трамп, како и другите западни лидери како од времето на руската војна во Грузија во 2008 година, како неподготвен да преземе силна акција против агресијата“.
Хербст во написот објавен од Атлантскиот совет истакна дека критиките на Трамп за неодамнешните напади на Русија врз украинските градови и спротивставувањето на Кремљ во мировните преговори не доведоа до нови санкции. Но, тој додаде дека се гради моментум во Сенатот за гласање за нацрт-законот за санкции што има широка двопартиска поддршка.
Сергеј Жук, професор на Универзитетот Бол Стејт кој се фокусира на Русија и Украина, рече дека не очекува коментарите на Трамп на социјалните мрежи да доведат до акција.
„Ќе остане на ова ниво на критика на социјалните мрежи и тоа е тоа“, рече Жук, за РСЕ. Путин сфаќа дека новата американска администрација нема да реагира активно против овие напади.
Специјалниот пратеник на Белата куќа за Украина, Кит Келог, изјави за Фокс њуз дека администрацијата на Трамп треба „континуирано да применува некаков тип на притисок врз Русите за да ги донесат на маса“.
Келог додаде дека Трамп мора биде упорен иако мировниот процес е фрустрирачки. Тој рече дека ги добил барањата на Украина за мировен договор и дека чека сличен од Русија.
Повеќемина експерти оценуваат дека Путин не е заинтересиран за завршување на војната сега, бидејќи, верува дека победува и допрва треба да постигне некоја од неговите главни воени цели.
Во меѓувреме, ЕУ ја зајакнува одбраната
На 27 мај, Европската Унија формално ја одобри програмата од 150 милијарди евра за зголемување на трошоците за одбрана.
Таканаречената регулатива SAFE (Безбедносна акција за Европа) првпат беше предложена во март од страна на Европската комисија како одговор на повиците на земјите-членки за финансиска и политичка поддршка за исполнување на новите одбранбени цели, промовирани од НАТО, и за потенцијална интервенција во корист на Украина доколку САД го префрлат својот фокус на друго место.
Во конечната уредба во која имаше увид Радио Слободна Европа, јасно се наведува дека „заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија се од особена итност и важност“ и мора брзо да се реагира.
Поради времето потребно за развој на одбранбени производи и зголемување на капацитетот за индустриско производство низ целата Европска Унија, регулативата исто така наведува дека ќе биде „од витално значење“ Унијата да започне со поддршка на земјите-членки „што е можно поскоро за да можат многу брзо да нарачуваат“ (воена опрема).
За SAFE, блокот ќе го искористи својот троен А кредитен рејтинг за да ги собере потребните 150 милијарди евра на пазарите, а потоа да ги позајми на земјите-членки.
Фактот дека кредитите имаат максимално времетраење од 45 години, дека не треба да се сервисираат во првата деценија и дека земјите нема да мора да плаќаат ДДВ за купена опрема, се други предности што Брисел очекува да ги поттикнат европските трошоци за одбрана.
Сепак, оваа иницијатива е чист заем, што ќе стави уште поголем товар врз веќе затегнатите јавни финансии во земјите членки.
Дали светот влегува во нова масовна трка во вооружување, позната од минатиот век, со неизвесна завршница?