Достапни линкови

Секое трето дете во Северна Македонија живее во сиромаштија


илустрација
илустрација

Европската гаранција за деца како механизам на ЕУ за спречување на сиромаштијата и социјалната исклученост е особено важна за Северна Македонија, каде што секое трето дете живее во сиромаштија, апелираше денеска (14 мај) министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.

„Ова е значително повисока стапка од општата стапка на сиромаштија кај вкупното население. Особено ранливи се Ромите, децата што живеат со еден родител и оние што живеат во семејства со три и повеќе деца. Податоците за сиромаштијата кај децата се алармантни и укажуваат на потребата од итни и ефективни мерки“, изјави Лимани во обраќањето на конференцијата „Гаранција за деца - инструмент за искоренување на сиромаштијата и исклученоста на децата“.

Осврнувајќи се на Националниот акциски план за правата на децата 2025 - 2029, министерот потенцираше дека еден од приоритетите е зголемување за 15 отсто на паричните додатоци наменети за децата. Тој вели дека се работи на проширување на капацитетите за предучилишно обазование за повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и на тој начин да обезбедат подобри шанси за успех во следните нивоа на образование.

„За да ги надминеме предизвиците, Владата со поддршка на ЕУ и УНИЦЕФ изработи Национален акциски план за правата на децата 2025 - 2029 кој е во завршна фаза на усвојување. Еден од приоритетите на Планот е намалување на детската сиромаштија, вклучително и воведување на Европската детска гаранција, како и зголемување за 15 отсто на паричните додатоци наменети за децата“, додаде Лимани.

Друга важна мерка предвидена со Националниот акциски план е формирање комисија за координирање на сите активности и политики која ќе го следи исполнувањето на обврските од Конвенцијата за правата на детето и ќе подготвува извештаи до меѓународните и регионалните механизми за човекови права.

Се очекува Комисијата да ја подобри меѓусекторската соработка која е неопходна за справување со комплексните потреби на децата и за развивање интегрирани услуги за нив како составен дел на гаранцијата за деца.

XS
SM
MD
LG