Достапни линкови

Кос: Северна Македонија мора да ги донесе уставните измени за да напредува кон ЕУ


Еврокомесарката за проширување Марта Кос
Еврокомесарката за проширување Марта Кос

Европската комисија ги објави извештаите за напредокот на Северна Македонија и другите земји кандидатки во процесот на пристапување во ЕУ. Во кусиот осврт на еврокомесарката за проширување Марта Кос за земјава беше истакнато дека уставните измени остануваат пречка на патот кон ЕУ.

„Северна Македонија не презеде одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата година. Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, порача еврокомесарката за проширување, Марта Кос од Брисел, презентирајќи ги извештаите за напредокот на секоја земја кандидатка поединечно.

Таа сепак додаде дека остана целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика и ја продолжи техничката работа на патоказите и на Акцискиот план поврзани со Кластерот 1.

Во извештајот меѓудругото, се наведува дека „Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“.

„Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и не постигна никаков напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање од сериозна загриженост. Трагедијата од 16 март 2025 година во Кочани, за време на која пожар изгоре во клуб, при што загинаа 62, а беа повредени над 190 лица, откри трајни системски предизвици во врска со спроведувањето на антикорупциските мерки“, пишува во извештајот за Северна Македонија.

Во однос на борбата против корупцијата и организираниот криминал, во извештјот се нотира дека Северна Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка во борбата против сериозниот и организираниот криминал и постигна ограничен напредок во оваа област.

„Сè уште се очекува понатамошен напредок во усогласувањето со законодавството на ЕУ. Препораките на Комисијата од минатата година беа само делумно исполнети и остануваат важечки. Во наредната година, земјата треба особено: → да го подобри својот евиденција за истраги, гонења и пресуди во сите области на сериозен и организиран криминал, случаи на перење пари и финансиски криминал, со фокус на враќање на средства и конфискација на приходите од кривични дела“, стои во извештајот.

Во делот на судството, пак, се напоменува дека независноста и непристрасноста треба да се подобрат.

„Перципираното ниво на доверба во судството останува многу ниско. Надворешното и политичкото мешање остануваат сериозна загриженост“, нотира Европската комисија.

Северна Македонија не е во групата на земји за кои Кос нагласи дека постигнале „значителен напредок“ на патот кон ЕУ со отворањето на кластери и реформите што ги спроведуваат. Пофалени беа Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.

Црна Гора и Албанија со „значителен напредок“

Во однос на Србија, Кос оцени дека вистинското темпо на спроведување на реформите значително забавило, за Босна и Херцеговина рече дека се соочува со политички тензии и застој во реформите, а за Косово дека бележи застој во напредокот поради политички ќорсокак по изборите.

Во однос на Турција, Кос изјави дека има континуираното влошување на демократските стандарди, владеењето на правото и почитувањето на основните права, а за Грузија дека се бележи сериозно демократско назадување.

Сепак, според Кос, 2025 година била „добра година“ за работата на ЕУ со земјите кандидати, при што е забрзана нивната постепена интеграција во ЕУ, вклучително и преку Инструментот за Украина и Плановите за раст за Западниот Балкан и за Молдавија.

Кос рече дека следната година ќе претставува „момент на вистината за сите земји-кандидатки, но особено за оние кои презентираа амбициозни планови за завршување на преговорите“.

„Тие треба да ги засилат напорите за спроведување реформи, што ќе овозможи трајна трансформација на нивните економии и општества за целосно прилагодување кон демократските стандарди и вредности. Ова треба да биде поткрепено со почитување на владеењето на правото и основните права и јасно почитување на геополитичката ориентација на ЕУ“, рече Кос.

Еврокомесарката потсети дека некои од земјите кандидати, меѓу кои е и Северна Македонија, се приклучија на Единствената европска платежна зона, а напредок се бележи и во роамингот.

„Ова се чекори за интеграција што се одвиваат во замена за реформи, особено во почитувањето на владеењето на правото, основните права и демократијата. Ова оди подалеку од опсегот на Извештаите за проширување. Треба да ја примениме логиката на рано интегрирање на нашите идни членови и во активностите што Комисијата ги подготвува за заштита на демократијата, како што се Штитот за демократија, Програмата за отпорност на медиумите и поддршката на граѓанското општество“, рече Кос.

Билатералните прашања негативно влијаат на проширувањето

Во заклучоците на Пакетот-извештаи за проширувањето на Европската комисија се наведува дека во текот на изминатата година е постигнат значителен напредок во пристапниот процес и со оглед на забрзаното темпо со кои се движат некои кандидати за членство, проширувањето на ЕУ е реална можност во наредните години.

„Врз основа на работата завршена во изминатите години, сега е време за конкретни активности на земјите опфатени со процесот на проширувањето и на ЕУ“, се вели во пакетот кој ги опфаќа извештаите за напредокот на кандидати за членство на нивниот пат за приближување кон Унијата.

Во заклучоците се потенцира дека билатералните прашања продолжуваат негативно да влијаат врз процесот на пристапување и да ја попречуваат регионалната интеграција на партнерите на ЕУ опфатени со процесот на проширување.

„Рамката за проширување овозможува целокупно политичко опкружување погодно за решавање на нерешените билатерални прашања и за изнаоѓање меѓусебно прифатливи решенија, што Комисијата е подготвена да го олесни“, се потенцира во документот.

Во однос на Западниот Балкан се нагласува дека развојот на добрососедските односи и регионалната соработка се суштински елементи на процесите на стабилизација и асоцијација и проширување.

Во документот се посочува дека ЕУ признава оти помирувањето е сложен процес и за таа цел преку своите различни инструменти и политики останува подготвена да ги поддржи и олесни сите овие напори.

Мицкоски од Брисел ги повтори позициите

Премиерот Христијан Мицкоски пак, состанокот со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Брисел го оцени како „пријателски и прилично продуктивен“.

На средбата, како што информираа од Кабинетот на Мицкоски се разговарало со приближувањето на Северна Македонија кон Европската Унија и формалното отпочнување на преговорите.

„Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба. На состанокот апсолутно ги повторивме нашите единствени позиции кои што навистина се позиции достоинствени после сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија, изјави Мицкоски по средбата, наведуваат во соопштението од владината прес-служба.

Средба Мицкоски - Кошта
Средба Мицкоски - Кошта

Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Брисел ќе учествува на Самит за проширувањето на Европската Унија во организација на телевизијата Еуроњуз, а најави и работна вечера со еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Северна Македонија сè уште нема отворено кластери од преговорите со ЕУ бидејќи услов за тоа да се случи е вметнување на бугарската заедница во Преамбулата во Уставот, на што Владата не се согласува без гаранции дека ќе нема други условувања и нови вета од Бугарија.

Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG