Вести
Украина сака да го зголеми увозот на гас за 30 отсто по руските напади

Украина сака да го зголеми увозот на природен гас за 30 отсто по руските воздушни напади врз нејзината гасна инфраструктура, штета која украинската министерка за енергетика Свитлана Гринчук ја опиша како значителна, јави агенцијта Ројтерс.
Русија ги интензивираше нападите врз енергетскиот сектор на Украина во последните недели, а минатиот петок ги нападна главните гасни полиња на Украина, зголемувајќи ги стравувањата од можен недостиг на гас и потреба од значителен дополнителен увоз.
„Планираме да го зголемиме увозот за околу 30 отсто ако успееме да го прошириме нашиот капацитет за увоз“, рече Гринчук на брифинг за медиумите.
„Планираме да увезуваме во текот на најстудените месеци, иако приоритет сега е да се обезбеди увоз за октомври-декември и, доколку е потребно, за други месеци“, кажа таа.
Гринчук рече дека вкупниот обем на увоз ќе зависи од тоа колку брзо Украина може да го обнови производството на гас, колку интензивни и насочени ќе бидат руските напади и колку сериозна може да биде штетата врз системот за транспорт на гас.
„Колку побрзо можеме да го обновиме (производството), толку помалку ќе треба да увезуваме“, рече Гринчук, додавајќи дека зголемувањето на увозот на течен природен гас е една од можните опции за да се покрие недостатокот.
Владата претходно изјави дека Украина планира да увезе 4,6 милијарди кубни метри гас во сезоната 2025/26, започнувајќи ја грејната сезона со околу 13,2 кубни метри гас во своите складишта.
Аналитичарите и поранешните функционери велат дека земјата веќе акумулирала околу 13 кубни метри резерви.
Украинската министерка за енергетика рече дека нејзиниот тим веќе разработил сценарија за дејствување во случај на руски напади и подготвил ограничувања за снабдување со гас на населението и индустријата, што не било направено во сите години од војната.
Русија редовно ја бомбардира енергетската инфраструктура на Украина од инвазијата во 2022 година.
види ги сите денешни вести
Нобеловиот комитет го одржа последниот состанок за наградата за мир

Норвешкиот Нобелов комитет, кој ја доделува награда за мир, го одржал својот последен состанок во понеделник, соопшти Нобеловиот институт денеска (9 октомври) пред објавувањето на лауреатот за 2025 година.
Ова значи дека лауреатот е избран долго пред договорот меѓу Израел и Хамас, кој се постигна под силен притисок од Доналд Трамп, кој отворено ја посакува Нобеловата награда за мир.
Израел и палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација, изминатата ноќ постигнаа договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, што претставува голем чекор кон завршување на двегодишната војна што се одвива на палестинската територија.
„Последниот состанок на Нобеловиот комитет се одржа во понеделник“, изјави за АФП портпаролот на норвешкиот Нобелов институт, Ерик Ашајм.
Нобеловиот комитет од пет члена обично одлучува кој ќе ја добие наградата неколку дена или дури и недели пред официјалното објавување на лауреатот и се состанува уште еден еднаш пред објавувањето за да ги прецизира своите очекувања.
Ашајм додаде дека не е закажан дополнителен состанок пред објавувањето на лауреатите закажано за петок во 11 часот.
Според него, Нобеловата награда за мир ќе биде доделена, иако некои експерти шпекулираат дека Нобеловиот комитет, поради влошената геополитичка ситуација, би можел да се воздржи од нејзино доделување.
Американскиот претседател Трамп, откако се врати на власт во јануари, тврди дека ја заслужува Нобеловата награда за мир бидејќи, како што постојано потенцира, одиграл улога во решавањето на повеќе конфликти. Неодамна изјави дека би било навреда за САД ако не ја добие наградата.
Договорот меѓу Израел и Хамас „нема апсолутно никакво влијание“ врз изборот на лауреатот за 2025 година бидејќи „Нобеловиот комитет веќе донесе одлука“, посочи за АФП историчарот на Нобеловиот комитет, Асле Свен.
„Трамп нема да ја добие наградата оваа година. Јас сум 100 проценти сигурен во тоа“, рече тој, истакнувајќи дека американскиот претседател одамна „му дал слобода“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја бомбардира Газа и обезбедил значителна воена помош на израелската војска.
Годинава, 338 поединци и организации беа номинирани за Нобеловата награда за мир, која во 2024 година им беше доделена на Нихон Хиданко, група преживеани од бомбардирањата на Хирошима и Нагасаки кои се борат против нуклеарното оружје.
Фон дер Лајен повторно го преживеа гласањето за доверба

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска(9 октомври)преживеа уште две гласања за доверба, при што за разлика од претходното гласање пред три месеци, овојпат еврокомесарката ја поддржаа малку повеќе пратеници.
Два одделни предлози за недоверба беа поднесени од крајно левичарските и крајно десничарските групи, Левица и Патриоти за Европа.
За предлогот на Левица гласаа 133 пратеници, 383 беа против, а 78 беа воздржани.
Вториот предлог поднесен од Патриотите за Европа беше отфрлен со 179 гласови „за“, 378 „против“ и 37 воздржани.
Најголемите критики на овие две парламентарни групи се однесуваа на трговските договори на Европската Унија со Соединетите Држави и јужноамериканскиот блок Меркосур, недостигот на транспарентност и одговорност и неактивноста во врска со војната на Израел во Појасот Газа.
Ова е втор пат за помалку од три месеци пратениците од опозицијата во Европскиот парламент да побараат гласање за доверба на претседателот на Европската Комисија.
Претходното барање за гласање недоверба го поднесе романскиот десничарски пратеник Георге Пипереа од групата на Европските конзервативци и реформисти, меѓу другото, поради тајната преписка меѓу Фон дер Лајен и директорот на Фајзер, Алберт Бурла околу испораката на вакцини во ЕУ во 2001 година за време на пандемијата на коронавирусот.
Во тоа време, 175 пратеници го поддржаа предлогот, додека 360 гласаа против.
За гласање недоверба, треба да гласаат две третини од членовите на Европскиот парламент, што е невозможно да се постигне без поддршка од дел од политичките групи на центарот - Европската народна партија, на која припаѓа Фон дер Лајен, социјалистите и демократите, и групата Обнови ја Европа, која ја поддржува Европската Комисија.
Унгарецот Ласло Краснахоркаи е добитник на Нобеловата награда за литература

Унгарскиот писател Ласло Краснахоркаи ја доби Нобеловата награда за литература. Тој се смета за најважниот жив автор во Унгарија чии дела истражуваат теми на постмодерна дистопија и меланхолија.
Шведската академија го одликуваше „за неговото убедливо и визионерско творештво кое, среде апокалиптичен ужас, ја потврдува моќта на уметноста“.
Краснахоркаи, 71, е „голем епски писател во централноевропската традиција која се протега од Кафка до Томас Бернхард и се карактеризира со апсурдизам и гротескна ексцесност“, се вели во соопштението на жирито.
Краснахоркаи беше меѓу оние што беа споменати како можен победник пред и официјално да биде доделена наградата.
Минатата година, наградата ѝ припадна на јужнокорејската авторка Хан Канг, првата азијка што ја освои Нобеловата награда.
Инаку Академијата долго време е критикувана за преголемата застапеност на западните бели мажи во нејзините избори, потсетува АФП.
Жените се недоволно застапени меѓу нејзините лауреати, или само 18 жени од 122 лауреати се жени, откако наградата беше првпат доделена во 1901 година.
Шведската академија претрпе големи реформи по катастрофалниот скандал #MeToo во 2018 година, ветувајќи поглобална и родово еднаква награда за литература.
Нобеловата награда доаѓа со диплома, златен медал и паричен износ од 1,2 милиони долари.
Краснахоркаи ќе ја прими наградата од кралот Карл XVI Густав во Стокхолм на 10 декември, односно на годишнината од смртта на научникот и творец на наградата Алфред Нобел во 1896 година.
Вадефул: Без напредок кон ЕУ, Западен Балкан ризикува силно влијание од Русија и Кина

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Западен Балкан е дел од европското семејство, но дека во регионот расте недовербата дека во блиска иднина ќе стане дел од Европската Унија, што, како што предупреди, носи опасност од „враќање во старите времиња на непријателства и зголеменото влијание на Русија и Кина“.
„Западен Балкан е дел од европското семејство. Затоа за нас е јасно: патот кон ЕУ ќе го поминеме заедно со шесте земји од регионот“, изјави Вадефул во пресрет на министерскиот состанок за Западен Балкан во замокот Хилсборо кај Белфаст, соопшти германското Министерство за надворешни работи.
На состанокот, покрај министрите за надворешни работи на шесте земји од Западен Балкан, учествуваат и министри или високи претставници од Германија, Франција, Италија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија и други држави.
Дводневниот министерски состанок се одржува во рамки на Берлинскиот процес и има за цел да го подготви самитот на лидерите од Западен Балкан што ќе се одржи во Лондон на 22 октомври.
Вадефул оцени дека токму Берлинскиот процес е „катализатор во процесот на приближување на државите од Западен Балкан кон Европската Унија“ и дека оваа негова улога „денес е поважна од кога било“.
„Луѓето почнуваат да ја губат довербата во можноста за скоро членство во ЕУ. Тоа не смееме да си го дозволиме, бидејќи тогаш се заканува враќање во времиња на непријателства и засилено влијание на Русија и Кина“, рече Вадефул и нагласи дека улогата на Берлинскиот процес е и да ја поттикне секојдневната соработка и да донесе видливи подобрувања во животите на граѓаните.
Берлинскиот процес е иницијатива на Европската Унија (ЕУ), започната во 2014 година по иницијатива на Германија, со цел да ја зајакне регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан и да им помогне на нивниот пат кон членство во ЕУ.
Состанокот се одржува симболично во замокот Хилсборо, каде што во 1998 година владите на Обединетото Кралство и Република Ирска го потпишаа Договорот од Белфаст, познат и како Договорот на Велики петок, со кој во голема мера беше ставен крај на северноирскиот конфликт.
Пратките од Тему и слични онлајн продавници ќе поскапат за 18 отсто

Сите пратки кои пристигнуваат од странство ќе бидат поскапи за 18 проценти доколку пратениците ги изгласаат законските измени предложени од Владата. До собранието, Владата достави предлог-измени на Законот за ДДВ со кои се планира да се укине ослободувањето од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра. Тоа би значело автоматско поскапување на сите нарачки за 18 проценти, колку што е стапката за ДДВ.
„Ако предлогот биде усвоен, секоја комерцијална пратка, без оглед дали чини 5, 15 или 21 евро, ќе се оданочува со 18 отсто ДДВ. Исклучок ќе останат само „мали пратки од некомерцијална вредност“ испратени од физичко лице до физичко лице, до 22 евра, при што забраната за алкохол, парфеми, тутун и слични производи се задржува“, пишува во текстот на предлог-законот.
Во предлог-законот се наведува дека при увоз на добра, од плаќање на ДДВ се ослободуваат патници кои доаѓаат од странство, за предмети наменети за нивни лични потреби за време на патувањето во странство (личен багаж), а кои не подлежат на какви било важечки ограничувања или забрани.
Владата го образложува потегот како усогласување со меѓународни практики и затворање на даночната „дупка“ кај ситните пратки, со цел сите увезени производи да носат соодветна даночна обврска.
Инаку овој предлог следува откако е зголемен трендот на купување од онлајн продавници како Тему, Али експрес, Шејн и сл.
Според последните статистички податоци на Царинската управа само во јуни 2025 македонските купувачи нарачале околу 250 тони стока. Од неа за приближно 150 тони се наплатиле давачки од околу 41,7 милиони денари, додека за дел од пратките до 22 евра не се платиле никакви давачки.
Во ЕУ, пак, прагот за ослободување од давачки е повисок и тој е поставен на пратки до 150 евра. Но, негово укинување изминатиот период се споменува како една од мерките што би можеле да се преземат. На тој начин, како што пишуваа медиумите во Европа, од една страна би се одвратиле потрошувачите од купување производи со ниска вредност, а од друга би се делувало и во овозможување на фер услови за домашните односно европските бизниси кои имаат трошоци за да ги задоволат стандардите за квалитет.
М-НАВ по најавите за штрајк на контролорите на летање: Безбедноста не смее да се доведе во прашање

Менаџерскиот тим на М-НАВ денеска реагираше околу најавите за штрајк и „затворањето на небото“ на 20 и 24 октомври, кое претходно го најави Струковиот синдикат на контролорите на летање.
„М-НАВ како институција е дел од критичната инфраструктура која директно ги штити животите и безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај што пристига, полетува и прелетува над Република Македонија. Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани“, се наведува во соопштението.
Менаџментот го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како дел од борбата за подобрување на работничките права на вработените, но нагласуваат дека секој штрајк во институција која обезбедува безбедносни услуги мора да биде организиран, така што работно ќе бидат ангажирани доволен број на контролори на летање за да се одржи безбедното управување со воздушниот сообраќај.
„Ниту една активност на синдикатите или било кои други субјекти не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата“, посочуваат од Менаџерскиот тим на М-НАВ.
Од М-НАВ остро ги негираат како „сензационалистички и неточни“ изјавите од раководството на струковиот синдикат, кој посочи дека состојбата во претпријатието е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат.
„Повторуваме дека ширењето на дезинформации и панични наслови е неодговорно и може да создаде неоправдан страв кај јавноста и нестабилност во работењето на службите за авијација“, се наведува во соопштението.
Менаџерскиот тим на М-НАВ, како што посочуваат во соопштението, останува отворен за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и се подготвени да ги разгледаат реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања. Оттаму додаваат дека сите барања треба да се адресираат преку официјалните процедури со цел да се најде решение кое нема да ја загрози безбедноста на летовите.
Од Синдикатот на контролорите за летање претходно информираа дека целта на штрајкот не е блокирање на системот, туку воспоставување професионален и одржлив начин на функционирање во М-НАВ, каде што ќе се вработува само неопходен стручен кадар, а не по партиска линија.
Тие меѓудругото бараат запирање на партиските вработувања во М-НАВ и распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието.
Кина ги проширува ограничувањата за извоз на ретки земни метали

Кина ги проширува своите ограничувања за извоз на ретки земни метали, соопшти Министерството за трговија. Според најавите, технологиите и експертизата за екстракција и преработка на ретки земни метали(кои се основни компоненти во широк спектар на модерни уреди)во иднина може да се споделуваат само со одобрение. Ова влијае, меѓу другото, на знаењето за рударство, преработка и рециклирање на металите. Софтверот, техничките планови и документите за одржување или поправка исто така се предмет на новите правила.
Ова би можело да им отежни на странските компании да воспостават независна преработка надвор од Кина. За прв пат, производите надвор од Кина што содржат ретки земни метали од Кина или се произведени со користење на кинески процеси се исто така опфатени. Како што се најавува, компаниите што извезуваат таква стока во други земји ќе треба да аплицираат за одобрение од кинеските власти од 1 декември.
Според владини информации, извозот наменет за воени цели или генерално за армии нема да биде одобрен.
Набљудувачите ги гледаат новите регулативи во контекст на растечката конкуренција и тензиите околу технологијата меѓу Кина и САД. Соопштението доаѓа кратко пред очекуваната средба меѓу кинескиот лидер Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на претстојниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја.
Соединетите Држави веќе воведоа обемни ограничувања за извоз на високо-перформансни чипови кон Кина. Дополнително, меѓу двете страни трае трговски спор.
Индустријата на ЕУ ќе биде силно погодена. Ретките метали се 17 метали потребни за производство на многу модерни производи како што се електрични мотори или ветерни турбини. Кина е најголемиот производител во светот и преработува голем дел од глобалните количини.
Во контекст на трговскиот спор со Вашингтон, Пекинг веќе го ограничи извозот на одредени производи од ретки метали и магнети во април. Компаниите од ЕУ, исто така, се борат со новите правила.
Европската стопанска комора во Кина во септември повторно предупреди за понатамошни прекини во производството кај нејзините компании-членки поради извозните контроли на Пекинг.
Зеленски вели дека Русија има за цел да посее „хаос“ со енергетски напади

Претседателот Володимир Зеленски ја обвини Русија дека сака да посее „хаос“ во Украина со започнување напади врз енергетската мрежа и железничката инфраструктура на неговата земја.
Москва, чии сили ја нападнаа Украина во 2022 година, во последните недели ги засили воздушните напади врз украинските енергетски објекти и железнички системи.
„Задачата на Русија е да создаде хаос и да изврши психолошки притисок врз населението преку напади врз енергетските објекти и железниците“, им рече Зеленски на новинарите, во коментари објавени во четврток, 9 октомври.
Неодамнешните напади се одраз на слични руски бомбардирања во зимите 2022, 2023 и 2024 година, кога нападите оставија милиони Украинци без енергија или греење подолги периоди.
Зеленски рече дека руските напади оваа година веќе ја ставија украинската гасна инфраструктура под „силен притисок“ и дека повеќе напади врз гасната инфраструктура би можеле да ја принудат неговата земја да го зголеми увозот.
Украина неодамна ги засили и сопствените напади со беспилотни летала и ракети на руска територија во кампања за која Зеленски рече дека покажува „резултати“ и која, исто така, ги зголеми цените на горивата во Русија.
„Веруваме дека тие изгубиле до 20 проценти од снабдувањето со бензин - директно како резултат на нашите напади“, рече Зеленски, додавајќи дека има докази дека Русија го зголемила увозот од Кина и Белорусија.
Украина неодамна погоди и електрана во рускиот пограничен регион Белгород, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Сенатот на САД повторно не го усвои законот за финансирање

Американскиот Сенат повторно не успеа да го усвои законот за краткорочно финансирање на владата до 21 ноември, додека прекинот на работата на владата влезе во деветтиот ден.
Сенатот го одби законот што го усвои Претставничкиот дом со 54 гласа „за“ и 45 „против“, бидејќи не беше достигнат прагот од 60 гласа потребни за негово усвојување.
Ова беше шести обид за усвојување на законот за финансирање.
Сенатот, исто така, ја одби и верзијата на демократите, која содржеше неколку одредби поврзани со здравствената заштита.
Блокадата на работата на владата на САД почна на 1 октомври, на почетокот на фискалната 2026 година, откако демократите во Сенатот го одбија краткорочниот закон за финансирање што ќе им овозможеше на федералните министерства да останат отворени до 21 ноември.
Демократите одбиваат да го поддржат предлогот на републиканците без поголеми отстапки, фокусирајќи се особено на прашањата за здравствена заштита.
Германија ја ограничи продажбата на канабис преку интернет

Германската влада на 8 октомври одобри планови за ограничување на продажбата на канабис преку интернет, во обид да го ограничи порастот на увозот што следеше по легализацијата на рекреативната употреба минатата година.
Според амандманот на постојниот закон, рецептите за канабис сега ќе се издаваат само по посета на лекар, додека нарачките преку интернет и испораката по пошта ќе бидат забранети. Продажбата ќе биде ограничена на аптеките, каде што фармацевтите ќе мора да дадат совет за употреба.
Во април 2024 година, Германија стана деветтата земја во светот што го легализираше рекреативниот канабис. Оттогаш, увозот се зголеми за повеќе од 400 проценти во првата половина од годината во споредба со истиот период минатата година, според владини податоци.
„Масовното зголемување на увозот на канабис и практиката на препишување на лекот преку интернет, без никаков личен медицински контакт, бараат политичка акција“, изјави германската министерка за здравство Нина Варкен.
Владата соопшти дека зголемувањето на увозот не е поврзано со зголемената побарувачка кај тешко болните пациенти, бидејќи рецептите издадени преку системот за јавно здравствено осигурување се зголемија за едноцифрен процент
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете