Достапни линкови

Вести

Путин нуди продолжување на последниот договор за нуклеарно оружје со САД

Рускиот претседател Владимир Путин, Москва, 22 септември 2025 година.
Рускиот претседател Владимир Путин, Москва, 22 септември 2025 година.

Рускиот претседател, Владимир Путин во понеделникот понуди продолжување на Новиот СТАРТ договор меѓу Москва и Вашингтон – последниот преостанат договор за нуклеарно вооружување меѓу двете земји кој истекува во февруари.

Говорејќи на состанокот на својот Совет за безбедност, Путин изјави дека дозволувањето договорот да истече би имало негативни последици за глобалната стабилност.

„Русија е подготвена да продолжи да се придржува до централните квантитативни ограничувања на Новиот СТАРТ договор една година, почнувајќи од 5 февруари 2026 година“, изјави Путин.

Тој додаде дека и САД треба да направат исто.

„Сметаме дека оваа мерка ќе биде одржлива само ако САД постапат на сличен начин и не преземат чекори кои ја поткопуваат или нарушуваат постоечката рамнотежа на одвраќачкиот потенцијал“, рече Путин.

Договорот беше потпишан во Прага во 2010 година од тогашните претседатели Барак Обама и Дмитриј Медведев. Договорот ги ограничува двете земји на најмногу 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 700 распоредени ракети и бомбардери, и предвидува сеопфатни инспекции на локациите за проверка на усогласеноста со договорот.

Москва ги суспендираше инспекциите според договорот во август 2022 година, бидејќи билатералните односи се влошија поради севкупната руска инвазија на Украина во февруари истата година. Во февруари 2023 година, Путин изјави дека Русија го суспендира своето учество во договорот, но Москва нагласи дека ќе продолжи да ги почитува ограничувањата на својот нуклеарен арсенал.

Останатите билатерални договори за контрола на вооружувањето, кои ги регулираат двата најголеми нуклеарни арсенали во светот, пропаднаа поради влошените односи меѓу Вашингтон и Москва.

Откако Доналд Трамп стана претседател на САД во јануари, Русија даде на знаење дека е отворена за обновен нуклеарен дијалог со Вашингтон. Путин исто така навести дека нов билатерален договор за контрола на вооружувањето би можел да се постигне пред неговите разговори со Трамп на Алјаска во август.

Русија повеќепати се обидуваше да ги измести разговорите со САД надвор од рамките на напорите за постигнување мир или примирје во Украина, и да ги прошири на билатерални прашања. Се чини дека идејата е Украина да се сведе на споредно прашање во поширокиот, покомплексен однос и на светот да му се испрати порака дека САД и Русија се рамноправни глобални сили.

Засега нема непосреден одговор од Вашингтон на најновите изјави на Путин, но Трамп предложи разговорите за намалување на нуклеарното вооружување да бидат проширени и на Кина, која тој ја смета за поголема стратешка закана за САД. Трамп исто така изјави дека разговорите за намалување на нуклеарните залихи треба да се одржат по постигнување на договор во врска со Украина.

види ги сите денешни вести

Молдавската полиција спроведе голема акција поради наводно мешање на Русија во изборите

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека Русија вложува стотици милиони евра за да купи гласови пред изборите.
Фото: 21 септември 2025 година.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека Русија вложува стотици милиони евра за да купи гласови пред изборите. Фото: 21 септември 2025 година.

Молдавската полиција изврши повеќе од 200 претреси поради наводни напори поддржани од Русија за дестабилизација на земјата пред парламентарните избори во недела, додека претседателката Маја Санду предупреди дека Москва троши стотици милиони евра за да влијае врз гласањето.

Изборите со висок влог би можеле да бидат клучни за кандидатурата на Молдавија за влез во Европската унија, што, според наводите, Москва се обидува да го попречи преку тактики како дезинформации, организирање масовни нереди и купување гласови.

Молдавската полиција соопшти дека истражителите и безбедносните сили извршиле 250 претреси кај повеќе од 100 лица, но не ја прецизираше политичката припадност на метите на акцијата.

„Претресите се поврзани со кривична постапка за подготвување масовни нереди и дестабилизација, кои биле координирани од Руската Федерација преку криминални елементи“, се наведува во соопштението.

Русија ги негира обвинувањата за мешање во внатрешните работи на Молдавија и тврди дека владата на Санду поттикнува антируско расположение за да добие повеќе гласови.

На брифинг во главниот град Кишињев, безбедносни функционери изјавија дека руски разузнавачки оперативци обучуваат молдавски граѓани во Србија за тактики на протест. Властите уапсиле 74 лица како резултат на претресите, додадоа тие.

Еден од лидерите на проруската партија „Патриотски блок“, за кој се очекува да биде силен противник на владејачката проевропска Партија на акција и солидарност (ПАС), претходно изјави дека некои членови на блокот биле мета на рациите.

„Криминалниот режим на ПАС се обидува да нѐ заплаши, да го исплаши народот и да нè замолчи“, напиша поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон, на Телеграм.

Санду, која неделното гласање го опиша како „најзначајните избори“ во историјата на Молдавија, ја обвини Москва дека води субверзивна кампања со цел да влијае на резултатите од изборите и да го задржи Кишињев во нејзината сфера на влијание.

Минатиот месец, бегалецот тајкун Илан Шор, против кого САД и ЕУ имаат воведено санкции како наводен руски агент, јавно им нудеше на Молдавците месечни исплати од 3.000 долари за да се приклучат на антивладините протести.

Во видео-обраќање во понеделникот, Санду предупреди дека суверенитетот на Молдавија е „во опасност“ и дека руското мешање ќе има далекусежни последици за Европа.

„Кремљ инвестира стотици милиони евра за да купи стотици илјади гласови на двете страни од реката Дњестар и во дијаспората“, рече таа.

„Луѓето секојдневно се трујат со лаги. Стотици поединци се платени за да предизвикуваат нереди, насилство и да шират страв“, изјави претседателката на Молдавија.

ДИК: Потврдени 303 листи за градоначалник на општините и на Град Скопје

Локални избори 2025/Илустрација
Локални избори 2025/Илустрација

Според статистиката добиена во Државната изборна комисија, вкупно потврдени листи за градоначалници на општините и Градот Скопје се 303, а за членови на советите во општините и Советот на Град Скопје се потврдени вкупно 558 листи, соопшти вечерва прес-службата на ДИК.

За општините Куманово, Аеродром, Карпош и за Град Скопје, ДИК информира дека сѐ уште има листи кои се во фаза на отстранување на неправилности по доставено известување од општинските изборни комисии. Од нив вкупно осум листи за градоначалник се во процес на отстранување на неправилностите, а 20 листи за членови на советите на општините и советот на Град Скопје.

Од доставените листи, отфрлени се вкупно пет листи за градоначалник на општина и тоа по една листа за општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.

-По завршување на процесот на потврдување на кандидатските листи, следува ждрепката за утврдување на редоследот на единствената листа на кандидати која ќе се одржи на 25 септември 2025 година, најавува Државната изборна комисија.

Рокот за поднесување кандидатури за локалните избори истече на 13 септември.

Локалните избори се закажани за 19 октомври. Ќе се бираат градоначалници и совети во 80 општини и Градот Скопје.

Човековите права во Русија се во „сеизмички пад“ поради војната во Украина, вели експертка на ОН

Специјалната известувачка на ОН за човекови права, Мариана Кацарова, вели дека руските власти „спровеле намерна стратегија за сузбивање на неистомислениците“
Специјалната известувачка на ОН за човекови права, Мариана Кацарова, вели дека руските власти „спровеле намерна стратегија за сузбивање на неистомислениците“

Ситуацијата со човековите права во Русија „постојано се влошува“ откако претседателот Владимир Путин ја започна сеопфатната инвазија на Украина во февруари 2022 година, изјави експертка на Обединетите нации (ОН), опишувајќи ја како „драматичен пад“ што особено тешко ги има погодено ранливите групи како малцинствата и мигрантите.

„Во изминатите три и пол години, руските власти спроведуваат намерна стратегија за елиминирање на несогласувањето преку засилена цензура и политички мотивирани прогонства“, изјави Мариана Кацарова, специјална известувачка за човекови права во Русија, во новиот извештај.

„Антивоените противници и активисти издржуваат повеќегодишни затворски казни, не поради злосторства, туку поради храброст“, изјави Кацарова на прес-конференција на 22 септември, за време на заседавањето на Советот за човекови права на ОН во Женева.

Во извештајот таа наведе дека „граѓанскиот простор е систематски и намерно уништен“, а властите „ги претворија јавните институции во инструменти на репресија и војна“.

Кацарова, независна експертка именувана во 2023 година, е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН. Таа не зборува во име на ОН.

Според извештајот, репресијата имала „особено тежок удар врз ранливите групи, особено жените, ЛГБТ лицата, националните и етничките малцинства, автохтоните народи, верските групи и мигрантите, кои беа посебна цел и жртви во официјалната реторика и практика“.

На територијата на Северен Кавказ дојде до „непрекинато рушење на правниот поредок, што овозможи широко распространети кршења, вклучувајќи родово базирано насилство, фемицид, тортура и злоупотреба, принудни исчезнувања и брутално гушење на правата на ЛГБТ лицата“, се наведува во извештајот.

Руските власти се обидуваат да го задушат несогласувањето во текот на целото досегашно владеење на Владимир Путин. Репресијата се прошири по неговото враќање на претседателската функција во 2012 година, по мандатот како премиер, и дополнително се интензивираше за време на сеопфатната инвазија на Украина.

Како средства за репресија, Кремљ користи „широки одредби за јавна безбедност и национална сигурност“, како и проширено законодавство кое означи поединци и организации како „странски агенти“ и „непосакувани“, се наведува во извештајот.

Кацарова исто така опиша „широка и систематска употреба на тортура и злоставување“ од страна на припадници на полицијата, армијата и други, нарекувајќи го тоа „ендемска појава“.

Таа посочи „јасен образец во кој здравствените работници учествуваат во и одобруваат форми на тортура, особено врз украинските затвореници“.

„Одговорноста и правдата, како и ослободувањето на сите украински цивилни затвореници, украински и руски воени заробеници кои ги држат двете страни, мора да бидат темел на секој мировен преговарачки процес“, се наведува во извештајот.

БиХ мора да ги забрза реформите, порача Марта Кос во Сараево

Марта Кос, еврокомесарка за проширување, со претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, 22 септември 2025 година.
Марта Кос, еврокомесарка за проширување, со претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, 22 септември 2025 година.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос денеска (22 септември) од Сараево порача дека реакцијата на Европската Унија била „цврста и недвосмислена“ во однос на новите „предизвици со неуставното и сепаратистичко законодавство и иницијативи усвоени во ентитетот Република Српска“.

Кос нагласи дека домашните институции, вклучително Уставниот суд и Централната изборна комисија, мора да се почитуваат, и го повика Советот на министри на БиХ веднаш повторно да го започне спроведувањето на реформите.

„Босна и Херцеговина треба да се врати на својот пат кон ЕУ. Земјата не може да си дозволи да губи повеќе време“, изјави Кос.

Еврокомесарка е во тридневна посета на Босна и Херцеговина, каде што првиот ден се сретна со членот на Претседателството на БиХ, Денис Бечировиќ.

Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ не присуствуваа на средбата.

Посетата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос се одвива во екот на блокадата на државните институции на БиХ и уставната криза во Република Српска, откако со правосилна пресуда му беше одземен мандатот на претседателот на РС, Милорад Додик, додека тој и понатаму се претставува како претседател.

Во исто време, во РС за 25 октомври е закажан референдум со кој властите во Бања Лука ги оспоруваат надлежностите на високиот претставник Кристијан Шмит и институциите на БиХ, додека ЦИК за 23 ноември распиша предвремени избори за претседател на РС.

Кос во понеделникот се сретна и со претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, по што потсети на неодамнешните „позитивни чекори“ на БиХ, наведувајќи го „усвојувањето на два релевантни ЕУ-закони во јануари и потпишувањето на договорот за статусот со Фронтекс во јуни“, но предупреди дека тие поместувања нема да бидат доволни без продолжување на реформскиот процес.

Како приоритет, Кос го издвои зајакнувањето на правосудството, усвојувањето на нов закон за судови и нов закон за Високиот судски и обвинителски совет во согласност со европските стандарди, како и назначување на главен оперативен преговарач со ЕУ.

Комесарката, исто така, ги повика сите проевропски политички актери да се обединат со цел да се постигнат конкретни резултати и да се овозможи одржување на долгоочекуваната прва меѓувладина конференција. Таа нагласи дека БиХ итно треба да го финализира и поднесе до Комисијата својот реформски план.

Кос потсети и на можностите од Планот за раст за Западен Балкан, истакнувајќи дека другите земји веќе примаат исплати по спроведени реформи, и дека и граѓаните на БиХ можат да имаат директни придобивки доколку се спроведе Реформската агенда.

Планирана е и средба на Марта Кос со претседателката на Централната изборна комисија на БиХ, Ирена Хаџиабдиќ.

За време на престојот во БиХ, Кос ќе се обрати и пред Парламентарното собрание на БиХ, а ќе се сретне и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите, локалните заедници, влијателни жени во бизнисот и млади од цела Босна и Херцеговина.

Како што е наведено во соопштението од Делегацијата на Европската комисија во БиХ пред посетата, целта на посетата е да се изрази поддршката од Европската унија за иднината на земјата како идна членка на ЕУ.

Босна и Херцеговина во март минатата година официјално доби зелено светло за започнување преговори за полноправно членство во Европската унија, но Брисел порача дека за тоа ќе се разговара дури кога земјата ќе ги исполни низа услови.

Меѓу нив се и усогласување со надворешната политика на ЕУ – што, на пример, значи воведување санкции кон Русија, на што се спротивставуваат претставниците на РС, или укинување визи за државјани на Турција или арапските земји – на што се спротивставуваат владејачките партии од Федерацијата БиХ.

Отстранувањето на уставната етничко-територијална дискриминација при изборот на членови на Претседателството на БиХ, или реформата на Државниот кривичен суд и Уставниот суд на БиХ, се европски услови кои со месеци воопшто не се спомнуваат.

Брисел порача дека без јасен реформски план – и уште поважно, без негова реална примена – БиХ нема да добие ниту едно евро во форма на неповратни средства или поволни кредити.

Првите 108 милиони евра, од околу една милијарда евра наменети за БиХ, летово беа пренасочени кон други земји.

Во октомври, БиХ би можела да загуби приближно исто толку средства, а Европската комисија јасно порача дека финансиската помош е наменета за оние што напредуваат, а не за оние што стојат во место или назадуваат.


Јаневска: Учебниците што им недостигаат, училиштата ќе може да ги најдат во ПДФ-формат

Весна Јаневска, министерка за образование и наука/Архивска фотографија
Весна Јаневска, министерка за образование и наука/Архивска фотографија

За училиштата во кои недостигаат учебници затоа што не ги пријавиле навреме потребните тиражи, Министерството за образование и наука ќе им ги обезбеди во ПДФ-формати што ќе бидат ставени на веб-страницата на Педагошката служба.

Ресорната министерка, Весна Јаневска денеска изјави дека МОН тоа го побарало од издавачките куќи, тие ги доставуваат учебниците во ПДФ-формат и Министертсвото, како што рече, веќе ги поставува учебниците како ПДФ-формати на веб-страницата на Педагошката служба.

Јаневска додаде дека се испорачани онолку учебници колку што пријавиле самите училишта.

„На Министерството му е сосема сеедно дали ќе отпечати милион или милион и двесте илјади учебници затоа што имаме рамковна спогодба за печатење. Значи, тоа што е побарано е испорачано. Уште еднаш повторувам – до последен учебник кој е побаран од Министерството е обезбеден“, Јаневска денеска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на училиштето „Св. Наум Охридски“.

Таа посочи дека состојбата на учебниците зависи од комисијата што ги примала и од директорите.

„Оттука натаму сметам дека ова прашање треба да биде затворено“, додаде министерката.

Како што рече, поставени се јасни правила, има јасен и прецизен закон што функционира, упатства и правилник за работа кои „од следната година ќе мора да се почитуваат до последен детаљ“.

„Диструбицијата на учебниците е завршена, остануваат два учебника за први клас гимназија – еден е спорен, а еден е во процедура. Тие ќе бидат дистрибуирани тогаш кога ќе се реши ова. Сите други учебници се дистрибуирани“, порача Јаневска.

Претходно, опозициската СДСМ побара оставка од неа обвинувајќи ја за недостиг на учебници.

-Цената за неспособноста на власта ја плаќаат учениците и нивните родители. Учениците не можат да учат, не можат добро да се подготват, се создава хаос со наставата, и сето тоа е дополнителен стрес за сите нив – наведоа од СДСМ во соопштението објавено на 16 септември.

По нивното партиско соопштение, од МОН истакнаа дека „целиот тираж кој го побарале училиштата е испечатен и испорачан“, но и дека „за првпат по седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија“.

Пријавување за изборите во Република Српска од 25 септември, кампањата во ноември

Гласање на општите избори во Босна и Херцеговина, Братунац, октомври 2022 година
Гласање на општите избори во Босна и Херцеговина, Братунац, октомври 2022 година

Политичките партии можат да аплицираат за предвремени избори за претседател на Република Српска од 25 до 29 септември, а изборната кампања ќе трае од 8 до 22 ноември, одлучено е на седницата на Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина во Сараево.

ЦИК се состана во понеделник, 22 септември, истиот ден кога доби официјална информација од Министерството за финансии и трезор на Босна и Херцеговина дека за изборите во оваа БиХ, субјектот ги обезбедил потребните 6,4 милиони марки (околу 3,3 милиони евра).

На седницата, ЦИК утврди рокови, меѓу другото, за регистрација на политички партии, коалиции и претседателски кандидати за изборите, кои треба да се одржат на 23 ноември.

Политичките субјекти и независните кандидати можат да се регистрираат од 25 до 29 септември, коалициите од 6 и 7 октомври, а претседателските кандидати имаат рок од 10 до 14 октомври.

На седницата, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина усвои и одлуки за набавка за предвремени избори, кои се однесуваат на изнајмување на потребната електронска опрема, печатење на изборни материјали, изнајмување на канцелариски простор каде што ќе се наоѓа Главниот центар за броење.

Република Српска нема претседател од 18 август, кога Судот на Босна и Херцеговина го потврди одземањето на мандатот на Милорад Додик, откако беше потврдена неговата едногодишна затворска казна и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник.

ЦИК ги објави изборите на 25 август.

Претставниците на владејачката партија, Алијансата на независни социјалдемократи, предводена од Додик, изјавија дека нема да учествуваат на изборите и дека ќе се обидат да ги попречат.

За разлика од нив, дел од опозицијата изјави дека ќе учествува на изборите.

ЦУК: Четири активни пожари, три ставени под контрола

илустрација
илустрација

Вкупно 10 пожари на отворен простор биле евидентирани денеска (22 септември) до 12 часот на територија на државата. Четири се активни, три се ставени под контрола, а останатите се изгаснати, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Сѐ уште се активни пожарите на планините Кожуф и Добра Вода во општините Гевгелија и Македонски Брод. На Кожуф кај село Петрово гори букова шума, а на Добра Вода опожарена е ниска вегетација.

Шума гори и во село Брест, Малино маало во општина Чучер Сандево.

Четвртиот активен пожар е во регионот на општина Бутел. Нискостеблеста вегетација гори на булевар „Словенечка“, во близина на аквадуктот.

Под контрола се два пожари во Гази Баба и еден во Студеничани. Во село Трубарево опожарен бил електричен отпад, во село Виниче - место викано „Муратица“ горела нискостеблеста шума, а во село Батинци - ниска вегетација и мешана шума.

Изгаснатите пожари биле на територија на општините Струмица, Кочани и Тетово. Во селата Банско и Бели гореле депонии, а во Тетово опожарено било ѓубре.

Тошковски: Светот се соочува со сајбер војни, злоуопотреба на технологијата, екстремизам и дезинформации

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

Се наоѓаме во клучен момент од нашата историја кога безбедносните предизвици повеќе не се ограничени само на традиционалните закани како што е организираниот криминал, трговијата со дрога и корупцијата, туку се преплетуваат со нови и се посложени опасности, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на ретренинг Конференција на европскиот огранок од Асоцијацијата на националната Академија на Сојузното биро за истраги (ФБИ), што започна денеска (22 септември) во Скопје.

„Денес сме сведоци на појава на сајбер закани и сајбер војувања, злоупотреба на технологија, традиционален екстремизам и претворање на дезинформациите во оружје што ја менува природата на безбедносната средина што ја работиме. Оваа реалност не бара од нас само будност и реактивност, туку визија и подготвеност да ги преиспитаме старите модели, да прифатиме иновации и да создадеме подлабока и поквалитетна меѓународна соработка“, рече Тошковски.

Тој истакна дека конференцијата е можност не само за размена на искуства и идеи, туку и за обновување на заедничката посветеност кон заштитата на граѓаните, јакнење на владеење на правото и зацврстување на довербата во институциите.

На отворањето на Конференцијата се обрати и Вилијам Габон, претседател на Асоцијацијата на националната Академија на ФБИ. Габон истакна дека овој собир е посветен на поврзување со професионалци кои размислуваат слично во Европа и светот.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев на конференцијата посочи дека сите, преку силна поврзаност и меѓусебна комуникација, може да покажеме обединетост и сила во борбата против криминалот што, како што истакна, се обидува да го наруши мирот насекаде во светот, додавајќи дека глобалните закани денеска се пософистицирани од било кога и не познаваат граници, држави и континенти.

„Од тероризмот и организираниот криминал преку трговијата со луѓе и криумчарење на дрога и оружје, до сајбер криминалот и злоупотреба на вештачката интелегенција, сите овие предизвици бараат од нас постојана будност, адаптабилност и силна меѓународна соработка. Само преку единство, заеднички акции и брза размена на информации, можеме да изградиме ефикасен штит од овие закани“, заклучи Јанев.

Заменик-амбасадорката на САД во земјава Никол Варнс рече дека овој настан има посебно значење бидејќи се одржува во годината кога се одбележуваат 30 години дипломатски односи меѓу САД и Северна Македонија и во Скопје, град којшто поврзува култури и богата историја.

Конференцијата се одржува од 20 до 24 септември во Скопје.

Иран погубил повеќе од 1000 луѓе за девет месеци

илустрација
илустрација

Повеќе од 1000 луѓе биле егзекутирани во Иран во првите девет месеци од 2025 година, покажуваат податоците од последниот извештај на организацијата за човекови права „Хенгав“ (Hengaw).

„Хенгав“ соопшти дека 404 од егзекуциите се извршени откако во јуни изби војната меѓу Иран и Израел. Тоа претставува зголемување од 40% од почетокот на војната, „што е највисок скок во последниве две децении,“ се наведува во соопштението.

„Никогаш досега егзекуциите не ја надминале бројката од 1000 за толку краток период,“ додава организацијата.

До крајот на август, Обединетите Нации веќе регистрирале 841 егзекуција од почетокот на годината, што претставува остар пораст во споредба со претходните години.

Според податоци на Обединетите Нации, во 2024 година во Иран биле извршени најмалку 975 егзекуции.

Ова укажува дека бројот на погубувања годинава би можел да достигне највисоко ниво во изминатите децении.

Групите за човекови права одамна ја критикуваат употребата на смртната казна во Иран, обвинувајќи ги властите дека ја користат за заплашување на опозицијата.

Израел и Иран водеа 12-дневна војна во јуни, за време на која израелските и американските сили бомбардираа клучни ирански нуклеарни и воени објекти.

Според активисти, најмалку осум мажи обвинети за шпионажа биле погубени во Иран од тогаш.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG