Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, наведени во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне, се наведува нацрт- Извештајот за напредокот на Северна Македонија на Европската Комисија во кој Радио Слободна Европа имаше увид.
„Постојните билатерални договори, вклучувајќи го и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, треба да се спроведуваат со добра намера од страна на сите страни“ се наведува во Извештајот.
Во него се посочува дека земјава треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата.
Мицкоски со владина делегација на средби во Брисел
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски веднаш по прославата за победата на локалните избори заминаа за Брисел, каде во текот на утрешниот ден се очекува да биде презентиран Извештајот на Европската Комисијаза напредокот на земјава. Од Владата за РСЕ велат дека при посетата на премиерот со владина делегација ќе се одржат повеќе средби во делот на надворешната политика на државата.
„Како и афирмирање на веќе јасната позицијата на Владата со цел отпочнување на процесот на преговори и придвижување на патот кон Европската Унија. Посетата ќе биде фокусирана и на реформите од европското портфолио што треба да ги испорачаме до крајот на оваа година и почетокот на следната“, се вели во одговорот на Владата.
Повеќе детали од агендата на Премиерот во Брисел засега не откриваат.
Според најавата на европскиот информативен канал Еуроњуз Мицкоски ќе присуствува и на првиот Самит за проширување во организација на Еуроњуз (Euronews Enlargement Summit), кој ќе се одржи на 4 ноември. Самитот ќе го отвори претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а ќе присуствува и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Самитот се одржува во ист период кога Европската комисија ќе го претстави годишниот Извештај за проширувањето 2025, што ќе го дефинира тонот на европската политика за следната година.
Очекувањата на дел од аналитичарите се дека една од темите на кои ќе разговара македонската владина делегација со европските претставници се уставните измени кои земјава се обврза да ги спроведе со цел да продолжи со преговорите со Европската Унија, односно да ги отвори кластерите.
Ваквите очекувања доаѓаат по честите пораки од европски претставници упатени до владина адреса откако во земјава се заврши првиот круг од локалните избори.
Откако завршија и вториот круг од локалните избори на кои коалциите ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ(ВЛЕН) ја потврдија владејачката доминација, на ред дојде прашањето дали сега може да се очекува донесување на уставните измени, со цел излез од ќорсокакот со преговорите со Европската Унија.
„По оваа голема победа, нас ни се важни реформите и се надевам дека дел од силите во парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следи“, беше кусиот одговор на Мицкоски новинарско прашање како во следниот период ќе се донесат стратегиските одлуки во Собрание при недостиг на бадентерово мнозинство потребно за големи реформи, како тие од Реформската агенда.
Уставните измени се дел од компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Софија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот, за што Софија неодамна изјави дека очекува помош од Будимпешта.
ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција жестоко се противеше на ваков чекор. Но, од позиција на власт, бара гаранции од Брисел дека тоа ќе биде последното условување од Бугарија за Северна Македонија.
Европски гаранции за уставни измени
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор во САД Васко Наумовски смета дека по изборите очекувано е да се почуствува зголемен притисок или охрабрување од европските партнери за затворање на прашања коишто стојат на патот кон почетокот на преговорите.
Но, како што вели, очекува секое охрабрување за натамошни отстапки коешто ќе биде упатено кон македонската влада да содржи и определени чекори коишто ќе го зголемат кредибилитетот на Европската Унија.
„Знаеме дека Европската унија кога има желба да биде конструктивна во формулациите и во разминувањето на одредени услови може тоа да го направи“, вели Наумовски.
Според него, во периодот што следи, треба да се види како ќе се одвиваат иницијативите за менување на начинот на гласање за проширувањето и дали соседна Бугарија повторно ќе влезе во еден предизборен период, што може да доведе до отежнување на процесот.
Но, колку тоа што македонската власт ја зацврсти позицијата и отвара простор за решавањето на уставните прашања и откочување на евроинтегративниот процес, Наумовски вели дека македонската влада не би била расположена да направи отстапка доколку сите останати околности останат исти, како досега.
„Искуствата покажуваат дека секоја влада што се одлучила да жртвува дел од својот кредибилитет односно поддршка кај граѓаните не секогаш го добила истиот пристап и од Европската унија“, вели тој.
Додека политичкиот амбиент наговестува можни чекори, дел од експертите кои ја следат оваа област се децидни дека земјата мора да се посвети на евроинтеграциите.
Директорката на Институтот за европска политика – Скопје, Симонида Кацарска, во разговор со РСЕ, вели дека локалните избори беа честопати користени како причина поради која владата не се бавеше со прашањето на откочување на ЕУ пристапниот процес.
Според неа, останува да се види дали по изборите владата навистина ќе го насочи вниманието кон пристапувањето во ЕУ и исполнувањето на реформската агенда.
„Во прилог на тоа одат бројките на освоени градоначалнички и советнички места од страна на владеачката коалиција. Од друга страна, намалениот број на гласови за ВМРО-ДПМНЕ можно е и да креира дополнителна резерва кај лидерството за спроведување на уставните измени кои поларизираат, но се услов за остварување на стратешката цел за членство во ЕУ која ја поддржуваат значително мнозинство од граѓаните“, вели Кацарска.
Пред изборите Мицкоски и Муртезани најавија можни гаранции околу уставните измени
Преходно премиерот Мицкоски на 19 септември најави можни раздвижувања околу уставите измени. На брифинг со новинарите посочи дека очекува после новогодишните празници промени во делот на добивањето гаранции од европските партнери.
Пред изборната кампања за локалните избори слични сигнали дојдоа и од министерот за европки прашања во неговата влада, Орхан Муртезани кој неодамна изјави дека постои одлучност кај премиерот и Владата „по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија“.
„Со почетокот на Новата година, се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Во моментов, се што ќе кажеме може да се стави во одреден контекст и да му наштети на процесот. Она што е важно е дека постои сериозна одлучност и заинтересираност за решавање на проблемот“, рече Муртезани на 2 октомври.
Паралелно со ваквите најави од власта, во текот на кампањата за локалните избори опозицискиот СДСМ поднесе и предлог во Парламетот за усвојување на Резолуција за следните чекори на државата кон ЕУ и нејзините црвени линии до каде да одат отстапките за Бугарија. Власта го одби предлогот како предизборна итроштина.