Афера за незаконско следење на политичари и новинари и враќање на претходното име на државата, животниот стандард и балансерот, беа дел од темите на кои пратениците жестоко дебатираа на последната собраниска седница во пресрет на локалните избори.
Оваа дебата почна откако пратениците денеска ( на 12 септември) се договорија да изгласаат заедничка декларација за одржување на фер и демократски локални избори, за избор на општински советници и градоначалници. Набрзо по изгласувањето на декларацијата на последните пратенички прашања закажани пред официјалниот старт на изборната кампања, започна и жестоката дебата меѓу пратениците и претставниците на власта за животот во земјава.
Лидерот на опозицијата Венко Филипче бараше одговори од премиерот Мицкоски за аферата за незаконско следење на политичари во времето од 2019 до 2024 година, зошто не е дозволено декласификација на документите со цел откривање на вистината за аферата.
Членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), вчера беа во надзорна посета на АНБ но, како што информираат од Собранието, немале можност за увид во документацијата. Од АНБ се повикале на истрагата на Обвинителството за случајот.
Филипче денеска посочи дека таквата вчерашна одлука на раководството на АНБ да не им дозволи на пратениците да извршат надзор е потценување на Собранието и на Уставот.
„Имајќи предвид дека пратениците се лица со соодветни безбедносни сертификати и имаат право на увид во вакви информации, тоа е нивна уставна надлежност – не треба да има мешање меѓу законодавната и извршната власт. Особено ако се земе предвид дека во минатото службите беа злоупотребувани за прислушување и слични активности, сметам дека е од исклучителен јавен интерес оваа афера целосно и детално да се расчисти“, изјави Филипче од говорница.
Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека тој не е надлежен за декласификација на информации и додаде дека очекува Обвинителството да постапи во интерес на правдата. Според него најмал проблем е тоа што тој бил „следен физички“ туку што и членовите на тогашната влада на СДСМ следени.
„Оставете ме мене јас сум ви бил политички противник, решил некој таму да се заигра малку повеќе, во ред разбирам, нема проблем. Во самата ваша Влада имало луѓе што биле покривани. Тоа е поголемиот проблем за мене. Затоа ви велам повторно ве носат во длабоко. Оставете ја таа работа. Дајте да зборуваме за други теми“, рече Мицкоски.
Премиерот од собраниската говорница откри дека во изминативе 15 месеци институциите не можеле да ги најдат прислушкуваните материјали за кои обвинуваше СДСМ пред да дојде на власт.
Од собраниската говорница премиерот Мицкоски и лидерот на Левица Димитар Апасиев со испринтани фотографии и трансакциски сметки за партиски имот во рака, дебатираа меѓу себе за тоа и чија е „вистинска вистина“. Апасиев побара оставка од премиерот од морални причини, за, како што вели лажење на јавноста откако Мицкоски докажуваше дека повлекувал пари од партиската сметка.
На пратеничка мета се најдоа и прашањата за животниот стандард и барањето на опозициската СДСМ за покачување на минималната плата на 500 евра, на што власта се спротивставува поради, како што велат, можно негативно влијание врз малите и средни претпријатија.
Вечните политички теми за враќањето на старото име на државата Македонија, наместо Северна Македонија, темата за приватизацијата ги отвори од собраниска говорница пратеникот на опозициската Алтернатива Скендер Реџепи, кој најави дека ќе се кандидира за градоначалник за Скопје од Европскиот Фронт.
Ова е последната пленарна седница во Собранието, рече на брифинг со новинарите собранискиот спикер Африм Гаши. Пратениците ќе продолжат со седниците по 2 ноември откако ќе завршат локалните избори кои треба да се одржат на 19 октомври годинава.