Децентрализирање на енергетските системи не е повеќе прашање на избор, туку стратешка одлука која носи отпорност, пониски трошоци и енергетска независност, посочи постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации во Северна Македонија (УНДП) Армен Григоријан на отворањето на 14-ти Меѓународен форум за енергика за одржлив развој кој денеска започна во Скопје.
Според Григоријан, Форумот доаѓа во време на големи глобални предизвици, интензивирање на последиците од климатските промени, економска неизвесност и геополитички проблеми. Во тој контекст, истакна тој, мора да се препознае дека енергетската сигурност и климатската отпорност се две страни на ист медал.
„Мора да се движиме од преземени обврски до имплементација. Одрживата енертика е камен темелник на одржливата иднина. УНДП е активно во светот во унапредување на оваа агенда. Наша цел е да обезбедиме на 500 милиони луѓе во светот одржлива и економски достапна и сигурна достапна енергија. За остварување на овие цели УДДП развива партнерства. Овој форум е платформа за таа цел. Заедно со енергетската заедница може да инвестираме во прекуграничко складирање на енергиката и овозможувајќи енергетска независност“, посочи тој.
Притоа, кажа и дека мора да се обезбедат дигитални системи за користење на податоци и вештачката интелигенцијасо цел планирање на политики и проекти базирани на докази.
На иста линија со Григоријан, кога станува збор за предизвиците со кои се соочува светот во однос на енергетиката, е и Татјана Молчан, помошничка генерален секретар на Обединети нации и извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа.
„Денеска се наоѓаме на крстопат кога се работи за мултилатеризмот во енергијата. Глобалната енергетска транзиција претставува не само историска можност за одржлив развој, туку и голема одговорност. Мора да изградиме отпорни енергетски системи кои ќе осигураат безбедна, пристапна и еколошки одржлива енергија“, рече Молчан.
Цел е, како што рече да се најдат практични решенија за создавање на национални стратегии, да се прикажат иновативни технолошки решенија од меѓународните организации, приватниот сектор и академската заедница и да се обезбедат финансиски механизми и партнерства за инвестиции.
„Предизвиците се огромни, но и можностите“, потенцираше Молчан.
Глобалните пречки како поттик за нови решенија
Кога станува збор за Северна Македонија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека енергетиката е поставена високо на државната агенда. И тоа не како техничко прашање, туку како национален приоритет и државна стратегија.
„Секоја нова технологија што ја воведуваме, секој киловат што го произведуваме без загадување, тој чекор кон економија што ќе ја напои во иднината. Нашата цел не е само да ги исполнуваме меѓународните цели. Нашата цел е да ја создадеме економијата на иднината: интелигентна, дигитална, зелена и отпорна. Енергетската транзиција изгледаше недостижна, скапа, бавна. Но, ние ја правиме возможна. Секој соларен панел, секоја ветерница, секоја нова електрана што работи на чиста енергија, тоа е дел од нашата современа борба за независност“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека светот се менува со забрзано темпо и она што порано значело сигурен снабдувач, денес значи флексибилен систем, отпорен пазар и чисти извори на енергија.
„Енергетската стабилност не е веќе само економско, туку и безбедносно прашање. Глобалните турболенции не потсетуваат дека енергетската независност е услов за економска слобода. А без слобода нема развој, нема стабилност, нема ниту достоинство. Глобалните кризи не ги доживуваме како пречки, туку како поттик за нови решенија“, додаде Мицкоски.
Министерката Сања Божиновска, чие министерство е домаќин на овогодинешниот Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој посочи дека енергетската транзиција не е само технолошки, туку и општествен процес што бара храброст да се променат навиките и подготвеност да се инвестира во решенија што не носат брзо резултати, но создаваат посигурна и поодржлива иднина за следните генерации.
„Енергетската отпорност, денес, значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира дури и во услови на глобална неизвесност и да функционира стабилно и прилагодливо и во услови на глобална неизвесност и геополитички потреси. Зависноста од еден извор или снабдувач, забележа дека е ризик од минатото“, рече Божиновска.
Министерката потсети дека Владата го гради интерконекторот кој треба да ја поврзе Северна Македонија со Грција и со Србија, инвестиција што, според Божиновска, ќе обезбеди директно снабдување за илјадници домаќинства и индустрии. Но, од друга страна ќе и помогне и на Европа за подобра поврзаност и сигурност при снабдувањето со гас.
Изградбата на интерконекторот повторно се актуелизира во македонската јавност, откако Европската унија воведе нови санкции кон Русија.
Советот на Европската Унија го поддржаа предлогот за укинување на увозот на рускиот природен гас од 1 јануари 2026 година, но дека ќе има преоден период за склучените договори од 1 јануари 2028година.
Северна Македонија има долгорочен договор за набавка и е целосно зависна од рускиот гас, кој доаѓа преку Бугарија. Претходно, Божиновска рече дека нема простор за паника и дека во случај и да не работи, нема да останеме без гас, бидејќи ќе има решение на ниво на ЕУ.
Тридневниот 14-ти Меѓународен форум за енергика за одржлив развој под наслов „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“ го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Северна Македонија во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации.
На форумот ќе учествуваат 600 учесници од 70 држави, владини и претставници на меѓународни организации, банки, академската заедница, приватниот сектор и на граѓански организации.
Дискусиите ќе се движат од глобални цели кон конкретни акции за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.