Од јануари до 1 октомври 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини раскинало вкупно 46 концесии во рударството. Од нив, 35 се еднострано раскинати од државата, додека на 11 им се истечени договорите и не им се продолжени.
Најчестите причини за раскинување на договорите, како што кажа министерката за енергетика Сања Божиновска на денешниот брифинг со новинарите се непочитување на законски одредби, неплаќање на концесиски надоместоци, непочитување на еколошки мерки, пренесување на концесии без согласност или пак концесионерите експлоатирале надвор од дозволениот предел на работа.
Последна во низата одземени лиценци е онаа на „Мелкам Инжинеринг“ во локалитетот Лавинчеви во рамки на општина Гази Баба, за која пред два дена од седиштето на Владата информира министерот за животна средина, Изет Меџити.
„Ги проверивме елаборатите, пративме вонреден инспекциски надзор. Концесионерот имаше платено концесиски надоместок од само неколку илјади денари. Ние ги даваме нашите ресурси, а добиваме само неколку илјади денари. Жителите се охрабруваат да пријават, јас ги препраќам пријавите и на терен излегува државниот инспекторат“, изјави Божиновска.
За период од 10 месеци, направени се 78 редовни и 170 вонредни инспекциски надзори. Последната пријава за вонреден инспекциски надзор датира од завчера, а веќе следниот ден, односно вчера, министерството дало налог да се излезе на терен и да се спроведен вонреден надзор на концесионер од Липково.
Наскоро ќе биде објавен и Јавен регистар на одземени концесии – со имиња, концесионери и локалитети на веб-страницата на министерството.
Овој резултат на Министерството за енергетика и минерални суровини се должи на засилените мерки за контрола и заострените критериуми врз веќе доделените концесии од претходно. Иако, министерката се пожали дека недостига кадар во државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Во целиот инспекорат има околу 14 вработени“, вели Божиновска, а според нејзините проценки вели дека недостига уште исто толкав број на вработени.
„Во следниот период ќе бараме инспектори во Прилеп и Штип, бидејќи таму има концентрација на концесионери. Ќе вработиме локални инспектори и ќе отвориме локални подружници. Паралелно, набавуваме дрон за да не знаат концесионерите кога ќе има контрола, сите информации ќе ни ги каже дронот“, рече Божиновска.
Министерката Божиновска посочи дека ако претходно договорите на концесионерите биле продолжувани на максимални 20 односно 30 години, сега министерството е внимателно и става потпис на продолжување на најмногу седум до осум години.
Шест судски предмети против државата, два одбиени
Министерката Божиновска кажа и дека државата наследила многу судски спорови кои се воделе против неа.
Од вкупно 6 судски предмети во вредност од 421,8 милиони денари, две тужби во вредност од 315 милиони денари се одбиени, со што вкупната вредност на предметите против Министерството намалена од 421,8 на 106,8 милиони денари.
Од друга страна, самото министерство покренало 17 тужби за наплата на долгови за сума од 32,8 милиони денари. Дел од нив веќе се завршени со позитивни пресуди и спогодби. Евиденцијата на министерството покажува дека на Управен суд се водат околу 20 предмети поврзани со концесии – со веќе позитивна судска пракса.
„За разлика од претходно што никој не се појавувал на судските процеси и само сме ги добивале пресудите, сега нашиот пристап е поинаков“, рече Божиновска.
Активирани банкарските гаранции за четири компании со фотоволтаици
Министерството за енергетика активирало нешто над 39 милиони денари банкарски гаранции на четири компании кои аплицирале за премии од Министерството за економија.
Божиновска кажа дека правната служба во институцијата утврдила дека „немаат исполнето дел од нивните обврски според договорот со што е пристапено кон одземање на парите и наплата на банкарската гаранција“, притоа не објаснувајќи ги конкретните причини за потегот за секоја фирма одделно.
Од четирите компании две со добро познати на јавноста. Едната е на компанијата „Пуцко Петрол“, додека другата е Сол Груп 5 ДОО Скопје, во сопственост на сопругата на поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
За оваа компанија, РСЕ пишуваше дека Владата предводена од екс премиерот Ковачевски ја задолжи општина Радовиш да и продаде наСол Груп 5 државна парцела за изградба на фотоволтаична централа. која според тафирникот чинеше 70 денари за метар квадратен.
Владината одлука за продажба на 1.119 метри квадратни земјиште во радовишкото село Раклиш ја потпиша тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, додека Ковачевски негираше конфликт на интереси.
Според дополнителното образложение на министерството, „Сол Груп 5“ аплицирала на државниот повик и се стекнала со правото на користење на државни премии. Но, компанијата не ги изградила централите, со што ги прекршила одредбите од договорот.
Утврдено е дека немало оправдан застој за реализација на договорот и затоа министерството пристапило кон активирање на банкарската гаранција за компанијата на Елена Ковачевска.
Странските инвеститори за градење на ветропаркови и гасни централи
Освен за актуелните концесии, министерката Сања Божиновска говореше и за имплементацијата на новиот Закон за енергетика и воведувањето на годишен План за инвестиции, кој се воведува за првпат. До 1 октомври беше рокот според кој странските инвеститори требаше да покажат иницијатива до министерството што би сакале да градат во иднина.
Според пристигнатите пријави, иницијативите се однесуваат на изградба на ветропаркови со вкупен инсталиран капацитет од 1.590 мегавати, фотонапонски електрани - 5.052 мегавати, когенеративна гасна централа со капацитети од 495 мегавати, гасна централа со мотори – 21 мегават, самостојни складишта за батерии од 2.596 мегавати и експериментални објекти со 288 мегавати.
Во планот за 2026 година, математички тоа е околу потенцијални 7.100 мегавати кои би се добиле од гасна централа, ветер и сонце. Ова е бројката од пристигнати иницијативи и не значи дека сите ќе влезат во планот за наредната година.
„Ова е само предлог, сега треба да видиме ако некој не доставил целосна документација, може и да не влезе во планот“, рече Божиновска, притоа не откривајќи од кои домашни или странски компании се пристигнати речиси 200-те иницијативи.
Јавна дебата за предлог законите за геологија и рударство
Министерката Божиновска се осврна и на големиот број на забелешки за законите за геологија и рударство доставени до ЕНЕР, но и реакциите од граѓанските организации за заштита на животната средина.
Кажа дека за предлог законските решенија се пристигнати околу 100 забелешки. За нив најави јавна дискусија, процес на нивно усогласување со ЕУ стандардите и консултација на експерти од Европската унија.
„До крај на годината се надевам да го завршиме“, оптимистично кажа Божиновска.