Достапни линкови

Вести

Орбан: Украина не треба да се грижи за унгарските беспилотни летала

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го минимизираше наводното кршење на украинскиот воздушен простор со беспилотни летала од страна на неговата земја, велејќи дека „никој“ нема да ја нападне воено разурнатата нација од правец на Унгарија.

Орбан е најжестокиот критичар на Украина во Европската Унија, одбивајќи да испрати воена помош на земјата за да се бори против руската инвазија.

Унгарија, исто така, ги попречи построгите санкции кон Москва и го блокираше обидот на Киев за членство во ЕУ.

Коментарите на националистичкиот лидер следуваат откако Украина ја обвини Унгарија за кршење на нејзиниот воздушен простор со неколку беспилотни летала кои наводно се обидувале да шпионираат во нејзините гранични области, дополнително затегнувајќи ги односите меѓу двата соседа.

Киев тврди дека извидувачките беспилотни летала биле забележани во петокот наутро, двапати преминувајќи ја украинската граница од Унгарија во западниот регион Закарпатија.

„Украина не е во војна со Унгарија, туку со Русија. Затоа треба да биде загрижена за беспилотните летала на нејзината источна граница, бидејќи тука има земји-членки на НАТО“, рече унгарскиот премиер во подкаст на социјалните медиуми, воден од портпаролот на неговата партија.

„Позадината на Украина е безбедна. Никој нема да ја нападне оттаму“, рече Орбан.

Тој истакна дека прашањето е „фарса“ што нема „никакво значење“ и дека унгарскиот министер за одбрана негирал дека унгарските беспилотни летала влегле во украинскиот воздушен простор.

„Но, еве да речеме дека летале неколку метри. Па што? Украина не е независна земја. Украина не е суверена земја. Ние ја држиме Украина на површина. Западот ја држи на површина. Ние им го даваме нивното оружје. Украина не треба да се однесува како да е суверена држава“, изјави Орбан.

Украина аплицираше за приклучување кон 27-члената ЕУ неколку дена по почетокот на војната во 2022 година, но не можеше да ги унапреди разговорите за членство поради ветото на Орбан.

Унгарија вели дека приклучувањето на Украина кон блокот би претставувало безбедносни ризици и дека додека е во војна ризикува да ја вовлече ЕУ во конфликт со Русија.

Украина ги отфрла ваквите тврдења како неосновани.

види ги сите денешни вести

Макрон ја повика Европа да го зголеми притисокот врз руската флота во сенка

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон jа повика Европа да преземе координирани мерки против таканаречената руска флота во сенка и да го следи примерот на неговата земја во ограничувањето на бродовите што се користат за кршење на западните санкции.

Франција моментално истражува брод со знаме на Бенин, кој е меѓу стотиците стари танкери на црната листа на Европската Унија поради помагање на Москва да ги заобиколи ограничувањата за извоз на нафта воведени по инвазијата на Украина во 2022 година.

„Исклучително е важно да се зголеми притисокот врз оваа флота во сенка, бидејќи тоа очигледно ќе го намали капацитетот за финансирање на овој воен напор“, рече Макрон на состанокот на лидерите во Данска.

Францускиот лидер им предложи на европските земји што припаѓаат на „Коалицијата на подготвените“ во поддршка на Киев да работат во координација со НАТО за да ја оптимизираат „заедничката акција“ во тој поглед.

Француските власти приведоа двајца високи членови на екипажот на „Боракај“, кој е позициониран покрај западниот брег на Франција, и започнаа истрага поради „неуспехот на екипажот да ја оправда националноста на бродот“ и „одбивањето да соработува“.

Податоците од следењето на бродовите покажуваат дека танкерот бил во близина на данскиот брег минатиот месец за време на мистериозните летови со беспилотни летала што предизвикаа безбедносни загрижености и затворање на аеродромите во земјата.

Медиумските извештаи ја поврзаа француската акција со неидентификуваните летови - нешто што Париз не го потврди.

Но, Макрон рече дека покрај тоа што се осигурува дека бродовите ги почитуваат меѓународните правила, ваквите притворања се „многу важни“ за да се зголеми притисокот врз Москва, да се исцрпи нејзиниот воен фонд и да се присили да седне на преговарачка маса.

Се проценува дека флотата во сенка вклучува до 1000 бродови, претставува „десетици милијарди евра од рускиот буџет“ и сочинува „40 проценти од руските воени напори“.

Стармер: Бегалците ќе мора да го „заслужат“ правото на долгорочен престој во Велика Британија

Британскиот премиер Кир Стармер
Британскиот премиер Кир Стармер

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека нема да има „златен билет“ за населување во Обединетото Кралство, во рамките на плановите што бараат бегалците да го „заслужат“ своето право на долгорочен престој.

Владата планира да ги укине автоматските права за семејно обединување за оние на кои им е доделен азил во Велика Британија и да ги промени условите за долгорочно населување. Новите апликации за постоечкиот пат за семејно обединување на бегалци се суспендирани од септември.

Премиерот ќе одржи разговори за плановите и за тоа како европските земји можат да соработуваат за справување со илегалната миграција на денешниот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ).

„Верувам дека ако сакаш да дојдеш во Велика Британија, треба да придонесеш за нашето општество. Тоа е толерантниот и фер пристап кон миграцијата на кој се изградени нашите заедници, но сегашниот систем не е соодветен на целта. Затоа правиме фундаментални промени во тоа што им е овозможено во Велика Британија на оние на кои им е доделен азил. Долгорочниот престој мора да се заслужи со придонес кон нашата земја, а не со плаќање на шверцер на луѓе за да се помине Каналот со брод“, изјави Стармер.

Британскиот премиер додаде дека Велика Британија ќе продолжи да ги пречекува „вистинските бегалци кои бегаат од прогон“, но исто така мора да се справи и со „факторите на привлекување“ кои ги предизвикуваат илегалните премини со мали чамци.

Како што пишува ДПА, тој исто така ќе објави ново партнерство за справување со причините за миграцијата, на средба со данската премиерка Мете Фредериксен. Планот, поддржан со до 3 милиони фунти (4 милиони долари), ќе вклучува поттикнување на луѓето да останат во регионот и да се вработат таму.

Министерката за внатрешни работи, Шабана Махмуд, подоцна наесен целосно ќе ги претстави реформите, според кои бегалците ќе се соочат со подолг пат до добивање постојан престој. Тие ќе мора да придонесат за Велика Британија и нема да имаат автоматско право да ги донесат своите семејства да им се придружат.

Според владата, бегалците сепак ќе имаат право на „основна заштита“ и нема да бидат вратени дома според измените, но ќе се применува „нов, подолг пат до населување што бара од нив да придонесат, заменувајќи ги сегашните пет години“.

Советот за бегалци предупреди дека запирањето на семејствата да се обединат ќе принуди повеќе луѓе да дојдат во Велика Британија користејќи шверцери и дека визите за семејно обединување во голема мера ги поддржуваат жените и децата.

Дојави за бомби во повеќе од 800 училишта во Србија

илустрација
илустрација

Вкупно 807 основни и средни училишта во Србија добиле дојави за поставени бомби, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија на 2 октомври.

„Полициските службеници постапуваат според упатствата за тоа како да се постапи кога дознаваат или примаат информации за поставена експлозивна направа или уред“, изјави МВР.

Надлежното обвинителство е информирано за пријавата за бомби во училиштата.

Министерството за внатрешни работи објави дека ќе контактира со своите партнери во странство за да го идентификува испраќачот на овие закани.

И во последните години, имаше слични пријави за поставени бомби во училиштата во Србија.

Владата на Србија во декември 2023 година објави дека полицијата идентификувала неколкуте граѓани на Србија и едно лице од странство кои испратиле пријави за наводно поставени бомби во училиштата во Белград.

Потоа започна истрага, чии резултати подоцна не беа објавени за јавноста.

Министерството за внатрешни работи објави дека презело мерки за да се обезбеди нивото на безбедност и заштита на највисоко ниво.

Во тоа време, слични дојави беа примени на адресите на медиумите, Радио-телевизија на Србија (РТС) и Радио-телевизија на Војводина (РТВ).

Претходно, со почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, имаше чести извештаи за наводно поставени бомби во најважните објекти во Србија, особено на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

Четириесет проценти од младите до 18 години пушат

илустрација
илустрација

Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат, покажуваат податоците на тинк текнк организацијата Аналитика. Тамара Мијовиќ-Спасова од оваа организација алармира дека анализите покажуваат дека веќе на 13 годишна возраст, младите почнуваат да пушат.

„И штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие веќе и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат. Бројките се алармантни. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја безбедна варијанта којашто нема да им пречи. А според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите“, рече Мијовиќ-Спасова во рамки на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“.

Mинистерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи.

„Она што е навистина поразително е штетното влијание на здравјето. Тоа мора да го превенираме. Она што го правиме во образованието кое всушност е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи е дека и во основното и во средното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост, и еве една новина во седмо одделение оваа година е воведен изборен предмет „Учам за моето здравје“, рече Јаневска.

Министерката истакна дека во новите законски решенија за основно и средно образование ги задолжиле училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на овие супстанции – тутунот, алкохолот и дрогата.

Од Аналитика тинк тенк истакнаа дека Северна Македонија се уште се рангира како земја со една од повисоките стапки на пушење. Оттаму велат дека е најважна соодветна реакција на цело општество, а најважно е едукацијата и превенцијата да почнуваат од рана возраст.

На работилницата учествуваат претставници од медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните организации со цел да се поттикне посилна соработка и да се истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази, во согласност со приоритетите за интеграција во Европската Унија.

Холандија ги предупредува компаниите да не „се потпираат“ само на чет-ботовите

илустрација
илустрација

Холандските власти им порачаа на компаниите и организациите дека не треба да се потпираат само на чет-ботови за комуникација со потрошувачите, опишувајќи ја нивната употреба како „една од најдосадните ситуации“ со кои се соочуваат клиентите.

„Организациите што користат чет-ботови во своите услуги секогаш мора да им понудат на луѓето можност да разговараат со претставник“, се вели во соопштението на Холандската агенција за заштита на податоци (AP).

Фирмите, исто така, мора да се осигурат дека потрошувачите се свесни дека комуницираат со чет-ботови и дека машините нема да избегнуваат одговори или да даваат неточни одговори, соопшти AP.

Надзорниот орган изрази загриженост за растечката употреба на чет-ботови со вештачка интелигенција и предупреди дека регулаторите ќе разгледаат построги правила.

„Чет-ботовите стануваат главна точка на контакт, а патот кон човечка содржина бледнее“, се вели во новиот извештај на AP.

Сè понапредната технологија на чет-бот значи дека потрошувачите не знаат дали разговараат со човек или со машина, се наведува во извештајот.

По почетната незадоволителна интеракција со чет-бот, потрошувачите често се пренасочуваат не кон човек, туку кон друг четбот, што ја зголемува фрустрацијата, предупредува Холандската агенција за заштита на податоци.

Службениците забележуваат „брз пораст“ на поплаките за четботовите, соопшти Холандскиот орган за потрошувачи и пазар (ACM).

„Неодамнешното истражување на ACM покажува дека недостигот на човечка интеракција во услугата за корисници е една од најголемите досадни работи.“

Холандските власти ја повикаа Европската Комисија да воспостави јасни упатства за дизајнот на чет-ботовите со вештачка интелигенција.

„Тие мора да бидат фер, препознатливи и достапни. И луѓето не смеат да бидат заведени“, укажува АП.

Литванија гради засолништа додека беспилотни летала ги прелетуваат граничните неба

илустрација
илустрација

Неодамнешните летања со беспилотни летала над Литванија и нејзините соседи предизвикаа страв од целосен руски напад, што ја натера малата балтичка земја да охрабри изградба на засолништа од бомби.

Не секоја заедница сè уште го слушнала повикот, но жителите им покажаа на екипата на АФП подрум на станбена зграда во главниот град на Литванија, Вилнус, каде што подготвувале бункер во случај на војна.

„Луѓето сакаа да имаат чувство на безбедност, да знаат дека можат да се кријат од бомбардирањата и војната барем неколку дена“, рече Видас Магнавичиус, раководител на здружението на станари на зградата.

„Се согласивме дека треба да се подготвиме“, објасни тој, потсетувајќи се како соседите се сретнале за да смислат план откако Русија ја нападна другата соседна земја, Украина, во февруари 2022 година.

Литванија, поранешна советска република која стана стабилен држач на ЕУ и НАТО со 2,9 милиони жители, вклучувајќи го и руското малцинство, со загриженост го следеше конфликтот во Украина и се плаши дека таа би можела да биде следен мета.

Властите ги повикуваат градските совети и локалните заедници да го забрзаат градењето засолништа.

Во јуни, владата соопшти дека во Литванија има 6453 засолништа кои можат да сместат околу 1,5 милиони луѓе или околу 54 проценти од населението на земјата.

Нешто повеќе од половина од општините се соочуваат со недостиг на простори за засолништа, а критичарите велат дека многу од засолништата постојат само на хартија, а малкумина се соодветно подготвени за кризни времиња.

„Додека нема беспилотни летала што летаат над глава, никој не е заинтересиран“, се пожали Донатас Гуревичиус, претставник на противпожарната и спасувачка служба на Литванија.

Службениците исто така бараат начини да разговараат за подготовка за незамисливото - војната - без да го поларизираат општеството или да бидат обвинети за поттикнување војна.

Тие за АФП изјавија дека планираат да ги надградат 32-те засолништа од бомби во градот, велејќи дека тие ќе мора да бидат подготвени во рок од 12 часа по вонредната состојба.

Министерството за внатрешни работи минатата година започна програма за цивилна одбрана, нудејќи им десетици милиони евра на општините за да ги надградат своите бункери.

Израелската морнарица пресретна конвој со хуманитарни бродови кон Газа

илустрација
илустрација

Израелската морнарица пресретна флотила бродови што превезуваа активисти и хуманитарна помош наменета за Појасот Газа.

„Глобалната флотила Сумуд е пресретната од израелските поморски сили“, соопшти групата во кратко соопштение доцна во средата на својот Телеграм канал.

Израелското Министерство за надворешни работи во соопштение на платформата X соопшти дека неколку бродови биле безбедно запрени и дека нивните патници се префрлаат во израелско пристаниште.

Претходно, активистите на социјалните мрежи објавија дека војниците се качиле на некои од бродовите, додека снимките емитувани во живо покажаа други во спасувачки елеци како очигледно чекаат израелските сили да го сторат тоа.

Флотилата од повеќе од 40 моторни чамци и едрилици се приближила на 70 до 80 наутички милји од Газа кога започнале израелските операции, велат активистите. Учесниците, вклучувајќи ја и шведската климатска активистка Грета Тунберг, велат дека имаат за цел да достават хуманитарна помош во Газа, опустошена од војната, и протестираат против воената кампања на Израел на затворената територија.

„Грета и нејзините пријатели се безбедни и здрави“, соопшти израелското Министерство за надворешни работи на X доцна во средата.

Турската влада остро ја осуди израелската воена операција.

„Нападот извршен од израелските сили во меѓународни води против Глобалната флотила Сумуд, која исплови за да достави хуманитарна помош до народот на Газа, претставува чин на тероризам што сериозно го крши меѓународното право и ги загрозува животите на невините цивили. Се надеваме дека овој напад нема да ги поткопа тековните напори за обезбедување прекин на огнот во Газа“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Протестите избувнаа во Италија доцна во среда по пресретнувањето од страна на Израел. Во Рим, десетици демонстранти се собраа пред главната железничка станица во градот. Властите привремено го затворија пристапот до станицата и ја затворија блиската метро станица како мерка на претпазливост. Според весникот „Ла Република“, група демонстранти марширале кон канцеларијата на премиерката Џорџа Мелони, обвинувајќи ја нејзината десничарска влада дека не покажала солидарност со активистите на флотилата. Некои скандираа дека владата има „крв на рацете“.

Протести се одржаа и во Берлин, каде што околу 300 луѓе се собраа против пресретнувањето на флотилата. На митингот пред централната станица, полицијата соопшти дека некои демонстранти фрлале шишиња кон полицајците и скандирале забранети слогани. Неколку лица биле приведени, соопшти полицијата.

Глобалната флотила Сумуд исплови од Барселона кон крајот на август. „Сумуд“ на арапски значи непоколебливост. Понудите за испорака на хуманитарната помош од флотилата во Газа преку израелско пристаниште беа одбиени од страна на активистите, кои сакаат сами да ја дистрибуираат помошта.

Портпаролот на флотилата, Тијаго Авила, рече дека групата ја одбила израелската понуда, бидејќи хуманитарната помош не треба да се предава на „окупаторската сила“ во Газа. Палестинците, рече тој, имаат право да ги контролираат сопствените граници. Израелската влада јасно стави до знаење дека ќе го спречи овој обид, како што направи со сите претходни напори за пробивање на блокадата на Газа.

Владата ја нарекува флотилата операција на Хамас. „Единствената цел на флотилата Хамас-Сумуд е провокација“, соопшти израелското Министерство за надворешни работи на X.

„Израел, Италија, Грција и Латинската патријаршија во Ерусалим понудија и продолжуваат да ѝ нудат на флотилата начин мирно да достави каква било помош што можеби ја имаат во Газа. Флотилата одби бидејќи не е заинтересирана за помош, туку за провокација.“

„Израелската морнарица контактираше со флотилата Хамас-Сумуд и побара од нив да го променат правецот. Израел ја информираше флотилата дека се приближува до активна борбена зона и ја крши законската поморска блокада. Израел ја повтори понудата мирно да пренесе каква било помош преку безбедни канали до Газа.“

Иран ги заострува казните за шпионажа поради зголемувањето на егзекуциите

Жена носи маица со зборовите „Егзекуција“ на персиски јазик на митинг во Истанбул, Турција, ноември 2022 година.
Жена носи маица со зборовите „Егзекуција“ на персиски јазик на митинг во Истанбул, Турција, ноември 2022 година.

Само неколку дена откако експертите за човекови права на ОН ја осудија „драматичната ескалација“ на егзекуциите во Иран, моќниот Совет на чуварите одобри построги казни за шпионажа и соработка со Израел и САД.

Портпаролот на Советот на чуварите, уставно-контролорот на Иран, ја објави одлуката на 1 октомври, по месеци преговори со парламентот за амандманот.

Објавата доаѓа кратко откако Комисија на ОН откри дека иранските власти погубиле повеќе од 1.000 луѓе од почетокот на годината, бројка што Амнести интернешнл ја оцени како највисока во најмалку 15 години.

„Со просек од повеќе од девет бесења дневно во последните недели, се чини дека Иран извршува егзекуции со индустриско темпо што ги побива сите прифатени стандарди за заштита на човековите права“, рекоа експертите на ОН.

Комисијата објави дека десет лица се погубени оваа година под обвинение за шпионажа, осум од нив од 13 јуни, кога Израел започна 12-дневна војна против Иран.

По објавувањето на извештајот на 29 септември, Иран погуби уште едно лице за наводно шпионирање за Израел.

Добитничката на Нобеловата награда за мир, Ширин Ебади, изјави дека главната цел на владата е да го покаже „насилното лице“ на Иран.

„Тие сакаат да ја заплашат јавноста за да не ја искористат слабоста на политичкиот систем со излегување на улиците“, изјави таа за Радио Слободна Европа.

„Животот на луѓето стана алатка за опстанок на владата“, истакна таа.

Нејасна формулација на законот за шпионажа

Додека Парламентот го воведе законот во јуни, правните експерти и групите за човекови права предупредуваат дека неговата нејасна формулација и строгите казни создаваат ризик од произволни обвиненија и масовни егзекуции, вклучително и за прекршоци кои претходно носеа полесни казни или не беа класифицирани како шпионажа.

Според амандманите, законот му дава на Врховниот совет за национална безбедност овластување да идентификува „непријателски држави и групи“, додека Министерството за разузнавање идентификува специфични „непријателски мрежи“.

Секоја „разузнавачка активност, шпионажа или оперативна акција“ во корист на тие непријателски субјекти е предмет на смртна казна и конфискација на имот.

Законот експлицитно ги означува САД и Израел како „непријателски држави“, додека Врховниот совет може да именува други.

Законот исто така наведува дека, освен смртната казна, ниедна друга пресуда не е предмет на жалба.

„Сурово неправедни судења“

Извештајот на Амнести Интернешнл нагласува дека Револуционерните судови, кои се занимаваат со случаи поврзани со националната безбедност и дрога, немаат судска независност и изрекуваат строги казни како што е смрт по „сурово неправедни судења“.

Ебади тврди дека строгите казни, како што е смртната казна, не успеале да ја спречат трговијата со дрога.

„Наместо сурови казни, властите треба да се справат со основните причини што ги тераат луѓето да извршуваат злосторства поврзани со дрога“, рече таа, нагласувајќи дека ваквите прекршоци најчесто се случуваат во запоставени и неразвиени области.

Вградување на смртната казна во културата

Иран е втора земја во светот по бројот на годишни егзекуции, веднаш по Кина.

Ебади рече дека откако дојде на власт по револуцијата во 1979 година, Исламската Република се обиде да ја нормализира смртната казна, дури и јавно спроведувајќи ја, со цел да ја всади во општествената култура.

„Луѓето порано се собираа во редици и ги носеа своите деца“, се присети таа на раните денови. „Но, тоа повеќе не е случај“.

Таа нагласи дека сè додека сегашниот режим е на власт, „нема шанси“ смртната казна да биде укината.

„Значи, ако прашате што треба да се направи, би рекла: мора да работиме на тоа да ја завршиме Исламската Република“, заклучи Ебади.

Ристески најави повеќекратно зголемување на казните за непочитување на Законот за нефер трговски практики

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески

Има предлог, кој со сигурност ќе го прифатиме за повеќекратно да се зголемат казните, од сегашните 20 000 евра за непочитувањето на Законот за нефер трговски практики, најави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

„Предлогот е сегашната казна повеќекратно да се зголеми што и не е многу со оглед што станува збор за големи супермаркети и трговски компании во земјава. Инаку, ги охрабрувам компаниите од регионот, посебно за производство на храна, да пријавуваат законски прекршувања до Комисијата за заштита од конкуренција, изјави Ристески.

Ристески рече дека се фокусирани на инспекциските контроли за сузбивање на сивата економија, заштита на животниот стандард и стабилизирање и намалување на инфлацијата.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат постојано се на терен. Секаде каде ќе бидат констатирани законските прекршувања, правните субјекти ќе бидат казнети. Мислам дека сме на добар пат да го направиме тоа. Гледам дека инфлацијата веќе се стабилизира, почнува и благо и да се намалува, посебно во поглед на основните прехранбени производи. Иако тоа не е доволно и сметаме дека во наредниот период со една таква добра политика ќе успееме повеќе да го заштитиме животниот стандард на граѓаните и инфлацијата да биде на едно стабилно, би рекол, европско ниво. Се фокусираме на инспекциските контроли и транспарентно објавување на цени“, вели Ристески.

Од ноември лани до септември годинава, Државниот пазарен инспекторат има направено 18.000 инспекциски надзори на ниво на Македонија и се изречени казни во вредност од околу 120 милиони денари платни налози за казни за непочитување на законските регулативи.

Во меѓувреме, се подготвува унифициран софтвер за трговците, кој Ристески најави дека ќе биде презентиран во наредниот период.

„Софтверот ќе биде унифициран и бесплатно даден на сите трговци за транспарентно објавување на цените. Граѓаните ќе може сами да си креираат пазарна кошничка“, изјави Ристески.

Пет партии и двајца независни кандидати во трка за претседател на Република Српска

Централна изборна комисија на БиХ (архива)
Централна изборна комисија на БиХ (архива)

На 1 октомври, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина сертифицираше пет политички партии и двајца независни кандидати за предвремените избори за претседател на Република Српска (РС) од редот на српскиот народ, кои ќе се одржат на 23 ноември.

Политичките партии кои поднесоа апликација се: Сојуз на независни социјалдемократи - СНСД - Милорад Додик, Сојуз за нова политика, Еколошка партија на Република Српска, За правда и ред - Листата на Небојша Вукановиќ и Српската демократска партија.

Независните кандидати кои поднесоа апликација се: Славко Драгичевиќ и Игор Гашевиќ. Рокот за аплицирање беше 29 септември.

Република Српска нема претседател од август, кога Милорад Додик, поранешниот претседател на РС, беше осуден за непочитување на одлуките на високиот претставник. Тој беше осуден на една година затвор, а тој дел од казната го отплати за околу 18.000 евра, како и на шестгодишна забрана за вршење јавна функција.

Регистрацијата на коалиции ќе биде можна на 6 и 7 октомври, а претседателските кандидати имаат рок од 10 до 14 октомври. Предизборната кампања ќе трае од 8 до 22 ноември.

Предвремените избори во оваа БиХ ќе го чинат ентитетот околу 3,3 милиони евра, а парите ги обезбедува државното Министерство за финансии.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина донесе одлука за набавка за предвремени избори, што се однесува на изнајмување на потребната електронска опрема, печатење на изборни материјали и изнајмување на канцелариски простор каде што ќе се наоѓа Главниот центар за пребројување.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG