Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „целосно полудел!“ по серијата смртоносни напади и предупреди дека ако се обиде да ја освои цела Украина, тоа ќе доведе до „пад“ на Русија.
Ова е најсуровиот јавен коментар што Трамп некогаш му го упатил на лидерот на Кремљ.
„Отсекогаш сум имал многу добар однос со Владимир Путин од Русија, но нешто му се случи. Тој полуде целосно!“, напиша Трамп на својата платформа за социјални медиуми доцна вечерта на 25 мај.
„Тој убива многу луѓе непотребно и не зборувам само за војници. Ракети и беспилотни летала се испукуваат врз градовите во Украина, без никаква причина“, додаде Трамп.
„Секогаш велев дека тој ја сака ЦЕЛА Украина, а не само дел од неа и можеби тоа ќе се покаже како вистина, но ако го стори тоа, тоа ќе доведе до пропаст на Русија!“ напиша тој.
Објавата на Truth Social дојде кратко откако Трамп го нападна Путин во слични коментари пред новинарите.
„Не сум задоволен од она што го прави Путин. Тој убива многу луѓе и не знам што по ѓаволите му се случи на Путин“, им рече тој на новинарите во Њу Џерси додека се подготвуваше да се врати во Вашингтон.
Путин „испраќа ракети во градовите и убива луѓе, а тоа воопшто не ми се допаѓа“, рече Трамп на аеродромот Мористаун.
„Водеме разговор, а тој испукува ракети кон Киев и други градови. Воопшто не ми се допаѓа. Изненаден сум. Многу изненаден“, рече Трамп и додаде:
„Нешто му се случи на овој човек - и тоа не ми се допаѓа.“
Трамп рече дека „апсолутно“ ќе разгледа воведување дополнителни санкции врз Русијаза да се изнуди напредок во мировните преговори, иако не беше конкретен во врска со ова прашање.
Сепак, во неговата подоцнежна објава на социјалните мрежи, Трамп исто така даде остри критики до украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи:
„Зеленски не ѝ прави услуга на својата земја со тоа што зборува на начин на кој зборува. Сè што кажува предизвикува проблеми, не ми се допаѓа и подобро да престане“.
Поплавата од коментари дојде откако Зеленски, во ретка јавна критика кон најважниот сојузник на Киев, го осуди она што го нарече „американско молчење“ по руските напади за време на викендот во кои загинаа најмалку 13 лица, а десетици беа повредени.
„Американското молчење, молчењето на другите во светот, само го охрабрува Путин“, напиша Зеленски на социјалните мрежи на 25 мај.
Неколку часа по изјавите на Зеленски и пред коментарите на Трамп, американскиот претставник Кит Келог рече дека нападите врз Киев се „срамни“ и повика на прекин на огнот.
„Недискриминирачкото убивање на жени и деца ноќе во нивните домови е јасно кршење на Женевските мировни протоколи од 1977 година, дизајнирани да ги заштитат невините... Стоп за убивањето“, напиша Келог на својот X профил.
Украинските власти изјавија во раните утрински часови на 26 мај дека Русија започнала нов бран напади, но деталите сè уште не се достапни.
Европските сојузници на Украина продолжија гласно да ги осудуваат најновите руски напади и да се залагаат за потребата од одржување на поддршката за Киев.
„Нападите од синоќа уште еднаш покажуваат дека Русија е решена да предизвика повеќе страдање и уништување на Украина“, напиша на социјалните мрежи високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас.
Таа повика на „најсилен меѓународен притисок врз Русија за да се запре оваа војна“.
Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски во телевизиска дебата изјави дека нападите се „уште еден доказ дека Русија не е заинтересирана за мир“.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул - кој ја посети Украина претходно овој месец - на 25 мај ги повика сојузниците на Украина да „реагираат решително“ по последните руски напади.
„Не можеме да го прифатиме ова“, изјави Вадефул за германската телевизија.
Путин „ги гази човековите права, ова е навреда, исто така и против американскиот претседател Доналд Трамп, кој толку многу се обиде да го доведе Путин на преговарачка маса“, рече тој.
Изјавите уследија по денот на смрт и уништување на украинските цивилни локации, измешан со радост и славенички сцени додека стотици воени заробеници се враќаа од заробеништво во Русија на третиот ден од масовната размена,таканаречената зделка 1000 за 1000.
Руски ракети и беспилотни летала ги погодија украинските градови со смртоносен оган во текот на викендот.
Меѓу 13-те пријавени смртни случаи имало три малолетници - на возраст од 8, 12 и 17 години - во северозападниот регион Житомир, далеку од линиите на фронтот.
Но, главниот град Киев се чини дека е во фокусот на најновите руски напади, иако неколку други градови, исто така, беа жртви на воздушни напади.