Достапни линкови

Вести

Кина започна нови вежби во близина на Тајван, за САД потегот е неоправдан

илустрација
илустрација

Кинеската војска денеска (14 октомври) почна нови воени вежби во близина на Тајван, нагласувајќи дека тоа е предупредување против „сепаратистичките акции на силите за независност на Тајван“. Тие не прецизираа датум за завршување на маневрите, што пак предизвика остра реакција од Тајпеј.

Источната воена команда на Кина во соопштение рано утринава соопшти дека маневрите се одржуваат кај Тајванскиот теснец и областите северно, југ и источно од Тајван.

„Вежбата служи и како строго предупредување за сепаратистичките дејства на силите за независност на Тајван. Ова е легитимна и неопходна операција за обезбедување на државниот суверенитет и националното единство“, се вели во соопштението.

Командата објави мапа на која се прикажани девет области околу Тајван каде што се одржуваат вежбите.

Министерството за одбрана на Тајван остро го осуди кинескиот „ирационален и провокативен чин“.

Реагирааи Соединетите Држави. Тие ги осудија кинеските воени вежби околу Тајван, нагласувајќи дека потегот е „неоправдан и ризикува ескалација“. Го повикаа Пекинг да дејствува воздржано.

„САД се сериозно загрижени од заедничките воени вежби на Ослободителната народна армија во Тајванскиот теснец и околу Тајван“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер.

види ги сите денешни вести

Хегсет: Одвраќањето и одбраната на НАТО не може да бидат одговорност само на САД

Американскиот секретар за одбрана Пет Хегсет
Американскиот секретар за одбрана Пет Хегсет

Мора да направиме се за да ги зајакнеме капацитетите со цел да бидат способни за одвраќање, но тоа не може да биде одговорност само на САД, изјави американскиот секретар за одбрана Пет Хегсет пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата.

„САД се горди што можат да бидат тука и да стојат покрај своите сојузници, но пораката ќе продолжи да биде јасна дека одвраќањето и одбраната преку зајакнување не можат и нема да бидат обезбедени само од САД“, рече Хегсет, додавајќи дека Соединетите Држави направија чекор напред во зајакнувањето, но дека тоа треба да го сторат и европските сојузници.

Говорејќи придружуван од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Хегсет нагласи дека е значајно што на денешниот министерски состанок ќе се говори за капацитетите, затоа што треба да се знае на што се трошат парите во одбраната.

„Целта поради која сум јас тука е да бидеме сигурни дека сите земји од НАТО сфаќаат дека треба да биде подметнато секое рамо и сите треба да трошат на ниво од пет отсто“, истакна Хегсет.

Според него, одвојување на пет проценти од БДП за одбраната е цел што мора да ја постигнат сите членки на Алијансата, за да може да се одговори на заканите со кои се соочува НАТО во современиот свет.

Нагласувајќи ја посветеноста на САД на НАТО, Хегсет истакна дека ако некој направил нешто за „обнова на НАТО“, тоа е сигурно американскиот претседател Доналд Трамп со неговите заложби за поголеми одбранбени трошоци.

„Уште во текот на неговиот прв (претседателски) мандат, тој рече не може само слободно да користите, туку мора и да трошите повеќе и да бидете посветени. Европските земји направија чекор напред, но сега имаме нови цели што се поставени“, додаде американскиот секретар за одбрана.

Хегсет му се заблагодари на Руте за неговото лидерство, затоа што, како што рече, не е лесно да се раководи со организација каде членките имаат различни ставови, но сепак споделуваат разбирање и посветеност за колективната одбрана.

Трамп воведе забрана за влез во САД за државјани на 12 земји

илустрација
илустрација

На 4 јуни, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која повторно ја воведе забраната за патување што ја издаде за време на неговиот прв мандат, наредувајќи нова забрана за влез во Соединетите Држави за граѓани на 12 земји, вклучувајќи ги Авганистан и Иран.

Трамп рече дека забраната за патување е неопходна за да се заштитат Американците од терористички напади како што беше нападот на 1 јуни во Колорадо, за кој властите велат дека група луѓе што демонстрирале во поддршка на израелските заложници што ги држеше Хамас биле нападнати од египетски државјанин.

„Неодамнешниот терористички напад во Болдер, Колорадо, ги истакна екстремните опасности што ги претставуваат за нашата земја влезот на странски државјани кои не се соодветно проверени, како и оние кои доаѓаат тука како привремени посетители и остануваат подолго од важењето на нивните визи. Ние не ги сакаме нив“, рече Трамп во видео порака.

Според полициските извештаи, осомничениот за нападот во Колорадо, Мохамед Сабри Солиман, фрлил молотови коктели и ја полеал групата со запален бензин. Петнаесет лица беа повредени.

Претставници на американската служба за внатрешна безбедност изјавија дека Солиман бил нелегално во земјата откако му истекол туристичката виза. Трамп ја спореди новата забрана за патување со „моќните ограничувања за патување“ што ги воведе во голем број претежно муслимански земји во 2017 година, кратко по почетокот на неговиот прв мандат.

Тој ја опиша акцијата како една од најуспешните политики во неговиот прв мандат и клучен дел од спречувањето на големи странски терористички напади на американска територија, наведувајќи ги терористичките напади што се случија во Европа во последните години.

„Нема да дозволиме она што се случи во Европа да се случи и во Америка. Не можеме да имаме отворена миграција од која било земја каде што не можеме безбедно и сигурно да ја провериме и потврдиме“, рече Трамп.

Покрај Авганистан и Иран, земјите погодени од новата забрана за патување се Бурма, Чад, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Хаити, Либија, Сомалија, Судан и Јемен. Забраната стапува во сила една минута по полноќ на 9 јуни.

Иако ограничувањето не ги засега патниците од Египет, Трамп рече дека „во светлината на неодамнешните настани“ му наложил на државниот секретар да го информира за преглед на практиките и процедурите на Египет „за да се потврди соодветноста на неговите тековни можности за скрининг и проверка“.

Покрај забраната, според прогласот, ќе има зголемени ограничувања за посетители од Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.

Трамп рече дека останува „посветен на соработката со оние земји кои се подготвени да соработуваат за подобрување на процедурите за споделување информации и управување со идентитетот, како и за справување со ризиците од тероризам и јавна безбедност“.

Забраната за патување издадена за време на неговиот прв мандат им забрани влез на граѓаните на седум претежно муслимански земји - Ирак, Сирија, Иран, Судан, Либија, Сомалија и Јемен. Ова резултираше со хаос и конфузија на аеродромите во тие земји и на американските аеродроми, бидејќи на патниците или им беше одбиено качување на летови за Соединетите Држави или беа приведени по пристигнувањето.

Меѓу засегнатите патници имало студенти и наставници, како и бизнисмени, туристи и луѓе кои биле во посета на пријатели и семејство.

Трамп ја бранеше забраната од причини поврзани со националната безбедност, тврдејќи дека таа не се заснова на предрасуди против муслиманите. Одлуката беше ревидирана поради правни предизвици сè додека Врховниот суд не ја потврди верзијата од 2018 година.

Новата забрана за патување следува по извршната наредба што Трамп ја издаде во јануари, со која побара од Стејт департментот и Одделот за внатрешна безбедност и директорот на Националното разузнавање да состават извештај за „непријателски ставови“ кон Соединетите Држави.

Извршната наредба, исто така, бараше проценка дали влезот од одредени земји претставува ризик за националната безбедност.

Путин „многу јасно“ го предупредил Трамп за одговор на украинските напади врз руските воздухопловни бази

Американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот руски колега Владимир Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп со неговиот руски колега Владимир Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека неговиот руски колега, Владимир Путин, многу јасно го предупредил за намерата на Русија да одговори на нападот со беспилотни летала на Украина, кој погоди десетици бомбардери со долг дострел низ руските региони во текот на викендот.

Во објава на Truth Social, Трамп го опиша својот последен телефонски разговор со Путин како „добар разговор“, иако забележа дека тоа не е вид разговор што би довел до моментален мир.

Според Трамп, повикот траел 75 минути, а ненадејниот напад со беспилотни летала на Украина, извршен од страна на Службата за безбедност на Украина (СБУ) на 1 јуни, бил една од темите за кои се дискутирало.

„Разговаравме за нападот врз пристаништените руски авиони од страна на Украина, како и за разни други напади што се случуваат од двете страни. Путин рече, и тоа многу јасно, дека ќе мора да одговори на неодамнешниот напад врз аеродромите“, додаде тој.

Претходно, СБУ тврдеше дека повеќе од 40 бомбардери биле погодени во нападот, кој украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша како „апсолутно брилијантен“, истакнувајќи дека операцијата била подготвувана повеќе од 18 месеци.

Преку анализа на видеа и сателитски снимки, Радио Слободна Европа можеше независно да потврди дека најмалку 11 руски стратешки бомбардери биле уништени.

По телефонскиот повик, помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, за државната новинска агенција ТАСС изјави дека Трамп го информирал Путин дека САД не биле известени од Украина за нивните планови за нападот со беспилотни летала.

Кога беше прашан дали Русија ќе одговори на нападот, Ушаков рече дека „прашањето било дискутирано“, но не даде дополнителни детали.

Роберт Пшчел, независен експерт за безбедносна политика, за украинскиот сервис на РСЕ изјави дека не се сомнева дека Русија ќе изврши повеќе напади врз Украина.

Сепак, Пшчел исто така посочи дека е тешко да се замисли какво ново ниво на бруталност би можела да достигне Русија по претходните напади врз цивилната и енергетската инфраструктура на Украина.

Ушаков, исто така, додаде дека Путин го информирал Трамп за втората рунда директни преговори меѓу Русија и Украина, што се одржа во Истанбул на 2 јуни, еден ден по нападот со беспилотно летало. Тој рече дека Путин ги нарекол разговорите „корисни“ и изрази надеж дека тие ќе продолжат.

Порано во текот на денот, зборувајќи на состанок на владата, Путин ефикасно ги отфрли предлозите на Зеленски за траен прекин на огнот и потенцијален самит на лидерите.

Путин го обвини Киев за координирање на смртоносни „терористички напади“ врз мостови во пограничните региони во текот на викендот - прашање кое, според Ушаков, било дискутирано и за време на телефонскиот разговор со Трамп.

„На режимот на Киев воопшто не му е потребен мир. За што да се зборува? “, рече Путин на состанокот.

За време на неговата посета на Соединетите Држави, началникот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, одговори на забелешките на Путин истакнувајќи дека Украина еднаш ги предала своите стратешки бомбардери на Русија во замена за безбедносни гаранции.

Сега, Украина погоди дел од стратешката авијација на Русија во „чин на одмазда“, рече Јермак.

Претходно, Зеленски додаде дека нападот никогаш немаше да се случи доколку беше спроведен прекин на огнот.

Во Соединетите Држави, Јермак се сретна со американскиот секретар Марко Рубио и голем број американски конгресмени. По разговорите, тој повика на нов пакет санкции од САД и нагласи дека притисокот останува единствената алатка за влијание врз постапките на Русија.

Во исто време, амбасадата на САД во Киев ги предупреди своите граѓани за постојаниот ризик од „значајни воздушни напади“ и повика на претпазливост.

Сергеј Лисак, гувернер на југоисточниот украински регион Дњепропетровск, објави дека во напад со руски беспилотни летала врз Никопол загина едно лице, а пет други биле повредени.

„Имаше 45 години. Лекарите се бореа за нејзиниот живот до самиот крај, но нејзините повреди беа премногу тешки“, напиша Лисак на Телеграм.

Според украинските власти, уште 54 лица се повредени во Марханец во регионот Запорожје како резултат на напад со беспилотно летало FPV. Меѓу нив и 83-годишна жена.

Европската комисија ѝ даде зелено светло на Бугарија да го усвои еврото од 1 јануари

Илустрација - Фотографија од една од конференциите во Бугарија на која се дебатираше за прифаќање на еврото
Илустрација - Фотографија од една од конференциите во Бугарија на која се дебатираше за прифаќање на еврото

Европската комисија ѝ даде зелено светло на Бугарија да се приклучи на регионот на единствената валута на еврозоната од 1 јануари 2026 година, што е втор голем чекор на земјата за само една година на нејзиниот пат кон целосна интеграција во Европската унија.

Комисијата, која се состана на 4 јуни за да ја пренесе својата одлука за ова прашање, рече дека Бугарија ги исполнува четирите номинални критериуми за конвергенција што се користат за да се оцени дали една земја е подготвена за усвојување на еврото.

„Еврото е опиплив симбол на европската сила и единство“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Европската централна банка (ЕЦБ), исто така, треба да го објави своето мислење на 4 јуни, а бугарските власти рекоа дека очекуваат позитивна оценка и од ЕЦБ.

Советот на ЕУ ќе ги донесе конечните одлуки за усвојување на еврото за Бугарија, врз основа на својата одлука на мислењата на ЕК и ЕЦБ, како и од разговорите со Еврогрупата и Европскиот совет.

Иако усвојувањето на еврото беше услов за пристапување во Европската унија, законодавните неуспеси, вклучително и реформите за борба против перењето пари, загриженоста за инфлацијата и политичкиот метеж со седумте избори во последните четири години - го отежнаа патот на земјата.

Одлуката за усвојување е втор голем чекор на Бугарија за само една година на нејзиниот пат кон целосна интеграција во Европската унија.

Во јануари, Софија стана полноправна членка на Шенгенскиот договор -- а границите на Бугарија со соседните Грција и Романија сега се целосно отворени.

Хамнеи: Иран нема да попушти под притисокот на САД околу збогатувањето на ураниум

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и американскиот претседател Доналд Трамп
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи и американскиот претседател Доналд Трамп

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го отфрли американскиот предлог за нуклеарната програма на Иран, кој бара откажување од збогатување на ураниум, велејќи дека тоа е клучен дел од нуклеарната програма на земјата.

Иран го разгледува американскиот предлог изготвен од претставникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф, но Хамнеи, кој го има последниот збор за сите државни прашања, рече дека Иран го смета тоа за спротивно на националните интереси.

„Еден клучен аспект на националната независност е принципот дека „Можеме сами да го направиме тоа““, изјави Хамнеи на собирот во Техеран на 4 јуни по повод 36-годишнината од смртта на Рухолах Хомеини, основачот на Исламската република.

„Американскиот план е 100 проценти спротивен на тој принцип“, додаде тој.

Иран и Соединетите Држави одржаа пет рунди разговори со посредство на Оман за ограничување на брзорастечката нуклеарна програма на Техеран во замена за олеснување на санкциите.

Во објава на Truth Social на 3 јуни, американскиот претседател Доналд Трамп напиша дека според потенцијалниот договор со Иран, „нема да дозволиме никакво збогатување на ураниум“.

Иранските власти категорично го отфрлија тоа барање, а Хамнеи го повтори тој став.

„Збогатувањето на ураниумот е клучно за нуклеарното прашање, затоа нашите непријатели се фокусираа на тоа“, рече врховниот лидер, кој го има последниот збор за сите државни прашања.

Трамп минатиот месец посочи дека можеби е отворен да му дозволи на Иран да одржува нуклеарна програма за производство на енергија, но Хамнеи рече дека таа нуди повеќе од чиста енергија.

Тој ја опиша нуклеарната програма на Иран како „клучна индустрија“ што придонесува за други сектори, вклучително и медицината.

„Американците сакаат да се потпирате на нив за радиофармацевтски производи, енергија, опрема за десалинизација и во десетици други критични сектори“, рече Хамнеи.

Во својот последен квартален извештај објавен минатата недела, Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека Иран дополнително го зголемил производството на високо збогатен ураниум.

Во извештајот се вели дека Иран собрал 408,6 килограми ураниум збогатен до 60 проценти од 17 мај, што е зголемување од нешто помалку од 275 килограми во најновиот извештај на МААЕ, во февруари.

Во посебен документ, агенцијата, исто така, ја критикуваше „незадоволителната“ соработка на Техеран, особено неговиот неуспех да ги објасни трагите од нуклеарен материјал откриени на непријавени локации.

Извештаите доаѓаат пред закажаниот состанок на Одборот на гувернери на МААЕ во Виена подоцна овој месец, каде што ќе бидат разгледани нуклеарните активности на Иран.

Техеран ги обвини западните земји за политизирање на нуклеарното надзорно тело на ОН за да изврши притисок врз Исламската република.

Збогатувањето на ураниум до чистота од 60 проценти во Иран е далеку над ограничувањето од 3,67 проценти утврдено со нуклеарниот договор од 2015 година, иако сè уште е под нивото од 90 проценти потребно за производство на нуклеарно оружје.

Орбан: Членството на Украина во ЕУ ќе и наштети на Унгарија и ќе има последици по Европа

Виктор Орбан, премиер на Унгарија
Виктор Орбан, премиер на Унгарија

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан повторно го критикуваше евентуалното членство на Украина во Европска Унија и најави дека „сè ќе направи“ за да го спречи тоа.

Според него членството на Украина во ЕУ би наштетило на унгарските интереси и би имало последици за Европа.

„Украина би го проголтала секое евро, форинта и злота што досега ги потрошивме за зајакнување на европските семејства, европските земјоделци и европската индустрија … За 10 години, не би бил мирен пред себе, пред своите деца и земјата ако не направам сè за да ги заштитам Унгарија и ЕУ од сонот на Брисел за пристапување на Украина“, посочи Орбан.

Украина официјално аплицираше за членство во 2022 година, а пристапните преговори ги почна преговорите во јуни 2024 година. Лидерите на ЕУ ја одредија 2030 година како прелиминарен датум за потенцијалниот влез на Украина.

Унгарија како земја-членка на ЕУ има право на вето во секоја фаза од процесот.

Односите помеѓу Будимпешта и Киев се влошија минатиот месец кога Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека открила унгарска шпионска мрежа во западниот дел на Украина. Потоа Будимпешта објави дека ги прекинува разговорите со Украина за правата на националните малцинства, што Унгарија долго време го претставуваше како главна пречка во преговорите за пристапување.

Агенцијата за атомска енергија предупредува на ризици за нуклеарната безбедност во Украина

Нуклеарната централа во Запорожје (илустрација)
Нуклеарната централа во Запорожје (илустрација)

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на ОН, Рафаел Гроси предупреди на континуираниот ризик од нуклеарна несреќа во Украина, велејќи дека „заканите за нуклеарната безбедност остануваат многу реални и секогаш присутни“.

„Присуството на претставници на МААЕ во нуклеарните постројки на Украина останува клучно за спречување на нуклеарен инцидент“, изјави Рафаел Гроси на 3 јуни, по неговата дванаесетта посета на Киев од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година.

Оттогаш, МААЕ игра важна улога во заштитата на состојбата на нуклеарните централи во Украина.

Агенцијата редовно испраќа експертски екипи во реакторските објекти во Ривно и Хмелницки и има постојана мисија во нуклеарната централа Запорожја, која моментално е затворена од безбедносни причини.

Експертите на МААЕ во Ривно и Хмелницки мораа да се засолнат во засолништа дури три пати за време на посетата на Гроси поради невообичаено големиот број воздушни напади.

„Моите тимови известија дека тоа бил најинтензивниот ден во однос на бројот на воздушни напади што ги доживеале од крајот на минатата година“, рече Гроси.

Тој додаде дека морал да се сретне со министерот за енергетика Херман Халушченко и други високи функционери во подрумот на Министерството за енергетика поради активната воздушна закана во Киев.

За време на посетата на Украина, Гроси се сретна и со претседателот Володимир Зеленски и министерот за надворешни работи Андрије Сибиха, а тие разговараа за плановите на МААЕ за поддршка на земјата во реконструкцијата и проширувањето на нејзината нуклеарна енергетска инфраструктура.

Тој, исто така, коментираше дека Русија презема чекори за поврзување на централата со својата електрична мрежа.

Во интервју за Ројтерс, Гроси рече дека Русите никогаш не ја криеле својата намера да ја рестартираат фабриката, но додаде дека тоа нема да биде можно во скоро време.

Според него, електраната во моментов не може да се рестартира поради недостиг на вода за ладење и нестабилно снабдување со електрична енергија. За рестартирање, водата ќе треба да се пумпа од реката Днепар, објасни Гроси.

„Гринпис“ минатата недела објави извештај во кој се вели дека Русија гради 90-километарски високонапонски далновод за да ја поврзе централата со својата електрична мрежа.

Гроси рече дека МААЕ не се согласува со заклучоците од извештајот.

„Постојат некои области каде што е забележана работа, но немаме конкретни докази дека тоа е дел од координиран, организиран план за поврзување на електраната на кој било начин. Не сме во ситуација наскоро да ја рестартираме електраната. Далеку од тоа - сè уште е потребно многу време за тоа да се случи“, истакна тој.

Претседателот Зеленски изјави дека секој обид на Русија да ја рестартира нуклеарната централа Запорожје без учество на Украина би бил „апсурден и опасен“, додавајќи дека токму затоа е важно персоналот на МААЕ да биде присутен во централата „без вештачки пречки за нивната работа или замена на персоналот“.

Експертите во областа, како што рече тој, „му ја покажуваат на светот вистинската состојба“.

Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа. Пред војната, произведуваше една петтина од вкупната електрична енергија во Украина. Последниот од неговите шест реактори престана со работа во септември 2022 година.

Електраната е под руска окупација од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.

Областа околу електраната редовно е изложена на артилериски напади и напади со беспилотни летала, при што се оштетени двата преостанати далноводи што ја снабдуваат електраната со електрична енергија потребна за ладење.

Двете страни се обвинуваат меѓусебно за овие напади.

Трамп ги удвои царините за железо и челик

Американскиот претседателот Доналд Трамп
Американскиот претседателот Доналд Трамп

Американските царини за поголемиот дел од увозното железо и алуминиум денеска ќе се удвојат, на денот кога претседателот Доналд Трамп очекува од трговските партнери да ги дадат своите „најдобри понуди“ за да избегнат воведување царини за останатата стока на почетокот на јули.

Трамп доцна синоќа потпиша уредба со која денеска стапува во сила ненадејната најава од минатата недела дека царините за железо и алуминиум, воведени во март, ќе се зголемат од 25 на 50 проценти.

„Почнавме со 25, а кога подобро ги проучивме податоците, сфативме дека тоа многу помогна, но треба да се направи повеќе. И затоа почнува 50 проценти“, изјави советникот за економија на Белата куќа, Кевин Хасет.

Зголемувањето се применува за сите трговски партнери освен Велика Британија, единствената држава која досега склучила привремен трговски договор со САД.

Царинската стапка за увоз на железо и алуминиум од Британија, која не е голем извозник на метали во САД, ќе остане 25 проценти најмалку до 9 јули.

Околу една четвртина од железото што се користи во САД е увезено, а податоците од заводот за статистика покажуваат дека повисоките царини особено ќе ги погодат најблиските американски трговски партнери – Канада и Мексико. Канада е прв, а Мексико трет извозник на железо во САД.

Канада е уште повеќе изложена на царини за алуминиум, бидејќи е убедливо најголем извозник на тој метал во САД – двојно повеќе од другите десет водечки извозници заедно. Речиси половина од алуминиумот во САД доаѓа од странски извори.

Кабинетот на канадскиот премиер Марк Карни соопшти дека се „вклучени во интензивни преговори за да се отстранат тие и други царини“.

Ли Џе-Мјунг: Прва цел е да се осигураме дека никогаш повеќе нема да се случи воен удар

илустрација
илустрација

Новиот претседател на Јужна Кореја Ли Џе-Мјунг изјави дека изборитете беа „судниот ден“ за воведувањето на воена состојба од страна на поранешниот претседател Јун Сук-Јеол и неговата Партија на народната моќ, која не го спречи во тоа.

Победата на вчерашните вонредни избори на Ли, кој вети дека ќе ја изведе земјата од политичката криза и ќе ја оживее ослабената економија, е најава за промени во четвртата по големина азиска економија по шестмесечните превирања предизвикани од воената состојба која накратко ја воведе Јун Сук-Јеол.

Откако беа пребројани сите гласачки ливчиња, Ли победи со 49,42 отсто од гласовите, додека неговиот конзервативен противкандидат Ким Мун-сун освои 41,15 отсто, соопшти изборната комисија.

„Прва цел е одлучно да се надмине бунтот и да се осигури дека никогаш повеќе нема да се случи воен удар со пушки и мечеви вперени кон народот“, рече Ли во говорот пред парламентот.

Ли беше прогласен за претседател утрово (4 јуни) од претседателот на изборната комисија, а тој веднаш ја презеде должноста претседател и врховен командант на армијата.

Инаугурацијата во парламентот се одржа неколку часа по официјалната потврда.

Ли вети дека ќе ги зголеми инвестициите во иновации и технологија, истовремено зголемувајќи ја поддршката за семејствата со средни и ниски примања.

Се очекува да биде помирољубив кон Кина и Северна Кореја од неговиот претходник и вети дека ќе ги продолжи блиските односи со Јапонија.

Бугарската опозиција подготвува гласање недоверба на Владата по објавувањето датум за прием во еврозоната

Николај Денков, поранешен премиер и копретседавач на парламентарната група „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија
Николај Денков, поранешен премиер и копретседавач на парламентарната група „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија

Николај Денков, поранешен премиер и копретседавач на парламентарната група „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“, изјави дека опозицијата ќе поднесе предлог за изгласување недоверба на владата откако ќе биде утврден датумот за прием на Бугарија во еврозоната.

Според него, овој датум се очекува да биде објавен кон крајот на јуни или почетокот на јули 2025 година, при што тој се надева дека Бугарија ќе стане дел од еврозоната од 1 јануари 2026 година. Денков нагласи дека целта е да не се попречи процесот на влез во еврозоната.

Тој оцени дека Владата не се справува со неколку клучни проблеми, вклучително недостигот од медицински работници и сериозни прашања во Министерството за внатрешни работи, како прикривање на криминал и корупција, пренесува БТА.

Опозицијата планира да бара поддршка од сите политички сили кои се против корупцијата за поднесување на гласањето недоверба. Денков додаде дека дискусиите со коалициските партнери од „Демократска Бугарија“ продолжуваат, иако постојат одредени разлики во ставовите.

Во врска со протестот планиран за утре пред бугарскиот парламент, во денот на објавувањето на извештајот за напредокот на Бугарија кон еврозоната, Денков рече дека секој има право на мирен протест, но не очекува тој да влијае на објективната оценка за исполнувањето на критериумите за членство во еврозоната, утврдени со договорите со ЕУ од 2007 година.

Тој е убеден дека Бугарија ги исполнува сите критериуми и дека по извештајот следуваат политички одлуки до почетокот на јули.

Денков потсети дека 171 пратеник, односно повеќе од две третини од парламентот, го поддржале владиното решение за влез во еврозоната.

На прашањето за можен кандидат за претседател на Бугарија, Денков одговори дека засега не се разговара за конкретни имиња, туку за процес кој ќе обезбеди избор на најдобар кандидат за победа на изборите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG