Достапни линкови

Вести

ЕУ ги критикува наводите за разузнавачка соработка меѓу Белград и Москва

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Европската унија (ЕУ) ѝ порача на Србија дека одржувањето врски со Русија за време на агресијата против Украина не е компатибилно со вредностите на Унијата и со процесот на пристапување.

Реакцијата на Брисел дојдоа по средбата на српскиот вицепремиер Александар Вулин со претставници на Кремљ во Москва и тврдењата за разузнавачка соработка со Русија.

„Европската унија беше кристално јасна со нашите партнери: односите со Русија не можат да бидат нормални по неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 15 август.

Од Брисел велат дека ЕУ „сака да смета на сите земји кандидати како доверливи европски партнери за заеднички принципи, вредности, безбедност и просперитет“.

Вулин, како што соопшти Владата на Србија, им се заблагодарил на руските безбедносни структури за предупредувањето за подготовка на масовни немири и обид за државен удар во Србија.

Со секретарот на Советот за безбедност на Русија Сергеј Шојгу во Москва, Вулин разговараше за „активно учество на надворешни сили во вештачко предизвикување тензии“.

Владата ги опишува протестите против ископувањето на литиум како „обид за државен удар“, кој донесоа десетици илјади луѓе на улиците во Белград и другите градови во последните недели.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, обвини неименувани западни земји дека стојат зад протестите.

Во пресрет на протестот во Белград на 11 август, Вучиќ изјави и дека во Србија пристигнале предупредувања од руските служби „дека се подготвуваат масовни немири, чија крајна цел е државен удар и соборување на раководството во земјата. "

Протестот помина без поголеми инциденти.

По блокадата на една од железничките станици во градот, уапсени се тројца активисти, кои беа обвинети за нарушување на јавниот ред и мир. Тие беа пуштени да се бранат од слобода. Организаторите ги опишаа овие апсења како форма на владина репресија.

Исто така, тие постојано негираа дека целта на протестот е рушење на власта.

„Власта се менува на избори, ако некој очекуваше преку наш грб да дојде на власт, греши. Целта на протестот е да се собере народот и светот да види колку луѓе се против проектот за ископ на литиум“, изјави за РСЕ Небојша Петковиќ од здружението „Не го даваме Јадар“.

Како што рече, нивното здружение „не е финансирано од странци, туку од жителите на Србија кои им плаќаат донации“.

Владата на Србија и Безбедносно-информативната агенција (БИА) не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа какви информации му дале руските служби на Белград.

Нема одговор ниту на прашањето врз основа на кои докази се тврди дека протестите против литиумот се обид за рушење на власта, а западните земји ги поддржуваат.

види ги сите денешни вести

Катар размислува за правна акција против Израел во Меѓународниот кривичен суд

Израелските сили во градот Газа(илустрација)
Израелските сили во градот Газа(илустрација)

Главниот преговарач на Катар, Мохамед ал-Кулаифи, денеска (18 септември)се сретна со претседателката на Меѓународниот Кривичен суд (МКС), судијката Томоко Акане во Хаг, во обид да ги искористи „сите достапни правни и дипломатски патишта за да се обезбеди одговорност за нападот на Израел врз Катар“, изјави катарскиот официјален претставник за агенцијата АФП.

Смртоносниот израелски напад од минатата недела ги таргетираше лидерите на палестинската милитантна група Хамас со седиште во Катар и предизвика шок низ земјите од Персискиот Залив кои долго време зависеа од Соединетите Држави за нивната безбедност.

Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, соопшти дека врвни претставници на неговото политичко крило сместено во Катар го преживеале нападот, но соопшти дека пет члена биле убиени, заедно со еден офицер од внатрешните безбедносни сили на Катар.

Зборувајќи под услов на анонимност поради чувствителноста на дискусиите, официјален претставник го нарече нападот на Израел „незаконски“, додавајќи дека „претставува тешки прекршувања на меѓународното хуманитарно право“.

Катар, како држава набљудувач во МКС, не може сам да ги упатува случаите до судот.

Но, по вонредните разговори во Доха, арапскиот и исламскиот блок во понеделник ги повикаа своите членови да ги преземат „сите можни законски и ефикасни мерки за да го спречат Израел да продолжи со своите дејствија“.

Во објава на платформата X по средбата со шефот на МКС, Хулаифи рече дека неговата посета била „дел од работата на тимот задолжен за истражување на законски патишта за одговор на нелегалниот израелски вооружен напад врз државата Катар“.

Минатата година, МКС започна гонење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за воени злосторства и злосторства против човештвото за време на израелската војна во Газа, вклучително и со намерно таргетирање цивили и користење глад како метод на војување.

МКС, исто така, побара апсење на поранешниот министер за одбрана на Израел, Јоав Галант, и командантот на Хамас, Мохамед Деиф, за кој оттогаш е потврдено дека е убиен од Израел.

Војната во Газа беше предизвикана од нападот на Хамас во октомври 2023 година, што резултираше со смрт на 1219 луѓе, повеќето од нив цивили, според пресметката на АФП на израелски официјални бројки.

Во одмаздничката кампања на Израел загинаа најмалку 65141 луѓе, претежно цивили, според бројките од Министерството за здравство на територијата, кои Обединетите Нации ги сметаат за веродостојни.

Во Русија усвоен закон за повлекување од Конвенцијата за спречување на тортура

илустрација
илустрација

Руската државна Дума усвои закон за повлекување од Европската конвенција за спречување на тортура, со што формално завршува меѓународната обврска за зачувување на човековите права, која речиси целосно престана да има некаков ефект во таа земја.

Овој потег го предложи претседателот Владимир Путин претходно овој месец, во уште еден симболичен чекор на Москва во отстапувањето од меѓународните норми.

Иако Русија е членка на конвенцијата од 1997 година, активистите за граѓански права се пожалија дека тортурата и понижувачкиот третман се широко распространети во руските полициски станици и центри за притвор.

Формално, конвенцијата им дозволува на меѓународните набљудувачи пристап до руските затвори, но ова практично заврши по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Во пракса, раскинувањето на овој договор нема да има никакви последици“, изјави Евгениј Смирнов, адвокат од организацијата за човекови права „Прв оддел“ за Радио Слободна Европа во август, кога за прв пат се дискутираше за потегот.

„Русија веќе престана да спроведува нешто поврзано со конвенцијата, всушност ниту една од конвенциите што Русија ги потпиша во претходните децении всушност не функционира“, додаде тој.

Русија соопшти дека Советот на Европа го блокирал нејзиното учество во Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување и дека Москва затоа не е во можност целосно да учествува во механизмот за следење.

Русија се приклучи на Советот на Европа во февруари 1996 година, но беше суспендирана од организацијата во февруари 2022 година, само неколку недели откако Москва ја започна својата инвазија на Украина. Истовремено со исклучувањето, Москва објави дека се повлекува од организацијата.

Европската конвенција за спречување на тортура од 1987 година е договор на Советот на Европа во кој се наведува дека, и покрај суспензијата на Русија, таа земја останува „потписничка на релевантните конвенции на Советот на Европа“.

Украинските воени затвореници кои беа ослободени во размена исто така, пријавија тортура во Русија.

„Тие немаат никакви загарантирани права што ги предвидува рускиот закон (формално). Не им е дозволено да се видат со активисти за човекови права, набљудувачки мисии, адвокати или роднини. Конвенцијата не беше почитувана и нема да биде почитувана за овие луѓе“, апелира Смирнов.

Еврокомесарот за клима ги брани климатските амбиции на ЕУ и покрај неуспесите

Европскиот комесар за клима, Вопке Хоекстра
Европскиот комесар за клима, Вопке Хоекстра

Европскиот комесар за клима, Вопке Хоекстра, ја бранеше улогата на Европската Унија во борбата против климатските промени, и покрај одложувањето на две клучни одлуки.

„Продолжуваме да бидеме меѓу апсолутно најамбициозните на глобална сцена“, рече тој, пристигнувајќи на состанокот на министрите за животна средина на ЕУ во Брисел на 18 септември.

Земјите од ЕУ не беа во можност да се договорат за обврзувачки придонес кон целите на Обединетите Нации за заштита на климата за 2035 година или за нов закон за намалување на емисиите за блокот за 2040 година.

Гласањата за двете прашања беа планирани за оваа недела.

„Навистина сум уверен дека лидерската улога што ја игравме во минатото ќе продолжи и оваа година и понатаму“, рече Хоекстра.

Целите на ОН се дел од Парискиот договор за борба против климатските промени и требаше да бидат договорени пред состанокот на високо ниво во среда во Њујорк.

Се очекува министрите за клима на ЕУ да се согласат за изјава за намери наместо за обврзувачки цели.

Хоекстра рече дека е оптимист дека ЕУ може да се согласи за амбициозни цели на време за КОП30, годишниот самит за клима на ОН, во ноември во бразилскиот град Белем.

„Одиме напред, два чекори напред, еден чекор назад“, рече комесарот.

Европската Унија претходно си постави цел да стане климатски неутрална до 2050 година, но блокот досега не можеше да се согласи за цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за 2040 година за да го продолжи патот кон нето нулта емисија.

Се очекува лидерите на ЕУ да продолжат да дебатираат за ова прашање на претстојниот самит во Брисел во октомври.

Русија повторно нападна железничка станица во Украина

Покрај нападот врз железничката инфраструктура во Полтава, беше погодена и бензинска пумпа, 17 септември 2025 година
Покрај нападот врз железничката инфраструктура во Полтава, беше погодена и бензинска пумпа, 17 септември 2025 година

Русија продолжи со нападите врз железничката инфраструктура на Украина во четврток (17 септември), при што беа повредени најмалку пет лица во централниот регион Полтава, додека Украина возврати со напади со беспилотни летала во Русија.

Во областа Миргород во Полтава, рускиот напад предизвика пожари кои подоцна беа локализирани од службите за итни случаи, изјави регионалниот гувернер Володимир Кохут на Телеграм, додавајќи дека едно лице е повредено.

Украинскиот државен железнички оператор „Укрзализница“ соопшти дека нападите во текот на ноќта предизвикале привремен прекин на електричната енергија на станиците во регионот, предизвикувајќи доцнења на патничките возови.

Руските напади врз Полтава се случија еден ден по уште еден голем напад врз железничката инфраструктура на Украина, во кампања што го наруши железничкиот сообраќај, особено во централните центри во регионите Харкив и Донецк.

Украинскиот министер за територијален развој Олексиј Кулеба ја обвини Русија за намерно таргетирање на украинската логистика и цивилната инфраструктура во обид да го зголеми притисокот врз населението и економијата на земјата.

„Целта на ваквите напади е јасна - да се комплицира транспортот на патници и товар, да се нарушат стабилните транспортни операции и да се изврши дополнителен притисок врз луѓето и економијата“, рече Кулеба во среда.

Русија постојано негираше дека таргетирала цивилни цели за време на нејзината повеќе од тригодишна војна против Украина, и покрај сè поголемиот број докази за спротивното.

Одделно, напад со беспилотно летало доцна во ноќта во регионот Полтава оштети бензинска пумпа и предизвика пожар, додека четири лица беа повредени, објавија украинските служби за итни случаи.

Други напади беа пријавени во регионите на Киев и Чернихив. Во Нижин, регионот Чернихив, еден спасител беше убиен, а двајца беа ранети, изјави локалниот воен администратор Вјачеслав Чаус.

Тој додаде дека смртоносниот напад врз локалната спасувачка единица се случил на Денот на спасувачите на Украина.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека собориле 48 од 75 беспилотни летала лансирани од Русија и пријавиле 26 напади со беспилотни летала на шест локации.

Дотогаш, Русија објави дека Украина извршила голем напад со беспилотни летала врз регионот Волгоград. Според гувернерот на регионот, Андреј Бочаров, остатоците од беспилотното летало ги скршиле прозорците и ги оштетиле покривите на две приватни куќи.

Телеграм каналот SHOT цитираше очевидци кои пријавиле дека слушнале серија експлозии во јужниот дел на Волгоград. Подоцна, украинските специјални сили објавија дека погодиле рафинерија за нафта во Волгоград, што предизвикало затворање на објектот.

Руските власти тврдат дека во напад со украински дрон е убиен еден човек, а неговиот брат е сериозно повреден во градот Шебекино во рускиот регион Белгород.

Италија усвои закон за вештачка интелигенција со затворски казни за споделување лажни фотографии

Седница на италијанскиот парламент (илустрација)
Седница на италијанскиот парламент (илустрација)

Италијанскиот парламент ја усвои рамката на новиот закон за вештачка интелигенција, со кој дистрибуцијата на слики или видеа генерирани од вештачка интелигенција без согласност на прикажаните ќе се казнува со затвор до пет години.

Мерката, која беше поддржана од двата дома на парламентот (вклучувајќи го и конечното гласање од 77-55 во Сенатот доцна на 17 септември) е насочена кон поединци и компании кои дистрибуираат фотографии или видеа создадени од вештачка интелигенција без дозвола.

Во таканаречените „dipfakes“, може да се појави дека некој рекол или направил нешто што никогаш не го направил.

Усвојувањето на законот беше поттикнато од низа случаи поврзани со порнографски видеа генерирани од вештачка интелигенција, во кои жените, вклучително и јавните личности, честопати беа жртви.

Според владата во Рим, Италија е првата земја од ЕУ што воспостави национална правна рамка што ги вклучува новите упатства на Европската Унија за вештачка интелигенција.

Законот утврдува општи принципи за употреба на вештачка интелигенција и ѝ наложува на владата да развие детални прописи за употреба на системи за вештачка интелигенција.

Блокади и штрајкови на француските синдикати поради мерките за штедење

илустрација
илустрација

Наставници, машиновозачи, фармацевти и болнички персонал денеска (18 септември) штрајкуваа, додека тинејџерите ги блокираа средните училишта во Франција во рамките на деновите на протести поради најавените намалувања на буџетот.

Синдикатите бараат крај на фискалните планови на претходната влада, повеќе трошоци за јавни услуги, повисоки даноци за богатите и крај на непопуларната промена што бара од луѓето да работат подолго за да добијат пензија.

Како дел од протестот „Да блокираме сè“ во Париз, многу линии на метрото требаше да бидат суспендирани поголемиот дел од денот, освен во утринските и попладневните шпиц часови. Учениците се собраа за да го блокираат влезот во некои училишта.

„Блокирајте го вашето средно училиште против мерките за штедење“, пишуваше на транспарент поставен од ученик пред средното училиште „Лисе Морис Равел“ во француската престолнина.

Социјалните немири доаѓаат во време кога претседателот Емануел Макрон и неговиот новоназначен премиер Себастијан Лекорну се соочуваат со политичка криза и притисок да ги стават финансиите под контрола во втората по големина економија во еврозоната.

Извор од Министерството за внатрешни работи изјави дека се очекува дури 800.000 луѓе да учествуваат во штрајкови и протести.

„Работниците што ги претставуваме се лути“, изјавија главните синдикати во заедничка изјава со која ги отфрлаат „бруталните“ и „неправедни“ фискални планови на претходната влада.

Буџетскиот дефицит на Франција минатата година беше речиси двојно поголем од прагот на ЕУ од три проценти, но колку и да сака да го намали, Лекурну - кој се потпира на други партии за донесување закони - ќе се соочи со политичка битка за да добие парламентарна поддршка за буџетот за 2026 година.

На претходникот на Лекорну, Франсоа Бајру, минатата недела му беше изгласана недоверба во парламентот поради план за намалување на буџетот за 44 милијарди евра. Новиот премиер сè уште не кажа што ќе прави со плановите на Бајру, иако ја отвори вратата за компромис.

„Ќе продолжиме да се мобилизираме сè додека нема соодветен одговор. За буџетот ќе се одлучува на улица“, изјави шефицата на синдикатот CGT, Софи Бине, по состанокот со Лекорниу претходно оваа недела.

Еден од тројца наставници во основно училиште штрајкува, објави синдикатот FSU-SNUipp.

Регионалните возови се силно погодени од штрајкот, додека поголемиот дел од брзите железнички линии на TGV во земјата ќе работат, соопштија официјални лица. Демонстрантите се собраа за да го забават сообраќајот на автопат во близина на југоисточниот град Тулон.

Производството на нуклеарна енергија во француската компанија EDF се намали малку за 1,1 гигават рано во четврток, покажаа податоците на компанијата, бидејќи работниците го намалија производството на енергија во реакторот Фламанвил 1.

Синдикатот на земјоделци Конфедерација Пејсан, исто така, повика на мобилизација. Фармацевтите се лути поради промените што влијаат на нивниот бизнис, а синдикатот на фармацевти USPO изјави дека анкетата што ја спроведе во аптеките покажа дека 98 проценти би можеле да бидат затворени еден ден.

Министерот за внатрешни работи Бруно Рејто им изјави на новинарите рано во четврток дека полицијата веќе отстранила некои блокади, вклучително и пред автобуските станици во парискиот регион. Тој предупреди дека очекува 8000 демонстранти да се обидат да предизвикаат нереди и да се судрат со полицијата.

Околу 80000 полицајци ќе бидат распоредени во текот на денот, рече министерот, а ќе бидат достапни единици за разбивање на демонстрации, беспилотни летала и оклопни возила.

Трамп најави дека ќе го прогласи антифашистичкото движење „Антифа“ за терористичка организација

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе го прогласи левичарското, антифашистичко движење „Антифа“ за терористичка организација, по убиството на десничарскиот политички активист Чарли Кирк.

„Исто така, ќе препорачам оние што ја финансираат „Антифа“ да бидат темелно истражени според највисоките законски стандарди и практики“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.

Белата куќа ја објави изминатите денови својата намера да се справи со „левичарскиот домашен тероризам“.

Осомничениот за убиството на Кирк, Тајлер Робинсон, е опишан како „убиец од крајната левица“ бидејќи ја осудил „омразата“ за која рекол дека Кирк ја ширел кон неговото семејство и пријатели и користел муниција со гравирани антифашистички пораки.

Робинсон беше обвинет по обвиненија што повлекуваат смртна казна.

Белата куќа подготвува извршна наредба за политичко насилство и говор на омраза, изјави претходно во среда функционер на администрацијата на Трамп.

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, во интервју за „Фокс њуз“ во среда, постојано ја обвинуваше левичарската политичка радикализација за убиството.

Тој рече дека Белата куќа работи напорно за да се осигури дека „мрежите што финансираат левичарско насилство“ се третираат како терористички организации.

Критичарите велат дека Трамп го користи убиството на Кирк како изговор за справување со политичките противници.

Трамп првпат ја спомена можноста за означување на Антифа како терористичка организација во 2020 година, среде насилните протести низ целата земја по убиството на Џорџ Флојд од страна на полицијата.

Во тоа време, правните експерти рекоа дека таков потег нема законска основа, дека ќе биде тешко да се спроведе и ќе предизвика загриженост за слободата на говорот, со оглед на тоа што застапувањето идеологија генерално не е кривично дело.

Уапсениот студент од Нови Сад присуствуваше на погребот на својот татко врзан со синџир

Сцени од протестите во Србија - архивска фотографија
Сцени од протестите во Србија - архивска фотографија

22-годишен студент на Факултетот за технички науки во Нови Сад присуствувал на погребот на својот татко со врзани нозе во лисици и синџир.

Богдан Јовичиќ е во притвор во Нови Сад од средината на август, откако канцелариите на владејачката Српска напредна партија во градот беа демолирани за време на антивладиниот протест.

Фотографија од младиот човек на гробишта со врзани нозе предизвика јавно негодување, додека властите тврдат дека законот бил почитуван.

Управата за извршување на кривични санкции објави дека при отстранувањето од притвор биле почитувани безбедносни процедури за да се спречи бегството на лицето.

Адвокатот Никола Ковачевиќ изјави за РСЕ/РЛ дека секоја мерка на принуда, вклучително и врзување, треба да се користи само во обем потребен за постигнување на легитимна цел.

„Секоја непропорционална употреба на сила води кон понижувачки третман“, рече тој.

Тој оцени дека доведувањето на млад човек на погребот на неговиот татко со лисици и синџир може да биде „потенцијално непропорционален третман“.

За да се процени дали мерката била пропорционална, рече тој, потребно е да се знае дали лицето е осудено, како се однесува во притвор и како се однесува кон вработените во Управата за извршување на кривични санкции.

„Адвокатите на одбраната имаат право да побараат од Управата индивидуална проценка зошто биле преземени строги безбедносни мерки во многу чувствителен момент како што е погребот на неговиот татко, и врз основа на тоа да се види дали таа проценка била пропорционална или не“, вели Ковачевиќ.

Студентот обвинет за кривично дело насилно однесување на јавен собир штрајкуваше со глад на 12 септември откако му беше продолжен притворот.

Управата за извршување на кривични санкции објави дека Јовичиќ е префрлен во Специјалната затворска болница во Белград доцна попладнето на 17 септември.

Беше наведено дека тој е примен во болницата врз основа на лекарска одлука и со одобрение на судот.

Масовни антивладини протести, предводени од студенти во блокадата, беа започнати по уривањето на бетонскиот крошна на Железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено.

Тие бараат одговорност од властите и распишување предвремени парламентарни избори, што властите го отфрлаат.

Управата за извршување на кривични санкции тврди дека Богдан Јовичиќ не бил подложен на понижувачки третман.

„Имајќи разбирање за загубата на најблискиот член на семејството, лисиците не беа употребени, како што бара постапката, туку само за нозете за да може да прима изрази на сочувство“, се вели во соопштението.

Во соопштението се вели дека членовите на Службата за обезбедување се должни да ги следат безбедносните процедури за време на отстранувањето на лицата од притвор, што вклучува врзување лисици и за рацете и за нозете за да се спречи бегство.

„Доколку не го сторат тоа на пропишан начин, тие би биле предмет на дисциплинска одговорност, што при такво отстапување од безбедносните процедури за време на отстранувањето на лицата би значело губење на нивните работни места“, се додава.

Уредбата за мерки за одржување на редот и безбедноста во установите за извршување на кривични санкции наведува дека „врзувањето на нозете се врши само по исклучок кога е експлицитно наведено во наредбата за извршување“.

Управата за извршување на кривични санкции не одговори на прашањето на РСЕ/РЛ дали ризикот од бегство можел да се спречи во чувствителна ситуација како што е погреб на друг начин, особено ако притворениот немал криминално досие.

Адвокатот Срѓан Ковачевиќ, кој го застапува притворениот студент, за РСЕ/РЛ изјави дека Управата изјавила дека нивните службеници би биле дисциплинирани доколку му ги тргнеле лисиците, напоменувајќи дека тие дури и не му ги ставиле на рацете.

Барања студентот да се брани од слобода

Речиси 300 вработени на Техничкиот факултет во Нови Сад покренаа „Апел за одбрана на правата, слободата и достоинството“, барајќи студентот Богдан Јовичиќ да биде бранет од слобода.

„За какво дело и да е обвинет, ваквиот третман кон млад, паметен, образован човек, иден академик и интелектуалец, не им доликува на властите на земја во срцето на Европа во 21 век“, беше објавено.

Неформалната мрежа на професори, Академски пленум, ја повика јавноста во Србија да користи „секојдневен силен притисок“ за да му дозволи на студентот Богдан Јовичиќ, приведен за напад врз просториите на Српската националсоцијалистичка партија, да се брани од слобода.

Во соопштението, тие предупредија дека Јовичиќ е во притвор „иако не повредил никого“ и дека „сторителите кои му нанеле сериозни телесни повреди на студентот на Академијата за уметности се на слобода“.

Студентот Богдан Јовичиќ во писмо до јавноста, кога штрајкуваше со глад, изјави дека бара од институциите да дејствуваат во согласност со законот, а не со наредбите на режимот.

„Бидејќи очигледно сакаат да ме претстават како еден од најголемите непријатели на оваа земја, сметав дека ова е единствената форма на борба што ми преостанува“, изјави Јовичиќ.

Неговиот адвокат поднесе жалба на 17 септември против продолжувањето на неговиот притвор, а Вишиот суд во Нови Сад има четири часа да одлучи по неа.

ЕУ објави план за нови царини и санкции против Израел

Европската комисија презентира пакет мерки за Израел во Брисел на 17 септември
Европската комисија презентира пакет мерки за Израел во Брисел на 17 септември

Европската Унија во среда го откри својот најстрог план досега за притисок врз Израел да ја прекине војната во Појасот Газа, каде што Палестинците се принудени да бегаат од тенкови, беспилотни летала и израелски трупи кои напредуваат подлабоко во крајбрежната енклава разорена од војна.

Каја Калас, шефицата за надворешна политика на ЕУ, ги повика 27-те земји-членки да ги зголемат царините за одредени израелски производи и да воведат санкции врз 10 лидери на Хамас, израелски доселеници и двајца членови на кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху: министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и министерката за финансии Безалел Смотрич.

Хамас е прогласен за терористичка организација од ЕУ, како и САД.

„Ние не ги предлагаме овие мерки за да го казниме Израел или израелскиот народ, туку да извршиме притисок врз израелската влада да го промени курсот и да ги прекине страдањата на народот во Газа“, рече Калас.

„Војната мора да заврши, страдањата мора да престанат и сите заложници мора да бидат ослободени“, додаде таа.

Санкциите би вклучувале замрзнување на средствата на поединци во Европа и забрана за нивно патување во рамките на ЕУ.

ЕУ е најголемиот трговски партнер на Израел, па затоа царините би можеле да имаат значителни последици за израелската економија, која веќе се опоравува од трошоците за долготрајна војна.

Околу 32 милиони евра билатерални фондови под контрола на Европската комисија ќе бидат веднаш суспендирани. Комисијата, исто така, обезбедува поддршка за Палестинската самоуправа.

Израел негира дека има недостиг од храна во Газа и вели дека дозволува доволно хуманитарна помош.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, испрати писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ветувајќи дека Израел нема да се поклони пред европската кампања.

„Притисокот преку санкции нема да функционира. Државата Израел е горд и суверен народ и ние нема да се поклониме пред заканите додека безбедноста на Израел е во опасност“, напиша тој во писмото.

Поделени мислења во рамките на ЕУ

Европската унија, која има 27 члена, беше поделена во текот на изминатите 23 месеци војна во Појасот Газа.

Не е јасно дали мнозинството членови би поддржале воведување санкции и трговски мерки.

Крвопролевањето во Газа предизвика протести во голем број европски градови, од Амстердам до Барселона, и ги засили критиките кон бирократијата во Брисел за нејзината наводна неспособност да изврши вистински притисок врз Израел да ги запре воените операции и да дозволи прилив на поголема хуманитарна помош.

Бројот на жртви во Газа надмина 67.000 Палестинци од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, според здравствените службеници во енклавата.

Војната започна по офанзивата предводена од Хамас во јужен Израел, во која милитантите убија околу 1.200 луѓе и киднапираа 251, според израелските службеници.

„Предложеното делумно суспендирање е промислен одговор на сè поитната ситуација“, рече Марош Шефчовиќ, трговски претставник на Европската комисија.

Што содржи предлогот?

Доколку доволен број земји-членки на ЕУ го поддржат предлогот, тој ќе воведе царини во вредност од околу 230 милиони евра за 37 проценти од израелските производи увезени од ЕУ, во вкупна вредност од 15,9 милијарди евра, рече Шефчовиќ. Во моментов, ЕУ не воведува царини за оваа категорија израелски производи благодарение на Договорот за асоцијација.

Анализата на дипломатскиот кор на ЕУ во јуни покажа дека Израел ја прекршил компонентата за човекови права од договорот, позната како Член 2.

Европските критичари на израелската политика побараа трговскиот договор целосно да се суспендира поради војната во Газа.

Засега, Европската комисија предлага да се укине преференцијалната нулта царина за одредени израелски производи и да се применат царини на Светската трговска организација, кои се движат од 8 до 40 проценти, во зависност од видот на производот.

„Не предлагаме да се суспендира трговијата со Израел, туку да се суспендираат трговските преференции“, изјави висок европски функционер задолжен за комуникации со Европската комисија, кој не беше овластен јавно да зборува во согласност со политиката на Комисијата.

Предлогот следува по најавата на Урсула фон дер Лајен минатата недела дека ќе бара санкции и делумно суспендирање на трговијата со Израел поради неговата воена кампања во Газа, што е отстапување од нејзиниот претходен произраелски став.

Ново обвинение за Мерко за злоупотреби при осветлувањето на Црн Дрим

Рамис Мерко - градоначалник на општина Струга
Рамис Мерко - градоначалник на општина Струга

Основното јавно обвинителство Струга денеска поднесе обвинителен предлог против струшкиот градоначалник Рамис Мерко.

Тој е осомничен дека од 1 април 2021 година до 27 јуни 2022 година како градоначалник ги пречекорил службените овластувања и склучил договор за изведување на осветлувањето на дел од речното корито на Црн Дрим, без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото, иако обвинителството во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката“, соопшти Јавното обвинителство.

За изведба на проектот на правно лице од струшкото село Мислодежда му биле исплатени 6.763.722 денари и за тој износ бил оштетен буџетот на Општина Струга.

Во јуни 2023 година, градоначалникот Рамиз Мерко заврши на црната листа на САД, а како причина за одлуката беше наведена негова вмешаност во корупција, мешање во судски и други јавни постапки, со што ја наришил довербата во демократските институции на Северна Македонија.

Во јуни годинава, Мерко доби ослободителна пресуда во предметот што се водеше против него за наводна злоупотреба на службената положба при набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67 000 евра.

Мерко е обвинет и за незаконски поставување на директори на училишта и други институции, како и за поставување на спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG